Лажните или незаконски стекнатите балкански документи овозможуваат лесно патување на криминалците ширум светот.

Полицијата што ги истражува групите на организиран криминал во или од Западен Балкан постојано посочува кон една заедничка нишка што ги поврзува сите фактори а тоа е – леснотијата со којашто патуваат многу криминалци користејќи лажни пасоши или незаконски стекнати документи за имиграција од земји во регионот. Транснационалниот организиран криминал, како што кажува неговото име, во своето делување ги преминува и националните граници на државите. Некои од овие нелегални активности се изведуваат виртуелно, во сајбер просторот, со помош на шифрирани мрежи за комуникација или криптовалути. Меѓутоа, за да извршат злосторства каква што е незаконската трговија, криминалците треба физички да преминат граница и во тој процес тие не треба да бидат забележани од никого. Токму поради тоа, ним им се потребни фалсификувани документи.

Според некои истражувачи кои беа консултирани за оваа статија, зачестеноста на проблемот во Западен Балкан ја објаснуваат со фактот дека постојат активни групи на пазарот коишто прават фалсификувани документи како криминална услуга. Криминалците комбинираат вистински и лажни информации за идентификација за да креираат т.н. синтетички или лажни идентитети кои потоа можат да ги користат за да патуваат незабележани или да поминат низ процесите за верификација на идентитетот на една финансиска институција. Меѓутоа, откако се воведоа биометриските документи, производството на овој тип на лажни документи веќе не е толку често. Наместо нив, криминалците сега се користат со вистински документи кои ги видоизменуваат за да вршат нелегални активности.1

Главно, постојат два начини на кои криминалците се стекнуваат со такви документи. Тие или физички изменуваат валиден пасош којшто е украден или купен на црниот пазар така што ќе ја сменат фотографијата или биографските податоци или, пак, нелегално купуваат валиден пасош на нивно име или со псевдоним така што ќе подмитат корумпиран службеник. На тој начин, некој криминалец што се бара по потерница во странство може да си го смени својот идентитет и непречено да се движи наоколу како граѓанин на земја од Западен Балкан. Од друга страна, криминалците од Западен Балкан можат да добијат патни исправи од земја на ЕУ и да се движат слободно во Шенген зоната. Исто така, не треба да не зачудува и податокот кој вели дека криминалците од регионот поседуваат и повеќе идентитети за да избегнат детекција и да можат да сторат разни измами.

Потешко е да се идентификуваат таквите луѓе поради тоа што службениците за спроведување на законот во регионот на Западен Балкан меѓусебно споделуваат мал број податоци. Почесто се случува да се работи преку ИНТЕРПОЛ отколку директно да се соработува.2

Споредбена ранг листа на пасоши од земјите на ЗБ6.

Слика 1 Споредбена ранг листа на пасоши од земјите на ЗБ6.

Извор: Индекс на пасоши, https://www.passportindex.org

Во последно време има низа случаи кои откриваат дека корумпирани службеници нелегално издаваат пасоши на луѓе со цел да им помогнат да избегнат кривично гонење во други земји. Најголемиот проблем што беше идентификуван беше регистриран во Северна Македонија, во случајот што ѝ е познат на јавноста како „Двојник“. Во април 2021 година, опозициската партија на Северна Македонија, ВМРО-ДПМНЕ, тврдеше дека најмалку 215 пасоши биле издадени од страна на Министерството за внатрешни работи на странски криминалци и високо ризични индивидуи, вклучително и на низа на главни шефови на криминални групи.3 Случајот со водачот на турската мафија, Седат Пекер, кој претходно бил осуден за кривични дела во подземјето, а добил пасош од Северна Македонија со лажен идентитет, го разоткри скандалот.4 Фотографиите што беа објавени на социјалните мрежи покажуваат еден полицаец кој не е на должност, поставен како телохранител на Пекер, додека тој шета по скопските улици.5

