Лекции што се научени од легализацијата на канабисот во Северна Македонија
Во март 2016 година, Северна Македонија го измени својот Закон за контрола на наркотични дроги и психотропни супстанции.1 Како резултат на ова, стана легално да се одгледува канабис за медицински цели и да се рафинира, екстрахира и произведува семе од коноп и масло од канабис. На тој начин, Северна Македонија се приклучи на растечкиот број земји (36, вклучувајќи ги Хрватска од 2019 година и Грција од 2018 година) што овозможува одгледување и извоз на медицински канабис. Дали е ова ризичен бизнис или можен модел за другите земји во регионот?
тсликувајќи го пристапот на Канада, Северна Македонија воведе пристап на слободен пазар за одгледување, дистрибуција и продажба на канабис. Ова е благодат за економијата вредна околу 100 милиони евра годишно што привлекува локални и странски инвеститори.2 Конкуренцијата за производство на медицински канабис во Северна Македонија рапидно се зголемува.
Од мај 2016 до мај 2018 година, Министерството за здравство и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство издале вкупно пет лиценци за производство на канабис за медицинска употреба и две лиценци за екстракција. Оттогаш, според владините податоци, вкупно 55 компании добиле лиценца за одгледување канабис за медицински цели; други 17 компании чекаат одобрување.3 За голем број од овие компании се вели дека се поврзани со премиерот и неговите пријатели и семејство.4
Големиот број издадени лиценци значи дека значителна количина канабис сега се одгледува во Северна Македонија. Сепак, постои загриженост кај инвеститорите дека понудата ја надминува побарувачката и дека деловната можност може да не биде толку профитабилна како што првично се предвидувало. Треба да се има предвид дека сегашното законодавство не дозволува извоз на сув канабис за рекреативна употреба.
Регулативата е важна за да се спречи легално одгледуваниот канабис да се продава нелегално и да се осигури дека типот на одгледуван канабис е за медицинска, а не за рекреативна употреба. На хартија, регулативите се прилично строги и треба да ги надгледуваат владини субјекти, вклучително и министри за земјоделство и здравство,5 како и специјална комисија од пет члена.6 Одгледувачот на канабис е должен да води евиденција за култивираниот канабис (сеење, производство на расад, пресадување и број на стебла). По завршувањето на бербата на коноп, специјалната комисија врши увид во собраните ставки за да се утврди бројот на собрани стебла и влажна маса.
Но, со толку многу производители и фактот дека канабисот може да се бере до четири пати годишно, постои загриженост дека сегашниот регулаторен систем е недоволен. На пример, несоодветната контрола може да доведе до тоа легално произведениот канабис да се пласира на црниот пазар во Северна Македонија или да се шверцува во трети земји. Ризикот е реален: на почетокот на декември 2020 година, од магацинот на лиценцирана компанија во селото Јосифово, општина Валандово, биле украдени два тона канабис.7 Дел од канабисот наводно завршил на Косово.8 Во одделен случај, четворица мажи (двајца од Скопје и по еден од Албанија и Косово) украле 60 килограми марихуана од магацинот на лиценциран производител на канабис во регионот на Крушево.9
Исто така, случај со висок профил во Србија покажува опасност од недостатокот на регулатива и блиски односи меѓу производителите и државните службеници. Во ноември 2020 година, на помалку од 50 километри од главниот град на Србија, полицијата ја открила најголемата плантажа со марихуана во Европа на органска фарма со висок профил, позната како Јовањица, која е во сопственост на бизнисменот Предраг Колувија. При претрес на имотот биле откриени речиси четири тони сурова марихуана, вклучително и 650 килограми готов производ за продажба.10 Подземен комплекс со десетици подруми бил претворен во лаборатории за канабис. Марихуаната исто така се одгледувала во девет надземни хангари и се пакувала и се чувала во магацините и канцелариите. Насекаде на имотот наводно биле инсталирани блокатори за мобилни телефони. Никој не можел да му пристапи без да помине низ строга проверка. Насекаде околу имотот било распоредено вооружено обезбедување, вклучително и поранешни припадници на Специјалната антитерористичка единица. Тие биле опремени со пиштоли, термовизиски камери за ноќно набљудување, како и пушки против дронови.11
Случајот крена голема прашина во Србија поради наводните врски помеѓу сопственикот на фармата Јовањица и владејачката Прогресивна партија во земјата, разгорувајќи ги обвинувањата за државна спрега со организираниот криминал.12 На новинар што го покрива случајот дури и му се упатувале закани.13 Судскиот процес против Колувија и неговите соработници е во тек. Вреди да се напомне дека Колувија се занимава со одгледување канабис за медицински цели во Северна Македонија.14
Фотографија: Јелена Зориќ/N1 TV.
