Организираниот криминал од родов аспект
„Работевме 45 дена на сушење, чистење и пакување на канабисот што требаше да се прати во Италија од бреговите на Курбин. Беше интензивно, но задоволително искуство. За осум часа, ни платија 2 000 лека [€16]; ако работиш 10 часа, можеш да добиеш 2 500 лека [€19]. Со заработените пари купив облека и учебници за моите три деца.“1
„Штета што во текот на една година оваа работа не трае повеќе од 40 дена. Јас и мојот сопруг немаме никаква работа и да работиме почесто би било профитабилно.“2
Две жени ангажирани во одгледувањето канабис во Албанија, кои ни ги раскажаа своите приказни, дадоа увид во улогата на жените во оваа недозволена активност. Извештаите за жени што се занимаваат со одгледување канабис во Албанија датираат од почетокот на 90-тите години на минатиот век, кога саделе канабис во своите градини.3 Оттогаш, се верува дека жените играат клучна улога во индустријата, специјализирајќи се претежно во процесот на чистење канабис.
Таквите случаи се ретки, но и жените биле вклучени на повисоки позиции во криминални групи во регионот. На 22 септември 2020 година, една Србинка на чело на меѓународна група за трговија со канабис беше уапсена во Шпанија заедно со уште 30 други членови на групата (претежно од Србија, Хрватска и Велика Британија), од кои некои имаа претходни криминални досиеја во Србија и се бараа од страна на властите.4 Покрај тоа, запленети биле 12 600 растенија, 190 килограми обработени цветови и 50 000 евра во готовина.5 Мрежата имала повеќе од десетина затворени објекти за одгледување во близина на Барселона, опремени со технологија за брзо одгледување. Нивниот производ бил дистрибуиран во Каталонија. Според шпанските власти, ова била најважната криминална организација вклучена во трговија со канабис што е разбиена годинава.6
Сè поголем е бројот на глобални студии што ја анализираат улогата на жените во организираните криминални групи ширум светот, гледајќи ги нивните улоги и како жртви и како сторители.7 Креаторите на политиките, исто така, сè повеќе ја препознаваат улогата на родот во обликувањето на ранливоста на поединците кон организираниот криминал. На Западен Балкан, сепак, врската помеѓу родот и организираниот криминал останува недоволно проучена. Малку извештаи за регионот обрнуваат внимание на улогата на жените во организираниот криминал, а уште помалку ги разгледуваат родовите сфаќања поврзани со организираниот криминал и дали родот влијае врз тоа зошто и како луѓето се вклучуваат.8
Социоекономските фактори секако играат улога во однос на зголемувањето на ранливоста кон организираниот криминал. На пример, 49 лица (мажи и жени) интервјуирани за една неодамнешна студија едногласно ги посочиле економските тешкотии како мотив за нивно учество во незаконско одгледување канабис.9 Но, иако социоекономските влијанија се широко признаени, има помал фокус врз тоа како тие може да влијаат поинаку врз жените и што значи ова во однос на тоа како се формира ранливоста на мажите и жените кон организираниот криминал.
© Gent Shkullaku/AFP via Getty Images
Голем број водечки показатели укажуваат дека жените се соочуваат со уште поголеми економски тешкотии отколку мажите на Западен Балкан. На пример, како што е прикажано на Слика 3, невработеноста во регионот е висока – особено кај младите жени.
Во 2019 година се јавил и родов јаз во платите, кој во просек изнесувал 10% во Албанија, 13,9% во Црна Гора и околу 12% во Северна Македонија. Истата година, во Србија, просечната месечна плата за жена е за 30 евра пониска од онаа за мажот.10
Ако економските тешкотии се значаен фактор што ги турка луѓето во организиран криминал како извор на приход, се претпоставува дека затворите во Западен Балкан ќе бидат полни со жени. Сепак, тоа не е така.
