Научени ли се лекциите за справување со новиот миграциски бран во Западен Балкан?

Во 2022 година, бројот на бегалци и мигранти кои минуваа низ Западен Балкан беше на највисоко ниво досега од 2015 година. Оваа рута остана втората најактивна рута во Европа досега во 2023 година. Ова предизвикува загриженост во Западен Балкан, но исто така и во Европската Унија (ЕУ) и Обединетото Кралство каде што се стравува дека повторно ќе се појават предизвиците со кои се соочуваа некои земји во 2015 и 2016 година обидувајќи се да се справат со милиони луѓе во движење. Оттогаш, неколку земји изградија физички бариери, се обидоа да ги подобрат односите со трети земји, како и мултилатералната соработка, не само преку ЕУ. Како што можеше да се види на италијанскиот остров Лампедуза, тој систем сега се соочува со стрес-тест.

Според прелиминарните податоци од Фронтекс, Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, 330.000 нерегуларни мигранти влегле во блокот во 2022 година, што претставува најголемиот нерегуларен прилив од 2016 година.1 Од нив, 145.600 мигранти (45 %) ја користеле западно-балканската рута. Во Западен Балкан бројот на нерегуларни мигранти се зголемил за 136 % во споредба со 2021 година.2 Повеќето од оние што се во движење дошле од или преку Блискиот Исток и Северна Африка (МЕНА).

Помеѓу јануари и август 2023 година, Западен Балкан остана втората најактивна рута, иако со пад од 19 % во споредба со истиот период минатата година, делумно поради тоа што Србија го укина визното ослободување за Бурунди, Тунис, Индија и Гвинеја-Бисао.3 Оваа промена на политиката од страна на Србија следеше по притисокот од ЕУ, која изрази загриженост дека системот го искористуваат мигранти кои ја користат земјата како недозволена отскочна штица во блокот.

Мигранти се забележани во напуштени вагони од возови во близина на Солун, Грција на пат долж рутата низ земјите од Западен Балкан преку Северна Македонија, Октомври 2022.

Мигранти се забележани во напуштени вагони од возови во близина на Солун, Грција на пат долж рутата низ земјите од Западен Балкан преку Северна Македонија, Октомври 2022.

Фотографија: Николас Економу/Нур Фото виа Гети фотографии

Трите најбројни националности кои патуваат низ западно-балканската рута се Сирија, Авганистан и Турција.4 Се очекува бројките да останат високи како резултат на разгорување на конфликтот помеѓу Израел и Хамас, континуираната репресија во Авганистан, војната и нестабилноста во Либија и Судан, како и економските тешкотии во неколку африкански земји. Фронтекс очекуваше дека во август ќе дојде до умерено намалување за 2023 година како целина,5 но тоа беше пред нападот на Хамас врз Израел, која, пак, сега започна со копнена инвазија на Газа, крајбрежна палестинска енклава. Исто така, постојат ризици од значителни последици надвор од ова непосредно бојно поле.

Истовремено, руската агресија против Украина ја предизвика најголемата бегалска криза во Европа од Втората светска војна. Додека најголемиот дел од бегалците се пресели во соседните земји и во Западна Европа, десетици илјади Украинци но и Руси најдоа прибежиште во Западен Балкан. За разлика од мигрантите од регионот МЕНА кои претежно се потпираат на мрежите за криумчарење луѓе за да организираат нелегални преминувања преку границите, украинските бегалци во балканските земји во текот на 2022 година генерално влегоа на легален начин.

Иако, војната во Украина не влијае многу врз зголемувањето на нерегуларната миграција, сепак постои индиректна поврзаност бидејќи органите за спроведување на законот и хуманитарните ресурси – на пример во Унгарија, Бугарија и Романија – беа претежно фокусирани на справување со одливот на бегалци од Украина на почетокот на 2022 година. Ова им олесни на мигрантите нелегално да ги преминуваат границите на места кои беа послабо чувани поради промената на кадарот за спроведување на законот, на пример на границата помеѓу Романија и Унгарија, границата помеѓу Србија и Унгарија и границата помеѓу Бугарија и Турција.6 Понатаму, војната создаде група ранливи Украинци кои криминалните мрежи ги регрутираат за извршување задачи од ниско ниво, како што е возењето мигранти.7 Постојат и наводи дека украински криминални мрежи биле вмешани во криумчарење мажи кои се на возраст за служење воен рок, а на кои не им било дозволено да ја напуштат Украина поради ограничувањата за движење.8

