Разбиена албанска кокаинска мрежа управувана од затвор во Еквадор
На 17 септември 2020 година, Европол објави информација за голема меѓународна операција со која е растурена Компања Бељо, една од најактивните албански мрежи за трговија со кокаин во Европа.1 Повеќе од 20 лица биле уапсени по петгодишна истрага предводена од италијанската полиција, со учество на агенции за спроведување на законот од десет други земји. Во рациите биле запленети речиси четири тони кокаин и над 5,5 милиони евра во готовина од, како што било опишано, високопрофесионална криминална организација.
Според Европол, водачот на организацијата, 40-годишен албански државјанин со престојувалиште во Еквадор, користел софистицирана шифрирана комуникациска технологија за директни преговори со јужноамериканските нарко-картели; организирал огромни пратки кокаин до најголемите пристаништа во Европа; а со помош на соучесници од Италија, Холандија и Албанија, организирал дистрибуција на дрога низ цела Европа. Кокаинот бил шверцуван преку европските граници во возила опремени со добро скриени бункери. Криминалците наводно ја переле заработката користејќи го неофицијалниот алтернативен систем за префрлање пари кој настанал во Кина, и е познат како fei ch’ien, кој е сличен на системот hawala.
Албанските медиуми шпекулирале дека „мозок“ на целата операција е човек по име Дритан Реџепи.2 Интересно е што Реџепи е во затвор во Еквадор во последните шест години, од апсењето во август 2014 година поради трговија со дрога. Поголемиот дел од своето полнолетство Реџепи го поминал во бегство. Тој се бара за убиство на двајца полицајци во Албанија, откако избегал од истражен затвор во 2006 година. Откако бил уапсен во Холандија во 2008 година, бил екстрадиран во Италија. Во април 2011 година, додека издржувал казна за трговија со дрога во Италија, избегал од затворот во Павија.3 Неколку месеци подоцна, бил обвинет за грабеж на банка и уапсен во Шпанија, но подоцна бил екстрадиран во Белгија, каде што имал меѓународна потерница за трговија со дрога. Таму избегал од затвор третпат, сè додека не бил уапсен во Еквадор во 2014 година.4
© Shutterstock/Al’fred
Тоа што озлогласен криминалец може да има водечка улога во координирање една ваква масовна операција за трговија со кокаин од неговата затворска ќелија во Еквадор, ја покажува не само силата на албанските криминални мрежи што оперираат надвор од Западен Балкан, туку и слабоста на кривичноправниот систем во Еквадор.
Во извештај на GI-TOC од јули 2020 година,5 „Транснационални пипала: Глобални жаришта на организираниот криминал од Западен Балкан“, се опишува како во текот на изминатите дваесет години, криминалните групи од Западен Балкан, вклучително и од Албанија, го унапредиле синџирот на вредности на неколку големи пазари на дрога и како последица на тоа станале големи играчи, особено во трговијата со кокаин од Латинска Америка во Западна Европа.
Се чини дека Еквадор е популарен за криминалните групи затоа што земјата се наоѓа помеѓу Колумбија и Перу, кои заедно произведуваат околу 90% од светскиот кокаин. Исто така, лесно се влегува и излегува од него: има безвизен режим до 90 дена, нема национална база на податоци за отпечатоци од прсти или фотографии од лични документи, а наводно лесно се менува идентитетот и се доаѓа до лажни документи, како што се лични карти и пасоши. Во останатите фактори на ранливост влегуваат неодамнешна историја на политичка нестабилност, порозните граници, слабиот кривичноправен систем, економијата заснована на готовина (што го отежнува следењето на финансиските текови и лесно перење пари) и корупцијата во судскиот систем. Еквадорските затвори имаат долга историја на корупција и несигурност,6 како и насилство меѓу банди.7 Вреди да се напомне и дека Еквадор нема закон што предвидува запленување на имотот на трговците со дрога и речиси никаква соработка, заемна правна помош или размена на разузнавачки информации со земјите од Западен Балкан. Затоа и не е изненадувачки што Еквадорската национална дирекција за борба против наркотици проценува дека помеѓу 2017 и 2019 година, 56 Албанци поврзани со недозволени активности пристигнале во Еквадор.8
Според Националната служба за лица лишени од слобода во Еквадор, Реџепи ќе биде екстрадиран во Албанија откако ќе ја издржи целата 13-годишна казна затвор.9 Досега, тој издржал околу половина од затворската казна.
Овој случај покажува дека подобрената соработка за спроведување на законите во рамките на Западен Балкан или меѓу земјите во регионот и Европол ќе биде недоволна ако криминалците од регионот може слободно да дејствуваат во Латинска Америка, дури и по апсењето. За да се зајакне контролата врз дрогата, ќе биде потребен поефикасен триаголен однос помеѓу земјите од Западен Балкан, Западна Европа и Латинска Америка, вклучувајќи заемна правна помош, заплена и пронаоѓање недвижен имот и парични средства, екстрадиција, размена на разузнавачки информации и заеднички операции.
Забелешки
-
Europol, Joint investigation team leads to dismantling of one of Europe’s most active Albanian-speaking networks trafficking cocaine into Europe, 17 September 2020, https://www.europol.europa.eu/newsroom/news/joint-investigation-team-leads-to-dismantling-of-one-of-europe%E2%80%99s-most-active-albanian-speaking-networks-trafficking-cocaine. ↩
-
Si funksiononte karteli i kokaines? Hoxha: Dritan Rexhepi rrinte ne hije, niste ngarkesat nga burgu, ABC News Albania, 17 September 2020, https://www.youtube.com/watch?v=cm8mY921Xv4. Друг клучен играч идентификуван од медиумите е Елди Дизрари, албански државјанин што живее во Дубаи. ↩
-
‘Si u arratisa nga qelitë e Shqipërisë, Italisë dhe Spanjës’, rrëfimi nga burgu në Ekuador i Dritan Rexhepit, Gazeta Shqiptare, 11 February 2020, http://gazetashqiptare.al/2020/02/11/si-u-arratisa-nga-qelite-e-shqiperise-italise-dhe-spanjes-rrefimi-nga-burgu-ne-ekuador-i-dritan-rexhepit/. ↩
-
Belgjike arratiset nga burgu Dritan Rexhepi, Tema, 2 October 2011, http://www.gazetatema.net/2011/10/02/belgjike-arratiset-nga-burgu-dritan-rexhepi/. ↩
-
Walter Kemp, Transnational tentacles: Global hotspots of Western Balkan organized crime, GI-TOC, July 2020, https://globalinitiative.net/wp-content/uploads/2020/07/Transnational-Tentacles-Global-Hotspots-of-Balkan-Organized-Crime-ENGLISH_MRES.pdf. ↩
-
21 detenidos por ingreso de armas en supuesta ambulancia a la Penitenciaría, El Universo, 17 February 2019, https://www.eluniverso.com/noticias/2019/02/17/nota/7194221/21-detenidos-ingreso-ambulancia-penitenciaria-litoral. ↩
-
Desde la cárcel de Latacunga, un albanés dirigió un emporio de droga en Europa, Plan V, 21 September 2020, https://www.planv.com.ec/historias/sociedad/desde-la-carcel-latacunga-un-albanes-dirigio-un-emporio-droga-europa. ↩
-
Ibid. ↩
-
Ibid. ↩