Global Organized Crime Index
Опсерваторија на Нелегални Економии во Југо-Источна Европа
Резиме на главните точки
-
Профитирање од пандемијата: КОВИД-19 и корупцијата.
Вториот бран на пандемијата КОВИД-19 го пустоши Западниот Балкан. Многу држави се во карантин. Ова ја намали транспарентноста на процесите на јавните набавки, како и просторот за граѓанските организации и медиумите да известуваат за проблемите со корупцијата и организираниот криминал. Криминалците и корумпираните службеници брзо ја согледаа можноста. Гледаме како пандемијата ги откри слабостите предизвикани од лошото управување и корупцијата и како се заканува да ги влоши веќе ранливите социо- економски и здравствени услови.
-
Поголем сообраќаен метеж на Коридорот 10: криумчарење мигранти преку Северна Македонија.
Во 2015 година речиси 700.000 бегалци и мигранти патуваа од Грција преку Северна Македонија, движејќи се северно, кон Србија и ЕУ, долж Коридорот 10. Иако Балканската рута беше затворена во март 2016 година, сепак протокот на луѓе коишто се движат низ Северна Македонија продолжува. Овој напис ги мапира главните рути и истражува како се криумчарат мигранти, особено преку центри околу јужната граница со Грција и со Србија на север.
-
Градење мостови помеѓу полицијата и царината во Југоисточна Европа.
Уште од своето основање во 1999 година, Центарот за спроведување на законот во Југоисточна Европа (СЕЛЕК), со седиште во Будимпешта, ја подобрува соработката помеѓу полициските и царинските службеници во борба против транснационалниот, сериозниот и организираниот криминал во регионот. Генералниот директор Снежана Малеева од Бугарија ги објаснува активностите на СЕЛЕК, вклучувајќи ја и обуката, заедничките операции и анализи, како и подобрувањето на соработката меѓу обвинителите.
-
Ветувањата што ги одржуваме: следење на заложбите за борба против корупцијата на Западен Балкан.
Во 2014 година започна Берлинскиот процес со цел да се олесни регионалната соработка меѓу државите на Западниот Балкан и да се зајакнат европските интеграции и безбедноста. Во јули 2018 година, на Самитот во Лондон, пет земји од Западен Балкан (проследено од Србија во 2019 година) потпишаа заложби за борба против корупцијата. Прегледуваме како корупцијата се решава во рамките на Берлинскиот процес и проценуваме до кој степен земјите ги исполнуваат своите обврски за борба против корупција.
-
Зајакнување на отпорноста и помирувањето во Мостар.
Градот Мостар, на југот на Босна и Херцеговина, е жариште за организиран криминал, особено за трговија со дрога и криумчарење на оружје. Поради слабото полициско работење, градот стана прибежиште за криминалците од регионот коишто се кријат од други криминални групи или коишто бегаат од законот. Хулиганството исто така претставува проблем и во градот. Ние го интервјуираме Алмир Дењо, претседател на локална невладина организација наречена Взаемна акција за зајакнување на алтернативата, за нивната работа на промовирање на отпорноста и помирувањето во заедницата, особено меѓу младината и луѓето на маргините на општеството.
За ова издание
Ова издание на Билтенот на ризици изработено од Опсерваторијата на граѓанското општество за борба против организираниот криминал во Југоисточна Европа го продолжува нашиот фокус на влијанието на КОВИД-19 врз политичката економија на Западниот Балкан. Како што вториот бран на пандемијата го пустоши регионот, така гледаме како криминалците и корумпираните службеници ја зграпчуваат можноста за да заработат пари на трошок на граѓаните и гледаме како КОВИД-19 ги открива слабостите во здравствените системи и управувањето во Западниот Балкан.
По Самитот од Берлинскиот процес во Софија одржан на 10 ноември 2020 година, се потсетуваме на заложбите за борба против корупцијата дадени на сличен Самит во Лондон во јули 2018 година и забележуваме дека, иако има одреден напредок во спроведувањето на овие обврски, исто така, во некои земји има и назадување. Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал (ГИ-ТОК) наскоро ќе објави процена за тоа колку земјите ги спроведуваат заложбите за борба против корупцијата коишто се дадени во рамките на Берлинскиот процес.
Пред пет години, во 2015 година, стотици илјади баратели на азил и мигранти минаа низ Балканот на пат кон ЕУ. Иако Балканската рута беше прогласена за затворена во март 2016 година, сè уште се криумчарат мигранти низ регионот. Во ова издание се фокусираме на тоа каде и како се криумчарат мигрантите преку Северна Македонија.
Иако поголем фокус на овој Билтен се ризиците коишто ги претставуваат организираниот криминал и корупцијата во Западен Балкан, исто така претставуваме што се презема за да се управува со нив и тие да се намалат. На пример, овој месец се фокусираме на работата на СЕЛЕК, којашто, над две децении ја подобрува соработката помеѓу полициските и царинските службеници во борба против транснационалниот, сериозниот и организираниот криминал во регионот. Во нашите изданија за отпорноста разговараме со директорот на невладината организација Заедничка акција за зајакнување на алтернативата – поддржана од Фондот за отпорност на ГИ-ТОК и со седиште во поделениот град Мостар, во Босна и Херцеговина којшто е разорен од криминал – за тоа како тие гледаат на проблемот со организираниот криминал во нивната заедница и како ќе ја охрабрат младината и ќе ги интегрираат луѓето на маргините на општеството.
Како и секогаш, доколку имате идеи за Билтенот на ризици, или би сакале да дадете ваш придонес, ве молиме контактирајте нè на almedina.dodic@globalinitiative.net.