Разбивање на митот за постоење на балкански картел.

Криминален картел е софистициран сојуз на повеќе криминални организации и ќелии што соработуваат подолго време под водство на неколку босови и шеф и имаат широки врски со други организирани криминалци на национално, регионално и меѓународно ниво. Медиумите и агенциите за спроведување на законот, вклучително и Европол, понекогаш посочуваат на постоење на „балкански картел“. Дали е тоа мит или пак, постои такво криминално здружување? И зошто е важно?1

Примарниот извор на приход за картелите е трговијата со дрога.2 Тие произведуваат, транспортираат и дистрибуираат нелегални дроги со помош на криминалните организации коишто се членови на картелот или пак, тесно соработуваат со него. Исто така, перат пари од трговија со дрога.

Историските примери ги вклучуваат картелот „Меделин“ под водство на Пабло Ескобар или отцепениот картел „Кали“, а обата се во Колумбија. Современите примери ги вклучуваат картелите „Синалоа“, Заливскиот картел или картелот „Хуарес“ во Мексико што вршат дистрибуција на дрога преку ќелиите во градовите низ Соединетите Држави кои или директно известуваат до лидерите во Мексико или индиректно преку посредници. Тие се составени од различни ќелии поделени на одредени функции и затоа обезбедуваат целосен синџир на бизниси со дрога – производство, транспорт, дистрибуција и перење пари.3

Оттаму, балканскиот картел би бил сојуз од криминални организации од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Романија и Србија (или барем од некои од овие земји) со цврста хиерархиска структура и истакнат лидер со криминален потфат, способен да произведува, транспортира и дистрибуира дрога, како и да пере пари. Се индицира дека ваков обединет картел не постои. Доколку постои, тој би бил моќна сила во светот на криминалот.

Достапните докази даваат нијансирана слика. Од една страна, криминалците од поранешна Југославија сè уште делуваат во своевидна „југосфера“ на криминал. Вообичаено, тие покажуваат својства на криминални мрежи вклучени во нелегална трговија на нешта, но немаат територијална контрола ниту пак некоја од дефинирачките карактеристики на мафијашките групи. Овие мрежи вообичаено се транснационални и соработуваат преку границите и етничките поделби. Навистина, изгледа дека криминалците на Балканот често соработуваат поефективно преку границите, отколку агенциите за спроведување на законот.

На Балканот постојат и мафијашки организации. Постојат четири дефинирачки, иако не исклучиви, карактеристики на мафијашка група: познато име, дефинирано (обично хиерархиско) водство, територијална контрола и препознатливо членство. Такви групи (често базирани околу клан) може да се најдат во делови од Албанија или локални жаришта на организиран криминал во делови од регионот. Тие обично се концентрирани во одреден град или регион и, иако можеби имаат соучесници во странство, ним им недостига транснационалниот досег на криминалните мрежи или картелите.

Од друга страна, иако може да се тврди дека неколку криминални мрежи од регионот имаат некои карактеристики на картели, не постои хомоген, обединет балкански картел под една централизирана командна и контролна структура. Навистина, постојат насилни ривалства помеѓу некои групи и организации, дури и кога се од иста земја, како што се клановите Кавач и Шкаљари од Црна гора или ривалските кланови во Албанија. Криминалците од Балканот се исто така ефикасни во работата со колеги надвор од регионот, на пример поврзувајќи се со добавувачи на кокаин во Латинска Америка или со дистрибутери во западна Европа. Накратко, повеќето организирани криминални групи во или од Балканот функционираат повеќе како криминални мрежи или, во локализирани ситуации, како мафијашки групи, наместо како картели.

Покрај проценката на вистинитоста на митот, зошто е важно да се утврди постоењето на балкански картел? Врз основа на искуството на Латинска Америка и Мексико, постоењето на таков картел може да претставува сериозен безбедносен ризик за земјите од регионот, вклучително и закана за државниот суверенитет и монопол на употребата на сила, предизвикувајќи високи стапки на смртоносно насилство и субверзија или дури и замена на одредени државни функции, како што се обезбедувањето безбедност, создавањето стабилна економија и контролата на некои клучни гранични премини.4 Тоа, исто така, може да има сериозно влијание врз безбедноста во земјите каде што работи картелот, на пример во Латинска Америка и западна Европа, како и врз рамнотежата на моќта (или пазарните ривалства) во нелегалните економии.

