Брчко: пазар за организиран криминал.

Во последниве години, округот Брчко во Босна и Херцеговина е место на голем број инциденти поврзани со криумчарење мигранти, оружје и дрога. Ова делумно се должи на локацијата на Брчко долж рутите за нелегална трговија, како и на слабото владеење и корупцијата.

Пред да избие војната во Босна и Херцеговина во 1992 година, Брчко беше мултиетнички град и добро познат регионален транспортен центар каде се вкрстуваа главните железнички, патни и речни патишта што ја поврзуваа Југославија. Со распадот на Југославија, Брчко сега се наоѓа во триаголник каде се спојуваат границите на Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина. Пристаништето Брчко порано беше едно од најважните речни пристаништа во поранешна Југославија. Оваа стратешка позиција беше причината што Брчко претрпе огромни разурнувања за време на војната. Како резултат на тешките борби, градот беше уништен, а хрватското и бошњачкото население протерано. Статусот на Брчко беше толку оспоруван, што за време на Дејтонските мировни разговори е одлучено дека градот не само што ќе биде дел од двата ентитета на Босна и Херцеговина, туку и ќе му биде доделен статус на посебен мешан ентитет формално признат како област.

За време на војната, Брчко стана центар на нелегални активности. По војната, мировниците ја расчистија областа и набрзо трговците почнаа да поставуваат импровизирани згради за продажба на својата стока. Таканаречениот пазар Аризона стана озлогласен пазар без данок каде можеше да се купи речиси сè. Како резултат на тоа, беше магнет за криумчарење и други видови криминал, вклучително и проституција.1 Се проценува дека во 1996 година црниот пазар сочинувал 98 % од економијата на областа.

За да ја стават трговијата под контрола, локалната власт и нејзините меѓународни партнери изградија нов пазар, кој стана место каде луѓето од целиот регион купуваат и продаваат стоки. Денес, пазарот е домаќин на над 2 000 деловни единици, а се проценува дека секој ден го посетуваат меѓу 5 000 и 6 000 луѓе.2 Околу 10 милиони евра даноци годишно се влеваат во државниот буџет од приходите на пазарот Аризона, кој стана најголемиот пазар во поранешна Југославија.3 Сепак, Брчко и понатаму е еден од најсиромашните региони во земјата; во декември 2021 година, просечната месечна плата изнесуваше 502 евра, најниска во Босна и Херцеговина.4

Но, трансформирањето на црниот пазар за легални стоки во легален пазар не ги елиминираше нелегалните активности во областа. Криминалците бараа други можности, првенствено трговија со дрога и луѓе и криумчарење огнено оружје и стоки со висока царина.

Соработка помеѓу криминалците, корупција во полицијата

Географската положба на Брчко го прави клучен јазол за криумчарење помеѓу Босна и Херцеговина, Хрватска и Србија. Неговата локација, веднаш преку реката Сава од ЕУ, го прави атрактивно место за криумчарење надвор од регионот, вклучувајќи и мигранти. Криминалните групи во Брчко се вклучуваат во транснационални криминални активности со своите колеги во двете соседни земји. Во текот на изминатите две години, неколку полициски операции го попречија криумчарењето на дрога, огнено оружје и мигранти каде се вклучени мултинационални криминални групи.5 Познато е дека криминалците од Хрватска и Србија понекогаш ја преминуваат границата за да се притаат во Брчко.6 Тоа не значи дека во Брчко секогаш е мирно. Поради криминалното милје, имаше низа насилни инциденти, како на пример пресметки на криминалци и вооружени грабежи и напади.7

Иако криминалците релативно лесно се движат низ регионот, сложениот систем на владеење на Босна – кој се огледува и во полицискиот и судскиот систем – понекогаш ја попречува соработката помеѓу службениците за спроведување на законот. Лошата соработка помеѓу кантоналните и федералните, како и државните агенции во заедничките акции за борба против криминалот, а да не зборуваме за недоволната размена на податоци, им дава простор на криминалците да дејствуваат.

