Албанскиот канабис се сели на затворено
Албанија е озлогласена по својата индустрија за одгледување канабис. Во 2014 година, едно село, Лазарат, Би-Би-Си дури и го нарече „главен град на Европа за одгледување канабис на отворено“.1 Но, како резултат на повеќе фактори, се чини дека има поместување во изворниот пазар затоа што Албанците сè почесто се занимаваат со одгледување канабис на затворено во Западна Европа.
Значителни количества канабис се одгледани во Албанија од раните 1990-ти наваму. По падот на комунизмот, земјата стана важен извор на канабис за Европскиот пазар. Албанија има поволни услови за одгледување, а пазарот беше поттикнат од лошото владеење, корупцијата и местоположбата – земјата е близу до Грција, Италија и централна Европа. Сиромаштијата и опортунизмот во пресрет на хаотичната транзиција кон демократија и слободната пазарна економија исто така доведе до зголемување на производството на канабис во Албанија.2
Во текот на една деценија, како што техниките на одгледување стануваа поефикасни, а шверцерските рути поетаблирани, одгледувањето на канабис во Албанија прерасна во милионски бизнис. Оваа нелегална економија ја поткрепуваше егзистенцијата на десетици илјади земјоделци, инјектираше профити од дрога во политиката и бизнисот, и ги збогати албанските шверцери дома и во странство.
Иако канабисот се произведува по должина и ширина на земјата, до раните 2000-ти, епицентарот беше едно село наречено Лазарат, на југот на земјата. Стана мрачна, но сепак јавна тајна, недопирлив дел од култивацијата на канабис кој ја збогати локалната економија, политичарите и шверцерите. Промената на власта во 2013 година, проследена со притисокот извршен од меѓународната заедница доведе до голем упад, при што во една фаза имаше и подолготрајна престрелка помеѓу полицијата и добро-оружените одгледувачи на канабис, во Лазарат, во јуни 2014 година.3
Сепак, проблемот не се реши со интервенцијата – едноставно само се дислоцира. Одгледувањето на канабис се прошири низ земјата во 2016, година кога имаше добра реколта и масивни профити.4Наместо да биде концентрирана во неколку изолирани локации како Лазарат и планинските предели на Дукаѓини на север, скапата трева почна да се одгледува во речиси секој дел на земјата. Ова им овозможи на албанските шверцери да се искачат по хиерархијата – инвестирајќи ги профитите од канабисот во пазарот на кокаин, и некои од нив наскоро станаа големи играчи во Латинска Америка и Западна Европа.5
Извор: Албанска државна полиција
Крупните полициски акции од 2017 година наваму се чини дека го попречија одгледувањето на канабис во Албанија. Можно е да има благо зголемување во обемот на производство во 2020 година, иако е премногу рано за проценка, особено со оглед на влијанието на КОВИД-19 врз реколтата, затоа што пандемијата беше прогласена во периодот кога се сееше семето на канабис. Од една страна, постои можност земјоделците да претрпеле пречки во производството поради ограничувањата наметнати со карантинот; од друга страна, полицијата веројатно и не била толку внимателна поради други приоритети. Според најновите податоци од Министерството за внатрешни работи, во текот на јуни 2020 година полицијата уништила 36 044 садници, повеќе од двојно во споредба со количеството запленето во истиот месец во 2019 година (14 595).6
За разлика од пред пет години кога можеше да се купи канабис по цена меѓу 150 и 700 евра по килограм, денес големопродажната цена е 1 300 евра поради релативно ограничената понуда. Но, како што е повисока цената, поголеми се и ризиците
Транспортот на килограм канабис – на пример со глисер преку Јадранско Море до Италија – наводно чини 300 евра по килограм. Освен тоа, и полицијата во Албанија и соседните земји стана повнимателна, што доведе до тоа шверцот на дрога да е сè поризичен.
Денес, иако Албанија останува главниот производител на канабис во Европа,7 се чини дека некои криминални групи ги преселуваат своите операции во Западна Европа, каде има поголема побарувачка и помалку поврзан ризик. Во текот на изминатите четири години, се чини дека трендот – што може да се види преку полициските акции во Западна Европа – е тоа албански криминалци со претприемачки дух да инвестираат во одгледување на канабис на затворено во земји како Шпанија, Холандија, Белгија и Обединетото Кралство. Пазарните сили зад ова пренасочување се поволни – во Западна Европа има голема побарувачка, а и големи профити. Килограм канабис одгледан на затворено во западноевропска земја се продава за околу 3 000 евра. Тоа е за околу третина повеќе од она што се добива во Западна Европа за канабисот одгледан во Албанија. Кога ќе се пресметаат и трошоците и ризиците при шверцување на дрогата од Албанија, предностите на лоцирањето на производството поблиску до крајниот пазар се јасни.
Одгледувањето на канабисот на затворено исто така овозможува производ со подобар квалитет. Канабисот култивиран на отворено, како и секоја друга култура, е подложен на временските услови и други ризици кои можат да ја загрозат жетвата. Одгледувањето канабис на затворено може да се изврши во контролирана средина, потентноста или нивото на ТХЦ (психоактивната супстанца во дрогата) може да се регулира, а постојаната светлина и контролираното наводнување може да го забрзаат циклусот на производство, овозможувајќи жетва на секои три до четири месеци.