Потекло на митот

Ако балкански картел сам по себе не постои, тогаш од каде потекнува тој мит и зошто опстојува? Во осумдесеттите години на минатиот век, млади луѓе од тогашна Југославија беа активни во подземјето на некои западноевропски земји. Некои работеле во областите за сексуални задоволства (red light districts) како шверцери или трговци со луѓе, додека други ги заработувале парите од заштитни рекети, изнуда и трговија со дрога или како платени убијци.5 Тие биле познати, на пример, во Холандија како Југомафија или во Шведска како Juggemaffian.

Криминалните групи од Балканот станаа поорганизирани и понасилни за време на војните во Југославија и по нив, но не само поради своето искуство во борба и пристапот до оружје. Други уживаа одреден степен на заштита од криминалните економии развиени за да се избегнат санкциите. Иако развиваа фактор на страв, тие сè уште беа релативно мали оператори на европската сцена на криминал, активни претежно во трговија со хероин, оружје и луѓе.

Митот за балканскиот картел порасна со озлогласеноста на криминалната група што ја предводеше Дарко Шариќ, српски државјанин со црногорско потекло познат како „кралот на кокаинот“.6 Шариќ првпат го привлече интересот на властите во 2000 година кога српската полиција доби информации од колеги во странство за сомневање за перење пари.7 Италијанската полиција во 2007 година започна со истрага за Шариќ и други српски и црногорски криминални кланови кои го преземаа пазарот на кокаин од калабриската мафија „Ндрангета“.8 Во октомври 2009 година, повеќе од два тони кокаин беа запленети на луксузна јахта во близина на Монтевидео, Уругвај, во операцијата „Балкански воин“. Беа уапсени две лица, еден Уругваец и еден Хрват.9 „Балкански воин“ беше опишана како операција што го спречи создавањето на балкански картел.10

До одреден степен, употребата на изразот „балкански картел“ е сензационалистичко известување, засновано на ограничено знаење и за организираниот криминал и за регионот. Поимот „картел“ се користи како стенографија за криминалните групи, додека „Балканот“ е прикажан како монолит на криминални актери од источна Европа. Заедно, изразот имплицира високо организирана панрегионална криминална група. Иако се чини дека таков картел не постои, сепак постојат доволно актери кои или настојуваат да го овековечат митот или чии операции укажуваат на одреден степен на транснационална соработка.

На пример, во 2015 година, американските власти го класифицираа Насер Кељменди како главен наркобос и водач на криминално семејство на Балканот, со мрежа на соработници низ целиот регион (особено во Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија) и западна Европа. Криминалната организација на Кељменди беше обвинета за трговија со дрога и перење пари, па дури и Белата куќа ја санкционираше според американскиот Закон за контрола на странски дроги (Кингпин) во 2012 г.11 Во 2018 година, тој беше прогласен за виновен за водење на операција за наркотици, но подоцна беше ослободен додека го чекаше повторното судење.12

На другата страна на светот, во 2015 година, балканските криминалци беа означени како најголема закана за безбедноста во Австралија. Водечките играчи беа познати како гангстери на Кинг Крос и тие го контролираа шверцот на дрога до австралиските пристаништа.13 Наводниот лидер, Васо Улиќ14 медиумите го нарекоа новиот Пабло Ескобар. Улиќ во 2019 година во Црна Гора призна дека организирал клан за меѓународна трговија со дрога.15

