Зајакнување на отпорноста и помирувањето во Мостар.

Алмира Мусиќ од Клуб МАСА, координатор на проектот, и Алмир Дењо, претседател, разговараат за улогата на организацијата во промовирање на отпорноста и помирувањето во заедницата, особено меѓу младите и луѓето на маргините на општеството.

CАлмира Мусиќ од Клуб МАСА, координатор на проектот, и Алмир Дењо, претседател, разговараат за улогата на организацијата во промовирање на отпорноста и помирувањето во заедницата, особено меѓу младите и луѓето на маргините на општеството.

Фотографија: Набавена

Зошто беше основана организацијата Клуб МАСА? Која е вашата мисија и што правите?
Клуб МАСА (Взаемна акција за зајакнување на алтернативата) постоеше некое време како неформална група, но официјално ја основавме во Мостар во 2016 година за да обезбедиме поддршка и рекреација за младите лица и лицата со попреченост. Младите беа демотивирани; немаа можности и беа изложени на екстремизам, насилни навивачи на фудбалски клубови, употреба на дрога и деликвенција. Воочивме потреба од организација којашто на ранливата младина во овој регион би можела да ѝ обезбеди одржливи алтернативи.

Во текот на изминатите четири години се фокусиравме на унапредување на меѓуетничката соработка меѓу Србите, Бошњаците и Хрватите во градовите како Невесиње и Билеча во Република Српска. Организиравме заеднички иницијативи за да ги натераме луѓето да се сретнат и да работат заедно за да создадат побезбедна средина и да го приспособат општеството кон потребите на младите лица и лицата со попреченост.

Кои се главните предизвици со кои се соочувате работејќи со младите во регионот Мостар?
Како граѓанска организација (ГО) којашто се занимава со ранливост во земја која има висока стапка на невработеност кај младите, има многу што да направиме. За жал, работата за ГО во ваков предизвикувачки регион е ризичен потег во кариерата, поради недостатокот на предвидливи и одржливи приходи и проблемите со социјалното осигурување. Во Босна и Херцеговина има многу граѓански организации, но недоволно иницијативи кои директно би соработувале со младите за да ги поттикнат да ги отфрлат организираниот криминал, дрогата и насилството од својот живот и од општеството.

Младите се сметаат (не само од нив самите) како пасивни чинители или дури и жртви, наместо како потенцијални чинители за промена коишто можат да ја зајакнат отпорноста во своите мрежи и заедници. Мораме да ги едуцираме и поттикнеме младите луѓе да се вклучат во активизам, да ги вклучиме во нашите активности и да ги поддржуваме и нивните идеи со цел да допреме до другите млади луѓе. Бидејќи нашиот образовен систем е слаб и поделен, неформалното образование мора да се засили и да ја пополни празнината.

Мостар се наоѓа долж клучните рути за трговија.

Слика 4 Мостар се наоѓа долж клучните рути за трговија.

Спроведовте проект за промовирање меѓукултурен дијалог и инклузија преку спортови во коишто беа вклучени воени ветерани од различна етничка припадност, како и поранешни затвореници. Како успеавте да ги соберете овие луѓе и каков беше резултатот?
Повеќе од дваесет години по војната, Мостар и понатаму е поделен град, со хрватски дел на запад и босански дел на исток. Постојат две политички партии коишто ги претставуваат двете главни етнички групи, две болници, две противпожарни единици, две комунални и електрични компании и две пошти. Постојат дури и етнички одвоени образовни, културни и спортски активности.

Нам ни се потребни проекти коишто промовираат меѓуетничко разбирање и соработка, бидејќи помладата генерација се воспитува со старите наративи и поделби од минатото. Нив ги хранат со приказните на нивните родители за војната и историјата, кои разгоруваат тензии едни против други. За да се надмине ова, ние организираме работилници кои обединуваат ветерани, млади луѓе и поранешни затвореници за да разговараат за тоа што се случи тука во 90-тите години и за тоа што треба да се промени во нашето општество за да биде подобро за сите.

