Балканските криминални групи ја искористуваат нестабилноста во Еквадор.
Сместена помеѓу двете најголеми земји што произведуваат кокаин во светот, Колумбија и Перу, Еквадор стана рута и влезна точка за транспортот на кокаин во Соединетите Американски Држави и Европа. Главното пристаниште во земјата, Гвајакил, во исто време претставува и појдовна точка за големи количини на дрога. Не треба да нè зачуди и фактот дека градот исто така е и епицентар на насилството што се поврзува со дрогата, а тоа може да се забележи преку серијата бомбашки напади, престрелки на бандите, грозоморни убиства, киднапирања и изнуди што се случија во изминатите неколку години.
Немирите што настанаа како резултат на пренатрупаноста во затворите и борбите за превласт помеѓу бандите за разнесување дрога доведоа до смрт на стотици затвореници во изминатите неколку години. На почетокот од јануари 2024 година, двајца од најмоќните водачи на банди во земјата избегаа од затвори со максимална безбедност во период од околу 24 часа, а повеќе од 100 вработени во затворите беа држени како заложници од страна на осуденици од пет различни затвори.1
Воедно, политичката нестабилност и неефикасната кривична правда овозможија поволна средина за криминалните кланови што се занимаваат со трговија на дрога во Еквадор. Земјата прерасна и во магнет за странските криминалци, особено за оние од Мексико, Колумбија, Европа и Западен Балкан. Овие случувања го проширија и пазарот за оружје, а истовремено се зголеми и побарувачката на „услугите” на платените убијци.
Како резултат на тоа, помеѓу 2018 и 2023 година, убиствата се зголемија за осум пати. Минатата година беше најкрвава година во историјата на земјата, при што стапката на убиства изнесуваше 46,5 на 100 000 жители.2 Ретко кога сторителите се изведуваат пред лицето на правдата. Некои од жртвите беа полициски службеници, обвинители, градоначалници и кандидатот за претседател Фернандо Виљависенсио, познат по неговата анти-мафијашка кампања, којшто беше убиен на митинг во Кито во август 2023 година, помалку од две недели пред изборите.3
Кривичната правда во Еквадор беше на незавидно ниво и не можеше да го издржи овој напад. Тоа може да се забележи во Глобалниот индекс на организиран криминал од 2023 година, којшто покажува голема разлика помеѓу поените за криминалитет во Еквадор, коишто се во пораст - земјата е рангирана на 11-то најлошо место од 193 земји – и поените за отпорност, коишто се во опаѓање.
Неодамна избраниот претседател Даниел Нобоа се обиде да ја смени оваа ситуација. Кон крајот од 2023 година, јавниот обвинител најави дека ќе се започне со Operación Metástasis, најголемата акција за разбивање на организираниот криминал и корупцијата во историјата на земјата. Во рамките на 75 рации беа фатени не само сторителите што се сомничат, туку и поранешни и тековни судии, полициски службеници и други осомничени иницијатори и информатори. Експлозијата на насилство на почетокот од јануари одекна како реакција на оваа „хемотерапија“.
Траги од крв
Се смета дека голем дел од нарко-насилството во Еквадор се должи на конкуренцијата помеѓу локалните групи во однос на тоа кој е задолжен за овозможување заштита и давање други услуги на моќните странски криминални групи, вклучувајќи ги и групите од Западен Балкан.4
Криминалните групи од Западен Балкан цврсто се всадија во криминалното подземје на земјата со насилство и склучување разни криминални сојузи. Локалните банди од Еквадор исто така им помагаат на балканските групи во нивните операции со кокаин и се грижат за нивната безбедност. Тоа им овозможува на балканските криминалци да минуваат релативно неказнето при спроведувањето на нивните активности, а воедно и да ги прошират и зајакнат бизнисите на локалните криминални банди. Врските со Балканот исто така на еквадорските банди им овозможуваат поголем пристап до високопрофитабилниот пазар на кокаин во Европа.5
Исто така, корупцијата, заплашувањето и лошото управување на одредени лица од Западен Балкан - особено од Албанија - им овозможува да оперираат во темното подземје, каде што се спојуваат патиштата на криминалот и бизнисот. На пример, во февруари 2024 година, една операција што беше координирана од страна на Европол идентификува албански бизнисмен што користел еквадорски компании за овошје како параван за увоз на значителни количини кокаин во ЕУ. Како резултат на тоа, средствата на компанијата во вкупен износ од 48 милиони евра беа замрзнати.6
Бизнисот со кокаин си имаше свои ризици и за дилерите од Балканот. Во изминатите пет години, познато е дека во Еквадор се убиени седум лица од Западен Балкан што се поврзуваат со трговија со дрога, а рането е најмалку едно лице.
Извор: Собрани податоци од разни медиумски портали. Милан Миловац беше застрелан во ноември 2020 година во Гвајакил, Еквадор, но, почина во болница во јануари 2021 година.
Можни последици од острите мерки
Како одговор на насилството на бандите во почетокот од 2024 година, претседателот на Еквадор прогласи 22 криминални групи за „нарко-терористи“, како и состојба на внатрешен вооружен конфликт.7 Полицијата и војската спроведоа многу операции што имаа за цел да ги фатат не само членовите на овие групи, туку и да ги растурат нивните оперативни бази.8 Од почетокот од годината досега беа запленети рекордни количества на кокаин на пристаништата во земјата во контејнери што се упатуваа кон Европа по поморски пат.9
Сè уште е рано да се утврди колкаво е влијанието и ефикасноста на острите мерки што ги презеде еквадорската влада. Сепак, се претпоставува дека оваа ситуација би можела да ја разниша нелегалната економија од која групите од Западен Балкан профитираа во изминатите неколку години.
