Поголем сообраќаен метеж на Коридорот 10: криумчарење мигранти преку Северна Македонија.

Во 2015 година над половина милион бегалци и мигранти го преплавија Западен Балкан, особено од Грција, преку Северна Македонија, во Србија, а потоа Унгарија. Иако оваа таканаречена Балканска рута беше прогласена за затворена во март 2016 година, сепак протокот никогаш не запре целосно; а во последните месеци, тој повторно се зголеми. Сѐ уште се криумчарат мигранти долж Коридорот 10 – главната транспортна рута од Солун преку Северна Македонија и Србија до Будимпешта, како и западно од Белград преку Хрватска и Словенија, до Грац и Салцбург во Австрија.

Во 2015 година, ширум светот беа емитувани драматични слики од азиланти и мигранти коишто се обидоа да ја преминат границата од Грција кон Северна Македонија, во обид да се упатат на северозапад долж Балканската рута кон централна Европа. Откако беше затворена Балканската рута, бројот на нерегуларни премини падна од 694.674 во 2015 година на нешто повеќе од 4.000 во 2017 година.1

Од почетокот на 2016 година, зголемената гранична безбедност, како поставување огради и распоредување гранични полицајци на „Фронтекс“ и заеднички гранични патроли, предизвика мигрантите да се префрлат на Јадранската рута што минува од Грција во Албанија, преку Црна Гора и Босна и Херцеговина, а потоа во Хрватска. Затворањето на Балканската рута исто така ги наведе мигрантите и азилантите повеќе да се потпираат на криминалните мрежи за да им обезбедат криумчарски услуги и лажни патни исправи.2

Меѓутоа, бројот на луѓе коишто се обидуваат да влезат во Северна Македонија преку Грција – и оттука да отидат кон јужна Србија – расте од 2019 година. Коридорот 10 ја врати популарноста како артерија за криумчарење мигранти: во 2019 година беа пријавени речиси 25.000 нерегуларни премини кон Северна Македонија.3 Повеќето од барателите на азил и мигрантите се млади мажи коишто доаѓаат од Блискиот Исток и Северна Африка, како и од Авганистан и Пакистан.214

Статистика за нерегуларни премини низ Северна Македонија.

Слика 1 Статистика за нерегуларни премини низ Северна Македонија.

ИЗВОР: Министерство за внатрешни работи на Северна Македонија, Годишни извештаи за 2017, 2018 и 2019 година и Извештај за процена на ризик за организиран и сериозен криминал (2017–2019).

Влезни точки и рути на криумчарење

Мигрантите се криумчарат низ Северна Македонија во три главни чекори: премин од Грција во Северна Македонија, транзит низ Северна Македонија и премин од Северна Македонија во Србија. Криумчарењето мигранти од Грција во Северна Македонија се одвива по две главни рути: една од селото Идомени (Грција) до Гевгелија (Северна Македонија) и друга по необележани патеки над планината Беласица, во близина на градот Струмица (Северна Македонија).

Во 2015 година, Идомени беше главната точка на премин за стотици илјади мигранти и бегалци на пат кон централна Европа. Денес, селото останува центар, но на значително пониско ниво. Мигрантите ги земаат криумчари во околината на хотелот „Хара“, кој се наоѓа на автопатот Е-75 што ги поврзува Солун и Скопје. Криумчарењето во најголем дел го спроведуваат Авганистанци и Пакистанци, често во соработка со граѓани на Северна Македонија. Најчестите рути минуваат низ пограничното село Моин, западно од реката Вардар и селата Стојаково, Прдејци, Селемли, Негорци, Миравци, Милетково и Богородица.

Мигрантите честопати се криумчарат со автомобили и камиони преку граничниот премин Богородица. Исто така, имаше и неколку случаи на мигранти кои се обидоа да ја преминат границата со патнички или товарен воз преку железничкиот граничен премин Гевгелија. Ваквиот начин на премин може да биде опасен: мигрантите можеле да бидат повредени или убиени при нивните обиди да скокнат на возови во движење или при контакт со високонапонски кабли.5 Во 2015 година, 14 мигранти коишто заспале на пругите биле убиени од возот што патувал од Солун кон Белград.6

Втората рута поминува преку планината кај Беласица и преку Дојранскиот регион, каде што полицијата на Северна Македонија редовно открива мигранти.7 На пример, во јули 2020 година полицијата пронајде 12 сириски мигранти во близина на селото Давидово во лично возило со српски регистарски ознаки, кое го управувал српски државјанин од Врање.8

Откако ќе преминат во Северна Македонија, мигрантите тргнуваат кон север по Коридорот 10, од Гевгелија преку Велес кон главниот град, Скопје. Подобрувањето на автопатот помеѓу Демир Капија и Смоквица ја зголеми брзината на сообраќајот и го намали бројот на контроли, со што се олесни криумчарењето мигранти. Алтернативната рута што ја користат криумчарите за да ги избегнат полициските патроли се протега од Гевгелија до Куманово преку Богданци, Валандово, Струмица и Штип.