Јован Вукотиќ е уште еден високо ризичен криминалец којшто беше идентификуван во овој скандал.6 Вукотиќ наводно бил водач на црногорскиот клан Шкаљари, една од двете најголеми групи за шверц на дрога во Западен Балкан, а се бараше во Грција поради сомнеж за шверц на дрога и други тешки кривични дела. Тој беше уапсен во Турција во 2018 година и пратен во Србија, каде отслужи казна затвор од 15 месеци затоа што имаше лажен пасош пред да биде екстрадиран во Црна Гора во февруари 2020 година. Вукотиќ е баран од властите во Црна Гора за обид за убиство, но обвинителството ја прекина судската постапка против него во јули 2020 година. Откако беше пуштен од затвор во јануари 2022 година, обвинителството го обвини за затајување данок во износ од €22800. Само неколку месеци подоцна, Вукотиќ беше убиен во Истанбул.7 Според информациите на турската полиција, Вукотиќ нелегално влегол во Турција со пасош од Северна Македонија којшто го добил во Косово на лажно име Предраг Поповиќ.8

Во ноември 2022 година, медиумите открија дека украинскиот бизнисмен и политичар Олександар Онишченко го добил неговиот трет пасош од Северна Македонија под сомнителни околности.9 Онишченко е на црната листа на САД од јануари 2021 година затоа што бил „член на руската мрежа којашто се мешала во претседателските избори во САД“. Исто така, Онишченко се бара и во Украина; од кога побегна од земјата во 2016 година кога антикорупциската комисија отвори истрага против него за перење пари и корупција поврзана со продажба на гас.10 Само пет месеци по добивање на државјанство од Северна Македонија во мај 2022 година, Онишченко ја претставуваше неговата нова земја на натпревар за препонско јавање во Сен Тропе, Франција.11 Меѓутоа, на 3 декември 2022 година, властите на Северна Македонија го повлекоа државјанството што му беше дадено на украинскиот бегалец и му го одзедоа пасошот.12

Цариник врши проверка на пасош на преминот Хоргош на границата помеѓу Србија-Унгарија во декември 2009 година. ЕУ овозможи патување без визи во блокот од 27 земји за Србија, Македонија и Црна Гора од 19 декември таа година.

Цариник врши проверка на пасош на преминот Хоргош на границата помеѓу Србија-Унгарија во декември 2009 година. ЕУ овозможи патување без визи во блокот од 27 земји за Србија, Македонија и Црна Гора од 19 декември таа година.

Фотографија: Reuters/Ѓорѓе Којадиновиќ

Бројот на продадени пасоши на сомнителни поединци ја растревожи и Северна Македонија и пријателите на земјата.

Меѓутоа, Северна Македонија не е единствена земја во Југоисточна Европа којашто има проблем со лажни пасоши. Во 2022 година, грчката полиција, поддржана од ЕВРОПОЛ, растури криминална мрежа што учествуваше во производството и дисеминацијата на лажни документи во Грција. ЕВРОПОЛ ја започна истрагата во март 2021 година и откри дека бандата воспоставила печатница во Атина за фалсификување на разни патни исправи. Во јуни 2022 година, властите уапсија осум осомничени коишто ги снабдувале шверцерите на мигранти со патни исправи, овозможувајќи нелегален пристап од Египет во ЕУ и запленија 362 фалсификувани документи.13

На почетокот од ноември 2022 година, српските полициски службеници од Одделението за сузбивање на организиран финансиски криминал, во соработка со членови на Службата за борба со тероризмот и екстремизмот, уапсија тројца криминалци од Нови Пазар поради сомнеж за производство и продажба на фалсификувани документи. Српските медиуми кои известуваа за случајот тврдат дека криминалната група ги продавала документите на црниот пазар по €500.14

