Ранливост на децата Роми на комерцијална сексуална експлоатација.
Фотографија: Bahrudin Bandic
Комерцијалната сексуална експлоатација на деца (CSEC) е сериозен проблем во Западен Балкан. Претстојниот истражувачки извештај од ГИ-ТОК, којшто се очекува да биде објавен во април 2021 година, покажува дека децата се изложени на разновидни и честопати повеќекратни форми на експлоатација. Тие најчесто се експлоатирани во локални барови и хотели, но постојат и извештаи за сексуална експлоатација на деца во движење и во сајбер просторот. Иако претстојниот извештај се фокусира генерално на подложноста на децата на CSEC онлајн и во индустријата за патувања и туризам, нашето истражување на терен исто така понуди увид конкретно во ранливоста на децата Роми кои се меѓу најзагрозените групи за CSEC во регионот.
Ромите во Западен Балкан честопати живеат во неформални населби каде просторите се пренатрупани и има ограничен пристап до инфраструктура и санитарни јазли. Всушност, во Албанија помалку од 50 проценти од сите ромски домаќинства имаат пристап до вода од водовод.1 Формализацијата на овие населби се одвива бавно и многу ромски заедници и понатаму живеат како изолирани групи, со мал пристап до формалната економија или владини услуги. Во Косово, на пример, само 10 проценти од Ромите на возраст над 16 години се пријавени дека имаат пристап до здравствено осигурување.2 Оваа маргинализација, исто така, го олесни опстојувањето на стереотипите околу нивниот начин на живеење и нивната култура, јазик и традиции коишто ја отежнуваат нивната интеграција во локалните општества.
Историското исклучување, маргинализацијата и дискриминацијата што ги имаат искусено Ромите доведоа до ниско ниво на образование и висока стапка на невработеност. Само мал процент од децата имаат редовен пристап до образование. Стапките на запишување во основно и предучилишно образование се особено загрижувачки. Во Србија, предучилишното образование опфаќа помалку од 4 проценти од Ромите, додека во Босна и Херцеговина само 2 проценти од децата Роми на возраст од три до пет години се запишани во образовни програми.3 Стапките на вработеност се движат меѓу 11 проценти во Босна и Херцеговина и 22 проценти во Северна Македонија (со тоа што останатите земји од Западен Балкан се наоѓаат некаде помеѓу).4
Овие фактори, меѓу другите, придонесуваат за возрасните Роми - и нивните деца - да бидат ранливи на разни форми на експлоатација. Она што е најзнaчајно е што во неколку извештаи беше истражувана улогата на децата Роми во присилното питачење во Западен Балкан и во Западна Европа.5 Децата Роми наводно се принудени да питачат во повеќето големи градови и во главните градови во регионот. Исто така, наводно се тргува со деца Роми во приморски градови и туристички области и тие понекогаш се принудени на сексуална експлоатација, особено сексуална работа во локални барови, ресторани и хотели.6
Како што е опишано во претстојниот истражувачки извештај, значителен процент од децата Роми се принудени на склучување брак од страна на блиски членови на семејството или влијателни луѓе во заедницата. Иако е суштински тешко да се добијат и да се пристапи до податоци, во претходните извештаи се тврдеше дека повеќе од 22 проценти од сите ромски девојчиња на возраст меѓу 15 и 19 години се принудени да склучат брак во Северна Македонија, додека бројката во Косово е 10 проценти. Во Босна и Херцеговина, 50 проценти од сите жени Ромки склучуваат брак пред да наполнат 18 години - бројка којашто многу веројатно не ја претставува вистинската динамика.
Девојчињата (и во помала мера момчињата) на возраст меѓу 10 и 16 години7 се продаваат за брак на мажи или во истата заедница или во ромски заедници во соседните земји.8 Иако многу од овие бракови се случуваат во рамките на пошироката ромска заедница, експертите тврдат дека принудните бракови можат да бидат почеток на живот на експлоатација, составен од задачи кои се движат од питачење и ситни кражби до сексуална работа во барови и ноќни клубови.9
Паричниот надоместок за децата принудени да склучат брак во рамките на нивната заедница или во рамките на други заедници во Западен Балкан може да биде низок, од 200 до 500 евра. Сепак, ваквите трансакции не секогаш се во форма на готовина бидејќи има и извештаи за семејства кои ги продаваат своите ќерки за апарати, како на пример телевизор во боја, половен фрижидер или половен автомобил.10 Меѓутоа, можат да се заработат повеќе пари со продажба на децата во странство, особено на ромски заедници во Западна Европа. Семејствата се измамени да мислат дека ги праќаат своите деца во странство со надеж за подобар живот за нив (и за себе), но може да не бидат свесни за последиците.
