Ветувањата што ги одржуваме: следење на заложбите за борба против корупцијата на Западен Балкан.
На 10 ноември 2020 година, лидерите на земјите од Западен Балкан учествуваа на Самитот во Софија, со кој на Берлинскиот процес ко-претседаваа Бугарија и Северна Македонија. Овој процес започна во 2014 година со цел да се олесни регионалната соработка меѓу државите на Западен Балкан и да се зајакнат европските интеграции и безбедноста. Секоја година, политичките лидери од Западен Балкан и ЕУ се собираат за да работат на постигнување поголема безбедност, стабилност, интеграција и просперитет во регионот. Борбата против корупцијата е приоритет на Берлинскиот процес. Но, дали државите ги исполнуваат своите заложби?
На Самитот во Трст во 2017 година имаше сеопфатна дискусија за корупцијата и нејзиното влијание врз регионот. Состанокот заврши со заедничка декларација од италијанскиот претседавач и владите на земјите од Западен Балкан за нивната заедничка заложба за борба против корупцијата. Во неа тие признаа дека „корупцијата е предизвик за сите наши општества“ и изјавија дека „е дојден вистинскиот момент за засилени заложби да се исполни огромното барање за интегритет, почитување и предвидливост на владеењето на правото во нашите земји“.1
На Самитот во Лондон во јули 2018 година, земјите од Западен Балкан (без Србија, којашто потпиша во 2019 година) отидоа чекор понапред со заложбите за борба против корупцијата. Претседавачот ги поздрави овие ветувања, напоменувајќи дека „корупцијата го попречува економскиот раст и инвестициите, ги ослабува демократските институции, ја уништува довербата на јавноста и го нарушува владеењето на правото“.2 Заложбите опфаќаа теми како јавно-приватно партнерство, јавни набавки, данок, поткажување информации, корисна сопственост, поврат на имот и можности за извршување. Овие заложби не беа нови, туку тие ги зајакнаа оние коишто беа веќе преземени во контекст на други иницијативи, како што се Самитот за борба против корупција во Лондон во 2016 година, првата Глобална декларација за борба против корупцијата, препораките на Групата на земјите членки на Советот на Европа против корупцијата и препораките на Европската комисија направени како дел од процесот на пристапување во ЕУ.
Борбата против корупција беше повторно на дневниот ред на Самитот во Познањ во 2019 година. Иако земјите од Западен Балкан формално не воспоставија независен механизам за ревизија, тие сепак постигнаа разбирање за потребата од мерлив напредок во спроведувањето на нивните антикорупциски заложби. Еден спореден настан ја истакна улогата на граѓанското општество во помагањето при следење на спроведувањето.
Како продолжение на Самитот во Познањ беше спроведена независна регионална процена за корупцијата во Западен Балкан, со поддршка од владата на Велика Британија. Националните експерти коишто работат во партнерство со ГИ-ТОК ја анализираа корупцијата и нејзиното влијание врз управувањето во секоја од шесте земји од Западен Балкан. Тие спроведоа интервјуа со засегнатите страни, вклучително и со претставниците на кривично-правниот сектор, граѓанското општество, академските претставници и медиумите. Во процесот авторите открија дека има малку познавање за антикорупциските заложби, или кај пошироката јавност или во рамките на владините агенции коишто се одговорни за нивното спроведување. Исто така, не беше видливо кои владини тела се одговорни или отчетни за следење на спроведувањето.
Неодамна објавеното извршно резиме на наодите за корупцијата и антикорупциските заложби на Западен Балкан од страна на ГИ-ТОК покажува дека корупцијата „е и причина и последица на криминалната култура којашто се провлекува низ регионот и начинот на кој е поврзана корупцијата со политиката сугерира одреден степен на организирана корупција, па дури и елементи на државно преземање, во голем број земји во регионот“.3
Процената за степенот до кој владите на земјите од Западен Балкан ги исполнуваат своите заложби за борба против корупцијата го нагласува напредокот во некои земји и во некои области, додека пак, во други земји немаше напредок, па дури ни назадување. Претстојниот извештај за ГИ-ТОК го разгледува спроведувањето на заложбите во сите шест земји. Редовното следење на спроведувањето на антикорупциските заложби треба да помогне да се затвори јазот помеѓу дадените ветувања и исполнетите ветувања.
Забелешки
-
Берлински процес, Заедничка декларација за борба против корупција, Самит во Трст на 12 јули 2017 година, https://berlinprocess.info/wp-content/uploads/2017/11/Joint-Declaration-Against-Corruption-1.pdf. ↩
-
Berlin Process, Chair’s Conclusions of the Heads’ meeting of the London Western Balkans Summit, Western Balkans Summit in London, 10 July 2018, https://berlinprocess.info/wp-content/uploads/2018/07/Chair’s-Conclusions-of-the-Heads’-meeting-of-the-London-Western-Balkans-Summit-10-July-2018.pdf. ↩
-
Ugljesa Ugi Zvekic and Suncana Roksandic Vidlicka, Infrastructure of Integrity: Заложби за корупцијата и борбата против корупција на Западен Балкан, Извршно резиме, ГИ-ТОК, октомври 2020 година. ↩