Оружје за банди во Шведска: балканска врска

Во Шведска, озлогласената југословенска мафија која доминираше во состојбата со организираниот криминал во Стокхолм во 90-тите години – т.н. Југомафија – веќе одамна ја нема, но криминалните врски со поранешна Југославија се живи и здрави.

Во изминатите неколку години, организираниот криминал драматично се зголеми во Шведска, со тоа што дел од оружјето и дрогата влегоа од Западен Балкан. „Она што го видовме во изминатите неколку години се организирани криминални групи, претежно со седиште во Србија, кои воспоставуваат полномошници во Шведска за да добиваат пратки со дрога и оружје“, рече детективскиот надзорник Гунар Апелгрен,1 еден од најискусните истражители на организираниот криминал во Шведска.2

Овие групи не се од ист профил како Југомафијата. Оваа организирана криминална група, која дејствуваше меѓу дијаспората на бегалци кои избегаа од поранешна Југославија за време на Балканските војни („југо“ е сленг за Југославија), најголем дел од своите пари ги заработи од заштитни рекети и изнуди. Според поранешниот платен убиец, Јане Ранинен,3 кој го уби шведско-српскиот мафијаш Драган Јоксовиќ во 1998 година во близина на Стокхолм,4 влијанието на Југомафија се засноваше повеќе на дрзок имиџ со „сјајни одела и испакнати мускули“, отколку на насилство. Во ретроспектива, „тие изгледаа како аматери во споредба со бандите што ги имаме сега“.5

Меѓутоа, криминалните групи од Западен Балкан денес не се меѓу најдоминантните во Шведска. Главни актери се одамна воспоставените мото-банди и семејни организации, кои понекогаш се нарекуваат криминални кланови.6 Постојат и повеќе флуидни групи кои главно се задолжени за продажба на наркотици во посиромашните населби.7

Некои групи се именувани според населбите каде што работат, додека други заземаат пофилмски надимаци, како што е Шотаз, група млади луѓе кои припаѓаат главно на шведско-сомалиската заедница во северозападен Стокхолм или Мрежата, позната група на заемници што со децении ја експлоатира сопствената заедница на православно-христијански имигранти од Средниот Исток.8 Многу од овие групи ги делат истите дилери на оружје кои обезбедуваат оружје од Западен Балкан, вклучително и автоматски пушки „Калашников“, пиштоли „Застава“, со српско производство, како и рачни бомби.

Шведски полицаец истражува место на злосторство.

Шведски полицаец истражува место на злосторство.

Во 2015 година, Националната полиција претстави график на престрелки со потврдени или сомнителни врски со „криминални средини“ што покажува дека убиствата речиси двојно се зголемени меѓу 2014 и 2015 година.9 По понатамошниот раст, бројот на жртви на убиство низ целата земја надмина околу 40 секоја година,10 а повеќето се поврзани со организиран криминал.

Во 2018 година, владата го реформираше законот, продолжувајќи ги затворските казни за тешки кривични дела со оружје.11 Ажурираното законодавство ѝ дозволи на полицијата да го засили надзорот врз клучните чинители и да спроведе повеќе рации, со што се зголеми бројот на запленето оружје. Меѓутоа, бандите ја делегираа задачата за транспорт и складирање на пиштоли, пушки и рачни бомби на тинејџери кои дејствуваат како нивни „потрчковци“. Во неодамнешниот извештај на јавниот радиосервис, началниците на полицијата низ целата земја го потврдија трендот на банди кои користат помлади членови кои, доколку бидат фатени, се соочуваат со пократки затворски казни заради нивната возраст.12

Помладата возраст на момчињата „потрчковци“ се смета за грешка во законодавството, за што критичарите ја предупредувале владата пред да биде донесена реформата. Понатаму, зголемувањето на успешните рации на оружје не доведе до намалување на насилниот криминал: полициските статистики за 2020 година покажуваат незначително зголемување на смртните случаи поради престрелки во текот на претходната година. Покрај тоа, 117 лица се здобиле со нефатални рани од огнено оружје во 2020 година, во споредба со 120 во 2019 година.13

