Проблематични води: шверцување мигранти преку Јадранот

Пристаништа и марини во ризик заради користењето за шверцување мигранти.

Слика 3 Пристаништа и марини во ризик заради користењето за шверцување мигранти.

На 9 јануари 2021 година, 55 мигранти од Сирија, Иран и Египет, вклучувајќи жени и деца, биле спасени во немирното море крај бреговите на Албанија. Моторниот чамец со кој патувале, а кој тргнал од Валона, Албанија, се расипал на пат кон Италија. Лицата кои управувале со бродотпобегнале, а чамецот го носел ветер и испуштал гориво.1

Оваа операција за спасување следела по два инциденти во октомври и декември 2020 година каде црногорските власти пресретнале две едрилици во обид да прошверцуваат Курди од Турција преку Западен Балкан до Италија. Овие појави сугерираат дека поефикасното спроведување на законот и ограничувањата поврзани со КОВИД-19 по должината на традиционалната балканска рута ги навеле шверцерите да изберат алтернативни патеки, вклучувајќи ги и поморските патишта на Јадранот. Затворањето на балканската рута во март 2016 година довело до значително намалување на бројот на баратели на азил и мигранти коишто се движат низ Западен Балкан. Но, од 2019 година наваму, бројот на бегалци и мигранти повторно постојано се зголемува.

Поради подобрените контроли на границата помеѓу Грција и Северна Македонија, сè поголем број луѓе кои се во движење патуваат низ Албанија. Откако ќе преминат во земјата, тие или се упатуваат кон север во правец кон Црна Гора или на североисток преку Косово во Србија. Дополнително, во изминатите неколку месеци имало знаци на зголемени обиди за шверц на луѓе преку Јадранското Море во Италија.

55-те мигранти што биле спасени на 9 јануари велат дека на шверцерите им платиле помеѓу 2000 и 4000 УСД за безбеден транспорт со јахта до Италија. Наместо тоа, биле префрлени со моторен чамец.2 На почетокот на јануари, полицијата во Валона запре уште 21 мигрант, коишто планирале илегално да го преминат Јадранот3

Рутите на шверцување се добро утврдени, датираат од раните 90-ти години на минатиот век кога десетици илјади Албанци се обиделе да емигрираат во Италија. Уште во 2004 година, точно 17 години од денот пред спасувањето на 55-те мигранти, 28 Албанци се удавиле во морето додека се обидувале да преминат од Валона преку Отрантската Врата во Италија.4 Сега главно станува збор за странци од Блискиот исток и Северна Африка кои се шверцуваат во Италија од албанските брегови.

Во минатото, истите патишта се користеле за шверц на дрога, особено канабис, со помош на моторни чамци. Проблемот бил толку акутен што албанската влада ги запленувала и палела бродовите. Забраната за моторни чамци во албанските територијални води била воведена во 2006 година;5 конечно била укината во 2013 година, на олеснување на туристичката индустрија.6 Шверц-рутата од крајбрежјето околу Фиер и Валона преку Отрантската Врата до Италија повторо станала популарна во 2016 година кога имало богата жетва од канабис во Албанија, но потоа се изгубила. Ќе биде интересно да се види реакцијата на албанската влада ако проблемот повторно се влоши.

Соседна Црна Гора се соочува со сличен предизвик. Во октомври 2020 година, црногорската полиција во марината Зеленика пресретнала едрилица по име Посејдон со хрватско знаме и српски екипаж; потекнувала од Будва и се движела кон Италија.7 При преглед на пловниот објект, полицијата на бродот открила 52 курдски мигранти.8 Шверцери во Турција кои го договориле патувањето наплаќале од 5000 до 8000 евра по лице за трансфер во Италија, според полициски извори.9 Тоа значи дека шверцерите заработиле приближно 300000 евра од само една група од околу педесет мигранти, додека трошоците биле проценети на околу 100000 евра,10 оставајќи значителна маргина на профит.

На 17 декември 2020 година, црногорската полиција и властите за поморска безбедност, користејќи термовизиски сензор, откриле непознат брод околу заливот Трстено, во близина на Будва. Во соработка со италијанските власти бил распореден набљудувачки хеликоптер од Гвардија ди Финанза. Чамецот со име Марина, виорел шведско знаме; бил пресретнат и придружуван до пристаништето Бар.11 На бродот, полицијата пронашла 39 мигранти (вклучувајќи жени и деца) и уапсила двајца шверцери од Турција.12

Овие инциденти ни кажуваат низа работи. Прво, криумчарењето мигранти преку Западен Балкан не исчезнало, туку се движи кон запад. Албанија, која веќе три децении е изворна земја за миграција, сега исто така е и транзитна земја. Второ, покрај обидот да стигнат до Европската унија преку Албанија и Црна Гора преку копнена рута, некои мигранти се обидуваат да влезат во Италија со брод. Приказните опфатени во овој напис покажуваат дека има шверцери што се подготвени да ги олеснат ваквите патувања со значителен профит. Трето, овие инциденти ја потенцираат ранливоста на марините и неформалните области на всидрување на јадранскиот брег како рај за шверцување. Ова е ризик што заслужува поголемо внимание, не само од службените лица за спроведување на законот.

Забелешки

  1. Gomonia me 55 emigrantë në bord nga Vlora drejt Italisë/ Arrestohet 63 vjeçari nga Tirana. Roli që kishte ai, Panorama, 10 January 2021, www.panorama.com.al/trafiku-i-emigranteve-drejt-italise-me-gomone-arrestohet-63-vjecari-nga-tirana-roli-qe-kishte-ai

  2. Rikthehet trafiku me gomone drejt Italisë, shpëtohen 55 emigrantë në det, Zëri i Amerikës (VOA), 9 January 2021, www.zeriamerikes.com/a/5731085.html

  3. Jerola Ziaj, Trafik klandestinësh me gomone, policia ndalon 21 emigrantë dhe arreston pronarin e një shtëpie stehimi, Reporter, 4 June 2020, www.reporter.al/trafik-klandestinesh-me-gomone-policia-ndalon-21-emigrante-dhe-arreston-pronarin-e-nje-shtepie-stehimi

  4. Isa Myzyraj, Përsëri emigrantë/ 9 Janari i 2004 dhe 9 Janari i 2021, Historia ime, 9 January 2021, www.historiaime.al/ndodhi-sot/perseri-emigrante-9-janari-i-2014-dhe-9-janari-i-2021

  5. Moratoriumi i skafeve, rrezik per turizmin, Top Channel, 22 June 2009, top-channel.tv/2009/06/22/moratoriumi-i-skafeve-rrezik-per-turizmin

  6. Moratoriumi i skafeve, pas 7 vjetësh rikthehet liria e lundrimit, Durrës Lajm, 2 March 2013, durreslajm.al/moratoriumi-i-skafeve-pas-7-vjet%C3%ABsh-rikthehet-liria-e-lundrimit

  7. Interview with a journalist from Montenegro, December 2020. 

  8. Emma Wallis, 52 migrants intercepted by Montenegrin authorities on route to Italy, Info Migrants, 19 October 2020, www.infomigrants.net/en/post/27994/52-migrants-intercepted-by-montenegrin-authorities-en-route-to-italy

  9. Interview with a police officer from Montenegro, December 2020. 

  10. Ибид. 

  11. Jelena Jovanović and Blažo Hajduković, Otkriven brod sa 50 ilegalnih migranata, Vijesti, 17 December 2020, www.vijesti.me/vijesti/crna-hronika/495615/up-otkriven-brod-sa-50-ilegalnih-migranata

  12. Interview with a journalist from Montenegro, January 2021.