Додека побарувачката за медицински канабис е ограничена, во регионот постои значителен пазар за сув канабис. Марихуаната е најконсумираната дрога на Западен Балкан. Понатаму, Северна Македонија е главен транзитен центар за трговија со канабис произведен во Албанија. Дрогата се шверцува преку границата пеш, со коњи или магариња и камиони или дури и чамци преку Охридското Езеро.15 Еден дел од неа поминува на север преку Косово или Србија кон централна и западна Европа, додека дел поминува низ Бугарија и Грција. Канабисот исто така се шверцува од Албанија преку Северна Македонија во Турција. Таму често се разменува за хероин што се враќа преку Северна Македонија, а крајната дестинација е Албанија.16 Внесувањето канабис што е произведен во Северна Македонија во овие добро воспоставени нелегални текови би било прилично лесно.
Имајќи ги предвид овие ризици, од деловна и безбедносна перспектива, за владата на Северна Македонија би изгледало разумно да престане да издава лиценци за одгледување канабис. Во спротивно, пазарот ќе се засити, што не е привлечно за инвеститорите, и тешко ќе се регулира.
Можно е некои инвеститори да се потпираат на можна измена на законот што ќе овозможи употреба и извоз на сув канабис. Ова би можело да ја отвори Северна Македонија за нарко-туризам, во време кога Амстердам размислува да оди во спротивна насока забранувајќи им влез на странците во „кафулиња“. Иако легализацијата на канабисот би генерирала исклучително потребен даночен приход, тоа исто така би можело да ги забрза јавните здравствени ризици и несаканите ефекти поврзани со криминалот од зголемувањето на трговијата со канабис во Северна Македонија. На пример, искуството од Соединетите Американски Држави покажува дека производството на марихуана на црниот пазар е во пораст, претежно во државите што ја легализирале марихуаната.17
Вредно е да се напомне дека, во мај 2020 година, албанскиот премиер Еди Рама објави дека неговата влада работи на нацрт-закон за легализирање на одгледувањето канабис за медицински цели, што наскоро ќе биде претставен во јавноста.18 Соопштението предизвика реакција, бидејќи Албанија одамна е озлогласена за нелегалното одгледување канабис. Опозицијата и другите критичари изразиле скептицизам во врска со иницијативата, тврдејќи дека за земја со долга историја на нелегално одгледување, легализацијата на медицинскиот канабис дополнително ќе го охрабри нелегалното производство и ќе ги комплицира напорите на земјата да го контролира проблемот. Од соопштението на премиерот, има малку последователни информации и се верува дека овој проблем нема да се разгледа повторно пред општите избори во април 2021 година.
Накратко, ставовите и законите за канабисот се менуваат. Во декември 2020 година, Комисијата на ОН за наркотични дроги го отстрани канабисот од План IV на Единствената конвенција за наркотични дроги од 1961 година. Оваа одлука ги отворила вратите за препознавање на медицинскиот и терапевтскиот потенцијал на дрогата. Но, остануваат предизвици да се осигури ефикасна регулаторна рамка за производството, употребата и продажбата на канабис. Земјите на Западен Балкан во кои се одгледува значителна количина канабис, како Албанија и Србија, без сомнение внимателно ги следат случувањата во Северна Македонија. Сите планови за легализација на канабисот може да имаат значително влијание врз политиката, здравството, туризмот, економијата и пазарите на дроги во регионот.
