Кога станува збор за оружје, криминалците и натаму се вртат кон Западен Балкан.
Во доцните 1990-ти и на почетокот од 21-от век, се посветуваше големо внимание на малото и лесно оружје на Западен Балкан поради долготрајните последици од конфликтите во поранешна Југославија и немирите во Албанија. Иако во меѓувреме очите на меѓународната заедница се вперија во новите војни што никнуваат на други локации во светот, регионот и натаму е преплавен со оружје, што го подгрева насилството во државите и надвор од нив.
Неколку ѕверски чинови во текот на минатата година предизвикаа чувство на загриженост во регионот. Во август, еден маж беше вклучен во живо на Инстаграм во моментот кога ја убиваше својата поранешна сопруга и други две лица во Босна и Херцеговина.1 Три месеци пред тоа, Србија беше потресена од два вооружени инциденти кои се случија во рок од 48 часа. Во нив загинаа 18 лица. Првиот вооружен инцидент се случи на 3 мај и беше извршен од страна на седмоодделенец кој уби осуммина соученици и еден чувар во основно училиште во Белград. Во инцидентот беше тешко рането и девојче кое неколку дена подоцна им подлегна на повредите. На 4 мај, 21-годишен маж застрела и уби осум лица со разни видови нелегално огнено оружје во вооружен инцидент кој се случи во непосредна близина на Белград.2
Глобалниот индекс на организиран криминал за 2023 година покажа дека трговијата со оружје во шесте земји од Западен Балкан е на повисоко ниво во споредба со цела Европа; регионот доби 5,42 поени, во споредба со европскиот просек од 4,60 од вкупни 10 поени, при што 10 е највисокото ниво на криминалитет.3 Во моменти кога наследеното оружје од конфликтите во 1990-тите сè уште претставува закана за безбедноста на регионот, а луѓето и натаму го чуваат како еден вид заштита од можна нестабилност во иднина, се појавуваат и нови трендови на оваа тема. Некои добро организирани криминални групи бараат моќно оружје, а други, пак, преработуваат гасни пиштоли во смртоносно оружје.
Поените на скалата одат до 10, при што повисоко котирање на скалата значи поголема трговија со оружје.
И криминалците и цивилите имаат ист пристап до мало и лесно оружје, како и до автомати и гранати, а тоа го зголемува ризикот од несреќи и убиства.4
Според една анализа на Платформата за следење на вооружено насилство на Клириншката куќа за контрола на мало и лесно оружје во Југоисточна и Источна Европа (SEESAC), во периодот помеѓу 2019 и 2022 година бројот на вооружени инциденти што се поврзуваат со организираниот криминал речиси тројно се зголемил во овој регион.5 Исто така, Анкетата за истражување на јавното мислење за безбедните состојби во светот што ја спроведе SecuriMeter во 2022 година го потенцира зголемениот број инциденти со пукање и заплена на огнено оружје низ целиот регион и укажува на зголемената закана од поликриминалност, односно, начинот на којшто нелегалното огнено оружје поттикнува насилство и се поврзува со други криминални пазари, како на пример, трговијата со луѓе и криумчарењето мигранти, дрога и тутун.6
Меѓутоа, достапноста на нелегалното огнено оружје на Балканот има свои последици по безбедноста коишто се многу подалекусежни од напоменатите. Имено, оружјето што беше употребено во терористичките напади во Париз во ноември 2015 година и во Виена во ноември 2020 година потекнува од Балканот,7 а оружјето и гранатите од регионот го разгоруваат и насилството кај бандите во Шведска.8 Воедно, на црниот пазар во светот и во воените зони се достапни и експлозиви, противтенковски ракетни фрлачи и противпешадиски мини од Западен Балкан.9
Фотографија: Арменд Нимани/АФП преку Гети Имиџес
Вториот тренд што се забележува е желбата на криминалците од Балканот да набават нови модели на огнено оружје од западно производство. Тоа ги вклучува најновите марки на пиштоли, како што се Хеклер и Кох, Берета, Глок, Сиг Сауер, Валтер и Колт,10 но и други моќни автомати. Праксата покажува дека на црниот пазар можат да се набават само мали количини од овие оружја и тие повеќе се статусни симболи или колекционерски предмети отколку арсенал што може да го користат за криминални дејствија. Во секој случај, овие состојби во иднина би можеле да предизвикаат трка за вооружување помеѓу соперничките групи, како што беше случај со тековниот конфликт помеѓу Кавач и Шкаљари, двата црногорски клана. Иако се прават напори да се набават пиштоли од Западот, според достапната понуда, на пазарот во овој момент и натаму најмногу се бараат пиштоли од локално производство, како што се српските Застава CZ и Застава M57, познат како Тетеец, и автоматскиот пиштол Застава M84 Шкорпион, коишто се користат во повеќето убиства што се поврзуваат со организиран криминал во Црна Гора.11 Меѓутоа, во едно обвинение на Специјалното државно обвинителство на Црна Гора против членовите на кавачкиот клан се наведуваат и низа други оружја што биле запленети од групата, вклучувајќи пиштоли од моделите на Берета и Чешката Зброевка, револвери Смит и Весон и пушка Хеклер и Кох.12
