Острите мерки на српската полиција го попречуваат криумчарењето мигранти, но до кога?
Од средината на 2022 година, групите што се занимаваат со криумчарење мигранти од Србија во Унгарија, земја членка на ЕУ, стануваат сè понасилни. Помеѓу средината на 2022 и крајот на 2023 година беа регистрирани најмалку 10 вооружени судири во кои се користеше автоматско оружје меѓу авганистански и марокански криумчари во близина на границата помеѓу Србија и Унгарија.1 Состојбата беше загрижувачка на двете страни од границата,2 а Унгарија и Србија меѓусебно се обвинуваа.3 Во јавноста во Будимпешта се појавија и тврдења дека дури и Талибанците биле поврзани со авганистанските групи кои оперирале во пограничната област.4
Состојбата кулминира во октомври 2023 година, кога се случи убиството на тројца Авганистанци во близина на селото Хоргош.5 Со оглед на парламентарните избори во Србија (во декември 2023 година) и зголемениот притисок од ЕУ за преземање акција,6 српските власти презедоа остри мерки против криумчарите.7 Всушност, српскиот претседател Александар Вучиќ дури и го предупреди Братислав Гашиќ, неговиот министер за внатрешни работи и близок партиски сојузник, дека ќе ја испрати армијата ако полицијата не може да ја реши ситуацијата.8
Границата меѓу двете земји, иако е добро обезбедена и заштитена со огради, претставуваше популарна рута за мигрантите што се обидуваа да влезат во ЕУ и токму затоа прерасна во профитабилен центар за криумчарење луѓе. Конфликтите, сиромаштијата и нестабилноста во многу делови од светот доведоа до постојан проток на луѓе што се во движење на Западен Балкан, иако нивниот број е далеку помал од бројките во 2015/16 година. Во 2023 година, Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, Фронтекс, откри речиси 100 000 нерегуларни гранични премини кон ЕУ преку рутата на Западен Балкан.9
Во четвртиот квартал од 2023 година, српската полиција изврши низа рации со цел да ги избрка криумчарите на луѓе. Во овие акции беа вклучени повеќе од 800 службеници, како и антитерористичките единици и жандармеријата. Овие сили распоредија дронови, хеликоптери и оклопни возила10 во рамките на најголемата полициска операција во Србија по спроведената операција за разбивање на организираниот криминал по атентатот на премиерот Зоран Ѓинѓиќ во 2003 година.11
Српската полиција ја зголеми безбедноста на влезните и излезните точки за криумчарење низ целата држава. Се формираа четири штабови: во Суботица, на северот од земјата; во Димитровград, на исток, во близина на границата со Бугарија; во Прешево, град во јужниот дел, во близина на границата со Северна Македонија; и во Мали Зворник, на границата со Босна и Херцеговина.12
Фотографија: Арменд Нимани/АФП преку Гети Имиџес
Како резултат на полициската операција, беа растурени неформалните „бази“ на вооружените криумчарски банди во пограничните области. Воедно, немаше дојави за некакви подоцнежни вооружени судири со властите. Во акцијата, полицијата фати околу 4 500 мигранти.13 Дополнително, полицијата уапси осум криумчари и 119 лица под обвинение за трговија со луѓе и незаконско поседување оружје и дрога, а заплени и автоматски пушки, пиштоли, муниција, пасоши и дрога.14
Згора на тоа, српската полиција ја презеде контролата врз државните мигрантски кампови (преземајќи ја улогата на Комесаријатот за бегалци и мигранти)15 и затвори неколку кампови, вклучувајќи ги оние во Сомбор и Суботица, во близина на унгарската граница; Кикинда, во близина на романската граница; како и во Адашевци и Принциповац, во близина на границата со Хрватска. Меѓутоа, затворањето на овие кампови ги влоши условите во камповите што останаа отворени и доведе до пренатрупаност.16 Покрај страшната хуманитарна ситуација, во јавноста се појавија информации дека полицијата во овие операции ги прекршила човековите права на бегалците и мигрантите.17
