Билтен на Ризици Преземете PDF Click here to view the
Global Organized Crime Index

Опсерваторија на Нелегални Економии во Југо-Источна Европа

Број
7
Април–Мај
2021

Резиме на главните точки

  1. Сенка на планината: организиран криминал околу зимското одморалиште Јахорина.

    Ски-центарот во Јахорина, близу Сараево, имал многу работа во текот на зимата 2020-2021 година и покрај пандемијата на КОВИД-19. Планината е позната како локација на Зимските олимписки игри коишто се одржаа во 1984 година. Во 1990-тите, по војната во Босна и Херцеговина, регионот Јахорина страдал од неразвиеност и бил познат како засолниште за криминалци. Денес, тоа е место каде што криминалци од висок профил го поминуваат своето време и каде што корумпирани функционери сакаат да ги инвестираат или да ги исперат своите пари. Овој напис ги разгледува причините зошто Јахорина стана неочекувано жариште на организиран криминал и корупција.

    Прочитај повеќе

  2. Кокаинот стана „банани“ на јадранското приморје.

    Бројот на заплени на големи количини дрога во Хрватска и Албанија во изминатите неколку месеци покажува дека има цунами од кокаин што пристигнува преку јадранските пристаништа. Повеќето дроги се сокриени во контејнери коишто превезуваат банани од Латинска Америка во Европа. Додека потрошувачката на кокаин во Западен Балкан е релативно мала, овие заплени - како и трендовите од минатото - покажуваат дека пристаништата во Албанија, Хрватска и Црна Гора се важни влезни точки за транспортот на кокаин во Европа. Големите заплени може да укажуваат на поефикасно спроведување на законот, но тие исто така можат да бидат знак дека се нарушува таканаречената „економија на заштита“ којашто ја овозможува трговијата со дрога. Овој напис ја разгледува неодамнешната серија големи заплени и разгледува што може да се крие зад нив.

    Прочитај повеќе

  3. Дигитални опасности: знаци на предупредување од Северна Македонија.

    Со оглед на тоа што сè повеќе луѓе користат интернет за комуникација, шопинг и пребарување информации, тие исто така стануваат цели за предаторско и криминално однесување. Овој тренд се забрза за време на кризата со КОВИД-19, при што младите беа особено ранливи. Кон крајот на јануари 2021 година, полицијата во Северна Македонија разбила група од повеќе од 7 000 луѓе кои ја користеле апликацијата за пораки Телеграм за да споделуваат експлицитни слики и видеа од жени и девојки. Ова е втор пат во две години да е разбиена групата. Слични случаи биле пријавени и во Србија во март, кога неколку сторители биле уапсени за споделување материјал со злоупотреба на деца. Како што е дискутирано во овој напис, ваквите случаи покажуваат растечките опасности од криминал помогнат од технологија, вклучително и малтретирање преку интернет, сексуална експлоатација и сексуална измама во Западен Балкан и предизвиците со кои се соочуваат органите за спроведување на законот.

    Прочитај повеќе

  4. Криминални групи од земјите во Западен Балкан во Грција.

    Последните години, Грција стана бојно поле на широк спектар на незаконски активности извршувани од криминални групи од Западен Балкан. Нејзините пристаништа и близината до Западен Балкан ја прават Грција атрактивна влезна точка за шверц на кокаин, додека исто така е земја за пазар и транзит на канабис шверцуван од Албанија. Од 2015 година, таа е исто така клучна влезна порта за шверц на мигранти, особено во Северна Македонија и Албанија. Овој напис покажува дека Грција претставува уште еден пример за тоа како се шират транснационалните пипала на криминалот од Западен Балкан низ целиот свет.

    Прочитај повеќе

  5. Откопување оружје од минатото на Албанија.

    Во април 2021 година, полицијата во Албанија направила две големи заплени на оружје во главниот град Тирана. Поголемиот дел од оружјето потекнува од времето кога биле ограбени арсеналите за време на граѓанските немири во земјата во 1997 година. Се верува дека огромниот број убиства поврзани со организиран криминал, што се случиле во Албанија од 1997 година, се извршени со користење оружје украдено од старите арсенали. Овој напис ги разгледува последиците од тој проблем и што прави албанската влада во врска со проблемот.

