Билтен на Ризици Преземете PDF Click here to view the
Global Organized Crime Index

Опсерваторија на Нелегални Економии во Југо-Источна Европа

Број
12
Maj
2022

Резиме на главни поенти

  1. Дали војната во Украина може да влијае врз организираниот криминал во Западен Балкан?

    Војната во Украина беснее веќе два месеци, разорувајќи ја земјата и нејзиниот народ. А има и ефект на прелевање надвор од земјата. Разгледуваме како војната во Украина би можела да го зголеми просторот за организиран криминал во Западен Балкан, вклучувајќи и како резултат трговија со оружје, перење пари, укинување санкции, движење на борци или можна промена на патиштата за нелегална трговија.

    Прочитај повеќе

  2. Босна и Херцеговина прерасна во клучна транзитна земја за криумчарење оружје во Европа.

    Босна и Херцеговина е и извор и транзитна земја за криумчарење на малокалибарско и лесно оружје. Од крајот на војната во Босна во 1995 година, земјата е преплавена со оружје. Разгледуваме од каде доаѓа оружјето, каде оди и кој е вклучен во овој бизнис што придонесува за тероризам, војна и организиран криминал.

    Прочитај повеќе

  3. Брчко: пазар за организиран криминал.

    Во ова издание, се фокусираме на жариштето Брчко во северна Босна и Херцеговина. Овој округ, близу границата на Босна со Хрватска и Србија, кој од раните 1990-ти се здоби со репутација на пазар за сè, неодамна беше сведок на голем број инциденти поврзани со криумчарење мигранти, оружје и дрога. Ги разгледуваме факторите на ранливост и моменталната ситуација.

    Прочитај повеќе

  4. Изнудата е потценета и недоволно пријавувана во Србија.

    Имаше доста пријави за изнуда, лихварство и рекет во Србија, но колкав е всушност проблемот? Една нова студија спроведена благодарение на стипендијата од Фондот за отпорност на Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал (ГИ-ТОК) покажува дека проблемот е потценет и недоволно пријавуван.

    Прочитај повеќе

  5. Обвиненијата за исчезнати бебиња сè уште ја прогонуваат Србија.

    Постојат информации кои велат дека, во текот на неколку децении, илјадници бебиња исчезнале од породилиштата во Србија и биле продадени на родители кои сакале да посвојат дете. Оваа шокантна трговија излезе на виделина како резултат на случајот против Србија поднесен пред Европскиот суд за човекови права. Како е возможна ваква практика, колку е организирана и што се презема за нејзино решавање?

    Прочитај повеќе

За ова издание

Добре дојдовте во 12-то издание на Билтенот на ризици кој е производ на Опсерваторијата на ГИ-ТОК за нелегални економии во Југо-источна Европа.

Како и многумина, и ние сме стаписани од ужасните случувања во Украина. Загрижени сме за влијанието што војната го има и врз Украина и врз нејзиниот народ, како и за можните последици на други места. Во согласност со нашата мисија, ставаме посебен фокус на потенцијалното влијание на војната врз организираниот криминал во Западен Балкан. Како што направивме со КОВИД-19, внимателно ќе ги следиме влијанијата од војната во Украина врз нелегалните економии во југоисточна Европа.

Често се зборува за тоа како се криумчари оружје од Западен Балкан, на пример за да го користат криминални групи или терористи во западна Европа. Во ова издание одблиску го разгледуваме проблемот во Босна и Херцеговина. Иако знаевме за тоа дека оружјето што е наследство од босанската војна се криумчари на црниот пазар, сепак, се изненадивме кога дознавме дека и Босна и Херцеговина е транзитна земја. Понатаму, неодамнешните апсења и заплени демонстрираат транснационална соработка, и меѓу криминалците и меѓу органите за спроведување на законот – како што е откриено во неколку неодамнешни истраги.

Како и во секое издание, се фокусираме на жариштата на организиран криминал. Овојпат, тоа е округот Брчко во северна Босна и Херцеговина. Врз основа на интервјуа и набљудувања од прва рака, ги објаснуваме факторите на ранливост и видовите на трговија со луѓе кои преовладуваат во овој мал регион, како и проблемите со корупцијата во полицијата.

Благодарение на стипендијата од Фондот за отпорност на ГИ-ТОК, Милош Катиќ од Војводина, Србија, спроведе истражување за изнуда и лихварство во земјата. Овде опишуваме некои од главните сознанија од неговото истражување, објавено во декември 2021 година.

Во последните години српските медиуми објавуваа извештаи за исчезнати бебиња. Иако повеќето случаи под надзор се од минатите децении, се чини дека крадењето и криумчарењето бебиња, па дури и ембриони, и понатаму може да биде проблем во голем број земји, со карактеристики на организиран криминал.

Неодамна објавивме извештај за нелегални финансиски текови (НФТ) во Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија, кој следи по објавувањето на слична проценка во 2020 година којашто ги анализира клучните двигатели и тековните трендови на НФТ во Албанија, Косово и Северна Македонија.1 Извештајот ја нагласува потребата за зголемување на информациите за влијанието и штетата од НФТ, како и капацитетот на граѓанското општество да истражува и да ја подигне свеста за овие видови на злосторства. Се надеваме дека во иднина ќе се фокусираме на овие теми.

Секогаш бараме нови начини за претставување на нашата работа. Затоа, развивме онлајн интерактивна платформа за прикажување на некои од податоците и главните наоди од нашите извештаи. Првата визуелизација е преглед на криумчарењето мигранти низ Западен Балкан. Информациите се засноваат на податоците од нашиот извештај од 2021 година, „Spot prices: анализа на протокот на луѓе, дрога и пари во Западен Балкан“.2 Алатката обезбедува податоци за нелегалните гранични премини долж балканската рута, бројот и националноста на мигрантите и барателите на азил, проценетиот профит на пазарот за криумчарење мигранти и интерактивна мапа на која се прикажани патиштата за криумчарење и цените што се плаќаат за секоја рута. Следете го овој простор за понатамошни визуелизации на нашата работа, вклучително и за врската помеѓу организираниот криминал и фудбалскиот хулиганизам, како и трговијата со луѓе низ пристаништата во југоисточна Европа.

Доколку имате свој предлог за приказна или би сакале да дадете повратни информации, ве молиме контактирајте со: almedina.dodic@globalinitiative.net

Забелешки

  1. Робин Картврајт и Кристина Амерхаузер, Незаконски финансиски текови во Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија: Клучни двигатели и актуелни трендови, ГИ-ТОК, јануари 2022 г.; За извештајот за 2020 година, види во Незаконски финансиски текови во Албанија, Косово и Северна Македонија на Тјусдеј Реитано и Кристина Амерхаузер: Клучни двигатели и актуелни трендови, ГИ-ТОК, август 2020 г., https://globalinitiative.net/analysis/iffs-western-balkans/

  2. Валтер Кемп, Кристина Амерхаузер и Ругеро Скатуро, Spot prices: анализа на протокот на луѓе, дрога и пари во Западен Балкан, ГИ-ТОК, мај 2021 г., https://globalinitiative.net/analysis/western-balkans-crime-hotspots-3/