Но, оваа титула не му беше доделена само на Улиќ. Подвизите на Клемент Балили од Албанија, исто така, беа прикажани како балкански картел, а – надополнувајќи го митот – Балили беше означен и како „Балканскиот Ескобар“.16 Во мај 2016 година, грчката полиција уапси 15 членови на криминална мрежа која шверцувала канабис од Албанија во Грција и Европа, финансирана и управувана од Балили, кој тогаш бил директор на транспортот во Саранда, Албанија. На крајот тој добил отказ и бил издаден налог за негово апсење. Тој беше во бегство до јануари 2019 година, кога ѝ се предаде на полицијата,17 исто како и Шариќ.18

Друг пример за балкански крал е шефот Един Гачанин, водач на картелот „Тито и Дино“. Познато е дека неговата група е голем играч во шверцот на кокаин од Јужна Америка во Холандија.19 Српските безбедносни служби веруваат дека картелот „Тито и Дино“ го презел бизнисот со кокаин од „Груп Америка“ во 2016 година по апсењето на еден од нивните главни членови, Зоран Јакшиќ.20

Фактот дека постојат неколку големи играчи во или од регионот, посочува дека има голем број групи, но не и обединет картел. Се проценува дека само во Шпанија постојат 100 организирани криминални групи од Балканот.21

А сепак, Европол го користи изразот „балкански картел“, што го опишува како мрежа на организиран криминал. Се спроведоа неколку операции како дел од пошироката европска стратегија против таканаречениот балкански картел.22 Шверцот на кокаин од Колумбија, Еквадор и Панама до Европа и Азија е водечки бизнис за балканските криминалци, но тие се вклучени и во трговија со оружје. Членови на балканскиот картел, според овие операции, се главно криминалци од Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија и Босна и Херцеговина.

Митот се засилува секогаш кога ќе се урне мултинационална криминална група. На пример, 48 лица кои неодамна беа уапсени во Словенија, наводно, биле дел од ќелија на црногорска криминална група. Според кривичната пријава што ја поднесе полицијата, 20 од нив се државјани на Словенија, 11 се од Србија, девет се од Босна и Херцеговина, пет се од Хрватска, двајца се од Црна Гора и еден е од Северна Македонија. Ваквите примери покажуваат дека постојат мултиетнички мрежи или синдикати од Балканот или, пак, ќелии поврзани со насилен клан, но тие не претставуваат доказ за постоење на балкански картел.

Пипала без глава

Несомнено, криминалните организации од Западен Балкан соработуваат меѓу себе. Некои шверцуваат големи количества кокаин од Јужна Америка во Европа, Северна Америка, Африка и Азија. Друга група е мрежата крадци на скапоцени камења на „Пинк Пантери“. Составот на некои од овие групи е мултиетнички, составен од луѓе од поранешна Југославија. А соработката е олеснета бидејќи го разбираат јазикот на другите, а имаат и културни сличности. Истата логика важи и за соработката помеѓу групите што говорат албански јазик. Некои групи од Западен Балкан соработуваат и со криминални организации од остатокот на Југоисточна Европа како Бугарија, Хрватска, Грција, Романија и Словенија.

Референци за „балканскиот картел“ во написите на медиумите и изјавите за спроведување на законот.

Референци за „балканскиот картел“ во написите на медиумите и изјавите за спроведување на законот.

Меѓутоа, овие балкански групи соработуваат и со групи надвор од регионот, на пример во Западна Европа и Латинска Америка Навистина, некои балкански криминалци се чини дека се клучни членови на групи кои личат на картели, каква што е мултинационалната мрежа „Компанио Бело“ која беше разбиена во септември 2020 година.23 Оваа група, којашто главно говори албански јазик, организираше големи пратки на кокаин од Латинска Америка во западна Европа.24 Во октомври 2021 година, кога беше уапсен лидерот на моќниот колумбиски „заливски картел“ (Clan del Golfo), беше објавено дека неговата група имала врски со голем број други криминални мрежи, вклучително и од Балканот.25 Според тоа, изгледа дека сличната етничка припадност или јазик не се предуслов за соработка, но не се ниту гаранција за соработка; како што е наведено, понекогаш има насилна конкуренција помеѓу групи од регионот, па дури и ако се од истата земја.

