Балканската рута и КОВИД-19: Повеќе ограничувања, поголема беда
Пред пет години, десетици илјади бегалци и мигранти поминуваа низ Југоисточниот дел на Европа обидувајќи се да се упатат на Запад. Денес, Балканската рута е во голема мера затворена: границите се под строга контрола, а очајните мигранти и баратели на азил се оттурнуваат назад. Хуманитарната криза е продлабочена затоа што ранливите групи не можат да се придвижат, а имаат ограничен пристап до здравствена заштита. Едни од ретките добитници во оваа криза се шверцерите на мигранти.
И додека бројот на мигранти и баратели на азил кои се трудат да поминат низ Балканот е значително понизок отколку што беше во најголемиот наплив во 2015 година, сепак постојат луѓе кои се подготвени да го преземат ризикот. Откако границата помеѓу Северна Македонија и Грција стана потешка за преминување, се чини дека поголем прилив на мигранти се помести кон запад преку Грција, низ зелениот појас со Албанија, па потоа кон Црна Гора. Во 2019 година, околу 12 000 странски државјани беа пресретнати во Албанија, и околу половина од нив побараа азил (6 678), што е речиси 11 пати повеќе отколку во 2017.1 Големо мнозинство од овие баратели на азил и мигранти се од Сирија, по што следат Ирак, Пакистан, Мароко, Алжир, Либија, Палестина и Авганистан. Тоа создава атрактивен пазар за шверцерите. На пример, во јуни 2019 година, албанската полиција разби криминална група (што ја водеше турски дилер) која се обидуваше да прошверцува Сиријци, Турци и Ирачани од Грција кон Западна Европа.2 Следниот месец, мрежа на шверцери беше фатена на дело обидувајќи се да пренесе осум Пакистанци од Грција преку Албанија кон Црна Гора. На 10 септември 2020, Албанската полиција разби шверцерска мрежа што се обидуваше да пренесе 16 мигранти кон ЕУ.3
За да се спротивстави на ова пренасочување, Фронтекс – Агенцијата за гранична и крајбрежна стража на ЕУ – започна да патролира на границата на Албанија со Грција во 2019 година. Ова беше првата мисија на Фронтекс на Западен Балкан. Во декември 2019 година, Црногорскиот совет за одбрана и безбедност донесе одлука за распоредување на војската како помош на граничната полиција. Црногорската влада во заминување размислуваше за поставување ограда долж нејзината граница со Албанија, користејќи ја жицата што ја доби од унгарската администрација. Новата влада ќе одлучи дали таквата ограда ќе биде поставена.
Денес, бројот на луѓе во движење е релативно ограничен поради обезбедувањето на границите и карантините поврзани со КОВИД. На пример, во февруари 2020 година, Високиот комесаријат на ООН за бегалци забележа 2 633 новопристигнати мигранти во Србија. Во март, имало 1 669 нови пристигнувања. До април, кога пандемијата беше во ек, беа забележани само 270 нови пристигнувања.4
© Иаин Брнз/СОПА Имиџис/Лајтрокет преку Гети Имиџис (Iain Burns/SOPA Images/LightRocket via Getty Images)
Пандемијата резултираше со значителни ограничувања и во рамките на, а не само меѓу земјите. Во Србија беше воведена строга наредба за ограничување и полициски час во 20 прифатни центри и центри за баратели на азил. Бегалците и мигрантите кои полицијата ги наоѓаше надвор од камповите беа носени назад во еден од тие центри. Во Босна и Херцеговина, мигрантите кои влегуваа во Република Српска беа охрабрени да преминат кон Федерацијата Босна и Херцеговина.5 Ова созадаваше притисок на североистокот од земјата во подрачјето околу Бихаќ во Федерацијата Босна и Херцеговина, во близина на границата со Хрватска.6
Како резултат на тоа, контролата при влез во Кантонот Уна-Сана, во близина на Хрватската граница, беше засилена, за да се запре приливот на мигранти.7
Повеќето мигранти и баратели на азил имаат намера само да транзитираат низ регионот. На пример, луѓето кои поминуваат низ Црна Гора, обично се млади мажи од Мароко, Алжир, Авганистан, Ирак и Сирија. Огромното мнозинство од оние кои аплицираат за меѓународна заштита доброволно ја напуштаат Црна Гора – дури и пред да биде донесена одлука за нивната апликацијата.