Како што се гледа на Слика 4, која дава преглед на затворската популација во Шесторката од Западен Балкан во 2019 година, бројот на жени зад решетки е многу мал процент од вкупниот број. На крајот на 2019 година, 4,1% или помалку од вкупното население во затворите низ Западен Балкан биле жени.11 Покрај тоа, многу од овие пресуди се поврзани со ситен криминал (измама и грабеж), а не со организирани криминални активности. Од 2015 година наваму, се зголеми бројот на жени осудени за злосторства поврзани со дрога во Албанија, вклучително и пресудите за злоупотреба на дрога и активности поврзани со организиран криминал.12
Официјалната статистика исто така покажува дека улогата на жените во организираниот криминал е ограничена: Податоците на Министерството за внатрешни работи на Србија во 2019 година покажуваат дека речиси 95% од членовите на организирани криминални групи во Србија биле мажи.13
Иако ова сугерира дека организираниот криминал на Западен Балкан е машки свет, клучно е да се признае дека родовата перцепција не ја обликува само улогата што ја играат поединците во организираниот криминал, туку и реакциите од органите за спроведување на законот и моделите на забрана. Затворската популација и официјалната статистика може да дадат искривена рефлексија на криминалниот пејзаж на Западен Балкан.
Извор: Светка банка, отворени податоци на Светска банка: https://data.worldbank.org/
Број на затвореници (мажи и жени) на Западен Балкан
Извор: M Aebi and M Tiago, Prison populations, SPACE I - 2019, Council of Europe, https://wp.unil.ch/space/files/2020/04/200405_FinalReport_SPACE_I_2019.pdf; Kosovo Correctional Services, Statistics, https://shkk.rks-gov.net
Извор: Социјални мрежи
Меѓутоа, јасно е дека на Западен Балкан криминалот и машкоста се тесно поврзани. Зачленувањето во криминална група може да биде привлечно за некои млади мажи да се чувствуваат повластени и да постигнат статус и богатство што инаку не им се достапни во нивната заедница. Сликата на криминалот, како што се шири и се споделува на социјалните мрежи и во популарната култура честопати го прикажува членот на бандата како цврст, независен и моќен млад човек што станал успешен во својата заедница или во странство, кој е почитуван или од кој се плаши локалната заедница и е можен пример за следење на младите.14
Жените, од друга страна, во регионот традиционално се сметаат за чувари на семејството. Оттука, овој концепт предвидува жените да играат ограничена улога помагајќи им на своите мажи или впуштајќи се во организиран криминал преку нивно вклучување во ненасилни или придружни задачи. Овие улоги зад сцената поретко се во фокусот на напорите за спроведување на законот. Всушност, улогите што жените имаат тенденција да ги играат во мрежите на организиран криминал, заедно со родовата перцепција на криминалитетот меѓу органите за спроведување на законот, може да значи дека жените се недоволно застапени во статистичките податоци за организираниот криминал.
Ограничениот фокус на улогата што ја игра родот во организираниот криминал и недоволноста на родово чувствителните податоци достапни на Западен Балкан го отежнуваат точното проценување на улогата на жените и нивната вклученост во криминални групи. Но, гледањето на организираниот криминал од родов аспект не само што помага подобро да се разберат неформалните правила и обреди што ги обликуваат родово исцртаните улоги за мажите и жените, туку, исто така, може да придонесат за дизајнирање соодветни контрамерки што може да ги променат ставовите, претставите и однесувањето и да се зајакне отпорот на заедницата.