Влезни точки за мигранти и рути на криумчарење преку Северна Македонија.

Слика 2 Влезни точки за мигранти и рути на криумчарење преку Северна Македонија.

За да ги намалат своите ризици, криумчарите често користат возила со изгубени или украдени регистарски таблички и ги сместуваат мигрантите во напуштени или празни куќи. Криумчарите често носат маски и ракавици за да не остават траги на ДНК или отпечатоци од прсти во возилата - практика што не предизвикува многу сомневање заради мерките на претпазливост за КОВИД-19.

Во близина на српската граница, мигрантите обично се оставаат близу Кострник, бензинската пумпа „Макпетрол“ на автопатот Е-75 или обиколницата Табановце. Оттаму, ги земаат и ги носат во селата Липково, Лојане или Ваксинце во липковскиот регион – села со муслиманско мнозинство, кои обезбедуваат безбедно прибежиште за криумчарите и мигрантите. Потоа, мигрантите ги криумчарат во селото Миратовац во Србија, а потоа оттаму контрола преземаат српски криминални групи. Како одговор на тоа, Србија поставува ограда долж границата со Северна Македонија, за да го запре протокот.9

Во јужна Србија, многу баратели на азил и мигранти се собираат во камповите околу Прешево, Бујановац и Врање. Од 9 ноември 2020 година, во овие три логори имаше околу 900 баратели на азил и мигранти. Оттаму, тие се обидуваат да се упатат кон север.

Методи на криумчарење

Криумчарењето мигранти преку Северна Македонија го олеснуваат криминалните мрежи коишто имаат врски во земјите на потеклото и одредиштето, како и во соседните земји, со што се обезбедува континуитет по целата рута. Тие нудат целосен спектар на услуги, вклучувајќи сместување, обезбедување лажни документи и информации за контактните точки во земјите долж рутата.

Овие криминални мрежи имаат вертикална структура со јасно дефинирани улоги за секој член, како домаќин, набљудувач, транспортер, посредник и благајник. На пример, одговорноста на домаќинот е да се грижи за мигрантите откако ќе влезат во Северна Македонија, додека работата на набљудувачот е да ги идентификува полициските патроли, контролните пунктови или заседите долж рутата и да ги информира останатите членови на мрежата.10

За да комуницираат на начин што избегнува откривање, криумчарите користат апликации за пораки на социјалните медиуми како WhatsApp, Viber или Telegram. Тие исто така се потпираат на социјалните медиуми и користат онлајн платформи за да издејствуваат олеснување на услугите.11 Дополнително на тоа, тие ги следат мигрантите преку GPS уреди. Алатките за комуникација често се менуваат или комбинираат; на пример, не е невообичаено криумчарите да иницираат комуникација преку мобилни телефони или преку интернет, а потоа да ја продолжат на деловните телефони или радија.

Надоместокот што се наплатува за криумчарење мигранти од Грција преку Северна Македонија и во Србија е помеѓу 300 и 1.500 евра, во зависност од начинот на транспорт, квалитетот на сместувањето и другите услуги. Вреди да се напомене дека се работи за приближно истата цена која се наплатуваше во 2015 година и до почетокот на 2016 година. Надоместоците наводно скокнаа до 3.500 евра во периодот веднаш по затворањето на Балканската рута.12 Надоместоците обично се плаќаат или однапред во готово во еден од големите грчки градови, на возачот или на водичот, или со користење услуги за трансфер на пари како што е системот хавала.13

Постојат индиции дека криумчарите понекогаш соработуваат со полицајци, коишто им даваат информации за полициските патроли и контролните пунктови. На пример, во 2016 година, како резултат на една тајна операција со кодно име „Којот“, беа уапсени 19 лица, а пет полицајци беа под истрага за криумчарење мигранти, продажба на дрога, злоупотреба на нивната позиција и лажна идентификација во регионите на Велес, Неготино, Гевгелија и Скопје. Полициските службеници беа обвинети за обезбедување информации, логистика, па дури и полициски униформи на криминална група.14

Во друг случај, во 2018–2019 година, полицијата во Северна Македонија приведе 17 членови на организирана криминална група, вклучително и висок полициски службеник од Штип кој учествувал во криумчарење мигранти. Членовите на криминалната група користеле соучесник во полицијата за да добиваат дојави за операции за борба против криумчарење и за тоа како да ги прикриваат нивните криминални активности.15

Но, полицијата исто така имаше успех во разбивањето на криумчарските мрежи. Во октомври 2019 година, полицајците во Северна Македонија, како дел од операцијата „Рефлекс“, спречија влез на 252 мигранти долж границите со Грција, Бугарија и Србија.16 Криминалната мрежа беше организирана од татко и син од Богданци, коишто во периодот меѓу декември 2019 година и октомври 2020 година, искриумчариле околу 100 мигранти во земјата за значителна добивка. Останатите членови на групата беа транспортери коишто ги разнесуваа мигрантите низ Северна Македонија. Повеќето мигранти потекнуваа од Авганистан, Пакистан, Сирија, Иран, Египет и други земји од Блискиот Исток.17

