Босна и Херцеговина стана клучна транзитна земја за криумчарење оружје во Европа.
Босна и Херцеговина веќе долго време е земја каде се криумчари оружје. Од крајот војната во Босна во 1995 година, земјата е преплавена со малокалибарско и лесно оружје. Иако дел од оружјето се тргува во области на конфликт во регионот, друг дел се користи за терористички напади во западна Европа. Цените на црниот пазар се вивнаа од почетокот на војната во Украина. Неодамнешни операции на полицијата откриваат дека трговијата е добро организирана и транснационална, а Босна и Херцеговина сега е, исто така, земја на транзит за криумчарење оружје.
Минати и сегашни арсенали
Босна и Херцеговина има популација од околу 3,2 милиони луѓе. Во 2010 година, Програмата за развој на Обединетите нации процени дека има околу 750 000 оружја во нелегална сопственост на земјата.1 Врз основа на податоците за локациите на полициските акции каде е пронајдено оружје или се уапсени криминалци, евидентно е дека има нелегално огнено оружје во речиси сите делови на Босна, но најмногу на истокот на земјата, како и во регионите Тузла и Сараево, западна Херцеговина, областа Босанска Градишка, Бања Лука, Тешањ, Добој, Бијељина и Зеница.
Понатаму, се проценува дека од 2006 година имало девет кражби на оружје од магацини на босанските вооружени сили. Во март 2017 година од касарната во Билеча исчезнаа осум пиштоли и шест автоматски пиштоли,2 додека во 2018 година еден војник украде оружје и муниција од касарната во Пале.3 Во февруари 2021 година, Министерството за одбрана информираше дека „исчезнало одредено количество оружје“ од центарот за основна обука во Пазариќ и дека е оштетен безбедносниот печат на влезот во магацинот за оружје и воена опрема.4 Заменик-претседателката на Заедничката комисија за одбрана и безбедност, Душанка Мајкиќ, праша како е можно 25 висококвалитетни пиштоли да исчезнат од просториите на министерството и како некој може да влезе во магацинот и точно да знае каде да оди и што да земе.5 Вреди да се напомене дека многу од овие случаи никогаш не се решени. Според Мајкиќ, „оружјата обично завршуваат на странски пазари… станува збор за добра, брза и лесна трговија.“6
Според информациите на Граничната полиција на Босна и Херцеговина, голем број неодамнешни заплени укажуваат на тоа дека криумчарењето огнено оружје од Босна и Херцеговина е многу активно. Во 2021 година, полицијата во Босна и Херцеговина евидентирала 18 кривични дела поврзани со криумчарење оружје; запленети се 27 парчиња оружје, бомба и 1 135 парчиња муниција. Во истиот период, поднесени се седум прекршочни пријави против осомничени криумчари, а привремено се одземени две парчиња оружје и 231 парче муниција.7
Дрогата и оружјето следат слични патишта
Организираните криминални групи кои криумчарат оружје обично се вклучени во криумчарење дрога. Најмногу се патува преку познатите жаришта на организиран криминал, на пример преку главните автопати и гранични премини со користење пломбирани камиони. Меѓутоа, понекогаш се користи помалку прооден терен, на пример шумски патишта долж границата помеѓу Црна Гора8 и регионите Требиње9 и Билеча во Босна и Херцеговина, со користење сплавови и чамци во регионот Бијељина во Србија или во округот Брчко во Босна и Херцеговина,10 или шумски патеки околу Чапљина, Љубушки или Груде во Хрватска.11 Според зборовите на еден осуден член на организирана криминална група од Требиње, кога криумчарите на оружје ги користат овие рути, најмуваат локални водичи и носачи.