Ако владата може да го врати редот и значително да го намали протокот на кокаин во и надвор од земјата, голема е веројатноста дека дел од групите од Западен Балкан ќе се преселат на некое помалку ризично место во регионот. Можно е да се прошират во Перу, Колумбија и Бразил - преку обиди за инфилтрирање на пристаништата или преку воспоставување контакти со добавувачите на кокаин од внатрешноста. Воедно, операциите може да се преместат на пооддалечени места за претовар, како на пример, на Карибите или долж атлантскиот брег на Јужна Америка.
Клучните членови на албанските организирани криминални групи што оперираат во Еквадор привремено се преселија во други земји во Јужна Америка, како што се Перу, Колумбија, Боливија и Бразил. Таму вршат процена на ситуацијата од безбедно растојание и ја искористуваат можноста да ги прошират своите мрежи во овие земји. Овој потег е своевиден план за непредвидливи ситуации доколку ситуацијата во Еквадор дополнително се заостри. Во секој случај, мнозинството од нивните членови се позиционирани на стратешки локации во земјата, како на пример, Гвајакил, и активно се справуваат со тековната ситуација.10
Според друго сценарио, владата успешно го задушува насилството, но не е во можност и да ги растури сите криминални групи; во тој случај, различните чинители би морале да се приспособат. Тоа би можело да изнедри нови сојузи или насилна конкуренција. Во двата случаи, на преживеаните ќе им треба одреден степен на заштита, којшто во криминалните економии обично се обезбедува преку насилство или поткуп. Затоа, за еквадорските власти ќе биде предизвик не само гонењето на криминалните чинители, туку и намалувањето на можностите за дејствување.
Според третото сценарио, претприемачите од Балканот одредено време ќе се притајуваат или привремено ќе се преселат додека не се смири ситуацијата. Како што истакна шефот на регионалната канцеларија на ГИ-ТОК за Андите, Фелипе Ботеро Ескобар:
Верувам дека балканските групи ќе се служат со други пристаништа каде што има помалку конфликти за да пренесуваат кокаин во Европа, барем додека не се стабилизира ситуацијата во Еквадор. Во февруари, еден месец откако почна да се влошува ситуацијата во Еквадор, Обединетото Кралство заплени кокаин скриен во пратка со банани што доаѓала од Санта Марта во Колумбија. Овој метод прилично многу наликува на методот што го користат балканските мрежи во Еквадор, а Санта Марта моментално е релативно мирна област под контрола на Заливскиот клан. Иако сè уште не е официјално потврдено дека има вмешаност на лица од Балканот во оваа конкретна пратка со кокаин, modus operandi и врските на локалните криминални организации во Санта Марта се речиси идентични со оние во Гвајакил.11
Малку веројатно е дека балканските групи целосно би го напуштиле Еквадор. Речиси цела деценија губат време на воспоставување контакти во подземјето и надземјето, а економијата на кокаин цути. Можеби ризикот е голем, но придобивките се уште поголеми ако групите се блиску до изворот на снабдување и ако врските со профитабилните малопродажни пазари во Западна Европа се консолидираат.
Имајќи го тоа предвид, вниманието што го сврти кризата треба да се искористи за зајакнување на капацитетите во Еквадор - на пример, во пристаништата, во системот на кривичната правда и управувањето со затворите - и за подобрување на меѓународната соработка, особено помеѓу органите за спроведување на законот во Западен Балкан и Латинска Америка.
Забелешки
-
Joe Daniels, Ecuador’s president declares war with drug gangs as prison guards held hostage, Financial Times, 10 јануари 2024 година. ↩
-
7.878 crímenes en 2023, solo 584 resueltos: ¿Qué está pasando en Ecuador?, Eluniverso, 2 јануари 2024 година. ↩
-
Global Initiative Against Transnational Organized Crime (GI-TOC), Faces of Assassination: Fernando Villavicenio, 2023 година. ↩
-
Observatory of Illicit Economies in South Eastern Europe, Western Balkans criminal groups are contributing to drug-related violence in Ecuador, Risk Bulletin, Issue 14, GI-TOC, февруари 2023 година. ↩
-
Интервју со кривичен истражител во Албанија, Тирана, февруари 2024 година. ↩
-
Europol, Properties worth EUR 48 million frozen after cocaine sweep in Ecuador and Spain, 16 февруари 2024 година. ↩
-
Felipe Botero, Organized crime declares war: The road to chaos in Ecuador, GI-TOC, февруари 2024 година. ↩
-
Интервју со истражувачки новинар од Кито, февруари 2024 година, онлајн. ↩
-
Ecuador Police, Impedimos que vía marítima llegue a Finlandia, 1 tonelada 127 kilos de cocaína, Twitter/X, 12 февруари 2024 година. ↩
-
Интервју со едно лице што е запознаено со начинот на работа на албанските криминалци во Еквадор, Тирана, април 2024 година. ↩
-
Интервју со Фелипе Ботеро Ескобар, шеф на регионалната канцеларија за Андите, ГИ-ТОК, април 2024 година, онлајн. ↩