Како што забележа InSight Crime, „во денешното сè пофлуидно подземје ниту една од овие групи нема капацитет самостојно да ги води патиштата на кокаин од производство до малопродажба. Наместо тоа, тие постојано формираат и распуштаат мрежи и сојузи со различни актери од целиот свет“.26 Накратко, додека постои јасна меѓуетничка соработка помеѓу криминалните групи од Балканот, а пипалата на овие групи се протегаат низ целиот свет, рацете не се ниту поврзани со заедничко тело ниту пак ги координира главен ум.

Забелешки

  1. Овој напис се базира на Saša Đorđević, Balkanski kartel – razbijanje mita: Braća po narkoticima, Vreme, 14 октомври 2021 г., https://www.vreme.com/cms/view.php?id=1972245

  2. Carlo DeVito, The Encyclopedia of International Organized Crime. Facts On File Crime Library, Checkmark Books, 2005. 

  3. Администрација за сузбивање на дрога, Национална процена на опасности од дрога 2020 г., Министерство за правда на САД, март 2021 г., www.dea.gov/sites/default/files/2021-02/DIR-008-21%202020%20National%20Drug%20Threat%20Assessment_WEB.pdf

  4. Роберт Џ. Бункер и Џон П. Саливан, еволуција на картелот: Потенцијали и последици, Транснационален организиран криминал, 1998, 4, 2, 55-74. 

  5. ГИ-ТОК, Оружје за бандите во Шведска: балканската врска, Билтен на ризици 4, јануари-февруари 2021 г., globalinitiative.net/wp-content/uploads/2021/01/WEB_WB-RB-04.pdf

  6. Бојана Јовановиќ и Стеван Дојчиновиќ, случај Шариќ: од меѓународна истрага до втора пресуда, КРИК, 5 декември 2018 г., www.krik.rs/en/saric-case-international-investigation-second-judgement

  7. Utisak nedelje, B92, 14 февруари 2010 г., youtu.be/cLBCiaZwDBE

  8. Enco Manjini, Italijanska veza Darka Šarića, Vreme, 25 ноември 2010 г., www.vreme.com/cms/view.php?id=963550

  9. Бојана Јовановиќ и Стеван Дојчиновиќ, Случај Шариќ: од меѓународна истрага до втора пресуда, КРИК, 5 декември 2018 г., www.krik.rs/en/saric-case-international-investigation-second-judgement

  10. Ѓорѓе Одавиќ и Ратко Фемиќ, Српското биро го победи „балканскиот картел“, Нови Магазин, 17 февруари 2012 г., novimagazin.rs/english/11741-serbian-bureau-victorious-over-balkan-cartel

  11. Мрежата на трезорски санкции на Насер Кељменди, U.S. Оддел за финансии, 24 март 2015 г., www.treasury.gov/press-center/press-releases/Pages/jl10007.aspx

  12. Labinot Leposhtica and Die Morina, Kosovo Court Jails Kelmendi For Drugs Running, BalkanInsight, 1 февруари 2018 г., balkaninsight.com/2018/02/01/naser-kelmendi-verdict-02-01-2018/; Naser Kelmendi released from prison, Radio Televizija Crne Gore, 3 August 2018, www.rtcg.me/english/balkans/210833/naser-kelmendi-released-from-prison.html

  13. Charles Miranda, Aussies running drug cartel, Townsville Bulletin, 1 јуни 2015 г.; Charles Miranda, Balkan link in drug web, Gold Coast Bulletin, 1 јуни 2015 г. 

