Максимална експлоатација: пост-конфликтна Украина претставува огромен ризик од трговија со огнено оружје.

Како што е наведено во извештајот на ГИ-ТОК, „од февруари 2022 година, оружјето во Украина пристига со извонредна брзина“. Извештајот нагласува дека „земајќи ја предвид историјата на трговија со оружје во Украина… Европол го посочи ризикот од трговија со оружје уште на почетокот на војната“.1

Неколку извори на ГИ-ТОК укажуваат на тоа дека низ Украина има движење на леснооружје коешто навлегува и во нелегалниот пазар, но истовремено и нема многу докази дека оружјето се изнесува надвор од земјата. Теренското истражување на ГИ-ТОК во неколку европски земји дополнително откри дека цените на оружјето на црниот пазар во моментов се високи а сето е поради побарувачката предизвикана од војната во Украина, како и поради побарувачката помеѓу трговците со дрога од нордиските земји до Црното Море но и поради набавката од загрижените граѓани во соседните земји на Украина кои се вооружуваат одстрав од потенцијално и неконтролирано ширење на конфликтот.

Во март 2022 година, Европол соопшти дека во моментот, Западен Балкан – не Украина – е главната точка за влез на огнено оружје коешто се шверцува во ЕУ.2 Сепак, историјата на минати конфликти укажува на висок ризик од трговија со огнено оружје од Украина во фазата по конфликтот. Неодамнешните примери претставуваат преседан, вклучувајќи ги и Авганистан и Либија, додека, пак, повоениот период на Западен Балкан претставува остро предупредување. Во 1990-тите, по војните што го одбележаа распадот на Југославија, оружјето го преплави регионот и потоа се најде во рацете на терористите и криминалните групи во Европа, како и на бунтовниците во оддалечените делови од светот. Дури и денес, во земји каква што е Шведска, криминалните групи користат оружје и гранати од поранешна Југославија.

Веќе постојат симптоми од изобилството оружје во Украина. Податоците на главниот обвинител на земјата за кривични дела извршени со огнено оружје и муниција укажуваат на фактот дека бројот на кривични дела извршени со огнено оружје се зголемил за десет пати во 2022 година, споредбено со 720 во 2021 година и 7003 во 2022 година.3

Воспоставени се услови

Штом ќе се „исцеди“ сѐ оттаму, а оружјето ќе почне неконтролирано да се пренесува надвор од воената зона, и постои реална опасност дека дел од тоа оружје би можело да се пренесува долж постојната балканска рута. Пристаништата на Црно Море какви што се Варна (Бугарија) и Констанца (Романија) би биле очигледни точки за излез, како и Полска, Словачка, Молдавија, Унгарија и пристаништата на Јадранското Море во Хрватска и Словенија. Западен Балкан може да биде и привлечна рута за оружјето што се пренесува кон југ и запад.

Балканската рута и организираните криминални групи од Југоисточна Европа се познати по разновидните криминални активности, какви што се криумчарењето на луѓе, дрога и огнено оружје, и тоа не само во ЕУ.4 Веќе се воспоставени потребната инфраструктура и мрежите за раст на трговијата со огнено оружје штом ќе се склучи мир.

Понатаму, корупцијата, добро организираните криминални мрежи (вклучувајќи и одредени мрежи поврзани со криминалните групи во Украина) и достапноста на огнено оружје создаваат оправдан страв од тоа Југоисточна Европа да биде регион со висок ризик за криумчарење оружје од Украина. На пример, во операцијата во април 2023 година, што ја координираше Европол, а ја водеа Бугарија и Романија, полицијата во целиот регион уапси 22 трговци со огнено оружје, вклучително и неколку од Југоисточна Европа. Тие запленија 1.621 парче оружје и 24.735 парчиња муниција, како и 276 килограми динамит, 299 детонатори и над 21 килограм барут.5

Вреди да се напомене дека голем дел од оружјето запленето во оваа операција беше модификувано и пренаменето од оружје наменето за алармирање и сигнализација. Токму овие состојби се сè поголем проблем којшто се препишува на промените во технологијата, правните „дупки“ и трошоците за набавка на вообичаено огнено оружје на црниот пазар. Предизвикот при справувањето со конвертибилното оружје се манифестира и во другите делови од Европа.6 Меѓутоа, откако ќе заврши војната во Украина, нема да има недостиг од оружје на црниот пазар.

