Криминалните групи од Западен Балкан имаат значително присуство во Германија.

Најновата процена на Европол за криминалните мрежи, објавена во април оваа година, посочува на тоа дека организираните групи од Западен Балкан се и понатаму значително присутни во ЕУ, особено во Германија.1 Од 2020 и 2021 година, отстранувањето на EncroChat и Sky ECC – шифрирани апликации за размена на пораки кои им беа омилени криминалците – од страна на полициските тела доведе до бројни апсења,2 вклучувајќи и на криминалци од Западен Балкан во Германија. Овие и други такви случаи покажуваат дека криминалците од Западен Балкан се активни играчи на германскиот пазар со дрога, како и во трговијата со луѓе и перењето пари; статистиките на полицијата, пак, само ја потврдуваат лошата ситуација.

Благодарение на податоците собрани од Sky ECC, Миливој Тодоровиќ од Босна и Херцеговина е уапсен во ноември 2022 година во Франкфурт, под сомнение дека препродавал дрога преку врски со црногорскиот клан Шкаљари, за кој N1 известува дека е главен играч во транспортот на кокаин во и преку Европа.3 Во друг случај изграден врз разузнавачки информации од апликацијата за размена на пораки Sky, во јули 2022 година Германија го екстрадира Саво Маринковиќ – кој веќе служеше затворска казна за трговија со дрога – во Босна и Херцеговина со црвена потерница на ИНТЕРПОЛ, под сомнение дека во 2018 година убил двајца полициски службеници во Сараево;4 судењето е во тек.5

Статистичките податоци на Bundeskriminalamt (Канцеларијата на сојузната криминалистичка полиција во Германија) за 2021 и 2022 година покажуваат дека Албанија е меѓу првите пет странски извори на организиран криминал коишто дејствуваат во Германија, пласирајќи ја земјата на четврто место по Турција, Полска и Италија. Ако ги разгледаме групите на организиран криминал според националноста на нивните водачи, ќе забележиме дека криминалните групи предводени од Албанци го заземаат второто место меѓу странски криминални мрежи активни во Германија, веднаш зад групите чии водачи се претежно Турци.6

Ситуацијата станува уште појасна кога организираниот криминал поврзан со дрога ќе се одвои од другите случаи со организиран криминал. Најзастапените странски групи вклучени во кривични дела поврзани со трговија со дрога се турските, полските и албанските. Кога станува збор за кокаинот, Албанците ја сочинуваат најголемата категорија на странски престапници (15 %).7 Албанските групи се исто така главни играчи на германскиот пазар за канабис.8

Една од причините за значајната вплетканост на албанските и другите организирани криминални групи од Западен Балкан во трговијата со дрога и слични криминални потфати би можела да биде големата дијаспора од поранешна Југославија и Албанија која во 1990-тите емигрираше во Германија. Друга причина би можеле да бидат мрежите кои криминалните групи од Западен Балкан ги одржуваат на пристаништата во Западна Европа – клучни влезни точки за кокаин – како и за хероин и канабис кои се криумчарат долж балканската рута.

Поликриминални мултинационални мрежи

Се чини дека повеќето криминални ќелии од Западен Балкан што се активни во Германија се дел од поголеми мултинационални мрежи, што го побива митот за монолитниот „балкански картел“. Кога германската национална полиција или заедничките операции на Европол апсат голем број организирани криминалци, меѓу уапсените често фигурираат балкански државјани. На пример, во мај 2023 година, Европол координираше меѓународна операција која доведе до апсење на 37 лица, од кои неколку беа од Западен Балкан, вклучувајќи, наводно, и еден шеф од Босна и Херцеговина кој веќе издржуваше четиригодишна казна затвор во Италија.9 Во јуни 2023 година, Европравда и Европол им помогнаа на властите во Германија, Италија и Холандија во разбивање една мрежа за трговија со дрога за која властите велат дека главно се состоела од албански државјани. Уапсени се вкупно 35 осомничени. Оваа криминална мрежа е обвинета за криумчарење кокаин и канабис со вкупна пазарна вредност од над 1 милијарда евра од Јужна Америка во Европа.10

Меѓународната операција за спроведување на законот во мај 2023 година доведе до апсење на 37 членови на криминална група низ Европа, меѓу кои имаше и поединци од Западен Балкан.