Забелешки
-
Ministry of Health, Official Gazette of Macedonia, No 37/2016, zdravstvo.gov.mk/wp-content/uploads/2017/11/5.-ZAKON-ZA-IZMENUVANE-I-DOPOLNUVANE-NA-ZAKONOT-ZA-KONTROLA-NA-OPOJNI-DROGI-I-PSIHOTROPNI-SUPSTANTSII-Sluzhben-vesnik-na-RM-br.-37-od-2016-godina.pdf. ↩
-
Z Uskoković, U Severnoj Makedoniji legalno gaje travu, Novosti.rs, 2 August 2019, www.novosti.rs/vesti/naslovna/hronika/aktuelno.291.html:809793-U-Severnoj-Makedoniji-legalno-gaje-travu. ↩
-
Ексклузивно: Кои се фирмите кои влегоа во бизнисот со медицинска марихуана во Македонија, Е-магазин, 22 октомври 2020 година, emagazin.mk/ekskluzivno-koi-se-firmite-koi-vlegoa-vo-biznisot-so-medicinska-marihuana-vo-makedoni-a. ↩
-
Полињата со марихуана- нова локација за политичка битка, Deutsche Welle, 24 јануари 2020 година, www.dw.com/mk/полињата-со-марихуана-нова-локација-за-политичка-битка /a-52134094. Александар Јанев, Македонска канабис револуција во најава, Призма, 8 мај, prizma.mk/makedonska-kanabis-revolutsija-vo-najava. ↩
-
North Macedonia Ministry of Health, Law on Control of Narcotic Drugs and Psychotropic Substances, Official Gazette of Macedonia, No 37/2016, Article 29-c, zdravstvo.gov.mk/wp-content/uploads/2017/11/5.-ZAKON-ZA-IZMENUVANE-I-DOPOLNUVANE-NA-ZAKONOT-ZA-KONTROLA-NA-OPOJNI-DROGI-I-PSIHOTROPNI-SUPSTANTSII-Sluzhben-vesnik-na-RM-br.-37-od-2016-godina.pdf. ↩
-
According to article 29-b, paragraph 5, the commission is formed by the health minister. It is composed of two representatives from the health ministry, one representative from the agricultural ministry, one representative from the Agency for Medicines and Medicinal Products and one specialist in the field of medicinal plants. ↩
-
North Macedonia Ministry of Interior, Приведени лица, се расчистува случајот со украдената марихуана од Јосифово, 8 December 2020, mvr.gov.mk/vest/13879. ↩
-
Hristina Belovska, ЛЕГАЛНИОТ БИЗНИС СО МАРИХУАНА ЛЕСНА МЕТА НА КРИМИНАЛНИТЕ ГРУПИ, Televizija 24, 21 December 2020, 24.mk/details/legalniot-biznis-so-marikhuana-lesna-meta-na-kriminalnite-grupi. ↩
-
North Macedonia Ministry of interior, Извршен претрес, запленети околу 60 кг дрога, 20 December 2020, mvr.gov.mk/vest/14019. ↩
-
Serbia seizes four tonnes of marijuana in organic food farm, Reuters, 26 November 2019, www.reuters.com/article/us-serbia-police/serbia-seizes-four-tonnes-of-marijuana-in-organic-food-farm-idUSKBN1Y01YC. ↩
-
Jelena Zorić, The Jovanjica Indictment, N1, 13 September 2020, https://youtu.be/16ksUma446I. ↩
-
Sasha Dragojlo, Organic High: State Complicity in Serbian Drug Farm a ‘Stain’ on Government, BIRN, 27 July 2020, balkaninsight.com/2020/07/27/organic-high-state-complicity-in-serbian-drug-farm-a-stain-on-government. ↩
-
IJAS, New threats to N1’s Jelan Zoric reported to police, lawyer says, 15 January 2021, safejournalists.net/new-threats-to-n1s-jelan-zoric-reported-to-police-lawyer-says. ↩
-
Бизнис партнерот на Заеви под сомнение за црна продажба на марихуана: Што најде полицијата кај него?, Kurir, 30 November 2019, kurir.mk/makedonija/vesti/biznis-partnerot-na-zaevi-pod-somnenie-za-crna-prodazba-na-marihuana-shto-najde-policijata-kaj-nego. ↩
-
Ибид. ↩
-
Ибид. ↩
-
US Department of Justice Drug Enforcement Administration, 2019 National Drug Threat Assessment, December 2019, www.dea.gov/sites/default/files/2020-01/2019-NDTA-final-01-14-2020_Low_Web-DIR-007-20_2019.pdf. ↩
-
Fatjoni Mejdini, Big source of illicit cannabis, Albania mulls legalising medical use, BIRN, 25 May 2020, balkaninsight.com/2020/05/25/big-source-of-illicit-cannabis-albania-mulls-legalising-medical-use. ↩