Навистина, според експертите интервјуирани во декември 2020 година, многу од децата кои се принудени да склучат брак во странство всушност се продаваат на членови на организирани криминални групи и се принудени на организирана сексуална работа во Западна Европа.11 Ова беше најмногу забележливо во таканаречениот „случај Хамидовиќ“ во 2015 година каде што француските и босанските власти открија повеќе од 500 ромски девојчиња и жени кои биле тргувани од Босна и Херцеговина во Франција и принудувани на ситни кражби и сексуална работа.12
Во Западна Европа постојат неколку официјални статистики за CSEC генерално или за децата Роми како жртви на трговија со луѓе, особено заради сексуална експлоатација. Сепак, случајот Хамидовиќ не беше единствениот што го привлече вниманието на медиумите и судството во последните неколку години. Во операцијата Голф, заедничка операција меѓу Лондонската метрополитен полициска служба и романската национална полиција од 2007 до 2010 година, беа идентификувани повеќе од 1000 деца Роми од еден романски град кои биле тргувани во Западна Европа за принудна работа и сексуална експлоатација.13 Со истрагите спроведени во Австрија беа идентификувани 91 дете како можни жртви на сексуална експлоатација во 2016 година, од кои 73 од Босна и Херцеговина, за повеќето од коишто постоеше сомневање дека се Роми.14 Слично на тоа, во Извештајот за трговија со луѓе на САД од 2020 година се подвлекува ранливоста на децата Роми тргувани за сексуална експлоатација во повеќе земји од Западна Европа, вклучувајќи ги Франција и Германија.15
„Случајот Хамидовиќ“
Во 2015 година, француските агенции за спроведување на законот кои работеа заедно со Агенцијата на Европската Унија за соработка во кривичната правда започнаа истрага против Хусмет Хамидовиќ, кој беше осомничен за водење на меѓународно организирана мрежа на трговија со луѓе. Хамидовиќ, босански државјанин, беше прогласен за виновен за трговија со повеќе од 500 претежно ромски девојки и жени од Босна и Херцеговина во Франција за целите на сексуална експлоатација, питачење и ситни кражби. Други 22 девојки кои биле дел од неговата мрежа беа пронајдени во куќа во Зеница, Босна и Херцеговина. Мрежата била активна и во Австрија, Белгија, Италија и Шпанија.
Многу девојки биле принудени на склучување брак со членови на криминални мрежи за да се олесни нивното патување меѓу Босна и Херцеговина и Франција. Биле добивани фалсификувани визи под лажни имиња пред сѐ од Амбасадата на Босна и Херцеговина во Париз, за кои се наплаќало од 500 до 1 200 евра по документ. Како што е пријавено, девојките патувале редовно меѓу двете земји бидејќи имале задача да ги вратат парите назад во Западен Балкан.
И покрај овие случаи, свеста за комерцијалната сексуална експлоатација на децата во Западен Балкан, нејзините врски со организираниот криминал и ранливоста на ромската заедница на оваа појава е сѐ уште на ниско ниво. Во претстојниот истражувачки извештај е направен обид да се пополни оваа празнина со давање меѓурегионален преглед на темата. На пример, се истражува како принудните бракови честопати се сметаат за традиционални во ромската заедница и затоа не се истражуваат или следат како случаи на трговија со луѓе од страна на надлежните органи. Ромите не се признаваат како малцинство во сите земји и многу бракови и раѓања не се регистрирани, со што се отежнува можноста членовите на заедницата да ги добијат документите и потребната институционална поддршка во нивната земја на живеење.
Има многу што треба, но и може да се направи за подобро откривање на ранливоста на децата Роми во Западен Балкан и пред сѐ да се спречи CSEC во регионот. Ова, меѓу другите иницијативи, ја вклучува потребата за поголемо подигање на свеста, отворање на национални механизми за упатување кон ромската заедница и обезбедување специјализирана обука за органите за спроведување на законот и судството. Целосниот сет препораки и чекори беа дискутирани на состанокот на експертска група на 11 и 12 март 2021 година и ќе бидат достапни во извештајот.