Наместо луѓето да зборуваат за своите искуства, ние ги тераме учесниците да играат улоги, за да видат какво е чувството да се живее животот на другиот. Ова помага да се урнат стереотипите и предрасудите и да се изгради емпатија. Во мала заедница како што е Мостар, предрасудите и стереотипите се премногу присутни: дури и ако сакате да се промените, луѓето секогаш ќе ве потсетуваат на вашите грешки или ќе ви судат на одреден начин. Ние веруваме дека секој заслужува втора шанса, без разлика дали станува збор за поранешни затвореници кои се обидуваат да го променат својот животен стил, за луѓе со историја на употреба на дрога или за оние кои се на маргините на општеството.

Како би ги опишале трендовите на организираниот криминал во Мостар и Херцеговско-неретванскиот кантон?
Наследството од војната и политичките превирања меѓу етничките партии во Мостар – што спречија спроведување на локални избори во последните 12 години – создаде плодна средина за организиран криминал. Постојат неколку криминални групи коишто се активни во трговија со дрога во и околу градот, од кои некои се вклучени во дистрибуција на канабис и хероин. Во изминатите неколку години, други групи почнаа да се занимаваат со трговија со кокаин. Повеќето дроги влегуваат во земјата преку границите на Босна и Херцеговина со Србија и Црна Гора, околу Билеча, Требиње и Фоча.

Покрај дрога, има трговија со луѓе и криумчарење мигранти, цигари и алкохол. Фактот дека полицијата во Мостар во последните рации заплени големи количини нелегално оружје и експлозив посочува на тоа дека жителите на градот поседуваат значителни количини нелегално оружје. Повеќето криминални групи овде исто така се занимаваат и со лихварство и проституција, носејќи жени од Украина, Молдавија и Србија.

Ситуацијата ја влошуваат корупцијата во судството и благите казни за кривичните дела. Исто така, имаше и некои врски помеѓу криминалците и локалните политичари коишто резултираа во киднапирања и убиства. Овој екосистем го претвори Мостар во магнет за криминалците од регионот, пред сè од Хрватска, Србија и Црна Гора. Но, градот не е безбедно прибежиште: некои од овие криминалци се убиени овде.

Дали и во Мостар има проблем со употреба на дрога?
Претходно, Мостар главно беше транзитна точка за дрога со која се тргува во Западна Европа, но во изминатите 10 години се зголеми употребата на сите видови дрога. Побарувачката е најголема во текот на летото кога десетици илјади туристи престојуваат во градот. Канабисот е најкористената дрога во Мостар.

Мостар како жариште за организиран криминал

Поглед на мостарскиот мост преку реката Неретва. Покрај тоа што стана популарна туристичка дестинација, Мостар стана и жариште за организиран криминал.

Поглед на мостарскиот мост преку реката Неретва. Покрај тоа што стана популарна туристичка дестинација, Мостар стана и жариште за организиран криминал.

© Денис Зубери/Анадолу Ејџнси преку Гети Имиџис (Denis Zuberi/Anadolu Agency via Getty Images)

Мостар е град во јужниот дел на Босна и Херцеговина, којшто е административен центар на Херцеговско- неретванскиот кантон. Градот е популарна туристичка дестинација, но ова не се должи само на преубавиот мост преку реката Неретва. Тој се наоѓа на клучна рута за криумчарење на околу два часа возење од градовите Сараево, Херцег Нови (Црна Гора) и Дубровник и Сплит (Хрватска).

За време на Балканските војни во 90-тите градот доста страдаше: неговиот познат мост беше уништен, беа извршени воени злосторства и градот беше поделен по етничка линија меѓу босанските и хрватските заедници. Политички, градот е сè уште поделен, со едната половина управува главната босанска партија, а со другата половина главната хрватска партија.

Мостар е единствениот европски град којшто веќе 12 години не одржува локални избори. Ова го забави закрепнувањето на економијата и го попречи управувањето. Имено, Мостар веќе две години нема полициски комесар и има недостиг на полициски службеници. Ова придонесе градот да стане прибежиште за криминалците од регионот коишто се кријат од други криминални групи или коишто бегаат од законот.

