Community Building Mitrovica (Градење заедница Митровица): Отворена врата за младите.
Фотографии: Community Building Mitrovica
Community Building Mitrovica (CBM) е граѓанска организација со седиште во Митровица, Косово. Повеќе од 20 години по војната, градот е и понатаму поделен, со косовско-албанска заедница лоцирана во јужниот дел од градот и косовско-српска заедница во северниот дел, одделени со реката Ибар. И понатаму има тензии и владеењето на право е слабо. Како резултат, регионот продолжува да има репутација на засолниште за организиран криминал.
Генти Барамај и Афердита Силај Шеху зборуваат за работата што ја презема нивната организација, некои од предизвиците со кои се соочуваат и како активностите на CBM помагаат за да се зголеми отпорноста кон организираниот криминал во оваа тешка средина.
Кога и зошто е основана CBM и што работи организацијата?
Пред дваесет години, CBM започна како меѓународен мировен проект за помирување во заедницата, финансиран од Меѓуцрковниот мировен совет. Во 2003 година, CBM беше регистрирана како локална невладина организација со цел да ги зближи различните заедници и да воспостави дијалог помеѓу српската и албанската заедница. Ова беше особено важно со оглед на тоа што, од крајот на војната на Косово во 1999 година, наизменичното затворање на мостот на реката Ибар, како и насилните напади врз оние што го преминувале, доведоа до де факто раздвојување на двете заедници. Мостот стана симбол на разделба наместо врска, и голем број луѓе од двете страни сè уште не сакаат да го преминат.
Денес, CBM претставува една од најголемите организации од граѓанското општество во регионот, со околу 15 вработени. Бидејќи јазот меѓу српската и албанската заедница е и понатаму голем, ние работиме на неколку проекти креирани за да ги намалат меѓуетничките тензии и поделби во рамките на политичкиот систем, ниското ниво на вработување (особено кај младите) и локалните трендови на организиран криминал. CBM не работи само во градот Митровица, туку го покрива целиот регион на Северно Косово. Ние исто така спроведуваме активности и во други делови на Косово и низ Западен Балкан.
Ние често работиме со деца во локалните средни и основни училишта со цел да се фокусираме на превенцијата. Ние се обидуваме да ги одвратиме овие млади луѓе од негативните влијанија и работиме со нив на прашања што влијаат на нивниот секојдневен живот преку граѓанско образование. Ние исто така им носиме примерни луѓе за да разговараат за можните предизвици. Накратко, се обидуваме да им покажеме дека постои и друг начин на однесување.
CBM е исто така отворена врата за младите, за што и да им треба. Ние ги поддржуваме нивните идеи во заедницата, организираме сесии за обука помеѓу колеги и работилници за тоа како да препознаеме ранливост и потоа се обидуваме да ги вклучиме младите во нашите активности. По 20 години работа, почнуваме да ги гледаме плодовите на нашата работа. Децата кои учествуваа на нашата обука пред години, сега се активисти или градители на мирот – тие се успешни луѓе кои работат за добро на општеството.
Фотографија: © Community Building Mitrovica
Кои се главните предизвици за граѓанските организации во регион каде што толку се вкоренети етничките поделби и организираниот криминал?
Еден од нашите главни предизвици е да останеме фокусирани, особено на прашања коишто ги засегаат младите. Друг предизвик е да бидеме прифатени. Заради поларизираната етничка ситуација тука, постојат различни перспективи. Во зависност од тоа со кого разговарате, некои луѓе мислат дека сме српска организација, други дека сме албанска. Клучниот фактор за нас е да изградиме доверба и да ангажираме луѓе од двете заедници. На пример, до неодамна, институциите во подрачјата со српско мнозинство не работеа со невладини организации регистрирани во Косово. Но, CBM успеа да воспостави канал за комуникација со нив и сега спроведува проекти и активности заедно со претставници на овие заедници.
Како младите гледаат и ја доживуваат поделбата во регионот на Митровица?
Поради недостаток на контакт и дијалог помеѓу заедниците, постојат многу стереотипи и предрасуди, вклучително и меѓу младите кои пораснале во средина каде што се научени да не веруваат едни на други. Но, кога ќе ги поврземе во CBM, работите се менуваат.
Се фокусираме на тема од заеднички интерес наместо да ги принудуваме на соработка. Тогаш тие почнуваат да комуницираат и да работат заедно. Да именувам само еден пример: добри пријателства беа создадени преку „рок школата“ на CBM Митровица и сега има неколку бендови со етнички мешани млади луѓе кои заедно музицираат.
За промена е потребно време, но секојдневно ги гледаме резултатите. Може да видите многу луѓе како го преминуваат новиот мост преку реката Ибар. Од договорот меѓу Србија и Косово од 2013 година, што вклучуваше интеграција на заедниците со српско мнозинство во косовскиот систем, работите значително се променија. Се чини дека градот е политички постабилен и бизнисите исто така почнаа да инвестираат. Фактот дека тие инвестираат во Митровица ни дава надеж дека нема да има нов конфликт и затоа луѓето повеќе комуницираат и се чувствуваат побезбедно.
Како се перципира организираниот криминал и какво е неговото влијание во вашата заедница?
