Центар за трговија среде никаде.
Горен Вакуф-Ускопље е мал град во Босна и Херцеговина. Фактот дека е логистички центар, во близина на големите автопати, го прави да биде стратешки поставено, но сепак незабележително жариште на трговија.
Градот, со население од околу 20 000 жители,1 се наоѓа во близина на градот Бугојно во централниот дел на земјата. Како резултат на тоа, се наоѓа во близина на главните патишта во правец север-југ од Бања Лука до Мостар и исток-запад од Сараево до Хрватска.2 Како и другите жаришта, градот страда од социјално-економска ранливост, вклучувајќи и висока стапка на невработеност (43,5 проценти во 2016 година) и ниска просечна плата од 345 евра месечно.3 Градот е поделен меѓу Босанците и Хрватите, што ги зајакна протекционистичките мрежи на етничка основа, но ги осакати јавните институции.
Во последните десет години, неговата централна позиција беше искористена за да се изгради криминален центар во овој мал локалитет. Сепак, во голема мера работеше во тајност.
Еден од ретките случаи кога Горен Вакуф-Ускопље се најде како вест во медиумите беше кога еден од неговите поранешни жители, Винко Жуљевиќ Клица, беше убиен во мај 2015 година во Загреб. Клица, воен ветеран, стоеше зад една од најмоќните безбедносни компании во Хрватска и наводно бил главен играч во подземната сцена на Загреб.4
Но, во јануари 2020 година, Горен Вакуф-Ускопље се најде на насловните страници кога Анте Сичаја, сопственик на истоимена локална компанија за увоз-извоз, беше уапсен со 400 килограми канабис со проценета вредност од 2 милиони евра. Канабисот, со потекло од Албанија и Црна Гора, наводно бил пренесен со помош на неговата компанија од Чапљина преку Билеќа и Мостар. Дрогата била препакувана во Горен Вакуф-Ускопље. Мал дел бил зачуван за домашниот пазар, додека поголемиот дел од канабисот бил испратен на запад во Хрватска и подалеку во ЕУ.5 Наводно, политичките врски на сопственикот, за којшто се вели дека е поврзан со Хрватската демократска заедница, заедно со добрата репутација на компанијата во регионот, можеби помогнале да се избегне сомневање.
Можно е со оваа операција за борба против наркотици, спроведена од страна на Државната агенција за истраги и заштита, да се откри мрежа којашто работела веќе некое време. Полицијата наводно запленила личен дневник воден од страна на г. Сичаја којшто ги поврзува нелегалните активности на компанијата со други криминални фигури од регионот, вклучувајќи и од Хрватска, Црна Гора и Бугарија.6
Покрај тоа, има неодамнешни случаи коишто укажуваат на фактот дека купувачите доаѓале во Горен Вакуф-Ускопље да набават дрога, за којашто се вели дека полесно се набавувала и била релативно евтина.7 Трагите од заплената на дрога од градовите во околните области обично водат назад до Горен Вакуф-Ускопље.8
Постојат гласини дека градот е исто така центар за криумчарење на оружје. Имаше случаи во коишто беше конфискувано оружје од жители на општината. Исто така, оружје беше пронајдено и во просториите на компанијата Сичаја.9
Овој случај покажува дека жаришта на дрога не мора да бидат само главни урбани центри или социо-економски ранливи градови, туку и логистички центри покрај клучни рути на трговија. На пример, во април 2020 година, македонската полиција откри 1,2 тони канабис во еден магацин во близина на Скопје. Во ноември 2020 година, српската полиција заплени 628 килограми канабис од напуштен хангар во Аранѓеловац, 80 километри јужно од Белград. Дрогата била пакувана за натамошна дистрибуција во Западна Европа. Во ноември 2019 година, српската полиција заплени 77 килограми хероин во близина на градот Младеновац, на периферијата на Белград.
