„Јастребите“ од Курбин: училиште за крадци.
Во последниве години, разбојништвата и кражбите во домовите на фудбалери и славни личности се најдоа на насловните страници во Шпанија и Италија. Многу од сторителите се млади мажи кои доаѓаат од истиот регион, имено Курбин во Албанија.
Курбин е општина 50 километри северно од главниот град на Албанија, Тирана. На запад се граничи со Јадранското Море. За време на комунизмот, главниот град Лач, некогаш рурална област, се разви во важен индустриски центар. Како резултат на тоа, Лач беше рангиран како втор по важност град во северна Албанија според големината, населението и економската важност.1
Сепак, со падот на комунизмот во раните 1990-ти, се затворија фабриките. Стапката на невработеност се зголеми и многу луѓе мигрираа во Грција и Италија да бараат работа. Општината беше исто така лошо погодена од граѓанските немири што ја зафатија Албанија во 1997 година по распадот на пирамидалната шема. Насилството остави наследство на криминал, оружје и култура на беззаконие.2 Ова стана плодна средина за младите да се свртат кон криминален живот.
Младите од Курбин развија репутација на вешти крадци кои ограбуваат луксузни вили и автомобили во Западна Европа. Тие го привлекоа вниманието на органите за спроведување на законот и на медиумите во Милано и Торино откако ограбија неколку славни личности, вклучувајќи и фудбалери.3 Либерализацијата на патувањето во рамките на Шенген-зоната во 2010 година создаде зголемени можности за Албанците да патуваат.4 Крадците од Курбин ја искористија можноста да го прошират нивниот дофат во Андора, Белгија, Франција, Луксембург, Холандија, Шпанија и Швајцарија.
Фотографија: Desarta Mejdini
Младите мажи кои се враќаа од своите „авантури“ во странство со скапи автомобили, облека и накит станаа пример за сиромашните и приемчиви деца во Курбин кои сакаа да бидат исто толку „успешни“ како и нивните нови херои.5 До 2015 и 2016 година појавата толку се распространи во областа што некои од најмладите го напуштија училиштето за да патуваат во странство и да се занимаваат со кражби. Младите мажи со искуство во насилно влегување ги пренесоа своите вештини на помладите во она што стана де факто училиште за криминал. Од овој терен за регрутирање беа формирани тимови и распространети низ цела Европа да вршат грабежи.
Грабежите од висок профил во вили на познати фудбалери од шпански клубови како Реал Мадрид и Барселона дополнително го поттикнаа митот за крадците од Курбин.6 Медиумите ги нарекоа „јастреби“ поради нивните брзи и предаторски вештини. Крадците станаа дел од албанската популарна култура, со телевизиски емисии и филмови кои го прикажуваат, а понекогаш и сатиризираат раскошниот и крадечки начин на живот на младите мажи од Лач.7 Сепак, помалку гламурозните аспекти на јастребите добија помалку внимание: млади мажи убиени во автомобилски бркотници со полицијата или кои станале инвалиди по паѓање од висина за време на грабеж.8
И покрај големото внимание коешто медиумите му го дадоа на проблемот, малку е направено за негово решавање. Курбин останува да биде една од посиромашните области во Албанија со висока стапка на невработеност, особено на младите.9 Ситуацијата се влоши со земјотресот во ноември 2019 година којшто уништи речиси половина од сите згради во Лач.10 КОВИД-19 дополнително ги продлабочи економските ранливости.
Некои од неколкуте иницијативи што беа направени за да им се дадат алтернативни патишта на младите од Курбин потекнуваат од граѓански групи, како што е младинскиот центар Себастија, профилиран подолу.
Забелешки
-
Xhilda Dedaj and Sonila Papathimiu, Environment Impact of Ex-Industrial Areas in Laç and Rubik and the Possibilities for Their Functional Transformation—a Comparative Analysis, European Journal of Economics and Business Studies, 3, 3, 184-193, http://journals.euser.org/files/articles/ejes_sep_dec_17/Xhilda.pdf. ↩
-
Siobhan Darrow, Albania deteriorates into chaos, CNN,13 март 1997 година, http://edition.cnn.com/WORLD/9703/13/albania.late/index.html?iref=allsearch. ↩
-
AC Milan’s Gattuso Stolen Car Found in Albania, BIRN, 12 ноември 2009 година, https://balkaninsight.com/2009/11/12/ac-milan-s-gattuso-stolen-car-found-in-albania/. ↩
-
European Commission, Visa liberalisation: Commission reports on the continued fulfilment of requirements by the Western Balkans and Eastern Partnership countries, 10 јули 2020 година, https://ec.europa.eu/commission/presscorner/detail/en/ip_20_1327. ↩
-
Интервју со претставник на граѓанското општество во Курбин, 11 февруари 2021 година. ↩
-
Rodrigo Faez, Sources: Police arrest group in connection with La Liga home invasions, ESPN, 17 октомври 2019 година, https://tv5.espn.com/football/real-madrid/story/3966879/sources-police-arrest-group-in-connection-with-la-liga-home-invasions. ↩
-
Portokalli (30 April 2017), Top Channel, 1 мај 2017 година, https://www.youtube.com/watch?v=F11XCDYC7hU. ↩
-
Интервју со новинар од Курбин, 12 февруари. ↩
-
База на податоци на Албанскиот институт застатистика (ИНСТАТ), Treguesit tremujorë sipas qarqeve për grupmoshën 15 vjeç e lart sipas Gjinia, Qarku, Variabla dhe Tremujori, http://databaza.instat.gov.al/pxweb/sq/DST/START__TP__LFS__LFSQ/NewLFSQ003/?rxid=ae587ccd-002c-4cb3-ac5f-b7b4709466de&fbclid=IwAR39rr9F4-1vStRRjw-GX1PFD9GT1YbYqxaBZ-5my_TgbOHxs7xtVi58dwQ. ↩
-
Elvis Hila, Gati gjysma e pallateve në Laç shpallen paraprakisht ta pabanueshëm, Reporter, 3 декември 2019 година, https://www.reporter.al/gati-gjysma-e-pallateve-ne-lac-shpallen-paraprakisht-ta-pabanueshem/. ↩