Поттикнување на младите во Валона
Младинскиот центар во Валона (VYC) е основан во овој крајбрежен град на јужна Албанија во 1998 година, во време на нестабилноста предизвикана од граѓански немири по распадот на пирамидалните шеми. Во 2002 година, проектот бил регистриран како НВО. Во изминативе две децении, VYC придонесува во ангажманот на младите во јавниот живот, отпорност во градењето заедница и родовата еднаквост. Алкета Димитри, директорка на центарот, дискутира за нивната работа, како и за предизвиците и можностите што таа ги гледа.
Можете ли да ни раскажете за раните денови на центарот?
Во раните денови, VYC бил проект на локалните организации поддржан од италијанскиот Конзорциум за солидарност, со цел да им се даде на младите алтернатива на криминалот, бидејќи немирите оставиле многу млади луѓе со пиштоли во рацете и членство во моќните локални банди. Иако ситуацијата значително се подобрува, Валона сè уште страда од лошата репутација дека е место каде организираниот криминал произведува „експерти“ што ги користат своите вештини во Албанија и целиот свет.
Кои се некои од предизвиците со кои се соочувате во работата со младите во Валона?
Со повеќе од 22 години искуство, стекнавме добро разбирање за состојбата тука и предизвиците со кои се соочуваат младите. Работата со млади луѓе во Валона може да биде тешка, делумно и затоа што немаат позитивни примери. Може да биде тешко да се променат гледиштата и однесувањето на младите луѓе што биле вклучени во незаконски активности уште од рана возраст. Исто така, проблематично е да се најдат одржливи алтернативи за младите од кои се очекува да го преземат семејниот „бизнис“, особено во оддалечени и загрозени области.
Младата генерација понекогаш претпочита лесни пари наместо да се обидува да заработи чесно, а тоа е засилено со недостатокот од легитимни можности за работа. Искористувајќи ја економската ранливост, криминалните групи лесно може да регрутираат млади луѓе плаќајќи им готовина за извршување работи како што се чување насади со канабис, транспорт на производот и негова дистрибуција. Чекор по чекор, ова ги вклучува младите подлабоко во криминал.
Се чини дела организираниот криминал е секогаш неколку чекори пред државните структури, заедницата и локалните организации, а последиците од тоа се долготрајни. Лошата соработка помеѓу заедницата, младите и локалните институции ги попречува напорите за подобрување на состојбата. Подобрата соработка може да го зајакне целокупниот социо-економски развој на регионот.
Како вашата организација придонесува во подобрувањето на животот на младите?
Горди сме што може да кажеме дека во текот на изминатите две децении придонесуваме за многу позитивни случаи во кои младите успеваат да го подобрат својот социо-економски статус. Тие сега живеат побезбеден живот, ориентиран кон чесна работа во еден од бројните сектори засновани на природни ресурси во Валона, како земјоделство или планински и морски туризам.
Наш приоритет е да им помогнеме на младите да ја прошират својата визија, да бараат и да добијат поддршка, информации и охрабрување кон законските деловни можности и средства за живот. Ги поврзуваме младите со нивните врсници и им нудиме инспиративни и позитивни модели на саморазвој.
Понатаму, обезбедуваме можности за вработување и претприемништво во областа на агро-туризмот, како што се преработка и продажба на локални производи. Со обука на младите за деловна администрација, барања за регистрација на деловни активности и стандарди за безбедност на храна, на младите им помагаме да пристапат до пазарите за нивните занаетчиски производи. Оваа обука сакаме да ја направиме што е можно покорисна и попрактична. На пример, изведуваме студиски патувања до некои од најуспешните агро-туристички бизниси во Албанија, со цел да научиме од нивниот пример и искуство, како на пример за производство на слатки или производство на вино.
Фотографија: VYC
Искуството од прва рака за такви добри примери на земјоделски и туристички практики им овозможува на младите сами да видат на кој начин локалните производи, дури и во оддалечените области, може да генерираат одржливи приходи. Исто така, обучуваме млади луѓе за готвачи и туристички водичи, со цел да им дадеме вештини што им се потребни за водење гостилница или угостување групи за посета. Овие активности ги поттикнуваат и ја намалуваат нивната ранливост за вклучување во организиран криминал.
Во 2020 година, со поддршка на Фондот за отпорност на ГИ-ТОК, работевме со младите во руралните области на Валона за да ги подобриме нивните можности за вработување и да ги позиционираме подобро за влез на пазарите на труд со поддршка на заедницата и бизнисите. Ова е особено важно затоа што во минатото некои рурални области во Валона се експлоатирале за одгледување канабис.
А во селото Вајзе создадовме патека на поезијата користејќи еколошки материјали како дрвото, со цел да им дадеме на младите луѓе од областа пријатно и безбедно место за дружење со нивните врсници. Тоа нуди модел за промовирање на образованието и културата и за инспирирање на младите да се отворат кон позитивни алтернативи и промени. Се надеваме дека тоа исто ќе може да го заблеска започнувањето на еколошката туристичка инфраструктура во селото.
Кои се главните предизвици со кои денес се соочува младината во Валона?
Иако младите во голема мера се препознаваат како агенти на социјалните промени, нивниот ангажман во албанското општество е ограничен. Факторите што придонесуваат за рамнодушност и апатија кај младите вклучуваат отсуство на доверба во системот, отуѓување од политиката, ограничени можности и мало чувство на надеж или перспектива. Некои, исто така, немаат доволно животни вештини и позитивни примери.
Во многу случаи, младите избираат да ја напуштат Валона за подобри можности на друго место, во Албанија или во странство. Ова влијае на одржливоста на некои од нашите интервенции.
Младите се неискористен ресурс во Албанија, не само во Валона. Треба да се направи многу повеќе за да се ангажираат и зајакнат младите на локално ниво, бидејќи тие се вреден капитал за животот во заедницата.
Што може повеќе да направат локалните и националните власти, како и граѓанското општество, за поддршка на младите?
Локалните власти се одговорни за гаранции дека локалната власт ѝ служи на заедницата. Сепак, младите се помалку застапени во локалната самоуправа и немаат начин да ги соопштат своите потреби и грижи.
Одржливото вработување е од витално значење. Ова бара инвестиции во градењето на капацитетите и економското зајакнување на младите. А интегрирањето на младите во процесите на учество ќе помогне во нивното политичко ангажирање. Но, овие работи бараат поволно опкружување.
Додека владите се неуспешни во постигнувањето на оваа цел, граѓанските организации кои имаат широко познавање на локалната динамика, како што е младинскиот центар Валона, наоѓаат начини за ангажирање, промовирање и зајакнување на младите преку практики на добро управување на локално ниво.
Од една страна, се обидуваме да ги зголемиме капацитетите на младите со цел тие да можат да ги разберат и остварат своите социо-економски права. Ова го правиме преку проекти како што се младинскиот парламент во Валона, локалниот младински совет и академијата за младински лидери.
Од друга страна, ги менторираме да се вклучат во процеси на учество, преку проекти како што се партиципативно буџетирање и нешто што се нарекува табела со резултати од заедницата. Второто им овозможува на младите да ги идентификуваат своите потреби и да се залагаат за конкретни иницијативи со локалната власт, на пример во врска со јавната инфраструктура, младинските услуги или вработувањето. Ова им дава глас и ги доведува во контакт и дијалог со локалните власти. Исто така, ѝ помага на локалната власт да изгради поконструктивни и порепрезентативни политики со цел подобро да им служи на своите граѓани.