Рутите за криумчарење се пренасочуваат на запад кон Босна и Херцеговина
Постојат три главни рути за криумчарење мигранти во Србија. Главните влезни точки се на југозапад околу регионот Рашка, на југ преку Северна Македонија и на исток од Бугарија. Во февруари 2024 година, 35 % од мигрантите влегле во Србија од Бугарија, а повеќе од половина (53 %) дошле од Северна Македонија.18 Благодарение на полициската акција во близина на границата со Унгарија, сега рутите се пренасочуваат кон Босна и Херцеговина. Како резултат на тоа, повеќето мигранти одат во Сараево, а потоа продолжуваат кон Бихаќ или Велика Кладуша, со цел да ја преминат границата со Хрватска.19 Германија, Италија и Франција се главните три дестинации за мигрантите, а крајната дестинација зависи од потеклото на мигрантот.20
Иако се чини дека полициската операција успешно растури неколку групи или мрежи за криумчарење, не го запре протокот на бегалци и мигранти. Всушност, го пренасочи движењето на луѓето.21 Во февруари 2024 година, како одговор на прашањето каде е нивната следна дестинација, мнозинството (82 %) од мигрантите во Србија ја навеле Босна и Херцеговина; 9 % кажале дека планираат да патуваат во Унгарија, а останатите 7 % имале намера директно да одат од Србија во Хрватска.22 Претходно, во 2022 година, мигрантите првенствено се обидуваа да заминат од Србија преку границата со Унгарија на север.23
Главниот град Белград е место каде што се спојуваат сите рути за криумчарење. Долж југозападната рута, мигрантите обично се движат од градовите Тутин и Сјеница, каде што камповите за мигранти сè уште се активни, кон Босна и Херцеговина или кон Белград, што им е прво попатно запирање. Прибој, на границата со Босна и Херцеговина, стана еден од главните премини за продолжување кон ЕУ.24 Мигрантите кои влегуваат во Србија од Северна Македонија, откако ќе стигнат во Прешево, се пренасочуваат кон Белград. И мигрантите кои пристигнуваат од исток, од Пирот и Димитровград, градови во близина на пограничната област со Бугарија, се пренасочуваат кон Белград.
Според информациите, Белград стана збирно место не само за бегалците и мигрантите, туку и за криумчарите.25 За разлика од пограничните региони, каде што е вперено целото внимание, големите градови на главните фаци им овозможуваат да се скријат и да останат релативно анонимни. „Белград сега е главна локација бидејќи е збирно место и џиновски град, има многу „нарко-куќи“ и места за криење“, вели таксист којшто е запознаен со бизнисот на криумчарење.26
Пренасочувањето на рутите го зголеми притисокот врз полицијата и граничната стража на двете страни од границата меѓу Србија и Босна и Херцеговина, а воедно и се погоди во исто време со бројните дојави за полициска бруталност и насилно враќање на мигрантите.27 На друга локација од оваа рута за криумчарење на територијата на Босна и Херцеговина беше пукано кон хрватската полиција откако полицијата спречи група мигранти што се обидуваа нелегално да ја преминат границата и да влезат во Хрватска во септември 2023 година.28 Полицијата во Босна и Херцеговина спроведе неколку акции со цел да ги спречи авганистанските криминалци кои, според информациите, ги префрлиле своите операции на нова локација.29
Зголемениот проток на бегалци и мигранти што влегуваат во Босна и Херцеговина од Србија само ја влошува состојбата со огромниот број луѓе што се движат во земјата во изминатите неколку години, од кои голем дел од нив беа фатени од страна на полицијата. Во 2023 година, полицијата во Босна и Херцеговина уапси 34 409 мигранти, што претставуваше зголемување во споредба со 2022 година, кога беа уапсени 27 429 лица според официјалните податоци на полицијата. Тоа ја надминува претходната рекордна бројка од 29 302 мигранти што беа уапсени во 2019 година.30 Во јануари 2024 година, полицијата запре 2 507 мигранти.