Во Албанија, над 1200 лица биле уапсени од 2016 година па навака за измама со виза и пасош. Една голема истрага што беше спроведена во 2021 година откри дека најголемата побарувачка за лажни пасоши потекнувала од азиски граѓани кои барале помош од криминалните групи во Албанија, како и од лицата кои барале патни исправи за влез во Обединетото Кралство и во САД.15 Албанците се најчести жртви на незаконска трговија во Обединетото Кралство, а некои од жртвите имаат фалсификувани пасоши. Наместо да бараат азил, некои мигранти одбираат да исчезнат и нелегално да работат во Обединетото Кралство пред да се вратат дома. Цената на лажен пасош или фалсификувана патна исправа за Обединетото Кралство варира помеѓу €5000 и €10000.16

Балканските мафијаши според бројни медиумски наводи купуваат хрватски пасоши за полесен влез во ЕУ.17 Хрватските пасоши овозможуваат лесен пристап до ЕУ, особено сега кога Хрватска е дел од Шенген зоната. Во минатото, одредени, наводно тешки, престапници од Србија беа уапсени со лажни хрватски пасоши, вклучително и Синиша Петриќ, Владимир „ Влада Будала“ Милисављевиќ и неговиот шеф, Лука „Пекар“ Бојовиќ.18 Во последно време имаше низа на случаи за нелегално стекнување хрватски документи,19 вклучувајќи го добро познатиот случај со Филип Кораќ (кој наводно има врски со клучните криминални играчи во балканското подземје) и кој беше осуден на една година условна казна затвор во јуни 2022 година за фалсификување хрватски пасош.20

Хрватската канцеларија за сузбивање на корупција и организиран криминал изврши истрага којашто откри дека помеѓу 2017 година и ноември 2019 година, најмалку 42 хрватски лични карти и повеќе од 40 пасоши базирани на лажни српски лични документи биле произведени и продадени по цена од најмалку €3500 од документ.21 Истрагата доведе до апсење на 19 лица.22

Исто така, имаше дојава дека стотици луѓе, вклучително и криминалци, успеале да се стекнат со фалсификувани патни исправи и лажен босански идентитет, што доведе до рации и апсења на хрватските полициски службеници кои беа дел од Државната агенција за истрага и заштита (SIPA).23 На пример, балканските мафијаши од озлогласениот клан Кавачи, Алмир Јаховиќ и Радоје Живковиќ, беа уапсени во Турција поради сомнеж за убиство и се откри дека користеле лажни пасоши издадени во Босна и Херцеговина.24

Уште еден фактор кој влијае врз нелегалното преземање на босански идентитет е дека за разлика од ситуацијата во соседните земји, во Босна и Херцеговина може да се избегне казна затвор помала од една година така што ќе се плати парична казна.25 Според истражувањата на Центарот за истражувачко новинарство, судовите во Босна и Херцеговина им дозволиле на осудените лица да откупат вкупно 263 години затвор по цена од речиси 4,6 милиони евра во периодот помеѓу 2017 и 2019 година.26 Поради тоа, криминалците од Србија и Хрватска користат босанско државјанство и ја префрлаат нивната казна таму за да избегнат лежење во затвор.27

Босна и Херцеговина исто така се користи и како транзитна точка за лица со фалсификувани документи коишто се обидуваат да влезат во ЕУ. Според босанската гранична полиција, етничките чеченски граѓани на Русија во последно време се обидувале да влезат во Босна и Херцеговина преку аеродромите во Сараево и Тузла благодарение на безвизниот режим.28 Носеле фалсификувани дозволи за престој од некои земји во ЕУ и патувале со намера да влезат во ЕУ.

Безбедносните ризици што произлегуваат од лажните пасоши кои ги издаваат земјите во Југоисточна Европа заслужуваат поголемо внимание и построги контроли. Фалсификуваните патни исправи или сомнително стекнатите вистински документи овозможуваат организираниот криминал да се прави на многу полесен начин. Тие им даваат слобода на криминалците или лицата коишто се политички изложени да се движат незабележано. Исто така, ваквите документи стануваат криминален пазар самите по себе: лажните документи ги користат групите на организиран криминал и тргуваат со нив во голема мера. Оваа практика, исто така, го нарушува угледот на земјите каде се произведуваат или издаваат овие документи.