Корупцијата ја кочи и борбата против организираниот криминал. Криминалните групи успеаја да регрутираат полицајци од Брчко за лично да учествуваат во трговијата и криумчарењето на дрога, како и да ги штитат и да посредуваат при предавањето на дрогата. Во 2018 година, помошникот началник на Криминалистичката полиција на округот Брчко беше уапсен со 1,1 килограм чист кокаин, со вредност од 130 000 евра, во својот автомобил.8 Како што продолжија нелегалните активности, во април 2019 година началникот на полицијата привремено суспендираше седум полицајци поради сомнеж дека сториле сериозна повреда на службена должност.9 Набргу потоа, во областа Брчко повторно беа уапсени полициски службеници, како и гранични полицајци, за кривични дела поткуп и криумчарење мигранти и дрога. Зачудувачки е што на толку мала област има толку многу случаи на корупција, и покрај фактот што полицијата е подобро платена отколку во другите делови на Босна и Херцеговина, има добра опрема, добива обука и поддршка од меѓународната заедница и работи во нова зграда која чинеше над 5 милиони евра.10

И покрај проблемите со организираниот криминал во регионот и корупцијата во полициската служба, полицијата на Брчко спроведе неколку успешни операции против криумчарењето мигранти, оружје и дрога, особено при соработка со колегите во Хрватска, Германија и Австрија.

Во полициската акција под кодно име „Цер“ во 2019 година беа уапсени 17 лица, меѓу кои двајца поранешни и еден сегашен полицаец. Пронајдена е поголема количина наркотици, наменета за улична продажба, при што се запленети околу три килограми дрога. Тука се вклучени марихуана, спид и екстази во вредност од 20 000 евра, како и додатоци за пакување, оружје и мобилни телефони. Запленети се над 8 000 евра во домашна валута.11

За време на полициската акција со кодно име „Бјегунац“, спроведена во ноември 2021 година, двајца припадници на полицијата на Брчко биле дел од организирана криминална група која купувала и продавала дрога во областа Брчко, како и во областа Бијељина, Пелагичево и Орашје. Во текот на акцијата се пронајдени околу килограм марихуана, со нешто повеќе од сто грама кокаин.12

Брчко има многу од карактеристиките евидентни во другите жаришта на организиран криминал во Западен Балкан: локација привлечна за трговија, слабо владеење (во овој случај влошено од корупција) и економска ранливост. Областа трпи дополнителен хендикеп поради злоупотреба на средства кои се очајно потребни за јакнење на отпорноста на граѓанското општество. Во такво мало место, сите се знаат меѓусебе. Со тоа се отежнува промената. Од друга страна, посветениот пристап на искрените службеници, поткрепен со поддршката на меѓународната заедница, може да направи огромна разлика, и тоа многу брзо. Потребни се повеќе напори за јакнење на граѓанското општество и за градење мостови помеѓу граѓанското општество и владините институции со интегритет за да се намали просторот за експлоатација на криминалните групи.

Според зборовите на еден виш полициски службеник: „Свесни сме дека има проблеми. Но, и посветени сме во борбата против криминалот. Долго време, корупцијата овде во полицијата беше стандард, но сега плимата и осеката се менуваат“.13

Забелешки

  1. Balkanski shopping u Arizoni, Nacional, 30 август 2019 г., https://www.nacional.hr/balkanski-shopping-u-arizoni/

  2. Пазарот има дури и своја веб-локација: https://tobd.ba/objekti/313/trznica-arizona

  3. М. Николиќ, Arizona dream: Od šverca do proizvodnje, Radio Slobodna Evropa, 2 март 2016 г., https://www.slobodnaevropa.org/a/arizona-dream-od-sverca-do-proizvodnje/27585352.html