Острите мерки на српската полиција го разнишаа пазарот и на други начини. Цените што ги наплаќаа криумчарите за влез од Србија во Босна се зголемија од 200 на 500 евра, бидејќи рутата кон север стана помалку атрактивна. Во Србија, „пакетите“ до Австрија чинат околу 2 000 евра, а за Германија чинат 2 500 евра или 3 000 евра.31 Но, за овие бројки сега може повеќе да се преговара, затоа што бројот на луѓе кои се подготвени да се фрлат во вакви опасни потфати се намали. Се сменија и модалитетите. Откако полицијата удри врз такси компаниите, кои речиси целосно излегоа од бизнисот, криумчарите се вратија на комбињата и камионите.32
Повторно назад кон север напролет?
Иако северната рута беше разбиена, според предвидувањата на криумчарите, напролет е возможно истата повторно да заживее. „Општо земено, додека не дојде Рамазан, сè се одвива бавно. Луѓето сега се во Турција. Ама по Рамазан ќе започнат да доаѓаат“, објаснува еден од криумчарите.33 Еден таксист што се занимава со криумчарење истакна дека „напролет, бизнисот повторно ќе заживее“ на северот од Србија и додаде дека според неговите извори, повторно ќе се отворат камповите во Сомбор и Суботица.
Всушност, постојат индикации дека некои криумчари се враќаат назад на стариот терен. Една авганистанска група е активна во Хоргош, во близина на унгарската граница, а Мароканците се вратија на нивната типична локација, во близина на Српски Крстур и Мартонош, населби во близина на реката Тиса.34 Биле забележани авганистански трговци со луѓе и во Шид, град во близина на границата со Хрватска.35
Поради тоа, иако српската полиција го заузда насилството поврзано со криумчарењето, сепак, таа не беше во можност ниту да го запре протокот на бегалци и мигранти, ниту пак да успее да ја растури инфраструктурата на двигателите до земјите на ЕУ (како Унгарија и Австрија).36 Тоа укажува на потребата од поголема регионална соработка - бидејќи острите мерки на пазарот во една земја едноставно ќе доведат до префрлање на пазарот во друга - во овој случај, Босна и Херцеговина. Ситуацијата, исто така, наложува поблиска координација и солидарност меѓу земјите од Западен Балкан и нивните соседи од ЕУ, како што се Австрија, Бугарија, Хрватска, Унгарија, Грција и Романија, за да се зголеми безбедноста на мигрантите и да се почитуваат нивните човекови права.
Забелешки
-
Observatory of Illicit Economies in South Eastern Europe, Increasing migratory pressures in Serbia have led to conflict between people smuggling groups and crackdowns on migration, Risk Bulletin, Issue 16, Global Initiative Against Transnational Organized Crime (GI-TOC), август 2023 година; Serbian police detain 6 people after deadly shooting near Hungary border, VOA, 28 октомври 2023 година. ↩
-
Natalija Jakovljević, Održan treći protest protiv migranata u Subotici: Građani se ne osećaju sigurno, država ne rešava problem, Danas, 23 јули 2022 година. ↩
-
Интервју со претставник на српската разузнавачка заедница, Суботица, септември 2023 година; Интервју со криумчар на луѓе од Сирија, Суботица, септември 2023 година. ↩
-
Edit Inotai, Hungary intelligence warns of Taliban involvement in migrant smuggling at Serbia border, Balkan Insight, 3 ноември 2023 година. ↩
-
Aleksandar Bojović, Trojica ubijena u okršaju migranata kod Horgoša, Politika, 28 октомври 2023 година. ↩
-
Tara Tomović и Nevena Zdravković, Srbija uvela vize za građane Kube, nastavlja se usklađivanje sa viznom politikom Evropske unije, Euronews, 18 април 2023 година. ↩
-