Националните власти во регионот треба да изработат подобри стратегии за контрола на процена и да соработуваат со партнери во регионот (како што се ЕУ и Турција) за да ја следат ситуацијата. Исто така, се јавува поголема потреба да се споделуваат информации за лажни патни исправи и псевдоними. Ова е тема што треба да биде приоритетна за регионална соработка – на пример, преку Центарот за спроведување на законот во Југоисточна Европа и Регионалната иницијатива за миграции, азил и бегалци, кои имаат побарано поблиска соработка при спроведување на законот или безбедноста на патните исправи.

Забелешки

  1. INTERPOL, Identity and travel document fraud, https://www.interpol.int/en/Crimes/Counterfeit-currency-and-security-documents/Identity-and-travel-document-fraud

  2. Интервју со полициски службеник од Северна Македонија, 22 ноември 2022 година. 

  3. Sinisa Jakov Marusic, North Macedonia claims to bust police gang forging passports, Balkan Insight, 7 април 2021 година, https://balkaninsight.com/2021/04/07/north-macedonia-claims-to-bust-police-gang-forging-passports

  4. Observatory of Illicit Economies in South-Eastern Europe, Passports and protection: the Macedonian connection of a Turkish crime boss, Билтен за ризици – издание 8, GI-TOC, јули-август 2021 година, https://globalinitiative.net/analysis/seeobs-risk-bulletin-8

  5. Ibid. 

  6. Sinisa Jakov Marusic, North Macedonia arrests police in crackdown on passport-forgers, Balkan Insight, 6 април 2021 година, https://balkaninsight.com/2021/04/06/north-macedonia-arrests-police-in-crackdown-on-passport-forgers

  7. Jelena Radivojević, Ubijen vođa škaljarskog klana Jovan Vukotić, КРИК, 8 септември 2022 година, https://www.krik.rs/ubijen-vodja-skaljarskog-klana-jovan-vukotic

  8. Jovan Vukotić lažni pasoš nabavio na Kosovu, Радиотелевизија Црна Гора, 8 декември 2022 година, https://rtcg.me/vijesti/crna_hronika/389458/jovan-vukotic-lazni-pasos-nabavio-na-kosovu.html?fbclid=IwAR1DB1gdjO-luyBfE91PcU6LM9wBXdH_cTHDy2fmFGqsie85xh8EiygBsAg

  9. Frosina Dimeska, Fugitive Ukraine politician under US sanctions wins North Macedonia citizenship, Balkan Insight, 11 ноември 2022 година, https://balkaninsight.com/2022/11/11/fugitive-ukraine-politician-under-us-sanctions-wins-north-macedonia-citizenship

  10. Anna Kholodnova, Fugitive ex-lawmaker Oleksandr Onyshchenko received citizenship of North Macedonia date, Babel, 11 ноември 2022 година, https://babel.ua/en/news/86912-media-fugitive-ex-lawmaker-oleksandr-onyshchenko-received-citizenship-of-north-macedonia

  11. Ibid. 

  12. European Observatory of Crimes and Security, North Macedonia scraps fugitive Ukrainian citizenship date, 7 декември 2022 година, https://www.eu-ocs.com/north-macedonia-scraps-fugitive-ukrainian-citizenship. 