Третиот тренд што се забележува е преработката на гасни и сигнални пиштоли (несмртоносно оружје наменето за самозаштита, за спортски или други цели) во смртоносно огнено оружје. Преработката на релативно евтино оружје, честопати со потекло од Турција, им овозможува на криминалците да го продаваат модифицираното огнено оружје за дури 10 пати поголема цена од првичната.13 Тоа оружје е особено популарно кај малолетните престапници бидејќи е евтино, но ги прави да изгледаат како „опасни дечки“. Се продава на црниот пазар и во последно време сè повеќе ја загрижува и полицијата.14 Беа пронајдени неколку нелегални фабрики за модификација на оружје во регионот, вклучувајќи и во едно село во близина на Тирана, Албанија, во јуни 2022 година и во општина Столац во Босна и Херцеговина во јануари 2021 година.15
Во регионот во голема мера профитабилен е и бизнисот со криумчарење оружје. Претходно, нелегалното огнено оружје главно се криумчареше од Босна и Херцеговина во Црна Гора и Хрватска, но, сега, криумчарењето се одвива во двете насоки, делумно поради зголемената нестабилност во Босна.16 Тоа се забележува и во случајот од 6 јануари годинава, кога службеници од Царинската управа на Србија на граничниот премин Мердаре кон Косово запленија 45 парчиња огнено оружје со придушувачи и муниција скриени во автомобил што доаѓал од Приштина.17
Во контекст на актуелните случувања, важно е да се напомене дека и покрај глобалниот тренд на масовен прилив на оружја во Украина и опасноста да се најдат на нелегалниот пазар по војната, Западен Балкан и натаму претставува значаен извор на потекло на нелегално оружје наменето за пазарите во Европа. Во моментов, оружјето на Западен Балкан е сè уште евтино и го има во изобилство и е надополнето со гасни и сигнални пиштоли кои пристигнуваат од Турција преку Бугарија, сепак, на црниот пазар во изминативе две години се бележи и промена во неговите цени, а тоа се поклопува со руската инвазија на Украина која се случи во февруари 2022 година.18
Тоа нè наведува да го поставиме прашањето - што ќе се случи по војната во Украина? Тоа е тема што Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал (ГИ-ТОК) ја разгледува во извештајот „Пресвртна точка? Трендови во трговијата со оружје од конфликтот во Украина во 2023 година“, којшто ќе биде објавен наскоро. Дали Украина ќе го замени Западен Балкан како главен извор на нелегално оружје или инфраструктурата за трговија што ја поставија балканските играчи во изминативе три децении ќе почне да се користи за криумчарење оружје од Украина во Западна Европа и Скандинавија? Поморската рута од Одеса, којашто претставуваше центар за криумчарење оружје пред руската инвазија, би можела да прерасне во потенцијална рута за трговија на големи количини на оружје. Во ова повоено сценарио, можно е да почнат да се испраќаат поголеми количини оружје преку повторно отворената бродска рута долж западниот брег на Црното Море кон ЕУ преку Бугарија или преку Романија на Дунав.
Забелешки
-
Meliha Kesmer и Una Cilic, Instagram live streamed a brutal murder-suicide in Bosnia. A war weary nation wonders how that could happen, Radio Free Europe/Radio Liberty, 16 август 2023 година. ↩
-
Cora Engelbrecht и Joe Orovic, Serbia offers amnesty for illegal firearms, and thousands are collected, The New York Times, 12 мај 2023 година. ↩
-
GI-TOC, Global Organized Crime Index 2023. ↩
-
Europol, Serious and Organised Crime Threat Assessment, 14 декември 2021 година. ↩
-
Regional Cooperation Council, SecuriMeter 2022: Balkan Barometer public opinion survey, јуни 2022 година. ↩
-
Aleksander Vasovic, Some guns used in Paris attacks produced in ex-Yugoslavia’s arsenal, Reuters, 28 ноември 2015 година; Vienna shooting: What we know about ‘Islamist terror’ attack, BBC, 4 ноември 2020 година. ↩
-
Observatory of Illicit Economies in South Eastern Europe, Illicit weapons in the Western Balkans: a threat to Europe, Risk Bulletin, Issue 2, GI-TOC, октомври/ноември 2020 година. ↩
-
Интервју со службеник за безбедносно разузнавање, Скопје, декември 2023 година. ↩
-
Интервју со член на Државната агенција за истраги и заштита на Босна и Херцеговина, Мостар, 1 јануари 2024 година. ↩
-
Интервју со службеник за безбедносно разузнавање, Подгорица, декември 2023 година. ↩
-
Обвинение на Специјалното државно обвинителство, Kt-S # 93/23, Подгорица, 15 септември 2023 година. ↩
-
Интервју со полициски службеник што работи на организиран криминал, Скопје, декември 2023 година. ↩
-
Ibid. ↩
-
Ora News, Tiranë/Arsenal armësh në një magazinë në Kodër-Mëzez, arrestohet 62-vjeçari, në kërkim djali, YouTube, 18 август 2022 година; Akcija u Stocu: Policija pronašla stroj za preradu oružja, Bljesakinfo, 12 јануари 2021 година. ↩
-
Интервју со поранешен член на организирана криминална група, Требиње, 3 јануари 2024 година. ↩
-
An arsenal of weapons is discovered in a car in Merdare, Vox News Albania, 7 јануари 2024 година. ↩
-
Guillermo Vázquez del Mercado, Arms trafficking and organized crime: Global trade, local impacts, GI-TOC, август 2022 година. ↩