Сепак, поради КОВИД-19 и затворањето на Балканската рута, станува сè потешко за мигрантите и барателите на азил да излезат од регионот и да се упатат кон Западна Европа. Ова создава хуманитарна криза и голем број на очајни луѓе кои можат да бидат злоупотребени од шверцери.
Проблемот е најакутен на северозападниот дел на Босна и Херцеговина близу до границата со Хрватска (а со тоа и до влезната точка кон ЕУ). Пренатрупаноста на капацитетите на постојните кампови во кантонот Уна-Сана остави многу луѓе да спијат по улици. Ова беше исправено во пролетта 2020 година со отворањето на новиот камп во Липа. Во моментов, околу 1.100 мигранти престојуваат во кампот, кој има капацитет за сместување 1.000 лица.8 Сепак, очевидци ги информираа нашите истражувачи дека сè уште има неколку стотици мигранти во шумата околу кампот.
Фрустрациите меѓу мигрантите се чини дека се зголемуваат: има извештаи за тепачки меѓу различни етнички групи во кампот во Сараево,9 на пример, поврзани со пристапот до клучните локации за питачење во главниот град. Локалните жители на Бихаќ и Велика Кладуша исто така се чувствуваат исфрустрирано и загрижено не само околу зголемувањето на бројот на мигранти и бегалци во нивните заедници, туку и поради инцидентите на ситен криминал и стравувањата од ширењето на КОВИД.10 Други пак профитираат од ситуацијата со изнајмување на своите станови или вршење превоз на мигрантите, на пример, пренесување на луѓе од кантонот Уна-Сана во правец на Тузла или кон Сараево. Се вели дека цената од Велика Кладуша до Сараево е околу 100 евра по лице.
Се чини дека тесното грло на северозапад доведува до тоа некои азиланти и мигранти, кои влегуваат во Босна од југ, да се насочени кон исток повеќе отколку кон запад: има неодамнешни извештаи за мигранти кои се обидуваат да се преселат од близината на граничниот премин Клобук во јужна Босна преку границата со Црна Гора во правец на Никшиќ. Според извори од босанската гранична полиција, повеќе од 400 лица месечно се обидуваат да ја следат оваа рута, а шверцерите им наплаќаат од 200 до 1.000 евра по преминување (во зависност од тоа каде ќе бидат оставени).
Додека цените на шверцувањето, наводно, се зголемија по укинувањето на карантинот на почетокот на мај – поради зголемената побарувачка – оттогаш се веќе стабилизирани. Всушност, цената за преминување на реката Дрина, на границата меѓу Србија и Босна, дури наводно е и намалена (на приближно 200 евра по лице), што укажува на тоа дека интересот е намален.11
Не е јасно до кој степен е всушност организирана оваа локална економија за шверцување. Во некои случаи, мигрантите се обидуваат да ја преминат границата без посредници. Во други, се чини дека активноста е предизвикана од опортунистички локални жители или ситни оператори кои ги познаваат приликите на локалниот терен. Многу од луѓето што се во движење се сиромашни. Затоа, профитот остварен од шверц зависи од обемот: или во случај на големи групи што се движат одеднаш, или од постојан прилив на мали групи кои се движат кон истиот премин. Повеќето од луѓето во овие текови се движат од точка до точка, потпирајќи се на совети од шверцери, пријатели или локални жители. Полицијата понекогаш е потплатена да подзамижи.