Разновидни и насилни криминални актери

Во споредба со состојбата пред седум години, се појавуваат нови шеми во бизнисот поврзан со криумчарењето мигранти низ Западен Балкан. Се чини дека мрежите станале пофлуидни и децентрализирани. Користењето на технологијата – особено шифрираните групи за разговор, мобилните апликации за интернет и GPS системите – го демократизираше пазарот и ја намали потребата за централизирани и добро координирани операции.9 Исто така, ја намали потребата од водичи и го олесни регрутирањето и огласувањето операции за криумчарење мигранти.10 За плаќањето услуги за криумчарење се користат и апликации за онлајн-трансфер на пари.11 Згора на тоа, шифрирањето ѝ отежнува на полицијата да ги следи и истражува мрежите за криумчарење, за разлика од 2015 и 2016 година кога таквите групи можеа да бидат пресретнати со информации од мобилни телефони.12

Мигрантите имаат тенденција да се движат од една до друга точка со системот „тековно плаќање“, наместо со пакетот зделки за целосна услуга што преовладуваше помеѓу 2015 и 2017 година. Криумчарите обично се потпираат на сигурни контакти – често сонародници – во соседните земји кои би им помогнале во нелегалните преминувања на границите.13 Она што останува исто е дека корупцијата може да помогне да се отворат вратите или, пак, граничарите да замижат со едно око.14

Дополнително делува дека профилот на криумчарите е сменет. Додека во 2015 и 2016 година криумчарите беа претежно државјани на земјата каде што работеа, се чини дека пазарот станал пофлуиден и меѓународен. Не е невообичаено граѓаните на една земја од Југоисточна Европа да се вклучени, на пример како возачи, во криумчарење мигранти во друга земја од регионот. Возачи се најмуваат дури и преку друштвените медиуми.15 Во изминатите неколку години во Бугарија има забележителен пораст на возачи од Украина, Грузија и Молдавија. Мигрантите или поранешните мигранти, особено од Авганистан, Пакистан, Северна Африка или курдските региони, исто така се активни во криумчарењето, вклучително и како регрутери во центрите за азил, превозници, станодавци за сместување мигранти и организатори на логистика. Особено се присутни во клучните места каде што мигрантите бараат илегално да ги преминат границите.16 Многу често, во многу земји од регионот, потерите со автомобили или, пак, несовесното превезување доведуваат до сообраќајни несреќи кои резултираат со смрт на мигранти, возачи и/или други учесници во сообраќајот.17

Бидејќи се чини дека трошоците и нивото на софистицираност кои се потребни за да се влезе на пазарот за криумчарење се прилично ниски, а наградите потенцијално високи, изгледа дека има значителна конкуренција околу клучните места. Конкуренцијата често знае да биде насилна. Во изминатата година имаше неколку насилни инциденти на границата помеѓу Србија и Унгарија, меѓу кои и пукање од автоматско оружје.18 Понекогаш насилството е насочено кон полицијата и кон граничарите. Во Унгарија, во 2022 година наводно биле ранети 12 полициски службеници и 29 припадници на националната гарда,19 додека пак, во Бугарија во 2022 година, четворица полициски службеници биле убиени, а многу други повредени во насилните судири со криумчарите на мигранти.20 Во други случаи, има насилни судири меѓу ривалските групи криумчари, на пример, има пријавени инциденти во Србија, Косово и во Северна Македонија за судири меѓу курдски и северно-африкански (марокански и алжирски) групи.21 Понекогаш насилството го вршат криумчарите врз мигрантите, на пример кога се обидуваат да ја преминат оградата (како онаа што ги дели Србија и Унгарија) без да платат за услугата. Имено, најголем дел од насилството е на клучните излезни точки, како што е случајот во Србија, и во близина на неформалните кампови за мигранти.22

Само мултилатералното дејствување може да го реши овој прекуграничен проблем

Од масовниот бран бегалци и мигранти во 2015 година, земјите во Југоисточна Европа имаат тенденција да градат ѕидови и огради.