Меѓународната операција за спроведување на законот во мај 2023 година доведе до апсење на 37 членови на криминална група низ Европа, меѓу кои имаше и поединци од Западен Балкан.

Фотографија: Европол

Во октомври 2023 година беше разбиен голем ланец за трговија со дрога кога беа уапсени голем број осомничени и беа запленети неколку стотици килограми кокаин од мрежа која ги опфаќаше германските сојузни покраини Хесен, Северна Рајна-Вестфалија, Баден-Виртемберг, како и Хрватска и Полска. Меѓу уапсените лица имаше и државјани на Хрватска, Србија, Бугарија, Северна Македонија и Црна Гора.11 Во февруари 2024 година, италијанските и албанските власти, со заеднички напори и поддршка од Европравда и Европол, спроведоа голема операција што резултираше со апсење на 59 осомничени, вклучувајќи лица во Албанија, Италија, Германија и Обединетото Кралство. Оваа мрежа е обвинета дека криумчарела хероин, кокаин, хашиш и канабис во Германија и Шпанија во возила со скриени прегради.12 Овие операции покажуваат дека Германија служи и како главен пазар за малопродажба на дрога и како важна претоварна точка за транспорт на кокаин на големо, наменет за дистрибуција низ Европа и пошироко.

Случаите наведени претходно јасно покажуваат дека криминалните мрежи сè повеќе соработуваат надминувајќи ги етничките граници и премостувајќи ги традиционалните поделби во корист на сите вклучени мрежи. Овие случаи исто така ги прикажуваат транснационалните карактеристики на мрежите. На пример, кога станува збор за кокаинот, организираните криминални групи од Западен Балкан воспоставија силни врски со криминалните групи на почетните точки во Латинска Америка, на точките за дистрибуција на големо (вклучувајќи и преку пристаништето во Хамбург) и на локациите за дистрибуција на мало во другите европски земји.

Балканските криминални групи исто така имаат добри врски со италијанските и турските мафијашки организации. Општо земено, тие се познати како снаодливи претприемачи во трговијата со дрога. Според еден поранешен службеник на Администрацијата за сузбивање дрога во САД, криминалците од Балканот „со задоволство би соработувале со Израелците, Холанѓаните, Швеѓаните, Доминиканците и Кинезите … [Тие] соработуваат со сите.“13

Криминалните екосистеми драстично се разликуваат низ Германија. Додека во некои градови (како на пример Берлин) се доминантни т.н. организирани криминални мрежи со кланови – обично арапски, турски или курдски – во други (како на пример Хамбург), албанските или другите западнобалкански групи контролираат значаен дел од профитабилните нелегални пазари.14 Дури и во големи градови како Берлин и Франкфурт, каде што балканските групи се помали риби, тие наводно знаат да преговараат и да се договараат и со поголемите ѕверки.15

Во Хамбург, албанските, српските и црногорските организации нашироко се сметаат за најмоќни групи, особено оние што се занимаваат со трговија на кокаин. Спротивно на тоа, групите што се претежно составени од државјани од Косово, Северна Македонија и Босна и Херцеговина повеќе се сметаат за мешетари или транспортери.16 Хрватските организирани криминални групи се многу присутни во Германија, што исто така делумно се должи на големата хрватска дијаспора којашто се зголеми како резултат на миграцијата за време на војните во Југославија во 1990-тите години.

Иако се чини дека криминалните групи од Западен Балкан добро соработуваат со групи што се состојат од лица со различни националности, ги бие глас и дека се насилни. Според сојузните податоци од 2023 година, албанските сторители беа на четврто место по број на осомничени што биле затекнати со оружје за време на апсење за кривични дела поврзани со трговија на дрога.17 Организираното насилство во Германија некогаш произлегува од превирањата меѓу балканските групи, како на пример, крвавиот конфликт помеѓу организацијата Шкаљари и Кавачи, друг црногорски клан.18 На пример, во мај 2019 година во Форст, Германија, беа убиени двајца мажи во инцидент што наводно бил поврзан со војната меѓу клановите.19