  13. Balkan police arrest 13 for gang-related identity theft, Ројтерс, 20 јуни 2016 година, https://www.reuters.com/article/us-bosnia-crime-arrests-idUSKCN0Z61PO

  14. Falsifikovali dokumenta: Uhapšen trojac iz Novog Pazara, Нпортал, 1 ноември 2022 година, https://www.nportal.rs/vest/36979/vesti/crna-hronika/novi-pazar-lazna-dokumenta-falsifikovanje

  15. Nora Muci, Over 1,200 arrested in a 5-year timespan for visa and passport fraud, Euronews, 18 февруари 2022 година, https://euronews.al/en/250-arrested-in-a-year-for-visa-and-passport-fraud

  16. Valbona Bezati, London calling: Albanians count cost of UK illegality, Balkan Insight, 29 октомври 2020 година, https://balkaninsight.com/2020/10/29/london-calling-albanians-count-cost-of-uk-illegality

  17. Srpskoj mafiji naše lažne putovnice omogućuju kretanje po Europi, praktične zbog sličnih imena, Вечерњи лист, 4 јули 2021 година, https://www.vecernji.hr/vijesti/srpskoj-mafiji-nase-lazne-putovnice-omogucuju-kretanje-po-europi-prakticne-zbog-slicnih-imena-1505287

  18. OCCRP, Six arrested in croatia for falsifying passports for gangsters, 26 март 2012 година, https://www.occrp.org/en/daily/1453-six-arrested-in-croatia-for-falsifying-passports-for-gangsters

  19. Dušan Miljuš, Hrvatsku putovnicu podigao i crnogorski narkobos, objavljujemo snimke razgovora i SMS-ove mafijaša, Јутарњи лист, https://www.jutarnji.hr/vijesti/crna-kronika/hrvatsku-putovnicu-podigao-i-crnogorski-narkobos-objavljujemo-snimke-razgovora-i-sms-ove-mafijasa-15036566

  20. Marin Dešković, Šef Zemunskog klana na sudu u Zagrebu: ‘Da, koristio sam krivotvorenu putovnicu RH. Prijetilo mi je ubojstvo’, Јутарњи лист, 7 јуни 2022 година, https://www.jutarnji.hr/vijesti/crna-kronika/sef-zemunskog-klana-na-sudu-u-zagrebu-da-koristio-sam-krivotvorenu-putovnicu-rh-prijetilo-mi-je-ubojstvo-15207431

  21. Court remands thought to be involved in large-scale fake passports scheme, ХИНА/Н1, 29 ноември 2019 година, https://hr.n1info.com/english/news/a463992-court-remands-21-thought-to-be-involved-in-large-scale-fake-passports-scheme

  22. Ibid. 

  23. State Investigation and Prosecution Agency, SIPA apprehended three individuals for forging of documents in operation codenamed ‘Art’, 22 септември 2015 година, http://www.sipa.gov.ba/en/news/sipa-apprehended-three-individuals-for-forging-of-documents-in-operation-codenamed-art/13225

  24. Pasoš Izdat u Banjaluci: Organizator ubistva vođe ‘Škaljarskog klana’ u Tursku letio sa dokumentima BiH, Вечерње новости, 23 септември 2022 година, https://vecernjenovosti.ba/99758/hronika/pasos-izdat-u-banjaluci-organizator-ubistva-vodje-skaljarskog-klana-u-tursku-letio-sa-dokumentima-bih

  25. Goran Katić, Otkup zatvorske kazne u BiH po tarifi od 25 do 50 evra za dan, Слободна Европа, 23 ноември 2021 година, https://www.slobodnaevropa.org/a/zatvor-kazna-otkup-tarifa/31573655.html

  26. Selma Boračić-Mršo, Službenici u BiH otkupljuju kazne umjesto da idu u zatvor, Слободна Европа, 12 јуни 2019 година, https://www.slobodnaevropa.org/a/29995187.html

  27. Hrvatski i srpski kriminalci kazne plaćaju u BiH, Глас Српске, 17 ноември 2019 година, https://www.glassrpske.com/lat/novosti/vijesti_dana/hrvatski-i-srpski-kriminalci-kazen-placaju-u-bih/297587

  28. Goran Katić, Zašto je BiH stanica za Čečene u bijegu od mobilizacije?, Радио Слободна Европа, 30 декември 2022 година, https://www.slobodnaevropa.org/a/cecenija-rusija-bih-evropska-unija/32201177.html