Коцкање во Северна Македонија
Коцкањето е потенцијално профитабилно, но со себе носи сериозни ризици и отвора прозорец за организиран криминал. Во јануари 2019 година албанската влада презеде одлучувачки чекор за забрана на сите електронски казина и спортски обложувалници. Објаснувајќи ја оваа одлука, премиерот Еди Рама ги наведе социјалните и економските проблеми што ги создаде коцкањето за многу албански семејства. Тој истакна дека во Албанија „коцкарските активности во голем дел се финансираат преку организиран криминал. Има пари што се перат преку коцкање, а луѓето во организираниот криминал се индиректно или директно вклучени во овој сектор.“ 1 Како резултат, беа затворени 4.364 установи кои беа домаќини на електронски казина или спортски обложувалници. Меѓутоа, Националната лотарија и големото казино во центарот на Тирана сè уште работат и останува можноста да се градат нови казина во просториите на хотелите со пет ѕвезди. Ова ја става контролата над коцкањето во рацете на неколкумина.
Во март 2019 година, косовската влада презеде уште подрастични мерки: новото законодавство ги забрани сите коцкарски активности во земјата, делумно поради врските на индустријата со организираниот криминал.2 Установите што не се придржуваа беа присилно затворени. На пример, во септември 2020 година, стотици полицајци учествуваа во операција за затворање на нелегално казино во селото Карачево, близу до границата со Србија. Најмалку 35 лица беа уапсени под обвинение за нелегално коцкање, проституција и поседување оружје и дрога. Некои од уапсените беа гранични полицајци.3
Одлуката за забрана за коцкање имаше економски последици. Се проценува дека 7.280 лица останаа без работа во Албанија поради одлуката, додека државата загуби околу 45 милиони евра даночни приходи.4 Во Косово се затворија околу 350 бизниси кои се бават со коцкање, а илјадници луѓе останаа невработени. Во 2018 година, овие деловни активности платија речиси 16 милиони евра акциза.5
Додека Албанија и Косово презедоа решителни чекори за ограничување на коцкањето, соседната Северна Македонија бележи голем раст на коцкањето од 2019 година. Според податоците на македонското Министерство за финансии, издадени се 40 дозволи за компании за вршење коцкарски активности.6 Повеќе од половина од овие дозволи се издадени во 2019 и 2020 година (видете слика 2), откако ограничувањата на коцкањето стапија на сила во Албанија и Косово. Овие компании имаат право да отворат електронски казина или обложувалници низ целата земја.
Коцкање во Северна Македонија
ИЗВОР: Министерство за финансии на Република Северна Македонија
Во последните дваесет години казината и обложувалниците беа позната глетка во главниот град на Северна Македонија, Скопје или во Гевгелија, на југот на земјата. Но, од 2019 година, во мирните градови како Охрид и Струга, близу до границата со Албанија, е забележано драматично зголемување на бројот на казина и обложувалници. Навистина се чини дека Северна Македонија се претвори во оаза за коцкање во регионот.
На парламентарните избори во јули 2020 година, коцкањето не беше голем проблем. Иако премиерот Зоран Заев ги призна негативните ефекти на казината и местата за обложување во некои заедници, тој исто така јасно стави до знаење дека неговата влада нема да брза да го забрани овој сектор, туку внимателно ќе го следи и ќе преземе мерки за регулирање на истиот.7
Коцкарскиот бум во Северна Македонија е добар за нејзината економија. Методи Хаџи-Јанев, професор по право и експерт за сектор за коцкање на Воената академија во Скопје, изјави дека во 2020 година бројот на луѓе директно вработени во секторот за коцкање се зголеми на 7.700; има околу 54.000 други работни места поврзани со коцкање во земјата, со што на државниот буџет му носи милиони евра даноци.8
Меѓутоа, постојат и опасности поврзани со коцкањето, како што се зависност, социо-економска ранливост и криминал. Во нивните одлуки за ограничување на коцкањето, Албанија и Косово конкретно ја наведоа загриженоста во врска со зголемената сиромаштија, семејното насилство и незаконската активност, бидејќи коцкарите се борат да ја платат својата навика. Според Хаџи-Јанев, „откако ќе ги исцрпат сопствените ресурси, коцкарите често почнуваат да трошат туѓи пари и го ставаат во опасност нивното семејство затоа што се склони кон незаконски заеми, поточно лихварство“.9
Растот на коцкањето го менува карактерот на некои градови. Постои загриженост дека Охрид, заштитено место на УНЕСКО, ризикува да стане магнет за туристи кои ги привлекува коцкање, а не историската убавина на градот.10 Струга, којашто порано беше мирен град, сега е преполна со казина и спортски обложувалници, кои честопати имаат маѓепсувачки екстериери и силни, сјајни светла.