Модифицираните сигнални пиштоли се сè почести во криминалните кругови во Шведска во последниве години, но според полициските аналитичари, повеќето оружја што се користат при престрелки сепак потекнуваат од поранешна Југославија.14 Во болницата Каролинска северно од Стокхолм, лекар за интензивна нега, кој не сакаше да биде именуван, истакна дека хирурзите навикнале да оперираат жртви на престрелки. Постои поголема шанса за преживување, истакна лекарот, доколку истрелите се од оружје од понизок калибар, како што е пиштолот „Застава“. Овие оружја и понатаму се популарни: полицискиот извештај за 2020 година утврди дека една третина од нелегалните пиштоли во округот Стокхолм биле „Застава“.15

Спречувањето на нелегалото шверцување оружје е приоритет речиси цела деценија. Во 2012 година, владата им даде на шведските царини задача да пресретнуваат оружје. Отприлика во исто време, сите клучни јавни агенции, вклучително и царината и единицата за финансиски криминал на полицијата, создадоа совет за холистичко работење и справување со организираниот криминал од сите страни.

Еволуираше и меѓународната соработка. Во 2018 година, шведската полиција ги здружи силите со нејзините српски колеги во борбата против приливот на оружје. Началникот на полицијата во Гетеборг, Ерик Норд, за шведската телевизија изјави дека за време на состанокот во Белград, српските полицајци „се изненадиле во неверност“, кога тој ги опишал бројот и природата на убиствата на бандите во Шведска.16 Во 2019 година, шведската министерка за надворешни работи, Ен Линд, и нејзиниот колега, министерот за внатрешни работи, Микаел Дамберг, ги посетија Албанија и Босна и Херцеговина за да се запознаат со најдобрите практики во борбата против транснационалниот криминал и да разговараат за начините за напредок. „Ние мора да сториме повеќе за да го прекинеме протокот на наркотици и нелегално оружје кон нашата земја“, изјави Дамберг во соопштението за печатот.17 „Знаеме дека нашите напори за меѓународна соработка доведоа до тоа полицијата да може да заплени повеќе [наркотици и нелегално оружје] од сериозни криминалци во Шведска. Напредувајќи понатаму со ваков вид на соработка, општеството може да го нападне организираниот криминал на подобар и поефективен начин.“

Во 2014 година, операцијата „Рекил“ (анг. Operation Recoil) стана една од првите големи меѓународни истраги. Покрената е по откривањето на пет автоматски оружја и 59 рачни бомби во автомобил што патувал од Словенија до Шведска.18 Апелгрен предводеше тим од шведски истражители во соработка со словенечки, босански и српски колеги за да срушат мрежа за шверцување оружје.

По шестмесечен надзор, беа покренати обвиненија против еден босански пар и неколку нивни соработници, вклучително и шведски државјани. Шведскиот суд го прогласи водачот за виновен и го осуди на пет години затвор поради обид за тешко шверцување. Меѓутоа, обвиненијата за тешки кривични дела со оружје не се задржаа, и покрај тоа што неговите соработници беа фатени со калашникови и рачни бомби – некои од нив ‘рѓосани, сведочејќи за долгата сенка на Балканските војни.

Се чини дека арсеналот на оружје оставен на Балканот е неограничен, и покрај обидите да се собере вишокот оружје. Обединетите нации, на пример, им помогнаа на властите во Босна и Херцеговина со неколку шеми за амнестија. „На луѓето коишто го предадоа оружјето им беа дадени лозови со многу добри награди, како фрижидери“, рече Кристин Мекнаб, постојан координатор на ООН во Сараево помеѓу 2002 и 2006 година.19 „Но, забележавме дека голем дел од оружјето беше доста старо и секогаш имавме притаено чувство дека ова оружје е ‘пушката на дедо од Втората светска војна’, а не калашникови што луѓето ги криеја под подовите во штала.“

Сè додека побарувачката останува голема во земјите како Шведска, таа скриена залиха на оружје ризикува да заврши во рацете на шверцерите. Според Апелгрен, единствениот пат напред е да се интензивира прекуграничната соработка уште повеќе, бидејќи денешните структури се „подмолни“.20

По операцијата „Рекил“ – којашто еден весник ја нарече фијаско за спроведување на законот – шведскиот министер за правда во тоа време, Морган Јохансон, вети и подоцна ја испорача правната реформа, а тоа не само што ја зголеми веројатноста ваквите криминалци да бидат изведени пред лицето на правдата, туку тие исто така би биле прогласени за виновни за злосторства со оружје. По ситниот успех на шведската истрага, се вклучија босанските обвинители, коишто успешно обвинија неколку лица поврзани со оваа шема, делумно благодарение на доказите добиени во неколку објекти за складирање на оружје кои ги пронајде босанската полиција во Република Српска, во северна Босна.

