Криминални групи од земјите во Западен Балкан во Грција.

На 29 јануари 2021 година, грчката полиција во пристанишниот град Солун уапсила човек кој товарел црни торби во автомобил. Во торбите и во стан во близина полицијата пронашла 324 килограми чист кокаин,1 за кој се сомнева дека потекнува од Латинска Америка.2 Грк, Албанец со грчко потекло и хрватски државјанин биле уапсени на самото место, додека четврти маж од Хрватска успеал да избега. Ова е само најновиот инцидент од голем број случаи што ги поврзуваат криминалните групи со потекло ос Западен Балкан со организираниот криминал во Грција.

Се чини дека Грција е пристапна точка за транспортот на кокаин што влегува во Европа.3 Заплената на кокаин во Солун наводно е поврзана со случај што бил откриен во Атина во ноември 2020 година, кога грчките полицајци заплениле 254 килограми кокаин. Се верува дека кокаинот пристигнал во пристаништето во Пиреја од Еквадор, скриен во контејнер со банани.4

Некои од случаите во Грција што се поврзани со криминални групи со потекло од Западен Балкан се поврзани со војната меѓу бандите на клановите Шкаљари и Кавач, кои потекнуваат од црногорскиот град Котор. На пример, на 19 јануари 2020 година, двајца Црногорци биле застрелани од четворица маскирани вооружени лица пред нивните семејства додека вечерале во таверна во Вари, Атина. Двете жртви, Игор Дедовиќ и Стеван Стаматовиќ, двајцата на возраст од 43 години, наводно биле членови на кланот Шкаљари.5 Тие имале активни меѓународни потерници во врска со формирање криминална организација, обид за убиство и кршење на законите за оружје и експлозиви.

Грчкиот дневен весник „Катимерини“ објавил6 дека двојното убиство во атинската таверна може да било поврзано со рекордна заплена во Филаделфија во јуни 2019 година кога 20 тони кокаин биле откриени на брод со контејнери под знамето на Либерија.7 „Катимерини“, повикувајќи се на неименувани полициски извори, објавил дека Дедовиќ бил наводно одговорен за загубата на товарот во САД и дека бил убиен во Атина за казна. Двојното убиство во стилот на мафијата во Атина останува неразјаснето.

Дедовиќ, наводно, бил водачот на кланот Шкаљари, заедно со Јован Вукотиќ, Црногорец, поврзан со товар од кокаин тежок 136 килограми, откриен од грчките власти во стан во јужното атинско предградие Варкиза во 2017 година. Иако грчките власти издале меѓународна потерница за Дедовиќ, откако бил уапсен во Анталија, Турција,8 во септември 2018 година тој бил екстрадиран во Србија, наместо во Грција, каде се барал и за претходни прекршоци.

Грчката полиција тврди дека 136 килограми кокаин во Варкиза се веројатно поврзани со друга заплена н а 27 килограми во Превеза, западна Грција, во март 2018 година. Двајца Срби и двајца Италијанци биле уапсени за трговија со дрога во врска со заплената во Превеза. Органите за спроведување на законот за дрога сметаат дека кокаинот во Варкиза и Превеза бил од истата пратка, заради врежан печат на сите пакувања во форма на глава на бик.9

Војната на которските кланови довела до уште еден крвав инцидент во Грција. Во јули 2020 година, Црногорец и Србин биле убиени на островот Крф. Алан Кожар и Дамир Хаџиќ, двајцата наводно блиски со кланот Шкаљари, биле застрелани во дожд од куршуми додека седеле во автомобил пред вила од одморалиште. Двајцата биле барани од црногорската и српската полиција за наводна вмешаност во убиство и обид за убиство.10 Фактот дека тие биле во Грција сугерира дека криминалците со потекло од Западен Балкан ја сметаат земјата, со нејзините многубројни острови, за безбедно место за засолнување. И ова двојно убиство останува неразјаснето.

Грција обезбедува корисна влезна порта за криминалните групи со потекло од Западен Балкан да шверцуваат кокаин, бидејќи има многу повеќе пристаништа отколку на Јадранот. Навистина, Грција има 15 пристаништа за контејнери и уште 15 пристаништа коишто имаат кејови за пловни објекти со должина од околу 20 метри. Додека вниманието е насочено кон Бар и Драч, криминалните групи со потекло од Западен Балкан можат да ги префрлаат своите товари низ грчките пристаништа, а потоа со камиони низ регионот и во Западна Европа.