Од своја страна, ЕУ се обиде да го зајакне својот надворешен периметар, особено преку распоредувањето на Фронтекс. Тука исто спаѓаше и потпишувањето нови договори за оперативна соработка во управувањето со границите со Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, што меѓу другото, овозможува распоредување офицери од постојаниот корпус на Фронтекс.23 Исто така, наместо само да се „затвори балканската рута“ и овие земји да се остават самите да се снаоѓаат – што често беше случај во 2016 година – постои поголемо чувство на солидарност, а да не го споменуваме личниот интерес, земјите од ЕУ да работат повеќе со своите соседи од Западен Балкан во управувањето и намалувањето на протокот на бегалци и мигранти.

Надоврзувајќи се на својот нов пакт за миграција и азил, кој беше предложен во септември 2020 година, во декември 2022 година, Европската Унија усвои Акциски план за миграција за Западен Балкан. Планот опфаќа 20 оперативни мерки групирани во пет клучни области: зајакнување на граничното управување долж рутите за трговија со луѓе; осигурување брзи процедури за азил и капацитет за прием; борба против криумчарење мигранти; подобрување на соработката за повторно прифаќање и враќање; и постигнување на усогласување за визната политика.24 Донесувањето на овие мерки не само што треба да им помогне на ЕУ и на шесте земји од Западен Балкан поефикасно да се справат со миграцијата, туку би можело и да го забрза процесот на пристапување во ЕУ во делот на миграцијата и управувањето со границите.

Ќе биде предизвик да се бараат заемни придобивки, на пример преку поефективно споделување информации, наместо да се префрла топката и да се обвинува другиот (како што можевме да видиме помеѓу Австрија и Романија, или во врска со контроверзната одлука на Унгарија да ослободи повеќе од 700 странски криумчари од затвор во јуни 2023 година) или да се врши притисок врз земјите од Југоисточна Европа да извршат враќање без потребната инфраструктура. Практичните мерки би можеле да опфаќаат заеднички операции, стандардизација на методологијата за собирање и споделување информации за нерегуларната миграција и подобрување на процедурите за идентификација и регистрација на мигрантите на границите. Исто така, логично би било земјите од Западен Балкан да се приклучат кон Eurodac (европскиот систем за споредба на отпечатоци од прсти за барателите на азил).

На крајот од краиштата, за факторите што натеруваат толку многу очајни мигранти да ги ризикуваат своите животи за да бараат засолниште и посветли можности, треба да се дејствува меѓународно, а не само европски. Земјите во ЕУ, Европската асоцијација за слободна трговија, Обединетото Кралство и Западен Балкан треба заеднички да се заложат за покоординирано глобално дејствување во поглед на големиот проток на луѓе во движење, меѓу останатото и со спроведување на Глобалниот договор за миграција. Во спротивно, ќе продолжат непропорционалните притисоци врз одредени земји – како Грција и Италија – недостигот на солидарност и соработка и порастот на популизмот делумно предизвикан од разочарувањето од неспособноста на владите да се справат со миграцијата.

Забелешки

  1. Frontex, EU’s external borders in 2022: Number of irregular border crossings highest since 2016, 13 јануари 2023 година, https://frontex.europa.eu/media-centre/news/news-release/eu-s-external-borders-in-2022-number-of-irregular-border-crossings-highest-since-2016-YsAZ29

  2. Ibid. 

  3. Frontex, Central Mediterranean accounts for half of irregular border crossings in 2023, 14 септември 2023 година, https://www.frontex.europa.eu/media-centre/news/news-release/central-mediterranean-accounts-for-half-of-irregular-border-crossings-in-2023-G6q5pF; Sasa Dragojlo, Serbia ends visa-free regimes with Tunisia and Burundi, 25 октомври 2022 година, https://balkaninsight.com/2022/10/25/serbia-ends-visa-free-regimes-with-tunisia-and-burundi/

  4. Frontex, Central Mediterranean accounts for half of irregular border crossings in 2023, 14 септември 2023 година, https://www.frontex.europa.eu/media-centre/news/news-release/central-mediterranean-accounts-for-half-of-irregular-border-crossings-in-2023-G6q5pF

  5. Frontex, Risk Analysis for 2023/2024, август 2023 година, https://www.frontex.europa.eu/assets/Publications/General/ARA_2023.pdf

  6. Tihomir Bezlov, Atanas Rusev и Dardan Kocani, Borderline: Impact of Ukraine war on migrant smuggling in South Eastern Europe, Global Initiative Against Transnational Organized Crime (GI-TOC), септември 2023 година, https://globalinitiative.net/analysis/ukraine-war-impact-migrant-smuggling-south-eastern-europe/

  7. Ibid. 

  8. GI-TOC, New front lines: Organized criminal economies in Ukraine in 2022, февруари 2023 година, https://globalinitiative.net/analysis/organized-criminal-economies-ukraine-2022/

  9. Europol, Criminal networks in migrant smuggling, јуни 2023 година, https://www.europol.europa.eu/cms/sites/default/files/documents/Europol%20Spotlight%20Report%20-%20Criminal%20networks%20in%20migrant%20smuggling.pdf. 