Обвинителот Горан Гламочанин посочи дека иако најголемиот дел од оружјето во овој случај е шверцувано до пристанишниот град Гетеборг на западниот брег на Шведска, истрагата опфати поголем дел од земјата. „Поради добрите можности за брзо заработување пари, криминалните групи собраа нелегално оружје и воспоставија мерки за нивно транспортирање во Шведска“, изјави Гламочанин за печатот.21 „Бројот на случаи што ги судиме говори дека Шведска е сè уште важен пазар за шверцерите“.

Оружјето со потекло од Балканот и понатаму има влијание далеку надвор од регионот, што значи дека државите имаат постојан заеднички интерес да ја намалат својата ранливост на оваа закана.

Забелешки

  1. Интервју со Гунар Апелгрен, декември 2020 година. 

  2. Kina Pohjanen, Gängspecialist värvad till Uppsala, SVT, 15 October 2020, https://www.svt.se/nyheter/lokalt/uppsala/gangspecialist-varvad-till-uppsala

  3. Интервју со Јан Ранинен, ноември 2020 година. 

  4. Janne Raninen and Ivar Andersen, De kallar mig Solvallamördaren. Lind & Co, February 2018, https://www.lindco.se/bocker/de-kallar-mig-solvallamordaren/

  5. Интервју со Јан Ранинен, ноември 2020 година. 

  6. Johanna Bäckström Lerneby, Familjen, Mondial, May 2020, https://mondial.se/bok/familjen/

  7. Isak Krona, Underrättelsechefen: Jobbar mot tre olika sorters nätverk, Sveriges Radio, 7 September 2020, https://sverigesradio.se/artikel/7548857

  8. Ann Törnkvist, Follow F***ing Orders, Pitch, 17 August 2020, https://www.pitchpublishing.co.uk/shop/follow-fing-orders

  9. Dramatisk ökning av dödsskjutningar, SVT, 16 November 2016 https://www.svt.se/nyheter/inrikes/dramatisk-okning-av-dodsskjutningar

  10. Официјална полициска статистика за 2020 година, https://polisen.se/om-polisen/polisens-arbete/sprangningar-och-skjutningar/

  11. Regeringen föreslår ytterligare skärpta straff för vapenbrott, Justice Department press release, 5 June 2020, https://www.regeringen.se/pressmeddelanden/2020/06/regeringen-foreslar-ytterligare-skarpta-straff-for-vapenbrott

  12. Slopad straffrabatt för unga myndiga vid allvarlig brottslighet, Justice department press release, 10 July 2020, https://www.regeringen.se/pressmeddelanden/2020/07/slopad-straffrabatt-for-unga-myndiga-vid-allvarlig-brottslighet

  13. Статистика на шведската полиција, 15 декември 2020 година, https://polisen.se/om-polisen/polisens-arbete/sprangningar-och-skjutningar/

  14. Интервју со локален истражувачки новинар, на 3 јануари 2021 година, што се повикува на податоците извлечени од интервјуа и неофицијални разговори со полицијата во Стокхолм. 

  15. Illegal vapenanvändning i polisregion Stockholm – Strategisk rapport, Police Authority, Stockholm police region, May 2020, [https://polisen.se/aktuellt/nyheter/2020/juni/illegala-vapen-ateranvands-ofta

  16. Jakob Eidenskog, Så ska vapensmuggling från Balkan stoppas, SVT, 6 December 2018, https://www.svt.se/nyheter/lokalt/vast/sa-ska-vapensmuggling-fran-balken-stoppas

  17. Ann Linde och Mikael Damberg till Bosnien och Hercegovina samt Albanien för möten om organiserad brottslighet, government press release, 5 October 2020, https://www.regeringen.se/pressmeddelanden/2020/10/ann-linde-och-mikael-damberg-till-bosnien-och-hercegovina-samt-albanien-for-moten-om-organiserad-brottslighet

  18. Број на случај Б 4736-16 на судот во шведскиот округ Содерторн. 

  19. Интервју со Кристин Мекнаб, декември 2020 година. 

  20. Интервју со Гунар Апелгрен, декември 2020 година. 

  21. Bosnisk åklagare: ‘Sverige är Balkans största vapenmarknad’, Aftonbladet, 22 January 2018, https://www.aftonbladet.se/nyheter/a/WLq39a/bosnisk-aklagare-sverige-ar-balkans-storsta-vapenmarknad