Постојат индиции за криумчарење оружје преку Босна и Херцеговина од други места на Западен Балкан. Еден адвокат кој бранеше осомничени за трговија со оружје во босанските судови во последните 15 години, изјави: „Постои канал за криумчарење кој оди од Албанија и Црна Гора преку источна и западна Херцеговина до Хрватска и Европа, а него го спроведуваат Хрватите и Србите. Мислам дека тоа е најсилниот канал што оди отприлика од Црна Гора преку оние „дивите“ премини во Билеча и околината. Минува низ западна Херцеговина, каде друг тим презема за Хрватска.“12
Во останати случаи, оружјето е наменето за западна Европа. Во март 2022 година, меѓународната истрага која заедно ја спроведоа француската и хрватската полиција откри дека криминална група, вклучувајќи членови од Хрватска, Босна и Херцеговина и Франција, се обидувала да криумчари оружје во Франција.13
Во декември 2018 година, Хрватската канцеларија за сузбивање корупција и организиран криминал започна истрага против двајца хрватски членови на криминална организација кои наводно криумчареле екстази од Холандија во Хрватска, како и оптичка опрема за оружје и 37 килограми пластичен експлозив од Босна и Херцеговина до Хрватска. Планот на криминалната група бил да набави, криумчари и препродава големи количини екстази и кокаин на однапред договорени купувачи од Холандија во Хрватска и да криумчари и продава големи количини оружје од Босна и Херцеговина во Хрватска, а потоа во западноевропските земји. Полицијата заплени оружје и експлозиви на подрачјето на Славонски Брод и Окучани.14
Врската помеѓу оружјето и трговијата со дрога може да се види и во полициската операција од декември 2021 година наречена „Сториџ 2“,15 спроведена во градот Босанска Градишка во Република Српска, блиску до границата со Хрватска. Операцијата е покрената за да се разбие синџир на трговија со дрога, но по претрес на повеќе локации полицијата открила големо количество оружје, муниција и мини. Уапсени се дваесет осомничени членови на организирана криминална група.
Според пишувањата на медиумите, полицијата ја следела групата од Босанска Градишка преку апликацијата „Sky“.16 Тие забележале дека дрогата и огненото оружје привремено се чуваат на скриени локации во Босанска Градишка и дека групата имала комбиња и патнички возила со посебни прегради за криење наркотици и оружје. Документите на обвинителството откриваат дека групата имала врски со соучесници во Загреб и Осиек во Хрватска, како и со клиенти во Србија и западна Европа.17 На пример, во ноември 2020 година, членовите на групата наводно криумчареле 23 пиштоли од Босна и Херцеговина во Германија, заработувајќи си 53 000 евра.
Фотографија: Министерство за внатрешни работи на Србија
Вреди да се напомене дека членовите на криминалната група од Босанска Градишка биле поврзани со голем број погубувања во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. На пример, кога го бараше убиецот на Страхиња Стојановиќ, кој беше убиен на 13 септември 2020 година кога експлодира бомба под неговиот автомобил, српската полиција откри „куќа на стравот“ во Ритопек за која се смета дека е дом на атентаторот. Куќата била полна со оружје, од кое еден дел е наводно набавено од криминалци во Босанска Градишка.18
Директна продажба
Иако се чини дека криминалните групи од Босна и Херцеговина се дел од мултинационални криминални мрежи, во други случаи изгледа дека се обидуваат да продадат оружје „од прва рака“, што носи поголем профит. Во јануари 2020 година, германската и босанската полиција спречија обид на еден босански државјанин да криумчари оружје во Германија и Холандија. Според обвинението на Обвинителството на Босна и Херцеговина, во автомобил со босански регистарски таблички во Дрезден се откриени 95 рачни бомби, четири полуавтоматски пушки, осум пиштоли и значително количество муниција од различен калибар, од кои сите биле наменети за нелегалниот пазар.19 Слично на тоа, во мај 2021 година, полицијата во Босна и Херцеговина уапси четворица мажи кои се обиделе да криумчарат големо количество нелегално огнено оружје (вклучувајќи и рачен ракетен фрлач) во западна Европа.20 Тројца од нив претходно биле осудени за слични кривични дела. Неодамна, во август 2021 година, припадниците на босанската гранична полиција заплениле арсенал оружје и муниција и уапсиле босански државјанин од Зворник, кој бил осомничен за криумчарење оружје во Франција за илегалниот пазар.21
Според еден поранешен член на криминална група од Требиње, побарувачката и цената на оружјето во регионот расте кога има периоди на политичка нестабилност, како на пример кога беа поставени барикади во северно Косово или пред изборите во 2020 година во Црна Гора.22 Постојат индиции дека цените на огненото оружје на црниот пазар во Босна и Херцеговина се двојно зголемени од почетокот на војната во Украина.