  14. Dimitrije Jovićević, Vaso Ulić, ‘crnogorski Escobar’?, Радио Слободна Европа, 30 август 2017 г., www.slobodnaevropa.org/a/crna-gora-vaso-ulic/28705187.html

  15. Milica Vojinović, Vasu Uliću dve godine zatvora za organizovanje međunarodnog šverca droge, КРИК, 1 октомври 2019 г., www.krik.rs/vasu-ulicu-dve-godine-zatvora-za-organizovanje-medjunarodnog-sverca-droge/

  16. «Πολιτικοί προστατεύουν» το βαρόνο του καρτέλ των Βαλκανίων, CNN Greece, 11 март 2016 г., www.cnn.gr/ellada/story/31784/politikoi-prostateyoyn-to-varono-toy-kartel-ton-valkanion

  17. Обвинетиот албански нарко бос ѝ се предаде на полицијата, Ројтерс, 15 јануари 2019 г., www.reuters.com/article/us-albania-crime-surrender-idUSKCN1P924Q

  18. Марија Ристиќ, Душица Томовиќ и Бојана Барловац, наводниот балкански наркобос Дарко Шариќ се предава, BalkanInsight, 18 март 2014 г., balkaninsight.com/2014/03/18/alleged-drug-boss-saric-arrested/

  19. Avdo Avdić, Povezani sa italijanskom i južnoameričkom mafijom: Bosanski kartel Tito i Dino kontrolira narko tržište u Evropi, Žurnal, 1 август 2019 г., zurnal.info/novost/22296/bosanski-kartel-tito-i-dino-kontrolira-narko-trziste-u-evropi

  20. Tamra Marković Subota, Ko je kralj kokaina? Čovek koji je video Tita, Ekspres, 1 јануари 2020 г., www.ekspres.net/hronika/ko-je-kralj-kokaina-covek-koji-je-video-tita

  21. Патриша Ортега Долц, Балканските мафии кои ја користат својата моќ во Шпанија, Ел Паис, 3 септември 2020 г., english.elpais.com/spanish_news/2020-09-03/the-balkans-mafias-wielding-their-power-in-spain.html

  22. Европол, 100 килограми кокаин и 150 килограми марихуана запленети во голема меѓународна операција за разбивање на балканскиот картел, 8 март 2018 г., www.europol.europa.eu/newsroom/news/100kg-of-cocaine-and-150kg-of-marijuana-seized-in-major-international-operation-dismantling-balkan-cartel; Европол, координиран удар против две големи операции со оружје во Европа, 19 јуни 2018 г., www.europol.europa.eu/newsroom/news/coordinated-hit-against-two-big-gun-running-operations-in-europe; Европол, Разбиен балкански картел кој шверцува кокаин низ целиот свет со приватни авиони, 23 јули 2019 г., www.europol.europa.eu/newsroom/news/balkan-cartel-trafficking-cocaine-around-globe-in-private-planes-busted; Европол, Разбиен балкански картел за кокаин во Црна Гора, 11 март 2020 г., www.europol.europa.eu/newsroom/news/balkan-cocaine-cartel-taken-down-in-montenegro; Европол, Над 60 обвинети за репресии на балканскиот картел зад нафтоводот за кокаин во Европа, 27 септември 2021 г., www.europol.europa.eu/newsroom/news/over-60-charged-in-crackdown-balkan-cartel-behind-cocaine-pipeline-to-europe

  23. Џорџина Бами, Операцијата на Интерпол го разби најголемиот албански синџир за шверц на дрога, BalkanInsight, 17 септември 2020 г., balkaninsight.com/2020/09/17/interpol-operation-busts-top-ethnic-albanian-drug-smuggling-ring

  24. Евроџаст, Заедничкиот истражен тим води до демонтирање на една од најактивните европски мрежи на албанското говорно подрачје кои шверцуваат кокаин во Европа, 17 септември 2020 г., www.eurojust.europa.eu/joint-investigation-team-leads-dismantling-one-europes-most-active-albanian-speaking-networks

  25. Hervé Bar, Narcotrafic: le Clan del Golfo, meilleur ami des mafias, TV5 monde, 3 ноември 2021 г., https://information.tv5monde.com/info/narcotrafic-le-clan-del-golfo-meilleur-ami-des-mafias-431023

  26. Maria Fernanda Ramírez, Кокаин – криминалниот стероид, InSight Crime, 9 февруари 2021 г., insightcrime.org/investigations/cocaine-criminal-steroid