Легализираниот бизнис со медицински канабис во Северна Македонија е во опасност од пренасочување за нелегални цели.

Во 2016 година, Северна Македонија го легализираше одгледувањето медицински канабис. Оттогаш, индустријата процвета. Во март 2024 година, во Северна Македонија имаше речиси 70 приватни компании регистрирани за одгледување канабис за медицинска употреба и за производство на цветови и масло од канабис.1 Меѓутоа, македонската индустрија за канабис е ранлива на корупција. Ова вклучува прашања поврзани со издавањето лиценци и со пренасочувањето на легално одгледаниот канабис на црниот пазар.

Иако на Западен Балкан постои стабилна, но ограничена побарувачка за медицински производи од канабис, во регионот постои и голем нелегален пазар за суви цветови од канабис. Впрочем, канабисот е најконсумираната дрога на Западен Балкан.2 Северна Македонија е и главен транзитен центар за трговија со канабис произведен во Албанија.3

Постои загриженост дека одреден дел од нелегалниот пазар за канабис се снабдува од компании што имаат дозволи за легално одгледување канабис за медицински цели. Според актуелниот Закон за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, се забранува извоз на канабис одгледан во Северна Македонија којшто не се користи за медицински цели.4 Сепак, се чини дека во многу случаи, лиценцираните компании одгледуваат повеќе канабис отколку што е потребно за легален извоз. Прекумерната понуда на легално одгледан производ за којшто постои голем црн пазар носи очигледни ризици.

Во изминатите неколку години, полицијата во Северна Македонија презеде акција против лиценцираните компании поради разни престапи, вклучувајќи и пренасочување на нивните производи заради криумчарење. Во некои случаи беше преземена акција за спроведување на законот против компании кои не ги задоволуваа потребните стандарди. Виновник за ова може да е самата компанија или недоволната регулатива на надлежните тела,5 имено, на министерствата за земјоделство и здравство,6 како и на петчлената специјална комисија којашто треба да го следи производството и да врши инспекции на секоја плантажа најмалку двапати годишно.7 Во други случаи, полицијата постапуваше на темел на сомненија дека канабисот што се одгледува во лиценцирани погони се пренасочува на црниот пазар, со или без знаење на компаниите.

Во еден скорешен пример од висок профил, една полициска операција во Северна Македонија во март 2024 година беше насочена кон десетици осомничени криминалци кои наводно биле вмешани во нелегално производство и дистрибуција на дрога. Меѓу уапсените беше и Боро Стојчев, исто така познат како „Боро Марлборо“, поранешен градоначалник на Ново Село.8 Наводното вмешување на Стојчев во криумчарењето канабис го привлече вниманието на јавноста, особено затоа што во 2020 година, компанијата на син му доби лиценца за одгледување канабис. Полициските рации во текот на оваа операција на локации како Струмица, Гевгелија, Демир Капија, Струга и Прилеп резултираа со запленување над 100 килограми марихуана, што доведе до обвиненија поврзани со неовластена продажба и дистрибуција на дрога.9 Стојчев призна вина и беше осуден на пет години и три месеци затвор.10

Одгледувањето канабис за медицинска употреба е во подем во Северна Македонија, но постои ризик дека вишокот се пренасочува на црниот пазар.
Одгледувањето канабис за медицинска употреба е во подем во Северна Македонија, но постои ризик дека вишокот се пренасочува на црниот пазар.

Одгледувањето канабис за медицинска употреба е во подем во Северна Македонија, но постои ризик дека вишокот се пренасочува на црниот пазар.

Доставени слики

Беа спроведени други рации и заплени врз основа на неправилности во работењето. На пример, во февруари 2022 година, полицијата изврши рација во една компанија која легално одгледува канабис за медицински цели во Струмица и заплени околу 1,5 тони канабис поради „неправилности“ во работењето на фирмата. Немаше уапсени лица.11

Во летото 2022 година, во рок од 48 часа, полицијата на Северна Македонија изврши рации на две плантажи со канабис во близина на Охридското Езеро.12 Овие плантажи имаа дозволи за одгледување медицински канабис, но полициските рации открија кршења на прописите кои, според истрагата на Балканската истражувачка репортерска мрежа, сугерираат дека е можно одреден дел од легално одгледаниот канабис да навлегува на нелегалниот пазар.13

