Global Organized Crime Index
Опсерваторија на Нелегални Економии во Југо-Источна Европа
Резиме на главни поенти
-
Балканските земји имаат лоши резултати на Глобалниот индекс на организиран криминал за 2021 година.
Резултатите од Индексот на Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал (ГИ-ТОК) покажуваат дека земјите од Западен Балкан котираат повисоко од глобалниот просек во поглед на криминалитетот. Навистина, четири од шесте земји на Западен Балкан (WB6) се рангирани меѓу 10-те земји со највисоки резултати во Европа за криминал. Регионот, исто така, го одразува глобалниот тренд нагласен во Индексот, дека државните актери се најдоминантниот тип на криминални актери во светот. Меѓутоа, земјите од регионот генерално, исто така, котираа повисоко од глобалниот просек во поглед на отпорноста на организиран криминал.
-
Разбивање на митот за постоење на балкански картел.
Медиумите и агенциите за спроведување на законот, вклучително и Европол, честопати го припишуваат криминалот во регионот на „балкански картел“. Меѓутоа, иако постојат јасни меѓуетнички обрасци на соработка меѓу криминалните групи во регионот, сепак нема индикации дека овие групи припаѓаат на структура во стил на картел.
-
Употребата на криптовалути станува сè попопуларна регионот.
Зголемената употреба на криптовалути во Западен Балкан носи нови можности, но и дополнителни ризици како перење пари. Гледаме како функционираат криптовалутите, даваме примери за ископување криптовалути во регионот и ги испитуваме предизвиците со кои почнува да се соочува регионот, особено во однос на криптовалутите како елемент на незаконски финансиски текови.
-
Градење мостови помеѓу граѓанското општество и владата во Северна Македонија.
Опсерваторијата на нелегални економии во Југоисточна Европа во моментов спроведува серија дијалози за отпорност во секоја од шесте земји на Западен Балкан. Овој напис се осврнува на состанокот одржан во Скопје и ги истакнува предизвиците и можностите за зајакнување на соработката помеѓу граѓанското општество и владата во спречувањето и борбата против корупцијата и организираниот криминал.
-
„Ослободување“ на државата: Интервју со македонската невладина организација Евротинк.
Северна Македонија има активно граѓанско општество кое се занимава со многу прашања, вклучително и оние поврзани со организираниот криминал и корупцијата. За целите и активностите и фокусот на криминалот што нè опкружува разговараме со Евротинк – Центар за Европски Стратегии, една од водечките невладини организации во земјата.
За ова издание
Добре дојдовте во десеттото издание на Билтенот на ризици кој е производ на Опсерваторијата на ГИ-ТОК за нелегални економии во Југоисточна Европа. Во ова издание ги анализираме главните наоди поврзани со Балканот на првиот Глобален индекс на организиран криминал, којшто го изработи ГИ-ТОК. За подетална анализа, вклучувајќи и профили на сите земји од регионот, посетете ја веб-страницата ocindex.net.
Во нашето истражување за нелегалните економии во Југоисточна Европа, повремено се среќаваме со изразот „балкански картел“. Иако криминалните групи од Западен Балкан станаа потранснационални и, во некои случаи, помоќни во последниве години, ние сметаме дека тие не се толку обединети како што понекогаш навестуваат медиумите. Затоа, го испитавме овој термин и потеклото на митот и откривме дека ситуацијата е посложена од визијата за балканските криминални групи како џиновски октопод со дефинирано раководство кое ги контролира своите пипала.
Во моментов има многу врева околу криптовалутите, при што цената на биткоинот достигнува рекордни висини од над 55 000 евра по единица, но има и растечка дебата околу регулирањето на криптовалутите. Во нашата работа на незаконски финансиски текови и анализирање на заплена на имот сè почесто гледаме референци за употреба на криптовалути од криминални групи во и од Западен Балкан. Досега, употребата на криптовалути во регионот е релативно ограничена. Меѓутоа, ова е прашање што заслужува внимание, не само од финансиските истражители во WB6.
Преку финансирање од нашите финансиски партнери, вклучувајќи ги Германија, Норвешка и Холандија, можеме да ги поддржиме граѓанските организации во Југоисточна Европа кои спроведуваат активности за зајакнување на отпорноста на организираниот криминал. Дел од оваа работа вклучува серија дијалози за отпорност во секоја од шесте земји на Западен Балкан. Првиот состанок се одржа во Скопје на 22 и 23 септември 2021 г., а ќе следуваат уште пет на почетокот на декември.
Ќе се издаваат тематски извештаи за некои од главните теми опфатени со дијалозите и проектите што ги спроведуваат граѓанските организации (ГО) во регионот, имено за младите, родот и социјалната реупотреба на средствата. Во овој Билтен известуваме за дијалозите за отпорност што ги организиравме во Скопје, конкретно за напорите за зајакнување на соработката помеѓу граѓанското општество и владата.
Додека бевме во Скопје интервјуиравме двајца лидери на невладината организација Евротинк – Центар за Европски Стратегии, како дел од нашиот месечен фокус на ГО кои работат на зголемување на отпорноста на организираниот криминал. Нивната работа особено се фокусира на зајакнување на имплементацијата на поглавјето 24 од правото на ЕУ во Северна Македонија, поврзано со правдата, слободата и безбедноста.
На крајот од ова издание, даваме преглед на неодамнешните публикации поврзани со организираниот криминал и корупцијата во Западен Балкан и ги прикажуваме новите и претстојните извештаи на ГИ-ТОК.
Ако имате предлог за приказна или сакате да дадете повратни информации, ве молиме контактирајте со almedina.dodic@globalinitiative.net.