На пример, во јануари 2020 година полицијата запленила 1,2 тони кокаин во пристаништето Астакос, западна Грција.11 Полицијата уапсила осум наводни членови на меѓународна група за трговија со дрога, вклучително и албански, молдавски и холандски државјани. Албанец со прекар „Доктор“, кој наводно живее во Шпанија, се смета дека е водачот на бандата за шверц на кокаин.12 Во рациите на станбени објекти во Атина, запленети се автоматска пушка АК-47, три пиштоли и 233. 000 € во готовина. Двајца тајни полицајци биле инфилтрирани во бандата,13 преправајќи се дека се морнари 16 месеци и ја следеле рутата на пратките.

Канабис сокриен во пештера во близина на грчкиот остров Алонисос, септември 2019 година.

Канабис сокриен во пештера во близина на грчкиот остров Алонисос, септември 2019 година.

Фотографија: Грчка полиција

Во други случаи, кокаинот од Латинска Америка се префрла преку Грција во Западен Балкан. Во ноември 2020 година, на пристаништето Пиреј, грчките власти заплениле 137 килограми кокаин во четири контејнери со банани, што потекнувале од Еквадор и биле наменети за транспорт во Драч.14 Грчките власти го замениле товарот со ориз и, во соработка со нивните албански колеги, извршиле контролирана испорака што довело до три апсења во Драч, вклучувајќи и на вработен во пристаништето.

Во последните три децении, Грција е важна транзитна рута за трговија со канабис од Албанија. Се смета дека границата меѓу Грција и Албанија е најголемата копнена рута за трговија со канабис во Европа. Во 2020 година, грчката полиција запленила 1,5 тони канабис. Во претходните две години, запленила речиси девет тони.15 Канабисот се префрла пеш или со мазга од страна на Албанци кои живеат во пограничните села. Тие ја кријат дрогата во близина на одредени места каде што членовите на грчката мрежа потоа ја собираат. Килограм канабис чини околу 1. 000 € на големо во Албанија, но нарко босовите во Грција плаќаат двојно повеќе.

Албанските криминални групи шверцуваат и канабис со бродови, како до Грција, така и преку грчките води до Турција. Во септември 2019 година, органите на грчката крајбрежна стража откриле 1,1 тон канабис во пештера на островот Пипери, во близина на островот Алонисос. Акцијата ја започна крајбрежната стража по апсењето на албански државјанин со глисер крај островот Агистри, близу Атина, под обвинение за пренесување на дрога од Албанија во Турција. Други тројца албански државјани биле уапсени под истите обвиненија откако нивниот глисер, во кој наводно имало дрога, бил пресретнат по брканица со голема брзина јужно од источниот егејски остров Лезбос. Изгледа дека ова е дел од растечки тренд. Грчката полиција тврди дека албански глисери со голем капацитет го преминуваат Егејското Море пренесувајќи големи количини канабис во Турција и се враќаат натоварени со хероин.16 Ова сугерира дека сега постои поморска „балканска рута“ на шверц на албански канабис во Турција во замена за хероин.

Озлогласен случај се одвивал во јануари 2019 година кога еден од најбараните шверцери на дрога на Балканот, Клемент Балили, се предал на албанската полиција. Тој, наводно, бил главниот водач зад транспортот на 678 килограми канабис наменет за Северна Европа, кој бил конфискуван во мај 2016 година на грчкиот остров Закинтос. Според извештаите на медиумите, неговата мрежа испорачувала тони канабис низ Европа од Албанија до Грција и Западна Европа, користејќи мрежа лажни транспортни компании. Балили, исто така познат како „Кели“ меѓу грчките службеници за спроведување на законот за борба против дрогата, работел како Директор за транспорт во Саранда, Албанија. Тој наводно имал блиски врски со високи државни функционери.17 Во октомври 2019 година, Балили бил осуден на казна затвор од 10 години за трговија со дрога во Грција и сè уште е во затвор.18

Глисер со дрога пресретнат во близина на грчкиот брег. Растечки тренд во регионот вклучува албански државјани кои шверцуваат дрога преку Егејското Море.
Глисер со дрога пресретнат во близина на грчкиот брег. Растечки тренд во регионот вклучува албански државјани кои шверцуваат дрога преку Егејското Море.

Глисер со дрога пресретнат во близина на грчкиот брег. Растечки тренд во регионот вклучува албански државјани кои шверцуваат дрога преку Егејското Море.