Во април 2023 година, полицијата пресретна 100 килограми првокласен канабис кој, според Министерството за внатрешни работи, најверојатно потекнува од легална фабрика за производство на масло од канабис за медицински цели.14 Властите проценија дека уличната вредност на оваа заплена, за која се сомневаа дека била наменета за црниот пазар, е околу 600.000 евра.15 Криумчарената стока беше откриена и запленета од возило со скопски регистарски таблички; возилото беше запрено во Неготино, а возачот наводно се обидел да избега пред да биде уапсен.16

На 6 јули 2023 година, во селото Сопот во близина на Кавадарци, властите запленија 225 килограми канабис и 1.000 цветови од канабис во вредност од пола милион евра од компанија за производство на медицински канабис.17 Во полициските извештаи се наведуваат сомненија за нелегални активности, фокусирајќи се на наводните обиди на персоналот на компанијата да ја дистрибуира дрогата на црниот пазар. 18

Во септември 2023 година, властите им ги поништија дозволите на три компании за одгледување медицински канабис откако полициската инспекција на еден лиценциран погон за одгледување медицински канабис во село Врапчиште откри бројни неправилности.19 На објектот немало обезбедување и камери, оградата била оштетена, а објектот немал струја. Наместо пријавени вработени лица, биле затекнати двајца Албанци кои не биле вработени во фирмата. Во заштитениот простор за складирање, полицијата запленила 327,3 килограми сушени цветови канабис, спакувани во алуминиумски кеси, кои ги надминувале законските граници. Дополнително бил констатиран вишок од 23,3 килограми канабис.

Исто во Врапчиште, на 15 декември 2023 година, полицијата од едно правно лице заплени 4.341 тон канабис во вредност од над 10 милиони евра. Заплената следуваше по донесена одлука на Владата за одземање на лиценцата на компанијата поради бројни неправилности откриени при инспекција на големината на подрачјето за одгледување, опремата и персоналот.20

Во 2023 година, полицијата им ги одзеде лиценците на осум компании за производство на медицински канабис, покажуваат податоците од Министерството за внатрешни работи.21 Истата година беа запленети 4,6 тони канабис и 3.799 стебла cannabis sativa.22 Во 2022 година, полицијата им ги одзеде лиценците на седум компании што се занимаваа со овој бизнис, а во полициските акции против правните субјекти без запленети 561,1 килограм канабис, како и 8.723 стебла cannabis sativa.23

Одземени лиценци и запленети стоки, 2021–2023 година.

СЛИКА 1 Одземени лиценци и запленети стоки, 2021–2023 година.

Министерство за внатрешни работи, Годишни извештаи за 2022 и 2023 година

Издавањето лиценци е ранливо на корупција

Друга слаба алка е издавањето лиценци. Иако одгледувањето медицински канабис беше легализирано во 2016 година со измени на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции,24 индустријата почна да цвета дури откако поранешниот премиер Зоран Заев дојде на власт во 2017 година. Тој предвиде дека со одгледување канабис ќе се оствари приход од 250 милиони евра и ќе се отворат нови работни места.25

Бизнисот со канабис е вистинска златна кокошка за приватните компании и за државата. Податоците од Управата за јавни приходи покажуваат дека во 2022 и 2023 година, компаниите во Северна Македонија што се занимаваат со одгледување ароматични и лековити билки и растенија (за фармацевтска употреба) платиле околу 5 милиони евра данок на додадена вредност.26 Се предвидува дека од 2024 до 2029 година пазарот ќе продолжи да се шири со годишна стапка од 4,76 %, што ќе доведе до обем на продажба од 37,90 милиони долари во текот на пет години.27

Година Платен ДДВ Платен данок на добивка
2022 129,3 милиони денари (2,1 милион евра) 3,4 милиони денари (53 800 евра)
2023 181,3 милиони денари (2,9 милиони евра) 33,9 милиони денари (542 100 евра)
Вкупно 310,6 милиони денари (5 милиони евра) 37,3 милиони денари (595  900 евра)

СЛИКА 2 Даноци што ги платиле компаниите кои одгледуваат медицински канабис, 2022–2023 година.