Организираниот криминал не е клучен фактор на загриженост меѓу локалната младина и многумина сметаат дека не влијае директно врз нив. Исто така, има многу дезинформации или недостаток на знаење за организираниот криминал. На пример, за време на нашите активности организирани со поддршка на Фондот за отпорност на ГИ-ТОК,1 учесниците сметаа дека нема многу трговија со луѓе во заедницата и нагласија дека овој феномен не се одвива локално.
Но, ние всушност гледаме знаци на трговија со луѓе во нашиот секојдневен живот овде, во Митровица. Се случува насекаде околу нас: во близина на автобуските постојки и училиштата. Иако младите знаат дека сексуалната експлоатација е кривично дело, тие честопати не ја гледаат поврзаноста и не знаат како да се справат. Затоа е многу важно да се подигне свеста околу овие прашања.
Споменавте дека институциите исто така не сакаат да зборуваат за организиран криминал. Дали оваа тема генерално е табу тема?
Луѓето честопати не се свесни за тоа што е организиран криминал и како тој влијае на животот во заедницата. Луѓето не знаат многу за темата и затоа не се дискутира. Ниту еден со кој разговаравме во последните проекти не можеше да дефинира што е организиран криминал.
Но, луѓето исто така се плашат поотворено да зборуваат на оваа тема. Неодамна беше забележан случајот со локално кафуле каде што се претпоставувало дека жени се експлоатираат за сексуална работа. Набргу по објавувањето на веста во медиумите, сопственикот на установата му се закануваше на новинарот.
Во оваа смисла, еден од најголемите проблеми е гонењето. Разговаравме со полицајци кои ни рекоа дека водат истраги, поднесуваат докази и фаќаат криминалци, за на крај судот да одлучи да го ослободи лицето по само еден месец, па дури и по 24 часа.
Ова е уште една причина зошто луѓето се плашат да зборуваат за тоа, бидејќи постои страв дека откако криминалците ќе излезат од затвор, тие ќе се одмаздат и нема каде да одите и да го решите вашиот проблем.
Дополнително, ниту институциите ниту полицијата не знаат какви информации можат или треба да споделат. Тие не се соодветно обучени за такви видови проблеми. Информации што не треба да се откриваат се ставаат во извештаите и се откриваат идентитетите на сведоците. Ова е причината зошто луѓето честопати не сакаат да се обратат до полицијата за да разговараат за овие прашања.
Како се осврнувате на темата организиран криминал во вашите активности?
Минатата година организиравме проект околу проблемите со трговија со луѓе, наречен „Твоја приказна, моја приказна“, поддржан од Фондот за отпорност. За само три месеци, организиравме кампања за подигнување на свеста преку интернет и планиравме две сесии за обука, работилници, тркалезни маси и вебинари.
Една навистина загрижувачка забелешка беше што многу од институциите што ги поканивме да учествуваат не беа сигурни кои се нивните одговорности и применливите закони на темата организиран криминал. Во текот на целиот проект, бевме во постојан контакт со сите овие институции, прво обидувајќи се да откриеме што тие веќе прават, а потоа како подобро да ги организираме активностите. Ова беше предизвик, особено за време на пандемијата на КОВИД-19, но исто така беше и многу позитивно искуство да се работи со нив.
Постојат многу недостатоци во законите и простор за толкување што треба да се подобрат. А присутно е и занемарување на обврските. Но, и покрај тоа, овие експерти беа подготвени да учат и да се подобруваат. Мислам дека овој проект ги постави темелите на нешто важно и од витално значење е да продолжи и да се развива оваа соработка.
Како ги мотивирате младите да учествуваат во вакви активности?
За време на проектот за трговија со луѓе, бевме изненадени од големиот интерес на младите, особено за обуката што ја дизајниравме. Имаше и искрен интерес од претставниците на институциите со кои работевме. Всушност, овој проект беше прв пат претставници од полицијата, обвинителството, Министерството за внатрешни работи, граѓанските организации и студентите да се соберат да разговараат на оваа тема.
Вкупно, учествуваа околу 60 лица и сите учесници беа исклучително ангажирани. И за три месеци колку што траеше проектот, допревме до речиси половина милион луѓе со нашата кампања преку социјалните медиуми. Нашите веб-работилници имаа учесници од други места, вклучително и од Албанија и Северна Македонија. Тие споделуваа искуства од нивните земји и можевме да ги споредиме со она што ние го работиме овде.
Кои се вашите следни чекори?
Ние дефинитивно сакаме да продолжиме да работиме на прашањето на организиран криминал и да го решиме проблемот со трговија со луѓе. Особено, би сакале да се фокусираме на институциите и да се обидеме да изградиме мостови меѓу нив, бидејќи сè уште нема соодветна комуникација или доволно свесност за нивните одговорности. Од голема важност е да ги поттикнеме повеќе да соработуваат.
Ние исто така би сакале да продолжиме да работиме со младите за да ја подигнеме свеста, бидејќи нема доволно знаење за трговија со луѓе. Навистина е важно луѓето да знаат дека ова е кривично дело и што е всушност трговија со луѓе, така што сите можеме да придонесеме да се создадат поголеми промени. По извесно време работа на терен, може да создадеме основно (grassroot) движење.
Забелешки
-
За повеќе информации за Фондот за отпорност на ГИ-ТОК, видете https://resiliencefund.globalinitiative.net. ↩