Забелешки
-
Stephan Müller et al, Roma: Europe’s neglected coronavirus victims, BIRN, 1 април 2020 година, https://balkaninsight.com/2020/04/01/roma-europes-neglected-coronavirus-victims/. ↩
-
Ibid. ↩
-
World Bank, Bosnia And Herzegovina—Multiple Indicator Cluster Survey 2011, 2013 година, https://datacatalog.worldbank.org/dataset/bosnia-and-herzegovina-multiple-indicator-cluster-survey-2011. ↩
-
Stephan Müller et al., Roma: Europe’s neglected coronavirus victims, BIRN, 1 април 2020 година, https://balkaninsight.com/2020/04/01/roma-europes-neglected-coronavirus-victims/. ↩
-
Zana Vathi, Children and Adolescents Engaged in Street Work in FYROM: Mobilities, Vulnerabilities and Resiliencies, Mario project, Будимпешта, декември 2014 година, http://lastrada.org.mk/wp-content/uploads/2019/04/Mario_Macedonia_Web.pdf; Fatjona Mejdini, Coins and risks: The harsh reality of Roma beggars in Kosovo streets, 13 ноември 2018 година, https://prishtinainsight.com/coins-and-risks-the-harsh-reality-of-roma-beggars-in-kosovo-streets/; Anti-Slavery International, Anti-Slavery, Trafficking for Forced Criminal Activities and Begging in Europe. Exploratory Study and Good Practice Examples, септември 2014 година, 21, http://www.antislavery.org/wp-content/uploads/2017/01/trafficking_for_forced_criminal_activities_and_begging_in_europe.pdf; and many others. ↩
-
Претстоен регионален извештај на ГИ-ТОК за CSEC во пролет 2021 година. ↩
-
Нема достапна референца за возраста. ↩
-
World Bank, Bosnia And Herzegovina—Multiple Indicator Cluster Survey 2011, 2013 година, https://datacatalog.worldbank.org/dataset/bosnia-and-herzegovina-multiple-indicator-cluster-survey-2011; и Kosana Beker, Regional report on compliance with UN Convention on the Elimination of all Forms of Discrimination Against Women (CEDAW) and Council of Europe Convention on preventing and combating violence against women and domestic violence (Istanbul Convention) relating to discrimination of Roma women in the area of healthcare, child marriages and offering support and protection to Roma women in cases of domestic abuse, Bibija Roma Women Center, 2019 година, http://luludi.mk/wp-content/uploads/2019/09/REGIONAL_REPORT.pdf. ↩
-
Интервју со експерти за граѓанското општество во регионот на Западен Балкан, ноември/декември 2020 година. ↩
-
Извештаи обезбедени од граѓанска организација што работи со ромската заедница во Босна и Херцеговина во јануари 2021 година; UNICEF Belgrade, Child marriage among the Roma population in Serbia, октомври 2017 година, https://www.unicef.org/serbia/media/921/file/Child%20marriage%20among%20the%20Roma%20population%20in%20Serbia.pdf. ↩
-
Интервју со експерти за граѓанското општество во Босна и Херцеговина, декември 2020 година. ↩
-
Суд на Босна и Херцеговина, Обвинение S1 2 K 028556 18 K—Salčinović Elvis et al. ↩
-
Anti-Slavery International, Anti-Slavery, Trafficking for Forced Criminal Activities and Begging in Europe. Exploratory Study and Good Practice Examples, септември 2014 година, 21, http://www.antislavery.org/wp-content/uploads/2017/01/trafficking_for_forced_criminal_activities_and_begging_in_europe.pdf. ↩
-
Arbeitsgruppe Kinderhandel (AG-KH), Bericht 2015–2017‚ Prävention von Kinderhandel und Schutz der Opfer von Kinderhandel, https://www.parlament.gv.at/PAKT/VHG/XXVI/III/III_00216/imfname_721009.pdf; и Betteln, Prostitution und Diebstahl: Wenn Kinder zur Ware werden, Tiroler Tageszeitung, 14 октомври 2015 година, https://www.tt.com/artikel/10625905/betteln-prostitution-diebstahl-wenn-kinder-zur-ware-werden. ↩
-
United States Department of State, Trafficking in Persons report 20th Edition, јуни 2020 година, https://www.state.gov/wp-content/uploads/2020/06/2020-TIP-Report-Complete-062420-FINAL.pdf. ↩