На нишан: Истражувачкото новинарство во Црна Гора
Владимир Оташевиќ, наградуван истражувачки новинар од Црна Гора и уредник на мрежата за известување за криминал и корупција ЛУПА, објаснува зошто да се биде новинар што истражува криминал и корупција во Црна Гора е ризично
Како би го опишале медиумскиот пејзаж во Црна Гора? Која е улогата на јавните и независните медиуми, како и оние поддржани од меѓународни донатори?
Медиумскиот пејзаж во Црна Гора е многу поларизиран. Медиумите се поделени на оние што ја поддржуваат владата во заминување и оние што се обидуваат да ја завршат својата работа на професионален начин. Вториве имаат поголема читателска публика и уживаат финансиска поддршка од меѓународната заедница. Сепак, независните медиуми се борат со низок прилив на приходи. Во оваа земја, влијанието на владата беше толку моќно што компаниите, од кои голем број се поврзани со државата, не сакаат своите средства за реклами да ги пласираат на медиуми кои се критички настроени кон оние на власт. Новинарите исто така се слабо платени, што им го отежнува заработувањето на пристојна егзистенција. Просечната новинарска плата е скудни 500 евра месечно.
Јавниот сервис во Црна Гора, со децении, е контролиран од владејачката политичка партија. Всушност, би било посоодветно да се нарече партиски радиодифузен сервис. Недоволната објективност е забележана од невладините организации што лобираат за слобода на медиумите и во меѓународните извештаи. Сите се согласуваме дека тоа е далеку од она што граѓаните на оваа земја заслужуваат да го добијат од јавниот сервис.
До кој степен новинарите во Црна Гора се независни во своето известување?
Општо земено, новинарите во Црна Гора, особено оние кои работат за провладините медиуми, се под силно влијание на политичкиот режим. А и во независните медиуми понекогаш има притисок од големите огласувачи. Недостатокот на слобода на медиумите е голем проблем тука, за што сведочат бројните напади врз новинари што ја откриле вистината. Во последните 18 години има 70 пријавени напади врз новинари во Црна Гора, вклучително и едно убиство.
Каков тип на стории покрива ЛУПА?
Објавуваме стории главно за организираниот криминал и вмешаноста на политиката во криминалните пазари. Нашите прилози опфаќаат и корупција и злоупотреба на службена положба од носители на функција. Исто така се фокусираме на прашања поврзани со сиромаштијата и социјалната неправда во Црна Гора. Сите видови истражувачко новинарство се од интерес за нас, но нашиот главен фокус е да ја расветлиме врската помеѓу организираниот криминал и политичките елити во оваа земја.
Минатото лето, објавивме прилог за тоа како имот во сопственост на претседателот на Парламентот на Црна Гора – чија партија владее со земјата со децении – беше продаден како дел од корупциски договор. Во прилогот, исто така разоткривме активности на перење пари. Како резултат на таа сторија, органот на јавното обвинителство започна истрага за имотот на претседателот на Собранието и трансакциите околу продажбата на имотот.
Кои се главните предизвици со кои се соочува ЛУПА?
Првенствено, нашата загриженост е околу безбедноста затоа што пишуваме за некои од најмоќните и најопасните луѓе во земјата. Ние се обидуваме да ги ублажиме ризиците со употреба на безбедносни апликации на нашите мобилни телефони и уреди. Се сомневаме дека сме под надзор на црногорската Агенција за национална безбедност. Овде, не е невообичаено да се привлече таков тип на внимание – на крајот на краиштата, се тврди дека дури и странските дипломати добиваат ист третман. Друг предизвик е потребата од одржлива финансиска поддршка.
Кои се главните ризици со кои се соочуваат новинарите во Црна Гора кога ги истражуваат темите поврзани со организираниот криминал и корупција?
Да ви кажам еден мрачен пример: пред 16 години Душко Јовановиќ, уредникот на весникот „Дан“, беше убиен во престрелка од возило. Инцидентот сè уште е морничав потсетник за новинарите околу ризиците со кои се соочуваат. Во 2018 година беше застрелана Оливера Лакиќ, новинарка од весникот „Вијести“, но за среќа преживеа. Овие и многу други инциденти што се случиле во оваа земја, како што се заканата со смрт што ја добив во 2017 година од братот на премиерот во заминување, се секојдневни потсетници за вистинските опасности со кои се соочуваат новинарите кои го истражуваат организираниот криминал и корупцијата во Црна Гора.
