„Неостарт“, место за втора шанса
Во моментов во Србија има околу 12.000 затвореници; околу 8.000 од нив секоја година се пуштени од затвор. Меѓутоа, со стапка на рецидивизам од 60 до 75 проценти, многу од нив ќе завршат повторно во затвор. „Неостарт“, центар за превенција на криминал и пост-казнена помош, е невладина организација во Србија која помага да се намали ранливоста од рецидивизмот помагајќи им на поранешните престапници во нивните обиди да се реинтегрираат во општеството. Разговараме со директорот Дарјан Вулевиќ за нивната работа, предизвиците и успесите.
Кои се луѓето коишто се вклучени во „Неостарт“ и што ве мотивира?
Во „Неостарт“ се вклучени различни лица: наставници, психолози, правници, студенти и социјални научници, како и поранешни затвореници. За некои членови на „Неостарт“ оваа работа е професионален повик. Други лица се вклучени затоа што преживеале слична судбина, можеби живееле на улица или одлежале затвор. А, некои учествуваат затоа што сакаат да им помогнат на оние на коишто често не им се дава втора шанса.
Каков е животот за некој кој штотуку излегол од затвор?
Тежок. Недостатокот на лични документи е значителен проблем: тие обично истекуваат додека лицето е во затвор. Во 2016 година, половина од сите лица ослободени од затвор во Србија немаа валидни лични документи. Ситуацијата оттогаш е малку подобрена, но регистрацијата сè уште е често незгодна. Ова создава ефект на „снежни топки“ каде што, без документи, на луѓето коишто излегуваат од затвор им е тешко да аплицираат за работа или дури да добијат некои јавни услуги, како што е здравствената заштита.
Колку им е тешко на поранешните затвореници да најдат работа?
Лицето ослободено од затвор по долга казна ги нема истите можности да најде работа како и другите луѓе. Една од причините е тоа што многу работодавци бараат сертификат кој вели дека немате кривично досие. Другата причина е психолошка: тешко е лицето да се приспособи откако било затворено по 22 часа на ден. Преминот кон слобода може да биде тежок. На престапниците им е потребна подготовка за животот надвор - додека сè уште ја издржуваат казната, како и поддршка откако повторно ќе влезат во општеството.
Може ли да споделите некоја успешна приказна?
Еден од нашите најзадоволителни успеси беше кога му помогнавме на поранешен престапник да отвори пицерија. Пицеријата оттогаш стана многу успешна и сопственикот сега им помага на другите поранешни затвореници да се реинтегрираат во општеството. Ниту едно наше достигнување не би било можно без посветената работа на нашите волонтери, на кои сум особено горд.
Дали мажите и жените се соочуваат со различни предизвици по излегувањето од затвор?
Од 12.000 лица во затвор во Србија, само 200 се жени. Иако многу затвореници споделуваат слични искуства, секоја личност е единствена, и видовме дека мажите и жените се соочуваат со различни предизвици, особено во однос на наоѓање работа. Општо земено, жените велат дека немаат проблем да најдат работа и затоа многу поретко ни се обраќаат за помош при вработување отколку мажите. Многу од нив се мајки кои се враќаат кај нивните семејства. Во некои случаи, ова обезбедува мрежа за поддршка, но во други случаи претставува дополнителни предизвици. Затоа, жените повеќе ги користат нашите советодавни и семејни програми.
Честопати затворите се „завршни училишта“ кои ги претвораат ситните криминалци во прекалени. Дали сте наишле на ваков проблем? Дали давате некакво советување или спроведувате други активности со затворениците пред или по нивното ослободување за да го намалите ризикот од качување по скалата на криминалот?
За жал, ова е реален проблем, како што може да се види од стапката на рецидивизам од 70 %. Најважни се првите денови на поранешниот затвореник по напуштањето на малолетничкиот притвор или поправниот дом. Ако лицето не добие сеопфатна поддршка во овој ран период, шансата за рецидивизам се зголемува. Затоа започнавме пост-казнена програма наменета за младите по нивното ослободување од затвор.
Каква поддршка им дава „Неостарт“ на поранешните затвореници?
Имаме пет програми и линија за помош. Овие програми вклучуваат поддршка за барателите на работа, како што се обука за пишување на CV и подготвување за разговор за работа. Горд сум што можам да кажам дека оние клиенти кои имаат дојдено кај нас барем три пати, сите успеаја да се вработат. Честопати, претходните клиенти се враќаат кога сакаат да ја сменат кариерата или да најдат подобра работа. Преку теренска работа даваме директна поддршка на поранешните затвореници кои се во контакт со државните институции и други служби. Една од нашите најбарани програми е советувањето за поранешни затвореници коишто се обидуваат да ги надминат егзистенцијалните проблеми, особено веднаш по нивното ослободување. Психолозите им помагаат на поранешните затвореници да се справат со одредени проблеми. Имаме и семејна програма, којашто обично започнува додека лицето е сè уште во затвор. Целта е да се создаде здрава атмосфера во семејството по ослободувањето на затвореникот. Исто така, обезбедуваме поддршка за младите луѓе, како што се оние коишто го напуштаат поправниот дом во Крушевац или малолетничкиот затвор во Ваљево. Неодамна, успеавме да обезбедиме храна и сместување за загрозена младина за да спречиме рецидивизам.