Трговијата со малокалибарско и лесно оружје е, сама по себе, закана и често несакан ефект на конфликтот. Како што се прикажа во случајот со Босна и Херцеговина, криминалните групи вклучени во трговија со дрога често се вклучени во трговијата со оружје, за која Западен Балкан останува главен регион на снабдување и транзит.
Забелешки
-
А. Џугум и М. Жувела, Ukradenom oružju iz kasarni BiH se redovno ne ulazi u trag, Радио Слободна Европа, 15 февруари 2021 г., https://www.slobodnaevropa.org/a/ukradenom-oružju-iz-kasarni-u-bih-se-redovno-ne-ulazi-u-trag/31104191.html. ↩
-
Н. Н., Novi skandal u Oružanim snagama BiH: Iz kasarne u Bileći nestalo oružje, Nezavisne novine, 7 март 2017 г., https://www.nezavisne.com/novosti/bih/Novi-skandal-u-Oruznim-snagama-BiH-Iz-kasarne-u-Bileci-nestalo-oruzje/416228. ↩
-
Б. Брезо, Misteriozna krađa u kasarnama u BiH: Gdje završava ukradeno oružje?, N1 BiH, 17 февруари 2021 г., https://ba.n1info.com/vijesti/kradja-oruzja-u-kasarnama-u-bih-ko-kako-i-gdje-je-zavrsilo/. ↩
-
Potvrđeno: Nestalo oružje u Pazariću, istraga u toku, N1 BiH, 12 февруари 2021 г., https://ba.n1info.com/vijesti/potvrdjeno-nestalo-oruzje-u-pazaricu-istraga-u-toku/. ↩
-
Majkić: Nestanak oružja iz kasarne novi sigurnosni izazov za BiH, Klix, 16 февруари 2021 г., https://www.klix.ba/vijesti/bih/majkic-nestanak-oruzja-iz-kasarne-novi-sigurnosni-izazov-za-bih/210216076. ↩
-
А. Џугум и М. Жувела, Ukradenom oružju iz kasarni BiH se redovno ne ulazi u trag, Радио Слободна Европа, 15 февруари 2021 г., https://www.slobodnaevropa.org/a/ukradenom-oružju-iz-kasarni-u-bih-se-redovno-ne-ulazi-u-trag/31104191.html. ↩
-
Интервју со шефот на истраги на Граничната полиција на Босна и Херцеговина, 15 јануари 2022 г., Сараево. ↩
-
Ј. Јовановиќ, Procurili dokazi; šta će sada izmisliti Čovićev direktor Granične policije: Na ovom mjestu je granica BiH šuplja kao sir…, Slobodna Bosna, 6 ноември 2019 г., https://www.slobodna-bosna.ba/vijest/132351/procurili_dokazi_sta_ce_sada_izmisliti_chovicev_direktor_granichne_policije_na_ovom_mjestu_je_granica_bih_suplja_kao_sir.html. ↩
-
А. Терзиќ, Otvorena južna ruta: Sve više migranata preko Trebinja do Zapada, Anadoly Agency, 22 декември 2017 г., https://www.aa.com.tr/ba/balkan/otvorena-južna-ruta-sve-više-migranata-preko-trebinja-do-zapada/1012210. ↩
-
Akcija policije BiH i Hrvatske na Savi, hapšenja zbog krijumčarenja migranata, N1 BiH, 22 септември 2021 г., https://ba.n1info.com/vijesti/akcija-policije-bih-i-hrvatske-na-savi-hapsenja-zbog-krijumcarenja-migranata/. ↩
-
Н. Н., Osuđen bračni par iz Trebinja zbog šverca heroina iz BiH u Hrvatsku, Nezavisne novine, 10 јули 2019 г., https://www.nezavisne.com/novosti/hronika/Osudjen-bracni-par-iz-Trebinja-zbog-sverca-heroina-iz-BiH-u-Hrvatsku/547591. ↩
-