© Уриел Синај/Гети имиџис (Uriel Sinai/Getty Images)
И покрај тоа што култивацијата на канабис е значајно опадната во Албанија, се чини дека Албанците се сè уште активни во култивацијата на канабис на други места. Постои веројатност дека оваа промена во понудата ќе доведе до логична промена на фокусот кај органите на прогонот, при што западноевропските агенции ќе треба да се расправаат со проблем кој сега им е многу поблиску до дома. Во меѓувреме, намалувањето на култивацијата на канабис во албанските рурални предели, која обезбедуваше егзистенција за многу земјоделци, треба да се оди рака под рака со посилен фокус на социо-економска помош за да се намали веројатноста8 од повторно враќање кон економија зависна од производство на дрога.
Вреди да се спомне дека постојат знаци дека одгледувањето на канабис се одвива и на други места на Западен Балкан. Во неодамнешен случај од висок профил, полицијата уапси сопственик на компанија за органска храна, Предраг Колувија, откако 65.581 садници канабис, околу 650 сушена марихуана со вкупна тежина од околу 3.954 кг (4 тони), како и оружје, опрема за надзор и автомобил опремен со полициски ознаки беа откриени на имотот на неговата компанија „Јовањица“, во Стара Пазова,9 Војводина. Тоа беше една од најголемите заплени на дрога во српската историја.10 Судењето, и тоа на сопственикот на компанијата за храна и на осумтемина второосомничени, започна во јули. Случајот привлекува внимание поради наводните политички контакти на осомничениот, како и соучесници во државните безбедносни служби.
Останува да се види дали ова е изолиран случај или дел од поширок тренд на зголемено одгледување на канабис во Србија и регионот. Помали заплени на канабис се пријавени на Косово (каде полицијата запленила 1,753 садници канабис од јануари до јуни 2020 година),11 и во Босна и Херцеговина каде, во јуни, Државната агенција за истраги и заштита открила локација за одгледување канабис на затворено во Сараево,12 а биле пријавени и мали парцели под култивација на отворено. Во Северна Македонија, дозволена е култивација на канабис за медицински цели од 2016 година, иако со строги одредби и високи критериуми за добивање дозвола.
ГИ-ТОК подетално ќе ги разоткрие пазарите на дрога на Западен Балкан во извештај што ќе биде објавен на почетокот на 2021 годинa.
Забелешки
-
Linda Pressly, Europe’s outdoor cannabis capital, BBC News Albania, 1 December 2016, https://www.bbc.com/news/magazine-38111945. ↩
-
Fatjona Mejdini and Kristina Amerhauser, Growing like weeds: Rethinking Albania’s culture of cannabis cultivation, GI-TOC, December 2019, https://globalinitiative.net/wp-content/uploads/2019/12/AlbaniaCannabis.14.12.web_.pdf. ↩
-
Albanian cannabis growers and 800 police battle in lawless village of Lazarat, The Guardian, 17 June 2014, https://www.theguardian.com/world/2014/jun/17/albanian-cannabis-growers-800-police-battle-lazarat. ↩
-
Daniela Castro, Albania: Cannabis production far from coming to an end, 5 July 2016, https://www.occrp.org/en/daily/5441-albania-cannabis-production-far-from-coming-to-an-end. ↩
-
Волтер Кемп, Транснационални пипала: Глобални жаришта на организираниот криминал со потекло од Западен Балкан, ГИ-ТОК, јули 2020, https://globalinitiative.net/transnational-tentacles-wb6/. ↩
-
Statistical Monthly Report of Interior Ministry, Albania, June 2020, https://mb.gov.al/wp-content/uploads/2020/08/Raporti-Qershor-2020.pdf. ↩
-
Direzione Investigativa Antimafia, Attività volta e risultati conseguiti dalla Direzione Investigativa Antimafia, July-December 2019, https://direzioneinvestigativaantimafia.interno.gov.it/semestrali/sem/2019/2sem2019.pdf. ↩
-
Nate Tabak, In Europe’s former pot capital, now the only grass is for sheep, PRI, 30 October 2017, https://www.pri.org/stories/2017-10-30/europe-s-former-pot-capital-now-only-grass-sheep. ↩
-
Reuters, Serbia seizes four tonnes of marijuana in organic food farm, 26 November 2019, https://www.reuters.com/article/us-serbia-police/serbia-seizes-four-tonnes-of-marijuana-in-organic-food-farm-idUSKBN1Y01YC. ↩
-
Jelena Zorić and Ana Novaković, Specijalna emisija “Jovanjica - kada je cvetala marihuana”, N1, 15 June 2020, http://rs.n1info.com/Video/Info/a610222/Jovanjica-kada-je-cvetala-marihuana.html. ↩
-
Kosovo General Police Directorate, The Policing in the time of pandemic: Six (6) Month work report of Kosovo Police, January - June 2020, https://www.kosovopolice.com/wp-content/uploads/2020/09/Policimi-n%C3%AB-koh%C3%ABn-e-pandemis%C3%AB-anglisht.pdf. ↩
-
Noviglas, Objavljen snimak policijske akcije – Otkrivena jedna od najskupljih laboratorija za uzgoj droge u BiH, 11 September 2019, https://noviglas.info/2019/09/11/objavljen-snimak-policijske-akcije-otkrivena-jedna-od-najskupljih-laboratorija-za-uzgoj-droge-u-bih-video/. ↩