  4. BILTEN Statistički podaci Brčko distrikta BiH, Agencija za statistiku BiH, 14 март 2022 г., https://bhas.gov.ba/data/Publikacije/Bilteni/2022/BRC_00_2022_B1_1_BS.pdf

  5. Odličan učinak policijske akcije „KALIBAR“, Radio Brčko, 30 ноември 2016 г., https://radiobrcko.ba/arhiva/odlican-ucinak-policijske-akcije-kalibar/; D B, Velika policijska akcija u Njemačkoj: Trojka iz BiH upletena u krađu vozila vrijednih 1,5 milion eura, Klix, 23 February 2022, https://www.klix.ba/vijesti/svijet/velika-policijska-akcija-u-njemackoj-trojka-iz-bih-upletena-u-kradju-vozila-vrijednih-1-5-miliona-eura/220223139; A. K. и A. Б., Ko je bio meta akcije „Wolf“ u kojoj je učestvovalo 250 policajaca, Avaz, 16 декември 2020 г., https://avaz.ba/vijesti/crna-hronika/616880/ko-je-bio-meta-akcije-wolf-u-kojoj-je-ucestvovalo-250-policajaca; Hapšenja u BiH i Austriji: Pali dileri droge i oružja, ATV BL, 29 мај 2016 г., https://www.atvbl.rs/hapsenja-u-bih-austriji-pali-dileri-droge-o-oruzja; Velika akcija razbijanja lanca krijumčara droge i ljudi u Republici Srpskoj, dio robe redovno je završavao i u Hrvatskoj, Slobodna Dalmacija, 8 декември 2021 г., https://slobodnadalmacija.hr/vijesti/regija/velika-akcija-razbijanja-lanca-krijumcara-droge-i-ljudi-u-republici-srpskoj-dio-robe-redovno-je-zavrsavao-i-u-hrvatskoj-1149492

  6. Интервју со виш службеник во округот Брчко, 14 јануари 2022 г. 

  7. Н. Н., Brčak optužen za 20 teških pljački i ranjavanje nožem, Nezavisne novine, 23 октомври 2017 г., https://www.nezavisne.com/novosti/hronika/Brcak-optuzen-za-20-teskih-pljacki-i-ranjavanje-nozem/448468

  8. С. Бандиќ, Uhićeni muškarac pomoćnik šefa Krim-policije Brčko distrikta Zlatko Androšević, Zadarski list, 27 октомври 2018 г., https://www.zadarskilist.hr/clanci/27102018/uhiceni-muskarac-pomocnik-sefa-krim-policije-brcko-distrikta-zlatko-androsevic

  9. Е. Реџиќ, Sedmorica policajaca suspendirana zbog napada na imovinu uglednog privrednika, Avaz, 18 април 2019 г., https://avaz.ba/vijesti/bih/477094/sedmorica-policajaca-suspendirana-zbog-napada-na-imovinu-uglednog-privrednika

  10. Svečano otvorena nova zgrada Policije Brčko distrikta BiH, Vlada Brčko distrikta BiH, 17 февруари 2016 г. http://vlada.bdcentral.net/Publication/Read/svecano-otvorena-nova-zgrada-policije-brcko-distrikta-bih?lang=en.M

  11. М. Н., Akcija Cer u Brčkom: Od 17 uhapšenih u pritvoru ostao samo jedan osumnjičeni, Klix, 24 октомври 2019 г., https://www.klix.ba/vijesti/crna-hronika/akcija-cer-u-brckom-od-17-uhapsenih-u-pritvoru-ostao-samo-jedan-osumnjiceni/191024121

  12. M. M., “Bjegunac“: Akcijom SIPA-e obuhvaćeno 15 osoba, među njima i policajci, Faktor, 22 ноември 2021 г., https://faktor.ba/vijest/bjegunac-akcijom-sipa-e-obuhvaceno-15-osoba-medu-njima-i-policajci/145052

  13. Интервју со виш инспектор во округот Брчко, 8 јануари 2022 г.