М. Садиковиќ и Џ. Халимовиќ, Ilegalna trgovina oružjem iz BiH ka Evropi, Radio Slobodne Evrope, 30 април 2021 г., https://www.slobodnaevropa.org/a/ilegalna-trgovina-oruzjem-u-bosni-i-hercegovini/31229561.html. ↩
-
Ахмет Калајџиќ, Zbog krijumčarenja oružja Francuzima po pet, a švicarskom gastarbajteru tri mjeseca zatvora, Dubrovački Vjesnik, 5 март 2022 г., https://dubrovacki.slobodnadalmacija.hr/dubrovnik/vijesti/crna-kronika/zbog-krijumcarenja-oruzja-francuzima-po-pet-a-svicarskom-gastarbajteru-tri-mjeseca-zatvor-1173033 и Zajedničkom akcijom hrvatske i francuske policije razotkriveno krijumčarenje oružja namijenjenog Francuskoj, Republika Hrvatska Policijska uprava dubrovačko-neretvanska, 30 март 2022 г., https://dubrovacko-neretvanska-policija.gov.hr/novosti/zajednickom-akcijom-hrvatske-i-francuske-policije-razotkriveno-krijumcarenje-oruzja-namijenjenog-francuskoj/14320. ↩
-
USKOK – Hrvatski državljani uhapšeni zbog krijumčarenja oružja i eksploziva iz BiH, Radio Sarajevo, 19 декември 2018 г., https://radiosarajevo.ba/vijesti/bosna-i-hercegovina/hrvatski-drzavljani-uhapseni-zbog-krijumcarenja-oruzja-i-eksploziva-iz-bih/321802. ↩
-
Г. Обрадовиќ, Ekskluzivni detalji akcije „Storidž 2“ Kriminalci iz Gradiške prodavali oružje Velji Nevolji, do njih odveli dokazi iz kuće strave, Srpskainfo, 10 декември 2021 г., https://srpskainfo.com/ekskluzivni-detalji-akcije-storidz-2-kriminalci-iz-gradiske-prodavali-oruzje-velji-nevolji-do-njih-odveli-dokazi-iz-kuce-strave/. ↩
-
М. Ашчиќ, Kako je aplikacija „Sky“ raskrinkala opasnu narkobandu iz Bosanske Gradiške: Na prodaji pištolja zaradili 100.000 KM!, Avaz, 6 јануари 2022 г., https://avaz.ba/vijesti/bih/708294/kako-je-aplikacija-sky-raskrinkala-opasnu-narkobandu-iz-bosanske-gradiske-na-prodaji-pistolja-zaradili-100-000-km. ↩
-
Ibid. ↩
-
Г. Обрадовиќ, Ekskluzivni detalji policijske akcije „Storidž 2“ Kriminalci iz Gradiške prodavali oružje Velji Nevolji, do njih odveli dokazi iz kuće strave u Ritopeku, Blic, 10 декември 2021 г., https://www.blic.rs/vesti/republika-srpska/ekskluzivni-detalji-policijske-akcije-storidz-2-kriminalci-iz-gradiske-prodavali/0hgvleb. ↩
-
Podignuta optužnica protiv dvije osobe optužene za međunarodno krijumčarenje oružja i vojne opreme, Tužilaštvo Bosne i Hercegovine, 17 јануари 2020 г., http://www.tuzilastvobih.gov.ba/index.php?id=4397&jezik=b. ↩
-
Podignuta optužnica protiv četiri osobe optužene za međunarodno krijumčarenje oružja i vojne opreme, Tužilaštvo Bosne i Hercegovine, 7 мај 2021 г., http://www.tuzilastvobih.gov.ba/index.php?id=4885&jezik=b. ↩
-
Otkriven lanac švercera oružja iz BiH u Francusku, uhićen čovjek iz Zvornika, Index, 7 август 2021 г., https://www.index.hr/vijesti/clanak/otkriven-lanac-svercera-oruzja-iz-bih-u-francusku-uhicen-covjek-iz-zvornika/2295755.aspx. ↩
-
Интервју со осуден криминалец од Требиње кој се занимавал со препродажба на оружје, а ги познава криумчарите и патиштата и цените на шверцот. Требиње, 7 јануари 2022 г. ↩