Неодамна го посетивте поправниот дом за млади во Крушевац. Каков беше вашиот впечаток?
Создадовме посебна програма за млади што ја спроведуваме заедно со организации во други српски градови, како што е „Рестарт“ во Нови Сад или Младинскиот совет во Крушевац. Ја претставивме програмата во казнено-поправниот дом и се обидовме да ги мотивираме младите да се вклучат. Дискусијата за тоа што можат да очекуваат во првите неколку дена по нивното ослободување беше многу интензивна поради нивното исчекување и возбуда за нивните планови и потреби.
Како поранешните затвореници го наоѓаат „Неостарт“?
Персоналот на „Неостарт“ редовно ги посетува затворите, што ни овозможува да разговараме со затворениците неколку недели или месеци пред нивното ослободување. На овој начин се запознаваме едни со други и можеме однапред да ги идентификуваме проблемите. „Неостарт“ се занимава со оваа работа веќе десет години; сега сме доста познати, така што на поранешните затвореници им е лесно да нè најдат. Исто така, честопати добиваме писма од сегашни или поранешни затвореници или нè контактира член на семејството на затвореникот. Некои поранешни затвореници ни се јавуваат по ослободувањето за да договорат состанок.
Што обично бараат прво од вас вашите клиенти?
Тие обично прашуваат дали можеме да им дадеме пари, работа или да им обезбедиме одредена материјална поддршка. За жал, не сме во можност да понудиме работа освен во ретки прилики. Пристапот на организација како „Неостарт“ не е за секого, но за оние поранешни затвореници коишто контактираат со нас, обично владее одлична атмосфера, бидејќи луѓето кои сакаат да инвестираат во себе активно се вклучуваат во нашите активности.
Со кои предизвици се соочувате?
Донаторите не сакаат да обезбедат директна поддршка за поранешните затвореници. Ова нè принудува да се фокусираме на проекти кои можат да му помогнат на пост-казнениот систем како целина. Се разбира, ова се исплати, но резултатите честопати немаат непосредно влијание врз животот на оние на кои им е најпотребна помош.
Како КОВИД-19 влијаеше врз вашата работа?
Ја влоши ситуацијата, бидејќи затворите станаа уште позатворени. Контактот на затвореникот со семејството и пријателите е проблематичен, што го отежнува планирањето и спроведувањето на програмите за пост-казнена поддршка. Во моментов не сме во можност да ги посетуваме затворите, што нè спречува да им помогнеме на затворениците да се подготват за предизвиците со кои ќе се соочат по ослободувањето. За време на првиот карантин во април, имавме случаи кога луѓето кои штотуку беа ослободени од затвор мораа да пешачат 80 километри од Пожаревац до Белград, бидејќи јавниот превоз не работеше.
Кои мерки можат да го подобрат системот за пост-казнена поддршка во Србија?
Подготовката за ослободување треба да започне на денот кога лицето ќе започне да ја издржува казната. Ова би барало поголем број службеници за пост-казнен третман, но може да ја намали високата стапка на рецидивизам. Треба да се разгледаат и алтернативите на затвор. За таа цел, потребно е да се подобри соработката помеѓу органите за алтернативно санкционирање и другите сектори во општеството, како што се невладините организации коишто обезбедуваат директни услуги. Потребна е позначајна финансиска помош од државата, како и целокупна поддршка за да се обезбеди подобро функционирање на пост-казнениот систем и да се намали ранливоста на рецидивизам.
„Неостарт“ е неодамнешен корисник на поддршка од Фондот за отпорност. Какво значење за вас има овој проект?
Во минатото, младите клиенти често исчезнуваа на половина од програмата за поддршка. Тие престануваа да се ангажираат или реагираат. Не сакаа да признаат дека се вратиле на нешто за кое сметале дека е од суштинско значење за опстанок, иако знаеја дека, долгорочно, тоа не е во нивен интерес. Проектот „Фонд за отпорност“ ни дава средства да го намалиме товарот врз младите луѓе кои штотуку се ослободени од поправната установа. Поддршката што ја обезбедува Фондот за отпорност ни овозможува да им помогнеме на овие млади луѓе да се справат со егзистенцијалните проблеми на нивниот прв ден на слобода, како што е наоѓањето пари за храна и сместување. Ова им овозможува да се концентрираат на иднината и да градат нов живот.
Дарјан Вулевиќ е еден од основачите на „Неостарт“ и новиот директор на организацијата. Заврши српска полициска академија и специјализираше за работа со поранешни затвореници, млади престапници и корисници на дрога. Тој е коавтор на низа публикации за пост-казнена практика.