Како што е нагласено во извештајот на ГИ-ТОК од август 2020 година „Нелегални финансиски текови во Албанија, Косово и Северна Македонија“, коцкањето – без разлика дали е во физички или онлајн казина – автомати за игри на среќа или спортско обложување, одамна е идентификувано како канал за перење пари на Западен Балкан.11 Според поранешниот министер за внатрешни работи на Северна Македонија, Павле Трајанов, постои „можност парите од криминално потекло да може да се перат низ казината и да се легализираат во тој процес“.12 Понатаму, Трајанов истакна дека проституцијата честопати е поврзана со бизнисот на казината.
Накратко, Северна Македонија презема ризик. Иако двата нејзини соседи – Албанија и Косово – имаат строго ограничено коцкање, Северна Македонија се чини дека го подигнува својот профил како место за обложување. Иако треба да се остварат победи во однос на работните места и приходите од данок, има и потенцијални загуби, вклучително и промена на имиџот на земјата – и на некои од нејзините најпознати туристички дестинации – и привлекување организиран криминал, перење пари и зависност. Влогот е голем.
Забелешки
-
Rama i prerë: Bixhozi financohet nga krimi i organizuar, cenon sigurinë kombëtare, Tirana Today, 22 October 2018, https://tiranatoday.al/rama-i-prere-bixhozi-financohet-nga-krimi-i-organizuar-cenon-sigurine-kombetare. ↩
-
Закон бр. 06 / Л-155 за забрана на игри на среќа, службен весник на Република Косово, број 11, 24 април 2019 година, https://gzk.rks-gov.net/ActDetail.aspx?ActID=2813. ↩
-
Kosovo police officers arrested in crackdown on illegal casinos, BBC, 19 September 2020, https://www.bbc.com/news/world-europe-54219185. ↩
-
Mbyllja e lojërave të fatit, buxheti i shtetit humbet 5.4 mld lekë në vit, A2 News, 10 September 2020, https://www.youtube.com/watch?v=9QsD8wo2aTg. ↩
-
Fatlum Jashari and Taulant Qenaj, Sa rrezikohen milionat e buxhetit nga vendimi për mbylljen e lojërave të fatit?, Radio Evropa e Lirë, 29 March 2019, https://www.evropaelire.org/a/sa-rrezikohen-milionat-e-buxhetit-nga-vendimi-per-mbylljen-e-lojerave-te-fatit/29850175.html. ↩
-
Списокот е достапен на https://www.finance.gov.mk/mk/igri. ↩
-
Јован Ѓорговски, Ќе се дислоцираат ли казината и обложувалниците од станбените објекти?, Канал 5, 4 јануари 2019 година, https://kanal5.com.mk/kje-se-dislociraat-li-kazinata-i-oblozhuvalnicite-od-stanbenite-objekti/a361479. ↩
-
Индустријата на игри на среќа поддржува речиси 70.000 работни места, Новинска агенција Макфакс, 24 ноември 2020, https://bit.ly/39rbEgZ. ↩
-
Емилија Димитрова, Криминални карактеристики на рекет и изнуда, Универзитет „Свети Климент Охридски“ во Битола, 2019 година, https://fb.uklo.edu.mk/wp-content/uploads/2019/07/emilija.pdf. ↩
-
Интервју со граѓанин на Охрид, 22 декември 2020 година. ↩
-
Tuesday Reitano and Kristina Amerhauser, Illicit Financial Flows in Albania, Kosovo and North Macedonia, GI-TOC, August 2020, p 30, https://globalinitiative.net/wp-content/uploads/2020/08/IFFs-Balkans-English-WEB-Nov2020-1.pdf. ↩
-
Интервју со Павле Трајанов, декември 2020 година. ↩