Global Organized Crime Index
Опсерваторија на Нелегални Економии во Југо-Источна Европа
Резиме на главни поенти
-
Нема карантин за которските банди
Подолго од пет години се одвива војната помеѓу две криминални банди од Котор, на брегот на Црна Гора. И додека поголемиот дел од Црна Гора беше во карантин во текот на кризата со КОВИД-19, убиствата си продолжија. И покрај континуираното насилство, двата лидери на завојуваните кланови Кавачки и Шкаљарски, кои беа уапсени со голема помпа во 2018 година, се сега на слобода, откако платија кауција. Новата влада на Црна Гора даде ветување дека ќе се бори против организираниот криминал и корупцијата. Дали ќе може да ги запре кокаинските војни?
-
Албанскиот канабис се преселува на затворено
Албанија си го компромитира угледот откако беше рангирана како главниот производител на канабис во Европа. Некои албански криминални групи, од друга страна, ги преселуваат своите производни дејности во Западна Европа, каде одгледуваат канабис на затворено. И иако Албанија и понатаму има лош углед, неодамнешната високопрофилна заплена на дрога во Србија покажува дека можеби во регионот има и други жаришта на култивација на канабис кои се во подем.
-
Парите си доаѓаат дома за празниците
Во текот на летната сезона, полицијата во Албанија заплени неколку стотици илјади евра во кеш на граничните премини и на аеродромот во главниот град, Тирана. Ова е само врвот на сантата мраз: милиони евра во кеш се шверцуваат во Албанија секоја година, што е симптоматично за нелегалните готовински трансфери на Западен Балкан кои ги подмачкуваат нелегалните економии.
-
Балканската рута и КОВИД-19: Повеќе ограничувања, поголема беда
Во текот на 2015 година, десетици илјади бегалци и мигранти се движеа низ Југоисточна Европа на пат кон западниот дел на континентот. Денес, таканаречената Балканска рута е во голема мера затворена: границите се обезбедени, а очајните мигранти и баратели на азил се одвраќаат од продолжување на патот. Меѓу ретките добитници од оваа криза се шверцерите со мигранти. Разгледуваме како сè поголем број мигранти влегуваат на Западен Балкан од Грција преку Албанија и методите што се користат за нивно шверцување. Овој прилог исто така го истакнува влијанието што овие процеси го имаат врз Босна и Херцеговина, каде, поради строгата гранична контрола на границата со Хрватска и стравот од КОВИД-19, се одвива растечка хуманитарна криза.
-
На нишан: Истражувачкото новинарство во Црна Гора
Владимир Оташевиќ, наградуван истражувачки новинар од Црна Гора и уредник на мрежата за известување за криминал и корупција „ЛУПА“ им објаснува на нашите истражувачи зошто професијата истражувачки новинар што се занимава со криминал и корупција во Црна Гора е ризичен избор. Оташевиќ го опишува медиумското опкружување во Црна Гора, како и притисоците што доаѓаат од владата, криминалците и приватниот сектор. Изведува заклучок со оптимистички тон, тврдејќи дека новата влада пост-Ѓукановиќ во Црна Гора би можела да ја зголеми медиумската слобода, да го зајакне интегритетот и да ја подобри борбата против организираниот криминал.
За ова издание
Ви посакуваме добредојде на првото издание на Билтенот на ризици, изработен од Опсерваторијата на граѓанското општество за борба против организираниот криминал во Југоисточна Европа, дел од Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал (ГИ-ТОК). Овој нов месечник, направен по теркот на сличните билтени на ризици што ги објавуваат другите регионални опсерватории на ГИ-ТОК, опфаќа теми поврзани со организираниот криминал, нелегалните финансии и корупцијата во регионот на Западен Балкан.
Билтенот на ризици се фокусира на жариштата на организиран криминал на Западен Балкан, политичката економија на организираниот криминал, криминалните пазари и тоа како корупцијата го овозможува сериозниот организиран криминал. Иако билтенот ќе се обиде да се фокусира на актуелни приказни, примарната цел му е да ги процени и анализира ризиците што произлегуваат од регионалните нелегални економии. Ги разгледува секторските, локалните и националните прашања, при што онаму каде што е можно ги става и во поширок регионален контекст, а исто така ја истакнува и врската со пошироките криминални пазари, текови, двигатели и овозможувачи. Краткорочно, од особен интерес ќе ни биде да го анализираме влијанието на КОВИД-19 на регионалниот организиран криминал, како и способноста и политичката волја на властите во регионот да му се спротивстават. Онаму каде што е релевантно, вкрстено ги споредува статиите во Билтенот на ризици со другите публикации на ГИ-ТОК за оние што се заинтересирани за подлабинска анализа.
Ова прво издание обработува широк опсег на теми, вклучително и одгледувањето на канабис во Албанија и како се чини дека Албанците се преориентираат кон одгледување на канабис на затворено во Западна Европа, влијанието на КОВИД-19 и обезбедувањето на границите наспроти шверцот на мигранти низ Западен Балкан; влијанието на пандемијата врз војната на которските банди и новата влада во Црна Гора; и феноменот на готовинските трансфери на Западен Балкан. Исто така вклучивме и интервју со истражувачки новинар околу предизвиците и ризиците при разоткривањето на корупцијата и организираниот криминал во Црна Гора.
Темелна вредност на програмата на ГИ-ТОК е да ја зајакне отпорноста на заедниците против организираниот криминал. Фондот за отпорност го поддржува граѓанското општество, вклучително и тоа на Западен Балкан, со проекти и програми чија цел е да ги поткрепат антителата на заедниците, групите и поединците кои се подложни на криминал. Билтенот на ризици ќе им даде простор на чинителите од граѓанското општество во регионот кои се обидуваат да ја зајакнат отпорноста кон организираниот криминал.
Доколку имате фидбек или идеи за Билтенот на ризици, или би сакале да дадете ваш придонес, ве молиме стапете во контакт со almedina.dodic@globalinitiative.net.