Некои го искористуваат своето двојно државјанство (на пример во Хрватска или Србија) за да избегнат апсење или да добијат намалена казна. Други пак, работат неказнето благодарение на корупцијата и слабото гонење. Се вели дека криминалните групи во градот учествуваат во трговија со дрога, оружје и луѓе. Покрај тоа што е познат како центар за трговија со дрога во Сараево и во ЕУ преку Хрватска, Мостар се смета и како центар за консумација на дрога. Во градот, се убиени голем број криминалци, вклучувајќи и неколкумина со врски со клановите од Котор во Црна Гора. Убијците ретко се наоѓаат.

Покрај тоа, градот има проблем со хулиганство. Во изминатите 15 години имаше повеќе напади врз полицијата, особено од насилни приврзаници на локалниот фудбалски клуб „Зрињски“. Некои членови на хулигански групи се исто така вклучени во трговија со дрога и оружје и имаат врски со десничарски организации во други делови на Европа, вклучително и во Украина.1

Кои се главните предизвици во поттикнувањето на меѓуетничка соработка меѓу младите, особено при спречување криминал?
Најголемата пречка за промовирање меѓуетничката соработка е екстремниот национализам, особено во руралните области. Националистите не дозволуваат меѓуетнички контакти или активности за помирување. Некои од нив се поврзани со криминал, па затоа не е во нивен интерес да ги поттикнуваат младите да се справат со негативните појави во општеството. Ова го отежнува подобрувањето на меѓуетничката соработка и борбата против криминалот.

Во овој регион многу од клучните институции одговорни за кривичната правда ги раководи иста политичка партија. Какво влијание има ова врз борбата против корупцијата и организираниот криминал?
Главната пречка за функционирањето на обвинителството и судството во Херцеговско-неретванскиот кантон, а со тоа и во Мостар, е фактот дека обвинителот и претседателот на судот се од иста партија, како и министерот за внатрешни работи и полицискиот комесар. Кантонскиот суд пресуди дека комесарот е нелегално избран, но оваа одлука не беше спроведена.

Случаите на корупција поврзани со политичарите или тајкуните коишто се блиски со овие лидери остануваат нерешени. Граѓаните ретко поднесуваат тужби против моќни луѓе затоа што знаат дека овие елити нема да бидат гонети. Покрај тоа, полицијата нема план за борба против организираниот криминал или насилството: како резултат на ова има сè поголем број инциденти и сè повеќе млади луѓе се вклучуваат во криминални активности.

На пример, во 2019 година, околу 5.000 работници од фабриката „Алуминиј“, економски гигант во овој регион, останаа без работа. Другите работници потоа штрајкуваа за да ги истакнат обвинувањата за корупција и лошото управување во фабриката. Обвинителството на кантонот покрена случај, но оттогаш ништо не се случи. Нешто слично се случи и со фабриката „Соко“, којашто порано беше голем производител на делови за воздухопловната индустрија. Лидерот на една од националистичките партии беше директор на фабриката кога таа банкротираше по приватизацијата. Меѓутоа, материјалните докази и сите обвинителни документи исчезнаа на патот од обвинителството до судот, а обвиненијата беа отфрлени.

Најнов пример е скандалот околу постројката за третман на отпадни води во Мостар. Оваа постројка за третман на отпадни води требаше да работи со полн капацитет пред повеќе од три години, но сè уште е во фаза на тестирање. Проектот досега чини над 180 милиони КМ (92 милиони ЕУР), со еден колектор кој допрва треба да биде готов.

Ова ви дава идеја зошто толку многу млади луѓе го напуштаат овој град и зошто многу од оние што остануваат се приклучуваат на криминални или хулигански групи. Важно е да се зборува што е можно повеќе за овие проблеми и да се апелира до властите да покренуваат постапки и да ги гонат одговорните. Сите проекти, вклучително и оние поддржани од Фондот за отпорност на ГИ-ТОК, коишто можат да помогнат во намалувањето на ранливоста и да ги натераат младите да зборуваат и да работат кон подобра иднина за себе и својата заедница е добредојден.

Забелешки

  1. Balkan Research Network of Bosnia and Herzegovina, Mostarski navijači i desničari pokazuju naklonost ukrajinskom ‘Azovu’, Voice of America, 10 November 2020, https://ba.voanews.com/a/bih-zrinjski-navijaci-azov-ukrajina-radikalizam-rasizam/5655134.html