Global Organized Crime Index
Опсерваторија на Нелегални Економии во Југо-Источна Европа
Резиме на главни поенти
-
Врски меѓу политиката, етничката припадност и организираниот криминал во северно Косово.
Во средината на октомври, косовската полиција влезе во градот Митровица како дел од серијата операции наменети за сузбивање на организираниот криминал. Она што започна како операција насочена кон спроведување на законот брзо се претвори во судир помеѓу полицијата и гневните граѓани. Северно Косово често се карактеризира како жариште на организиран криминал, но како изгледа криминалното подземје во областа северно од реката Ибар?
-
Какво би можело да биде влијанието на иницијативата „Отворен Балкан“ врз организираниот криминал?
Албанија, Северна Македонија и Србија напредуваат со идејата на иницијативата „Отворен Балкан“ за создавање економска зона која дополнително ќе ги подобри политичките и економските односи и ќе ги зајакне културните врски меѓу трите држави. Напорите за промовирање поголема регионална интеграција, без разлика дали преку иницијативата „Отворен Балкан“ или Заедничкиот регионален пазар, треба да се искористат и како можност за зајакнување на регионалната соработка за спроведување на законот во борбата против организираниот криминал.
-
Крвната одмазда во Албанија што ја искористуваат криминалните групи.
Албанското општество понекогаш се прикажува како насилно поради суровите културни норми, како што е крвната одмазда. Но, оваа практика е главно ограничена на северна Албанија и нејзината примена се намалува. Сепак, организираните криминални групи ја инструментализираат крвната одмазда за да го засилат својот фактор на страв, а некои баратели на азил ја злоупотребуваат користејќи лажни писма со изјави со кои тврдат дека се жртви на крвна одмазда.
-
Локални иницијативи: Дијалози за зајакнување на отпорноста во Западен Балкан.
Во текот на октомври и ноември, Опсерваторијата на нелегални економии во Југоисточна Европа ја продолжи серијата дијалози за отпорност во секоја од шесте земји на Западен Балкан, со физичко присуство. Разгорени дискусии се водеа во Тирана, Белград, Сараево и Приштина. Состаноците им дадоа можност на граѓанските организации (ГО) да се соберат и да споделат ставови за тековните активности, како и да разговараат за предизвиците со кои се соочуваат во својата работа. Некои од најдинамичните дискусии беа помеѓу претставниците на граѓанското општество и владата, за тоа како поефективно да соработуваат околу прашања како што се миграцијата, корупцијата и дрогата.
-
Со спорт против криминалот: Користење боречки вештини за да се поттикнат младите Албанци.
Во рамки на нашата серија разговори со претставници на ГО од Западен Балкан кои ја зајакнуваат локалната отпорност на организираниот криминал, разговараме со Елион Пука, мајстор за боречки вештини и шеф на теквондо клубот Vllaznia во Скадар, Албанија, за неговата работа, што опфаќа користење на боречки вештини за поттикнување на младите луѓе и нивно оддалечување од криминал.
За ова издание
Добре дојдовте во единаесеттото издание на овој Билтен на ризици што е производ на Опсерваторијата на нелегални економии во Југоисточна Европа (ЈИЕ-Опс) на Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал (ГИ-ТОК). Како и обично, започнуваме со профил на жариште на организиран криминал, овој пат тоа е регионот на северно Косово. Истражуваме што се случува зад политичката реторика и одблизу ја разгледуваме криминалната економија во овој подрегион, особено криумчарењето на легални добра.
Иако имаше многу помпа за иницијативата „Отворен Балкан“, сепак постои и скептицизам. Ги разгледуваме потенцијалните импликации од поотворени граници на криминалните пазари и ја нагласуваме потребата од поголема регионална соработка за спроведување на законот. Предупредуваме дека она што не е потребно, барем на самиот почеток, е создавање на уште едно регионално тело за спроведување на законот – има доволно, ако не и премногу. Сепак, потребна е поголема соработка и координација што може да се подобри со поефикасна употреба на телата како што е механизмот на интегрирано управување со внатрешната безбедност, кој е дел од напорите на ЕУ за подобрување на безбедносната соработка на Западен Балкан.
Даваме и преглед на четири дијалози за отпорност што Опсерваторијата ги организираше во октомври и ноември по почетниот состанок во септември во Скопје. Овие состаноци во Тирана, Белград, Сараево и Приштина се одржаа според правилото на Чатам Хаус (според кое може да се соопштат откриените информации, но изворот не смее да се идентификува), па затоа е тешко на читателот да му се долови атмосферата во просторијата или динамичните дискусии, особено помеѓу претставниците на граѓанското општество и владата. Но, состаноците беа клучни за градење мостови помеѓу истражувачките новинари, академиците и претставниците на НВО, како и помеѓу граѓанското општество и владата. Тие овозможија и да се прикаже работата на ГИ-ТОК во регионот по речиси две години на пандемијата КОВИД-19, да се обноват контактите, да се создадат нови партнерства и да се зајакнат мрежите за борба против организираниот криминал. Последниот состанок од низата ќе се одржи во Подгорица, Црна Гора, кон средината на декември.
Крвната одмазда во Албанија е практика која останува обвиткана со одреден степен на тајност и мистерија. Врз основа на обичај кој датира од 15 век, крвната одмазда сè уште постои на неколку места во Албанија, особено на северниот дел од земјата. Потенцијалните жртви остануваат во своите домови во постојана изолација или бегаат – или во други делови на Албанија или во странство. Врз основа на истражување од прва рака, разгледуваме колку е вообичаена практиката, нејзината поврзаност со организираниот криминал и какви чекори преземаат албанските власти за да ја решат.
Заклучуваме со интервју со добитник на Фондот за отпор, Елион Пука, мајстор за теквондо кој се преселил од Италија во својот роден град Скадар, Албанија, за да ги подучува боречки вештини младите луѓе во заедницата. Со него разговараме за заканата од организираниот криминал во Скадар и како спортот може да ја зајакне отпорноста на младите кон организираниот криминал и насилството.
Референците за Косово во Билтенот на ризици се направени без предрасуди кон позициите за статусот и се во согласност со Резолуцијата 1244/1999 на UNSCR и советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата за декларацијата на независност на Косово.
Ако имате предлог за приказна или сакате да дадете повратни информации, ве молиме контактирајте со almedina.dodic@globalinitiative.net.