Податоци добиени од Управата за јавни приходи, 20 февруари 2024 година

Во исто време, се чини дека издавањето дозволи е исто така профитабилен бизнис, во кој понекогаш се вмешани и државни функционери.28 Според еден виш полициски службеник во Скопје, често се потребни врски во полицијата за да се добие дозвола, а тој процес може да се олесни со поткуп или политички донации.29

Последици за Северна Македонија и пошироко

Одлуката на Северна Македонија да го легализира одгледувањето медицински канабис беше прилично профитабилна за Владата и за оние вклучени во бизнисот, но, донесе и ризици, особено такви поврзани со корупција при процесот на лиценцирање и со пренасочување на канабисот на црниот пазар, без разлика дали преку инсајдери или преку кражба од трети страни.

Искуството на Северна Македонија го нагласува клучниот предизвик во врска со контролата на дрогата во време кога законите и ставовите за употребата на канабис се сè полиберални: како да се регулира разликата помеѓу легалните и нелегалните пазари на канабис; и како да се спроведат законите кога различни земји имаат различни правни рамки, дури и ако се од истиот регион, особено земајќи ја предвид големината на црниот пазар на Албанија.

Ситуацијата во земјата исто така го истакнува парадоксот дека некои министерства профитираат од одгледувањето канабис, а полицијата троши време и ресурси за да ги реши проблемите што произлегуваат од тој бизнис. Ова е предизвик со кој ќе се соочи новата централно-десничарска влада на Северна Македонија, избрана во мај. Меѓутоа, овој проблем не е уникатна појава само за оваа балканска земја.

Забелешки

  1. Who controls the cannabis factories?, Vecer, 4 март 2024 година. 

  2. Observatory of Illicit Economies in South Eastern Europe, Lessons learned from cannabis legalization in North Macedonia, Risk Bulletin, Issue 5, Global Initiative Against Transnational Organized Crime, март 2021 година. 

  3. Ibid. 

  4. Marija Mitevska, How did legal marijuana end up in the hands of criminals?, Radio Free Europe/Radio Liberty (RFE/RL), 23 декември 2020 година. 

  5. Интервју со лице од подземјето во Северна Македонија, Скопје, 2 мај 2024 година. 

  6. Министерство за здравство на Република Северна Македонија, Закон за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, Службен весник на РМ, бр. 37/2016, член 29-в. 

  7. Според член 29-б, став 5, комисијата е формирана од министерот за здравство. Составена е од двајца претставници од Министерството за здравство, еден претставник од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, еден претставник од Агенцијата за лекови и медицински средства и еден специјалист од областа на лековити растенија. 

  8. Prosecutor’s office: Detention for all those arrested in the ‘Chibuk’ action, two were already in prison, Faktor, 3 март 2024 година. 

  9. Ibid. 

  10. Srdjan Stojanchev, Боро Марлборо веќе осуден, а им скрои капа на врховен судија и член на Советот на јавни обвинители, Telma, 21 мај 2024 година. 

  11. N. Macedonia medical marijuana firm raided, 1.5 tons seized, Associated Press, 9 февруари 2022 година. 

  12. Vlado Apostolov, Jelena Veljkovic и Besar Likmeta, Crime ties exposed in North Macedonia medicinal cannabis boom, Balkan Insight, 28 март 2023 година. 

  13. Ibid. 

  14. The Ministry of the Interior seized legal marijuana destined for the black market, RFE/RL, 6 април 2023 година. 

  15. Ibid. 

  16. Ibid. 

  17. The Ministry of the Interior seized 225 kilograms of drugs worth half a million euros, A1on, 6 јули 2023 година. 

  18. Ibid. 

  19. Miroslava Simonovska, Companies for medical cannabis were left without permits, Sloboden Pečat, септември 2023 година. 

  20. Ivan Kolekevski, Police seize over 4.3 tons of marijuana in Gostivar region, MIA, 15 декември 2023 година. 

  21. Министерство за внатрешни работи, Annual report 2023, 20 март 2024 година. 

  22. Ibid. 

  23. Министерство за внатрешни работи, Annual report 2022, 17 март 2023 година. 

  24. David Segal, North Macedonia waits for a green light, and a lucrative high, The New York Times, 9 септември 2021 година. 

  25. Vlado Apostolov, Jelena Veljkovic и Besar Likmeta, Crime ties exposed in North Macedonia medicinal cannabis boom, 28 март 2023 година. 

  26. Податоци добиени од Управата за јавни приходи, 20 февруари 2024 година. 

  27. Ibid. 

  28. The legalization of cannabis production for medicinal purposes is being abused, Nova Makedonija, 4 март 2024 година. 

  29. Интервју со поранешен виш полициски службеник, Скопје, 4 јуни 2024 година.