    Прочитај повеќе

  6. Community Building Mitrovica (Градење заедница Митровица): Отворена врата за младите.

    Повеќе од 20 години по војната во Косово, Митровица продолжува да биде поделен град со косовско-албанската заедница во јужниот дел и косовско-српската заедница во северниот дел на градот, одделени со реката Ибар. И понатаму постојат тензии меѓу заедниците и владеењето на правото е слабо. Како резултат, регионот продолжува да има репутација на засолниште за организиран криминал. Community Building Mitrovica (Градење заедница Митровица) е граѓанска организација којашто работи со младите во градот со цел да ја зголеми нивната отпорност на организиран криминал. Во нашата редовна серија на профилирање на работата на ваквите организации, разговараме со двајца водачи на иницијативата.

    Прочитај повеќе

За ова издание

Добре дојдовте во седмото издание на Билтенот на ризици изработен од Опсерваторијата за нелегални економии во Југоисточна Европа на Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал (ГИ-ТОК).

Жариштето што го профилираме во овој број нема многу од карактеристиките на вообичаените локации што ги разгледуваме,односно социоекономска ранливост, стратешка локација на маршрутите за нелегална трговија или слаба власт. Наместо тоа, Јахорина и нејзиниот познат ски-центар е популарна дестинација во близина на Сараево, што го прави магнет за криминалци на одмор, како и за корумпирани функционери кои бараат профит.

Во првиот квартал на 2021 година имало одреден број големи заплени на дрога во јадранските пристаништа. Го испитуваме протокот на кокаин од Латинска Америка кон Западна Европа преку Западен Балкан и анализираме на што би можел да укажува порастот на заплените.

Благодарение на зголемената дигитализација, како и пандемијата на КОВИД-19, повеќе луѓе трошат време и пари на интернет. Ова е соодветно, но и потенцијално опасно: податоците можат да бидат украдени или експлоатирани; платформи за игри и социјални медиуми се злоупотребуваат за наведување деца на сексуално вознемирување и експлоатација; а младите се подложни на штетни и насилни содржини, малтретирање преку интернет и радикализација. Ги анализираме знаците за предупредување во Северна Македонија, како и што се презема за да се справи со оваа закана. Во мај 2021 година, ГИ-ТОК ќе издаде револуционерен извештај за комерцијалната сексуална експлоатација на деца во Западен Балкан.

Како надоврзување на водечката публикација на ГИ-ТОК „Транснационални пипала: Глобални жаришта на организиран криминал со потекло од Западен Балкан“, повремено анализираме други земји што не беа опфатени со тој извештај. Во ова издание, ги разгледуваме активностите на криминалните групи со потекло од Западен Балкан во Грција, особено трговијата со дрога и криумчарењето мигранти.

На 1 април 2021 година, албанската полиција спровела две операции што резултирале со заплена на голема количина воено оружје и муниција, вклучувајќи снајперски пушки, противтенковски оружја, автоматски пушки Калашников, тивки пиштоли, полициски и воени радиоскенери, муниција и експлозиви. Според полицијата, овој арсенал бил наменет за продажба и бил изворот на некои оружја искористени за нарачани убиства во последните неколку години. Ги разгледуваме последиците од повеќе од половина милион парчиња оружје ограбено од арсеналите за време на граѓанските немири во 1997 година и какви чекори презема албанската влада за да се справи со оваа опасност.

Како дел од нашата редовна серија профилирање на работата на граѓанските организации коишто ја зајакнуваат отпорноста кон организираниот криминал на Западен Балкан, разговараме со двајца водачи на невладината организација Community Building Mitrovica за нивната работа во поделената заедница Митровица на северот на Косово.

Како и секогаш, ние ги поздравуваме потенцијалните придонеси кон Билтенот за ризици. Ако имате предлог за приказна или сакате да дадете повратни информации, контактирајте ја almedina.dodic@globalinitiative.net.