Младите како мотор на заедницата: интервју со младинскиот центар Себастија.
Што можете да ни кажете за Себастија и она што го работите во Курбин?
Себастија е основан во 2013 година од Елтон Ласка. Во соработка со швајцарска организација, Себастија беше активна во обезбедувањето училишна опрема за децата во Лач, но тоа беше краткорочен ангажман. Во 2019 година и двајцата работевме на проект за албанскиот Каритас кој беше фокусиран на наоѓање вработување за младите во областа. Кога тој проект заврши, сметавме дека уште многу може да се стори за поддршка на младите во Курбин. Така, одлучивме повторно да го основаме Себастија.
Почнавме да организираме културни и социјални активности за младите на волонтерска основа. Една од нашите први иницијативи беше серија активности за примери. Поканивме значајни луѓе од заедницата да дојдат и да разговараат со младите за да ги инспирираат и охрабрат да ги следат нивните чекори.
За жал, оваа серија не траеше долго затоа што Албанија беше погодена од катастрофален земјотрес во ноември 2019 година по кој речиси половина од објектите во Курбин станаа непогодни за живеење. Затоа, брзо ја пренасочивме нашата работа кон хуманитарно волонтирање. Нашиот тим од млади луѓе помогна да се дистрибуира храна и да се обезбеди засолниште за семејствата, притоа тесно соработувајќи со католичката црква во Лач.
По завршувањето на непосредната криза, се вративме на нашите редовни активности, при што овој пат основавме феминистичка лабораторија за младите жени да можат да разговараат за нивните предизвици и за тоа како можат подобро да ги разберат и остварат своите права. Во моментов, исто така спроведуваме проект од Европската фондација за демократија наречен „Реагирај за себе“ кој е фокусиран на граѓанското ангажирање. Ние веруваме дека младите се моторот на оваа заедница.
Исто така, многу сме посветени на спротивставување на стереотипите коишто луѓето ги имаат за оваа област. За жал, Курбин е познат од погрешни причини и телевизијата имаше улога во потхранувањето на овие стереотипи. На телевизија, младите од Лач обично се прикажуваат како необразовани крадци. Сликата за „јастребите“ кои одат во странство за да крадат е преувеличена. За жал, многу млади луѓе најдоа нов привлечен идентитет во овој стереотип и се подготвени да го прифатат. Сакаме да ја подигнеме свеста дека ова е погрешно и дека областа Курбин има да понуди повеќе од овој модел. Мораме да ги научиме младите дека не мора да бидат „јастреби“ за да станат познати и успешни во животот.
Кои се некои од главните предизвици на Курбин и зошто оваа област се смета за толку тешка за живеење на младите?
Поради високата стапка на невработеност и економските потешкотии (јавната администрација се смета за еден од ретките сектори каде што луѓето можат да најдат работа), некои луѓе од областа заминаа во странство и се занимаваат со криминални активности, како што се трговија со луѓе и дрога или грабеж. Тие се вратија во Курбин и парадираа со своето новостекнато богатство. За жал, младите во областа ги сметаа за пример. Честопати, овие луѓе покрај тоа што имаат пари, имаат и моќ во областа и пошироко. Тие си го оствариле сонот да станат богати и моќни за краток период, нешто што нивните родители не биле во можност да го направат и покрај тоа што напорно работеле цел живот. Многу млади луѓе гледаат на овие криминалци како на нивни идоли. Голем предизвик е да се натераат младите во областа да ги отфрлат овие примери и да прифатат нови.
Треба да додадам дека младите тука не се свесни за своите права и буквално никаде не се нудат социјални и културни активности. По училиште, младите жени остануваат дома, додека младите мажи се собираат во кафулиња или пушат канабис на улица. Консумацијата на дрога почна да станува проблематична, дури и во училишната средина.
Каква е состојбата со организираниот криминал?
Не е лесно да се зборува отворено за организираниот криминал во Курбин бидејќи некои од овие луѓе или групи имаат силни врски со моќни луѓе. Постојат криминални организации од областа кои се активни и во странство. Навистина е важно централните и локалните власти тесно да соработуваат за да се справат со проблемот.
За нас, како граѓанска организација, од витално значење е да ги спречиме овие мрежи да регрутираат млади луѓе од областа и да им дадеме на младите доверба и можност да живеат чесен живот. Сите ние познаваме некој во соседството кој бил вклучен во нелегални активности и кој се смета за пример затоа што има пари и моќ. На ова треба да се стави крај.
Што можат да направат организациите како Вашата за да се променат состојбите на оваа реалност?
Иако најголемите напори треба да ги направат централните и локалните власти, ние не можеме да не правиме ништо и да чекаме некој друг да делува. Еден конкретен проект за кој сметаме дека може да направи разлика е изградбата на младински центар. Може да служи како рекреативен и едукативен простор и да помогне во ориентацијата на младите кон легален избор на кариера. Исто така, важно е да им помогнеме на младите да ги разберат последиците од криминалното однесување и различните форми на организиран криминал.
Понатаму, сакаме да ги промовираме најдобрите модели коишто оваа област може да ги понуди во смисла на човечки ресурси, вештини и искуства, како и историски и туристички ресурси. Подготвени сме да го изградиме овој центар, но сѐ уште бараме финансиска поддршка. Се надеваме дека еден ден физички ќе постои младинскиот центар Себастија.