Други видови криминал

Освен трговијата со дрога, криминалните групи од Западен Балкан наводно се занимаваат со рекетирање и трговија со луѓе, особено за сексуална експлоатација. Поединци од Западен Балкан се вклучени во криминални мотоциклистички банди во Германија.20 Медиумите беа особено сосредоточени на мотоциклистичката банда „Јунајтед Трибјунс“, којашто во 2004 година ја основаше Армин Ќулум,21 поранешен боксер со потекло од Босна. Многу од членовите на бандата потекнуваат од Босна или од други делови на Западен Балкан. Групата, којашто исто така е позната како „Balkan Brothers Herkunft“,22 стана озлогласена поради трговија со луѓе, особено за цели на сексуална експлоатација, како и поради убиства.23 Дури и се натпреваруваа со локалните ограноци на „Хелс Ејнџелс“ и „Бандидос“. Во 2022 година, Германија ја забрани „Јунајтед Трибјунс“ затоа што групата претставуваше сериозна закана за јавноста и имаше сторено бројни кривични дела.24

Во февруари 2022 година, германската полиција растури мрежа од крадци на автомобили од Босна и Херцеговина што беа осомничени за кражба на луксузни автомобили во вредност од 1,5 милиони евра, главно во Долна Саксонија, Северна Рајна-Вестфалија и Хесен.25 Во април 2023 година, шест Срби беа уапсени во Берлин за кражба на луксузни автомобили.26

Во февруари 2024 година, полицијата во Дармштадт растури наводна криминална мрежа од балкански државјани вмешани во криумчарење луѓе во Германија заради нелегално вработување, главно на градилиштата. Беа уапсени три српски, три хрватски државјани, еден Црногорец, еден Германец и еден државјанин на Босна и Херцеговина под сомнение за затајување данок во вредност од 10,4 милиони евра поврзан со овој случај.27

Криминалните актери од Западен Балкан исто така се вмешани во перење пари, при што заработените пари во Германија ги враќаат назад на Балканот или ја вложуваат незаконската добивка во легални бизниси, недвижнини или криптовалути.28 Германските власти не знаат во колкав размер се перат пари, но сметаат дека дошло до пораст помеѓу 2021 и 2022 година. Според податоците за случаите кои ги собрале властите, организираните криминални групи во Германија акумулирале најмалку 998 милиони евра од незаконски приноси и инвестирале околу 45 % од средствата во криптовалути за да ги исперат парите. Покрај тоа, во 2022 година, од 19 активни национални истраги за перење пари, една истрага вклучуваше организирана криминална група во која доминираа Албанци и друга група во која доминираа поединци од Босна и Херцеговина.29

Заклучоци

Полицијата постигна значителен напредок по дешифрирањето на апликацијата Sky EEC, а се очекува и тековните истраги да доведат до нови апсења на балкански криминалци кои работат во Германија. Меѓутоа, и понатаму постои потреба за повеќе заеднички истраги на органите за спроведување на законот што ќе ги вклучуваат агенциите од Западен Балкан, како и зајакната соработка помеѓу регионалните обвинителства. Покрај тоа, големиот број државјани на Западен Балкан со двојно државјанство кои работат во ЕУ, особено во Германија, ги усложнува напорите на органите за спроведување на законот во следење на криминалните активности, особено во врска со перењето пари и криумчарењето готовина на Балканот. Глобалниот индекс за организиран криминал на Глобалната иницијатива против транснационален организиран криминал ја нагласува потребата од поголем поттик. Иако отпорноста на Германија на организираниот криминал е прилично голема, во последно време таа се намалува; поените на земјата на оваа метричка скала паднаа од 7,67 во 2021 година на 7,50 во 2023 година.30

Забелешки

  1. Europol, Decoding the EU’s most threatening criminal networks, 5 април 2024 година. 

  2. Europol, Dismantling of an encrypted network sends shockwaves through organised crime groups across Europe, 2 јули 2020 година; Europol, 800 criminals arrested in biggest ever law enforcement operation against encrypted communication, 8 јуни 2021 година. 