  10. Europol, Criminal networks in migrant smuggling, јуни 2023 година, https://www.europol.europa.eu/cms/sites/default/files/documents/Europol%20Spotlight%20Report%20-%20Criminal%20networks%20in%20migrant%20smuggling.pdf. 

  11. Ibid; Tihomir Bezlov, Atanas Rusev и Dardan Kocani, Borderline: Impact of Ukraine war on migrant smuggling in South Eastern Europe, GI-TOC, септември 2023 година, https://globalinitiative.net/analysis/ukraine-war-impact-migrant-smuggling-south-eastern-europe/

  12. Ibid. 

  13. Ibid. 

  14. Europol, Criminal networks in migrant smuggling, јуни 2023 година, https://www.europol.europa.eu/cms/sites/default/files/documents/Europol%20Spotlight%20Report%20-%20Criminal%20networks%20in%20migrant%20smuggling.pdf; Tihomir Bezlov, Atanas Rusev и Dardan Kocani, Borderline: Impact of Ukraine war on migrant smuggling in South Eastern Europe, GI-TOC, септември 2023 година, https://globalinitiative.net/analysis/ukraine-war-impact-migrant-smuggling-south-eastern-europe/. 

  15. Tihomir Bezlov, Atanas Rusev и Dardan Kocani, Borderline: Impact of Ukraine war on migrant smuggling in South Eastern Europe, GI-TOC, септември 2023 година, https://globalinitiative.net/analysis/ukraine-war-impact-migrant-smuggling-south-eastern-europe/

  16. Europol, Criminal networks in migrant smuggling, јуни 2023 година, https://www.europol.europa.eu/cms/sites/default/files/documents/Europol%20Spotlight%20Report%20-%20Criminal%20networks%20in%20migrant%20smuggling.pdf; Tihomir Bezlov, Atanas Rusev и Dardan Kocani, Borderline: Impact of Ukraine war on migrant smuggling in South Eastern Europe, GI-TOC, септември 2023 година, https://globalinitiative.net/analysis/ukraine-war-impact-migrant-smuggling-south-eastern-europe/

  17. Ibid. 

  18. MTI-Hungary Today, Armed incidents involving migrants on the rise at Hungarian border, 11 ноември 2022 година, https://hungarytoday.hu/armed-incidents-involving-migrants-on-the-rise-at-hungarian-border/; AP News, Serb police: Man shot in border town clash between migrants, 25 ноември 2022 година, https://apnews.com/article/europe-shootings-hungary-migration-western-269fab3f41a42df0d053e8ed865b49dc

  19. Schengen News, Hungarian border police detected nearly 270,000 illegal migrants last year, 6 јануари 2023 година, https://www.schengenvisainfo.com/news/hungarian-border-police-detected-nearly-270000-illegal-migrants-last-year. 

  20. Dunavmost, Four police officers have died in the last 12 months due to migrant pressure, 17 февруари 2023 година, https://www.dunavmost.com/novini/chetirima-politsai-zaginaha-za-poslednite-12-mesetsa-zaradi-migrantskiya-natisk

  21. GI-TOC, Increasing migratory pressures in Serbia have led to conflict between people smuggling groups and crackdowns on migration, август 2023 година, https://riskbulletins.globalinitiative.net/see-obs-016/01-increasing-migratory-pressures-in-serbia-have-led-to-conflict.html; Интервју со службеник од косовската кранична полиција, Приштина, 8 ноември 2023 година 

  22. GI-TOC, Increasing migratory pressures in Serbia have led to conflict between people smuggling groups and crackdowns on migration, август 2023 година, https://riskbulletins.globalinitiative.net/see-obs-016/01-increasing-migratory-pressures-in-serbia-have-led-to-conflict.html

  23. European Commission, EU Action Plan on the Western Balkans, 5 декември 2022 година, https://home-affairs.ec.europa.eu/system/files/2022-12/Western%20Balkans_en.pdf

  24. Ibid.