Балканските земји имаат лоши резултати на Глобалниот индекс на организиран криминал за 2021 година.
На 28 септември 2021 година, ГИ-ТОК го издаде Глобалниот индекс на организиран криминал, резултат на повеќегодишно истражување во кое учествуваа над 350 експерти ширум светот, што ги опфаќа сите 193 земји-членки на Обединетите нации. Индексот се заснова на длабински анализи на криминалните пазари и актери. Според нивото на криминалитет, на земјата ѝ се доделува оценка од еден до 10, при што еден посочува на тоа дека пазарот или типот на актерот се или непостоечки или занемарливи во своето влијание, а 10 означува дека ниту еден аспект од општеството не останува незасегнат од организираниот криминал.
Индексот, исто така, ја мери отпорноста на една земја на организираниот криминал, односно способноста на државните и недржавните актери да издржат и да ги нарушат организираните криминални активности како целина, наместо поединечните пазари, преку политички, економски, правни и социјални мерки. И овде, на државите им се доделува оценка што се движи од еден до 10, но скалата е обратна во овој случај: еден означува недостаток на соодветни механизми за отпорност, а 10 подразбира присуство на високо ефективни мерки за борба против организираниот криминал и неговото влијание.
Проценката на нивото на криминалитет во комбинација со нивоата на отпорност, наместо да се фокусира само на распространетоста на нелегалните економии и криминалните актери, обезбедува анализа на ранливоста преку повеќедимензионален објектив. На пример, земја како што е Северна Македонија може да има релативно висока оценка за криминалитетот (5,31 во споредба со глобалниот просек од 4,88), но тоа делумно е компензирано со релативно висока оценка за отпорност (5,21 во споредба со глобалниот просек од 4,82).
Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина се соодветно рангирани на второто (зад Русија), четвртото и петтото место на ранг листата на криминалитет за цела Европа. Проблемите на Црна Гора се отежнети со релативно ниската оценка за отпорност од 4,46, додека пак, Босна и Херцеговина има една од најниските оценки за отпорност во цела Европа (3,92), а се наоѓа дури на 138-то место во светот во однос на отпорноста на организираниот криминал.
Нешто подобра е сликата за земјите од Југоисточна Европа кои се членки на Европската Унија. Словенија, Хрватска и Романија имаа релативно високи нивоа на отпорност, додека повеќето земји на ЕУ од регионот имаат релативно ниски нивоа на криминал. Бугарија е исклучок, со оцена за криминал од 5,43 што ја сместува на 10-то место во Европа.
Бидејќи Косово не е полноправна членка на Обединетите нации, не е официјално вклучено како дел од рангирањето на Индексот. Меѓутоа, земјата е подложена на ист обем на контрола и беше оценета за време на различните кругови за верификација што се основи на оваа алатка. Со ова, на Косово* му се додели оцена за криминалитет од 5,19 (најниско од WB6), како и релативно ниска оцена за отпорност од 4,42 (второ најниско, зад Босна и Херцеговина).
Глобален индекс на организиран криминал, ГИ-ТОК, https://ocindex.net
Иако Косово има воспоставено алтернативни канали за меѓународна соработка, фактот дека земјата не е официјално признаена ги ограничува достапните механизми за соработка за борба против организираниот криминал.
Индексот, исто така, им овозможува на корисниците да идентификуваат регионални карактеристики и трендови. На пример, на Балканот високите оцени за криминалитет се очигледни за криумчарење луѓе и трговија со хероин, при што обете имаат просек од 6,25 за WB6, што е значително над континенталниот просек од 4,73 и 4,41, додека оцените за трговија со канабис (5,91) и кокаин (5,66) се повисоки од европскиот просек за 0,81 и 0,84.
Едно од најзагрижувачките сознанија од Индексот е тоа што државните актери се најдоминантен тип на криминални чинители во светот. Степенот до кој криминалитетот проникнува низ државните институции варира од корупција на ниско ниво до заробување на државата, но низ спектарот ова вклучување има импликации за капацитетот на земјите да одговорат на организираниот криминал.
Додека овој ризик е релативно низок во западна Европа, просечната оцена на државните актери во централна и источна Европа достигна 6,76 (со највисока од 8 во Босна и Херцеговина и Србија). Ова е алармантно, бидејќи се утврди дека една од најсилните корелации што произлегуваат од Индексот е помеѓу присуството на криминалните актери во државата и слабата отпорност, што пак, сугерира дека овие актери можеби ги поткопуваат капацитетот и отпорноста на државата да спречува нелегални текови.
Иако Индексот го обезбедува првото глобално мерење на организираниот криминал, тој не е дизајниран да биде само компаративно истражувачко средство. Настојува да даде информации засновани на метрика коишто може да им овозможат на креаторите на политика, практичарите и другите чинители да бидат подобро информирани при развивање стратегии за борба против организираниот криминал во своите земји и/или региони. Се предвидува Индексот да се ажурира на секои две години.
За да го погледнете целосниот извештај и поединечните профили на земјите посетете ја веб-страницата ocindex.net.