За безбедно да патуваат на подолги растојанија, мигрантите се обраќаат кон шверцери – ако можат да си ги дозволат. Колку е подолго растојанието, толку е поголема цената. Најголем профит имаат оние кои можат да го олеснат патувањето низ Западен Балкан, на пример од Турција и Грција, преку Северна Македонија или Албанија, Црна Гора и Србија, кон Унгарија или преку Босна и Херцеговина кон Хрватска или Словенија. Постојат докази кои сугерираат дека постојат мрежи вклучени во транснационален организиран криминал.12 На пример, на почетокот на септември 2020 година, пет лица беа уапсени од босанската полиција,13 од кои двајца српски државјани, кои беа на листата на ИНТЕРПОЛ за шверц и трговија со луѓе.
Забелешки
-
Cтранци во Албанија, Instat, 21 August 2020, http://www.instat.gov.al/media/7362/foreigners-in-albania.pdf. ↩
-
B Koleka, Albania busts gang trafficking migrants into EU, arrests eight, Reuters, 13 June 2019, https://www.reuters.com/article/us-albania-migrants-trafficking/albania-busts-gang-trafficking-migrants-into-eu-arrests-eight-idUSKCN1TE2RW. ↩
-
Види ФЈАЛА, 10 септември 2020 година,https://fjala.al/2020/09/10/transportonin-drejt-vendeve-te-be-se-16-emigrante-te-paligjshem-ne-pranga-26-vjecari-dhe-bashkepunetori-i-tij/?fbclid=IwAR14Tc7x2Jh7QblXpOxX2ucpOPQsxs76_TB4uRvJxdNWHaWMcAyL_2we_HA. ↩
-
UNHCR Serbia update, ReliefWeb, March 2020, https://reliefweb.int/report/serbia/unhcr-serbia-update-march-2020. ↩
-
D Maksimovic, Nehumane politicke igre s migrantima u BiH, Deutsche Welle, 21 August 2020 https://www.dw.com/hr/nehumane-političke-igre-s-migrantima-u-bih/a-54650069. ↩
-
B.R., Nove tenzije u Velikoj Kladusi zbog migrantske krize, na ulicama veci broj policajaca, Klix, 17 August 2020, https://www.klix.ba/vijesti/bih/nove-tenzije-u-velikoj-kladusi-zbog-migrantske-krize-na-ulicama-veci-broj-policajaca/200817142. ↩
-
Donesena odluka: Ovo su sve zabrane koje se ticu migranata, Oslobodjenje, 19 August 2020, https://www.oslobodjenje.ba/vijesti/bih/donesena-odluka-ovo-su-sve-zabrane-koje-se-ticu-migranata-582972. ↩
-
Peter Van der Auweraert Chief of Mission, International Organization for Migration, Western Balkans Coordinator, Twitter, 8 September 2020, https://twitter.com/PeterAuweraert/status/1303344674631974912. ↩
-
N.V., U masovnoj tucnjavi u migrantskom centru Blazuj tesko povrijedena tri migranta, Klix, 13 April 2020, https://www.klix.ba/vijesti/bih/u-masovnoj-tucnjavi-u-migrantskom-centru-blazuj-tesko-povrijedjena-tri-migranta/20041312. ↩
-
Eskalacija krize u Velikoj Kladusi, obracun gradana s migrantima, BHRT, 18 August 2020, https://bhrt.ba/eskalacija-krize-u-velikoj-kladusi-obracun-gradana-s-migrantima/. ↩
-
A Omerovic, Srbijanska policija pomaze migrantima da predu na teritoriju BiH!, Zurnal, 7 September 2020, https://zurnal.info/novost/23363/srbijanska-policija-pomaze-migrantima-da-predu-na-teritoriju-bih. ↩
-
Infomigrants, Bosnia and Croatia arrest eight suspected migrant smugglers, 28 May 2020, https://www.infomigrants.net/en/post/25052/bosnia-and-croatia-arrest-eight-suspected-migrant-smugglers. ↩
-
GP BIH, Na području Goražda sprijeceno krijumcarenje migranata, 7 September 2020, http://www.granpol.gov.ba/Publication/Read/937884?title=Na&fbclid=IwAR0ph2vMnSAoxIIsWJ5xG-CjiOd7kQ4K31Hs7iiu5mZ97o74S7giQajBEmw. ↩