Забелешки
-
Интервју со жена од Жеје вклучена во одгледување канабис, март 2020. ↩
-
Интервју со жена од Поро вклучена во одгледување, канабис 18 јануари 2020. ↩
-
Интервју со жена од Болене, која е поранешен одгледувач на канабис, февруари 2020. ↩
-
ATV, Srpkinja na čelu narko-bande: Hapšenje u Španiji, pokrenuta policijska akcija, 8 September 2020, ATV, https://www.atvbl.com/vijesti/svijet/srpkinja-na-celu-narko-bande-hapsenje-u-spaniji-pokrenuta-policijska-akcija-28-9. ↩
-
Mondo, OPASNE SRPKINJE: Nekoliko žena iz Srbije bile na čelu narko-mafije! Za jednom su posebno tragali!, 5 October 2020, https://mondo.me/Info/EX-YU/amp/a876698/Srpkinje-na-celu-narko-bandi-sverc-droga.html. ↩
-
Enrique Figueredo, Cae una banda de traficantes de marihuana dirigida desde Valls por una serbia que acababa de tener un bebé, 22 September 2020, La Vanguardia, https://www.lavanguardia.com/sucesos/20200922/483625919108/barcelona-tarragona-marihuana-guardia-civil-valls-mujer-serbia.html. ↩
-
Europol, Crime has no gender: meet Europe’s most wanted female fugitives, Europol, 18 October 2019, https://www.europol.europa.eu/newsroom/news/crime-has-no-gender-meet-europe%E2%80%99s-most-wanted-female-fugitives. ↩
-
This article recognizes gender as non-binary and understands that members of the LGBTQI community will also experience and react differently to organized crime. ↩
-
Fatjona Mejdini, Cannabis cultivation in Albania. An assessment, 2020 (unpublished). ↩
-
Statistical Office of the Republic of Serbia, Average salaries and wages, by regions, qualification levels and sex, https://data.stat.gov.rs/Home/Result/2403040509?languageCode=en-US; Center of Investigative Journalism in Montenegro, NEJEDNAKE PLATE ŽENAMA U ODNOSU NA MUŠKARCE: Diskriminacija i po novčaniku, 1 March 2020, http://www.cin-cg.me/nejednake-plate-zenama-u-odnosu-na-muskarce-diskriminacija-i-po-novcaniku/; Radio MOF, Родов јаз во плати во Македонија, 10 April 2018, https://www.radiomof.mk/infografik-rodov-jaz-vo-plati-vo-makedonija/; INSTAT, Women and men in Albania 2020, 2020, http://www.instat.gov.al/en/themes/demography-and-social-indicators/gender-equality/publication/2020/women-and-men-in-albanian-2020/. ↩
-
Процент на затворенички: 1,7% (86) од сите затвореници во Албанија се жени; 2,2% (35) во Косово; 2,6% (30) во Црна Гора; 3,3% (70) во Северна Македонија и 4,1% (441) во Србија. Нема конкретни податоци за Босна и Херцеговина, каде што се претпоставува дека жените се меѓу 3-10% од вкупната затворска популација. Видете M Aebi and M Tiago, SPACE I – 2019, Council of Europe annual penal statistics: prison populations, https://wp.unil.ch/space/files/2020/04/200405_FinalReport_SPACE_I_2019.pdf; Kosovo Correctional Services, Statistics, https://shkk.rks- gov.net; Ženski zatvori u BiH imaju problema s kapacitetom, Zenit, 11 November 2019, https://shkk.rks-gov.net; Ženski zatvori u BiH imaju problema s kapacitetom, Zenit, 11 November 2019, https://www.zenit.ba/zenski-zatvori-u-bih-imaju-problema-s-kapacitetom/. ↩
-
INSTAT, Perpetrators by criminal offences and sex, General Directorate of Prisons, http://instat.gov.al/en/themes/demography-and-social-indicators/crimes-and-criminal-justice/#tab2. ↩
-
Data presented at a meeting between the Working Group of the National Convention on the EU Chapter 24 and the Negotiating Group of the Government of Serbia on Justice, Freedom and Security, Belgrade, 18 February 2020. ↩
-
Mladi kriminalci u Srbiji su zvezde Instagrama, a evo ko je najviše kriv za to, Telegraf, 24 July 2019, Telegraf, 24 July 2019, https://www.telegraf.rs/amp/zivot-i-stil/porodica-zivot-i-stil/3085559-mladi-kriminalci-u-srbiji-su-zvezde-instagrama-a-roditelji-su-i-te-kako-krivi-sto-ih-deca-obozavaju?fbclid=IwAR2IZWnzJdCE6BhZh3-_SNUpeA1wxWsuh79JEmFwBB2rhYyR6QReMmiVTzg. See also Marcello Ravveduto, La paranza dei bambini, La Google Generation di Gomorra, Questione Giustizia, 14 January 2017, https://www.questionegiustizia.it/articolo/la-paranza-dei-bambini-la-google-generation-di-gomorra_14-01-2017.php. ↩