  3. A drug cartel member from Bosnia arrested in Frankfurt, N1, 8 ноември 2022 година. 

  4. U BIH izručen Savo Marinković, osumnjičen za ubistvo sarajevskih policajaca, N1, 27 јули 2022 година; Uhapšen osumnjičeni za ubistvo dvojice sarajevskih policajaca, Radio Free Europe/Radio Liberty, 2 февруари 2022 година; Borka Cerić, Advokat Tomić za ‘Avaz’: Savo Marinković je pucao policajcima u glavu, Avaz, 26 декември 2021 година. 

  5. Marko Trifkovic pleaded guilty in the case of the murder of Sarajevo policeman, Sarajevo Times, 27 мај 2024 година. 

  6. Канцеларија на сојузничката криминалистичка полиција во Германија, Organized Crime – National Situation Report 2022, 17 ноември 2023 година. 

  7. Од друга страна, 44 % од сторителите на кривични дела поврзани со кокаин биле Германци. Канцеларија на сојузничката криминалистичка полиција во Германија, Rauschgiftkriminalität Bundeslagebild 2022, 24 октомври 2023 година. 

  8. Ibid. 

  9. Europol, 37 arrested as violent Balkan criminal cell taken down, 25 мај 2023 година. 

  10. Europol, Strike against an Albanian drug trafficking network in Germany, Italy and the Netherlands, 23 јуни 2023 година. 

  11. Festnahmen und Durchsuchungen bei Razzia gegen Drogenhandel-Netzwerk, Hessenschau.de, 11 октомври 2023 година. 

  12. European police arrest dozens of drug trafficking suspects, Deutsche Welle, 6 февруари 2024 година. 

  13. Balkankartell, Hauptlieferant von Kokain in Europa, Koha, 10 мај 2024 година. 

  14. Интервју со германски истражувачки новинар, 5 февруари 2024 година, преку е-пошта. 

  15. Интервју со извор од криминалното подземје, Франкфурт, 2 април 2024 година. 

  16. Интервју со истражувач, Хамбург, 4 март 2023 година, онлајн. 

  17. Канцеларија на сојузничката криминалистичка полиција во Германија, Organized Crime – National Situation Report 2022, 17 ноември 2023 година. 

  18. Walter Kemp, Making a killing: What assassinations reveal about the Montenegrin drug war, GI-TOC, јули 2020 година. 

  19. Bodo Baumert, Balkanbanden ziehen ihre blutige Spur durch Europa, Lausitzer Rundschau, 30 ноември 2020 година; Mordfall in Brandenburg angeblich mit Kotor-Mafia verknüpft, Tiroler Tageszeitung, 14 мај 2019 година. 

  20. Канцеларија на сојузничката криминалистичка полиција во Германија, Organized crime: National situation report 2021, 29 септември 2022 година; Канцеларија на сојузничката криминалистичка полиција во Германија, Organized crime: National situation report 2022, 17 ноември 2023 година. 

  21. Kate Connolly, Germany bans 1,700-strong ‘rocker’ gang for violent crime links, The Guardian, 14 септември 2022 година. 

  22. Viplebenslauf, Balkan Brothers Herkunft, 7 март 2022 година. 

  23. Walter Kemp, Transnational tentacles: Global hotspots of Balkan organized crime, GI-TOC, јули 2020 година. 

  24. Germany raids, bans Hells Angels rival United Tribuns, Reuters, 14 септември 2022 година. 

  25. Europol, Arrest in Germany of 3 suspects involved in theft of EUR 1.5 million worth of vehicles, 23 февруари 2022 година. 

  26. Sofija Bogosavljev, Uhapšeno šest Srba u Nemačkoj – Provaljivali u automobile, jedan se smejao nakon hapšenja i pozirao sa lisicama na rukama, Blic, 1 април 2023 година. 

  27. Uhapšeni i državljani BiH: Nijemci razbili bandu koja je utajila 10 miliona evra, Nezavisne, 21 февруари 2024 година. 

  28. FBI, What we investigate: Transnational organized crime

  29. Канцеларија на сојузничката криминалистичка полиција во Германија, Organized crime: National situation report 2022, 17 ноември 2023 година. 

  30. GI-TOC, Criminality in Germany, Глобален индекс за организиран криминал за 2023 година