Шверцот на цигари и оружје и трговијата со дрога се едни од најопасните теми што можете да ги покривате како новинар. Луѓето стравуваат за своите животи. А вие не го ризикувате само вашиот сопствен живот, туку и оние на луѓето близу вас. Земете го примерот на Оливера Лакиќ. Пред да биде застрелана, таа добила закани дека ќе ја силуваат неа и нејзината ќерка. Ова се случило откако таа напиша серија истражувачки прилози за шверцот на цигари во Црна Гора. Разбирливо, под вакви услови, семејствата честопати се обидуваат да ги одвратат новинарите од нивната работа.
Што може да се направи за да промени ситуацијата?
Постои можност за голем напредок со новата влада во Црна Гора. Црна Гора е единствената земја во Европа што ја има истата влада од падот на Берлинскиот Ѕид – истите луѓе се на власт веќе три децении. Колку се поблиски врските помеѓу организираниот криминал и луѓето на позиција на донесување одлуки во државата, толку посилни се корените на организираниот криминал и потешко е да се бориме против него. Во земјите каде демократијата е силна, организираниот криминал е послаб. По 30 години еднопартиско владеење, за жал, Црна Гора е далеку од силна демократија.
Се надеваме дека новата влада ќе ја промени ситуацијата кон добро и ќе овозможи слобода на медиумите и подобро опкружување за новинарите. Исто така, се надеваме дека новата влада ќе преземе конкретни чекори за борба против корупцијата. Очекуваме транспарентност околу зделките на претходната влада и сите нови договори што ги склучува оваа нова влада. Транспарентноста е важнo прашање за новинарите, бидејќи толку долго ја немаше. На пример, владата во заминување смета дека буџетските трошоци се тајна. Ова мора да заврши. Освен тоа, навистина се надеваме дека оваа нова влада ќе го измени законот за слобода на информации, за да можеме да имаме поголем пристап до државните информации.
Исто така, со нетрпение очекуваме реформи во правосудниот систем. Ние би сакале случајот на Душко Јовановиќ повторно да се отвори, заедно со останатите нерешени случаи во кои е извршено насилство врз новинари. На овој начин, новинарите би чувствувале поголема поддршка и би се чувствувале побезбедни, а таквата постапка може да делува и како предупредување против идни инциденти на заплашување од ваков тип.
Кои чекори може да се преземат за Црна Гора, и општо цел Западен Балкан, да изградат отпорност кон организираниот криминал?
Важен прв чекор би бил да се има подобра, потранспарентна влада. Економската и социјалната состојба исто така треба да се подобрат со стремеж за помала невработеност и подобри работни перспективи. Многу е важно да им се дадат подобри економски и социјални можности на заедниците погодени од криминал и корупција, со цел да се избегнат ситуации кога сиромаштијата и недостатокот на можности ги втурнуваат луѓето во организиран криминал
Исто така, од витално значење е државните органи на прогонот во Црна Гора, како што се полицијата и обвинителството, да се справат со криминалните кланови од Котор кои вршат крвопролевање од 2014 година. Неуспехот да се поведе кривично гонење доведе до огромно збогатување на овие две криминални групи и нивните соработници. Ова не требаше да се случи: таквите криминални групи требаше да бидат средени на самиот почеток, но очигледно немаше политичка волја од страна на властите. Можеби нова влада би се нафатила поинтензивно да работи на проблемот, со нови храбри луѓе, политичка волја и потребни ресурси.
Како новинари, внимателно ќе ги следиме напорите на новата влада и секогаш ќе бидеме критични кога работите ќе тргнат наопаку. Важно е новата влада да работи во најдобар интерес на граѓаните во земјата. Ако не го сторат тоа, ние ќе им дишеме во врат. Тоа е работата на новинарите
Мрежата за известување за криминал и корупција – ЛУПА – е непрофитна организација што промовира и развива истражувачко новинарство во Црна Гора. Основана е во 2016 година од група независни новинари. Една од главните области на работа на ЛУПА е истражување и известување за организиран криминал и корупција во Црна Гора и во странство. Конкретните цели на ЛУПА се помош на граѓаните и владините органи во борбата против организираниот криминал; унапредување и заштита на човековите права; следење на работата на владините институции; промовирање на регионална соработка меѓу медиумите и групите кои се залагаат за антикорупција и борба против организираниот криминал. Од 2019 година, ЛУПА добива поддршка од Фондот за отпорност на ГИ-ТОК.