Serbian police detain 6 people after deadly shooting near Hungary border, VOA, 28 октомври 2023 година. ↩
-
Pokrenućemo vojsku i rešiti to pitanje za 24 časa, Politika, 27 октомври 2023 година. ↩
-
Frontex, Significant rise in irregular border crossings in 2023, highest since 2016, 26 јануари 2024 година. ↩
-
Velika akcija policije na granici sa Mađarskom: U potrazi za iregularnim migrantima 800 specijalaca na terenu, Blic.rs, 1 август 2023 година. ↩
-
Milica Stojanovic, Death of a premier: How Serbia’s rotten system enabled Zoran Djindjic’s killers, Balkan Insight, 10 март 2023 година. ↩
-
Srbija pojačala kontrolu migranata na granici sa BiH, Radio Slobodna Evropa, 30 јануари 2024 година. ↩
-
Serbia’s police detain over 4,500 migrants, seize weapons, Reuters, 8 ноември 2023 година. ↩
-
Ibid. ↩
-
Интервју со граѓански експерт за миграција и бегалци, јануари 2024 година, преку телефон; Интервјуа со поранешни вработени во Комесаријатот за бегалци и мигранти, Белград, декември 2023 и јануари 2024 година, преку телефон. ↩
-
Види Asylum Protection Centre Serbia, Twitter/X, 22 ноември 2023 година. ↩
-
Интервју со Никола Ковачевиќ, српски адвокат за човекови права, ноември 2023 година, преку телефон. ↩
-
International Organization for Migration (IOM), Serbia — Migrant mobility situation report, февруари 2024 година. ↩
-
Ibid. ↩
-
Ibid. ↩
-
Интервју со српски криумчар, Суботица, јануари 2024 година; Интервју со таксист што се занимава со криумчарење, Сомбор, јануари 2024 година; Интервју со граѓански активист што им дава помош на мигрантите, февруари 2024 година, преку телефон; Интервју со српски полициски службеник, Сомбор, јануари 2024 година. ↩
-
IOM, Serbia — Migrant mobility situation report, февруари 2024 година. ↩
-
Frontex, Migratory routes – Western Balkan route; Tihomir Bezlov, Atanas Rusev и Dardan Kocani, Borderline: Impact of the Ukraine war on migrant smuggling in South Eastern Europe, GI-TOC, септември 2023 година. ↩
-
Интервју со експерт од ИОМ, јануари 2024 година, преку телефон; Интервју со криумчар на луѓе од Сирија, Сомбор, јануари 2024 година. ↩
-
Интервју со српски криумчар, Суботица, јануари 2024 година; Интервју со српски полициски службеник, Сомбор, јануари 2024 година; Интервју со таксист што се занимава со криумчарење, Сомбор, јануари 2024 година. ↩
-
Интервју со таксист што се занимава со криумчарење, Сомбор, јануари 2024 година. ↩
-
Интервју со активист за човекови права, јануари 2024 година, преку телефон. ↩
-
Mario Pušić, Policija se oglasila o incidentu s migrantima i pucnjavi na granici s BiH, Jutarnji, 21 септември 2023 година. ↩
-
Интервју со српски полициски службеник, Сомбор, јануари 2024 година; Интервју со претставник на српската разузнавачка заедница, септември 2023 година. ↩
-
Овие податоци на полицијата потекнуваат од интерен извештај за мигранти и бегалци што беше ставен на располагање на ГИ-ТОК, но не е јавно достапен. ↩
-
Интервју со криумчар, февруари 2024 година, преку телефон. ↩
-
Taksisti iz Sombora uhapšeni u Novom Pazaru zbog krijumčarenja migranata, Danas, 1 декември 2023 година; Интервју со таксист што се занимава со криумчарење, Сомбор, јануари 2024 година. ↩
-
Интервју со криумчар, февруари 2024 година, преку телефон. ↩
-
Ibid. ↩
-
Интервју со криумчар, февруари 2024 година, преку телефон; Интервју со претставник на klikAktiv, српска граѓанска организација, февруари 2024 година, преку телефон. ↩
-
Интервју со претставник на српската разузнавачка заедница, Суботица, септември 2023 година; Интервју со криумчар на луѓе од Сирија, Суботица, септември 2023 година. ↩