Фотографии: Грчка крајбрежна стража

Други озлогласени албански криминалци неодамна се појавиле во Грција. На 29 јануари 2021 година, полициски службеници кои вршеле случајни проверки на почитувањето мерки против ширење на пандемијата, сопреле возило џип во градот Ламија, централна Грција. Меѓу патниците бил и Алкет Ризај, Албанец осуден за убиство, кој бил на петдневно отсуство од затвор. Ризај станал најпознатиот албански осуденик во Грција откако двапати избегал од високо-безбедносниот затвор во Атина, во 2006 и 2009 година, со хеликоптер заедно со Василис Палеокостас, најбараниот човек во Грција.19

Грција е исто така клучен центар за криумчарење мигранти во Западен Балкан. Граничниот регион помеѓу Грција и Северна Македонија е добро позната рута од 2015 година. Со заострувањето на граничната контрола, повеќе мигранти се обидуваат да поминат во Албанија.

Додека некои шверцери помагаат во преминувањето преку границата, други се дел од поорганизираните мрежи што превезуваат мигранти во Западна Европа. На пример, на 3 јануари 2020 година, 33-годишен Албанец бил уапсен додека влегувал во Грција преку граничниот премин Капштица—Смрдеш врз основа на европска потерница издадена од белгиските власти. Тој бил гонет како член на меѓународна банда за трговија со луѓе чии водачи биле уапсени кон крајот на 2019 година во Лондон и Брисел.20 Тој ги негирал сите обвиненија.

Според судските документи испратени до грчките власти, околу 28 шверцерски патувања биле извршени помеѓу декември 2018 година и март 2019 година.21 Нејасно е колку луѓе биле прошверцувани во Велика Британија во тој период. Мигрантите патувале до Белгија со авион. Откако престојувале неколку дена во куќи или евтини хотели околу Гент, тие влегле во Велика Британија преку Ла Манш, скриени во товарни камиони под задушувачки услови. Секој мигрант во просек платил 15. 000 €. Во списите на случајот се разговори прислушувани од полицијата во кои се слушаат осомничени лица дека кои кажуваат дека им давале апчиња за спиење на шверцувани деца за да бидат мирни додека се скриени во камионите.

Како заклучок, насилните инциденти, апсењата и запленувањето на дрога покажуваат до кој степен криминалните групи од Западе Балкан се големи играчи во грчкото подземје. Ова е уште еден пример за тоа како се шират транснационалните пипала на криминалот од Западен Балкан низ целиот свет.

Забелешки

  1. Грчка полиција, Περισσότερα από 300 κιλά καθαρής κοκαΐνης κατάσχεσαν αστυνομικοί της Διεύθυνσης Ασφάλειας Θεσσαλονίκης σε συνεργασία με το γραφείο D.E.A. Αθηνώνhttp, Изјава за печат, 30 јануари 2021 година, http://www.astynomia.gr/index.php?option=ozo_content&lang=%27..%27&perform=view&id=100060&Itemid=2582&lang=

  2. Στην ανακρίτρια οι τρεις συλληφθέντες για τα 324 κιλά κοκαΐνης, Amna News, 30 јануари 2021 година, https://www.amna.gr/macedonia/article/524667/Stin-anakritria-oi-treis-sullifthentes-gia-ta-324-kila-kokainis

  3. Џереми МекДермот и др., Цевководот за кокаин кон Европа, Глобална иницијатива против транснационален организиран криминал и InSight Crime, февруари 2021, https://globalinitiative.net/wp-content/uploads/2021/02/The-cocaine-pipeline-to-Europe-GI-TOCInsightCrime.pdf

  4. Τα 254 Κιλά Καθαρής Κοκαΐνης Από το Εκουαδόρ που Κατέληξαν στο Κουκάκι, Vice, 20 ноември 2020 година, https://www.vice.com/el/article/qjpk47/ta-254-kila-ka8arhs-kokainhs-apo-to-ekoyador-poy-katelh3an-sto-koykaki

  5. Јанис Сулиотис, Луѓето убиени во Вари, барани во Црна Гора, Катимерини, 21 јануари 2020 година, https://www.ekathimerini.com/news/248658/men-gunned-down-in-vari-wanted-in-montenegro

  6. Јанис Сулиотис, Το φονικό στη Βάρη και οι 20 τόνοι κοκαΐνης, Kathimerini, 26 јануари 2020 година, https://www.kathimerini.gr/investigations/1061899/to-foniko-sti-vari-kai-oi-20-tonoi-koka-nis/?fbclid=IwAR37VlEqQELLiqlQ6VYJzPFYqQiOFCBcaY7LrqLis_Xqs02gaBYVzJQ5wEA&PageSpeed=noscript

  7. Холи Силверман, Рекордна заплена на кокаин на терминал во Филаделфија од речиси 20 тони - или 39.525 фунти, CNN, 27 јуни 2019, https://edition.cnn.com/2019/06/26/us/philadelphia-cocaine-bust-weight-tally/index.html