Додека бројот на луѓе во движење значително се намали во периодот меѓу март и мај 2020 година како резултат на ограничувањата поврзани со пандемијата,18 бројките повторно започнаа да се зголемуваат во јуни и оттогаш растат: во текот на првите девет дена од октомври, полицијата на Северна Македонија приведе 878 мигранти во близина на границата со Грција. Ова зголемување не само што создава поголем пазар за криумчарење мигранти, туку ја влошува и хуманитарната криза во јужна Србија каде што растат бројките на камповите во коишто се сместуваат азиланти и мигранти.

Забелешки

  1. Министерство за внатрешни работи на Северна Македонија, Извештај за процена на ризик за организиран и сериозен криминал (2010–2015) и Извештај за процена на ризик за организиран и сериозен криминал (2017–2019). 

  2. Southeast European Law Enforcement Center, 2019 Report on illegal migration in Southeast Europe, https://www.selec.org/wp-content/uploads/2020/04/SELEC-Report-on-Illegal-Migration-in-SEE_public-version.pdf

  3. Министерство за внатрешни работи на Северна Македонијa, 2019 Годишен извештај, https://bit.ly/3maca8s

  4. Ибид. 

  5. Сашко Панајотов, Infomigrants: Мигранти одново се упатуваат кон балканската маршрута преку Идомени, Миа, 22 јули 2020 година, https://mia.mk/infomigrants-migranti-odnovo-se-upatuvaat-kon-balkanskata-ruta-preku-idomeni/

  6. Академик, Воз во близина на Велес прегази 14 мигранти: машиновозачот немал услови да го сопре возот, информираат од обвинителството, 24 април 2015 година, https://akademik.mk/voz-vo-blizina-na-veles-pregazi-14-migranti-mashinovozachot-nemal-uslovi-da-go-sopre-vozot-informiraat-od-obvinitelstvo-3/

  7. Зоран Георгиев, Дивите патеки преку Беласица - нова балканска рута за мигрантите низ Македонија, Сител, 18 јули 2020 година, https://sitel.com.mk/divite-pateki-preku-belasica-nova-balkanska-ruta-za-migrantite-niz-makedonija

  8. Ибид. 

  9. Српските власти започнаа да поставуваат ограда на границата со Македонија, во областа Прешево. Овој дел од границата е ноторен по честото движење на мигранти, кои ја преминуваат Македонија по влегувањето преку Грција и ги користат селата од македонската страна на границата како полигони додека чекаат да влезат во Србија. Македонија има слична ограда и во близина на Гевгелија, на границата со Грција. 

  10. Иван Штерјоски и Бојана Божиновска. Трговија со луѓе и криумчарење на мигранти во Северна Македонија, Македонско здружение на млади правници, мај 2019 година, https://bit.ly/399ddSc

  11. Southeast European Law Enforcement Center, 2019 Report on Illegal Migration in Southeast Europe, https://www.selec.org/wp-content/uploads/2020/04/SELEC-Report-on-Illegal-Migration-in-SEE_public-version.pdf

  12. Министерство за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Извештај за процена на ризик за организиран и сериозен криминал (2017–2019). 

  13. Министерства за внатрешни работи на Србија, Црна Гора и Македонија, Процена на ризик од сериозен и организиран криминал во регионот, http://www.mvr.gov.mk/Upload/Editor_Upload/analizi-statistiki/Socta%20izvestaj%202016%20ENG.pdf

  14. Владимир Калински, Уапсени полицајци осомничени за шверц на мигрант, Радио Слободна Европа, 20 јули 2016 година, https://www.slobodnaevropa.mk/a/27869604.html

  15. С. К. Делевска, Уапсен полициски началник за Штип за шверц на мигрант, повеќепати откриената рута уште е жива, 15 февруари 2019 година, https://sdk.mk/index.php/makedonija/uapsen-politsiski-nachalnik-na-shtip-za-shverts-na-migranti-povekepati-otkrienata-ruta-ushte-e-zhiva/

  16. Република Северна Македонија, Министерство за внатрешни работи, 16 октомври 2020 година, https://mvr.gov.mk/vest/13225

  17. Mak Press, Акција на МВР против организирана група за криумчарење мигрант, се користеа и хеликоптери, 15 октомври 2020 година, https://vesti.mk/read/article/https%3A%2F%2Fmakpress.mk%2FHome%2FPostDetails%3FPostId%3D374320

  18. Пелагија Стојанчова, Балканската мигрантска рута повторно атрактивна, Радио Слободна Европа, 26 јуни 2020 година, https://bit.ly/376YOng