Овие примери покажуваат дека кога се разгледува протокот на дрога, погрешно е со стрелки на мапата да се покаже трговијата со хероин од, на пример, Турција преку Западен Балкан кон ЕУ. Истотo важи и со канабисот од Албанија, кој се движи преку Црна Гора и Босна и Херцеговина до Хрватска но и пошироко за да се означуваат како да се прави, непрекинати патувања. Реалноста е дека овие испораки обично се вршат во низа кратки патувања, со разложување на патувањето и честопати на товарот за да се избегнат препреките и да се искористат можностите.
Рутите на трговија обично ги следат патеките со најмал отпор, каде што ризикот е помал поради политичките врски, корупцијата и прикривањето во релативно безбедна форма на превоз (во овој случај, добро позната транспортна компанија). Всушност, случајот со Горен Вакуф-Ускопље ги покажува врските меѓу легалната и нелегалната економија и понекогаш блиските односи меѓу деловните, политичките и криминалните елити.
Забелешки
-
Agencija za statistiku BiH, Popis stanovništva u BiH iz 2013. godine—Općina Gornji Vakuf-Uskoplje, http://www.statistika.ba/?show=12&id=10375. ↩
-
Geografski položaj, Općina Gornji Vakuf-Uskoplje, https://www.gornjivakuf-uskoplje.ba/index.php/posjeta/polozaj.html. ↩
-
Federal Institute for Development Programming, Socioekonomski pokazatelji po općinama FBIH 2019, 33, http://fzzpr.gov.ba/bs/pubs/3/3/publikacije. ↩
-
M Cigoj, KLICINA UDOVICA ‘Raspisujemo nagradu za otkrivanje ubojice moga muža. Sumnjamo da iza likvidacije stoji netko iz kruga najbližih’, Jutarnji.hr, 20 септември 2015 година, https://www.jutarnji.hr/vijesti/klicina-udovica-raspisujemo-nagradu-za-otkrivanje-ubojice-moga-muza.-sumnjamo-da-iza-likvidacije-stoji-netko-iz-kruga-najblizih-302740. ↩
-
A B Č, Poduzetnik iz BiH u cisterni krio 400 kg marihuane: Planirao da je prošvercuje u Hrvatsku, Oslobođenje, 28 јануари 2020 година, https://www.oslobodjenje.ba/vijesti/crna-hronika/poduzetnik-iz-bih-u-cisterni-krio-400-kg-marihuane-planirao-da-je-prosvercuje-u-hrvatsku-526599. ↩
-
M Aš, Kako je pala najopasnija narkogrupa: Tone skanka u BiH uvezli u cisternama, Avaz, 12 март 2020 година, https://avaz.ba/vijesti/bih/553982/kako-je-pala-najopasnija-narkogrupa-tone-skanka-u-bih-uvezli-u-cisternama. ↩
-
Gornji Vakuf: Kod maloljetne Mostarke pronađena droga, gornjivakuf.com, 5 јануари 2021 година, https://www.gornjivakuf.com/vijesti/crna-hronika/4621-gornji-vakuf-kod-maloljetne-mostarke-pronadena-droga?fbclid=IwAR2GFDX7U7HBZvdpGIj7JpMfLbm0NyybP60F1VRsX6P6_2Rr1NF-v2ex0bg. ↩
-
Gornji Vakuf: Otkrivena plantaža od 270 stabljika indijske konoplje, Vijesti.ba, 16 август 2013 година, https://vijesti.ba/clanak/161708/gornji-vakuf-otkrivena-plantaza-od-270-stabljika-indijske-konoplje. ↩
-
FOTO: SIPA oduzela veću količinu naoružanja i municije na području Gornjeg Vakufa, gornjivakuf.com, 29 јануари 2020 година, https://www.gornjivakuf.com/vijesti/crna-hronika/4355-foto-sipa-oduzela-vecu-kolicinu-naoruzanja-i-municije-na-podrucju-gornjeg-vakufa. ↩