  8. Водач на мафијашки клан, баран во Србија, прободен во Анталија, Турција, Daily Sabah, 12 септември 2018 година, https://www.dailysabah.com/investigations/2018/09/12/mafia-clan-head-wanted-by-serbia-nabbed-in-turkeys-antalya

  9. Костас Кукумакас, Τα Πακέτα Κοκαΐνης με το Κεφάλι του Ταύρου σε Βάρκιζα και Πρέβεζα, Vice, 29 март 2018 година, https://www.vice.com/el/article/59j3en/ta-paketa-kokainhs-me-to-kefali-toy-tayroy-se-barkiza-kai-prebeza

  10. Здравко Љубаш, членови на црногорската мафија убиени во Грција, OCCRP, 29 јули 2020 година, https://www.occrp.org/en/daily/12875-montenegrin-mafia-figures-killed-in-greece

  11. Грчка полиција, Δηλώσεις σχετικά με εντοπισμό και κατάσχεση 1 τόνου και 181 κιλών κοκαΐνης και τη σύλληψη οχτώ (8) αλλοδαπών μελών εγκληματικής οργάνωσης διεθνικού χαρακτήρα, που δραστηριοποιείτο συστηματικά στη μεταφορά σημαντικών ποσοτήτων κοκαΐνη, 25 јануари 2020 година, http://www.astynomia.gr/index.php?option=ozo_content&perform=view&id=92478&Itemid=2394&lang=

  12. Јанис Сулиотис, Πρώτες προφυλακίσεις για το καρτέλ της κοκαΐνης, Катимерини, 30 јануари 2020 година, https://www.kathimerini.gr/society/1062528/protes-profylakiseis-gia-to-kartel-tis-koka-nis

  13. Димитрис Попотас и Ариа Калива, Ένας τόνος ναρκωτικά στον Αστακό: Δύο αστυνομικοί έζησαν στο ιστιοπλοϊκό της κόκας‘ Proto Thema, 26 јануари 2020 година, https://www.protothema.gr/greece/article/968597/enas-tonos-narkotika-ston-astako-duo-astunomikoi-ezisan-sto-istioploiko-tis-kokas

  14. Droga që u bë oriz/ Vjen letërporosia nga Greqia për 137 kg kokainë të nisura nga Ekuadori, Balkanweb, 9 ноември 2020 година, https://www.balkanweb.com/droga-qe-u-be-oriz-vjen-leterporosia-nga-greqia-per-137-kg-kokaine-te-nisura-nga-ekuadori-spak-zbuluam-se

  15. Костас Кукумакас, Зошто е толку тешко да се затвори големата рута за канабис во Европа, BBC, 7 декември 2020 година, https://www.bbc.com/news/world-europe-55069055

  16. Витулкас Дионизис, Πως δρούσε το κύκλωμα μεταφοράς ναρκωτικών με ταχύπλοα από Αλβανία προς Τουρκία, Ta Nea, 1 октомври 2019 година, https://www.tanea.gr/2019/10/01/greece/pos-drouse-to-kykloma-metaforas-narkotikon-me-taxyploa-apo-alvania-pros-tourkia

  17. Ѓерѓ Еребара, Албанија го „игнорира“ грчкиот налог за апсење на осомничениот нарко бос, Balkan Insight, 16 мај 2016 година, https://balkaninsight.com/2016/05/16/albania-ignoring-suspected-drug-baron-s-greek-arrest-warrant-05-16-2016

  18. Ѓерѓ Еребара, Албанија ја потврдува казната затвор на озлогласениот дилер на дрога, Balkan Insight, 17 октомври 2019 година, https://balkaninsight.com/2019/10/17/escobar-of-the-balkans-sentenced-by-10-years

  19. Џеф Мејш, Несоборливиот, BBC, 25 септември 2014 година, https://www.bbc.co.uk/news/special/2014/newsspec_8700/index.html

  20. Маже Чини, Белгиската и англиската полиција уапсиле албанска банда за трговија со луѓе, The Brussels Times, 27 септември 2019 година, https://www.brusselstimes.com/news/belgium-all-news/70322/belgian-and-english-police-arrest-albanian-human-trafficking-gang

  21. Костас Кукумакас, Ο Κρατούμενος στα Γρεβενά και η Διακίνηση Θυμάτων Μαύρης Εργασίας στην Ευρώπη, Vice, 21 октомври 2020 година, https://www.vice.com/el/article/qjpd9w/o-kratoymenos-sta-grebena-kai-h-diakinhsh-8ymatwn-mayrhs-ergasias-sthn-eyrwph