Клучно средство за подмачкување на трговијата со оружје е корупцијата, особено меѓу државните чинители (какви што се оние кои се вклучени во набавката или издавањето дозволи за извоз) и производителите на оружје. Во некои земји од Западен Балкан, дозволите за извоз станаа роба сами по себе, овозможувајќи им на конзорциумите извоз во конфликтните зони, заобиколувајќи ги меѓународните правни препреки и избегнувајќи политички надзор од секаков вид.7

На пример, беше пријавено дека во 2010 година околу 30.000 бугарски пушки со автоматско полнење стигнале до вооружените сили на Либија, Јемен и Судан, со помош од странски инвеститори.8 Извештаите укажуваат на тоа дека оваа појава продолжува.9 Во 2013 година, Њујорк тајмс објави приказна за тоа како една огромна набавка на пешадиско оружје од Хрватска било упатено до антивладините борци во Сирија.10 Покрај тоа, во Јемен наводно било најдено оружје од Србија.11 Неколку истражувачки извештаи на ОН откриваат дека мало и лесно оружје било испратено во Сирија од Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Црна Гора и Србија, меѓу другите земји.12

Тешко е да се шпекулира каде би можело да заврши оружјето што се криумчари преку балканската рута, но историјата и искуството укажуваат на четири можни патишта. Прво, криминалните групи во регионот кои собираат оружје за сопствена употреба или како статусни симболи би можеле да задржат мали, но моќни количества оружје. Врвните криминалци обично се стремат кон најмодерното оружје, а не само калашникови. Она што е загрижувачко во моменталниот контекст е количината на најсовремено оружје од земјите на НАТО коешто влегува во Украина и што би можело да поттикне натпревар меѓу криминалните групи за тоа кој е повеќе вооружен, ако ова оружје се пренесе надвор од регионот и стигне на црниот пазар.

Истражувањето на ГИ-ТОК веќе прибира одредени докази за овој тренд, на пример, во контекст на истражување за трговијата со оружје од Украина до Централна Европа. Овие случувања се нешто на коешто треба да се внимава во иднина, бидејќи трговијата со дрога и трговијата со оружје се тесно поврзани. Криминалните групи од Западен Балкан што ги досегаат и далечните земји ширум светот би можеле да разменуваат дрога за оружје или да го користат оружјето за да одржуваат или да стекнат контрола врз профитабилните пазари на дрога. Ова може да доведе до зголемување на насилството во регионите во кои се активни криминалните групи од Балканот, вклучително и во ЕУ.

Второ, оружјето и муницијата би можеле да транзитираат низ регионот, упатувајќи се кон воените зони во другите делови на светот. Како што е забележано, неколку земји на Балканот имаат искуство со склучување вакви зделки. Пристаништата на Црното Море и на Јадранското Море се потенцијални центри за трговија; а и Дунав може да служи како канал. Покрај автоматските пушки и пиштолите, ќе биде важно да се обезбеди заштита од извозот на преносни зенитно-ракетни комплекси, наведувани противтенковски ракети и дронови. Воедно, во регионот ќе има и голем број искусни пилоти на дронови, чии вештини би можеле да бидат привлечни за криминалните групи.

Трета можност е оружјето од Украина да падне во рацете на терористи или паравоени сили; во овој случај, Балканот истовремено би можел да биде и регион на транзит и одредиште.

На крај, постои можност оружјето да се складира во Украина или нејзините соседни земји за употреба во иднина.

По војната во Југославија, имаше период на застој, пред оружјето од регионот да почне да се појавува во воените зони ширум светот. Овојпат, достапноста до интернет и социјалните медиуми би можела да го скрати ваквото временско одлагање, а ова ја зголемува итноста за подготовка.

За нотирање е инфорацијата дека во минатото се презедоа неколку иницијативи за зголемување на контролата врз малото и лесно оружје на Балканот. Овие иницијативи треба да се зголемат за да се спречи потенцијално неконтролирано ширење на трговијата со оружје надвор од Украина по војната.

На пример, треба да се преземат чекори за подобрување на безбедноста на границите и пристаништата, можеби со поддршка од земјите на ЕУ, од Фронтекс и со помош на Европската мултидисциплинарна платформа за борба против закани од криминал. Впрочем, земјите на ЕУ имаат личен интерес од тоа да го спречат напливот на оружје од боиштата во Украина.

Треба да се посвети и поголемо внимание на борбата против корупција, а ова не се однесува само за државните чинители. Понатаму, спроведувањето на законот треба да се подобри во земјите близу Украина за да се намали ризикот од трговија со оружје и да се испитаат, спречат и гонат незаконските трговци со оружје. Романија, која има долга граница со Украина и пристаништата на Црното Море и Дунав, заслужува посебно внимание и поддршка за да не стане ранливо место за влез.

Сите овие активности треба да се темелат врз разузнавачки информации. Од своја страна, ГИ-ТОК ги следи цените на оружјето на црниот пазар за да ги идентификува трендовите на цените во Украина и на потенцијалните пазари.

Нема потреба да се измислуваат нови структури за да се олесни координацијата – регионот ги има во изобилие, вклучувајќи ги и Патоказот за контрола на мало и лесно оружје на Западен Балкан, Клириншката куќа на Југоисточна и Источна Европа за контрола на малото и лесно оружје, Центарот за спроведување на законот во Југоисточна Европа, ОБСЕ и Советот за регионална соработка. На граѓанските организации треба да им се даде поголем пристап до овие тела за да споделуваат информации.

Меѓутоа, итно е потребно политичко водство со силен ангажман за спроведување на законот. Фокусот мора да биде на задржување на оружјето во и околу Украина, како и на проактивно предвидување, спречување и контрола на потенцијално големиот и дестабилизирачки одлив на оружје од Украина штом ќе прекине борбата, и тоа врз основа на претходните искуства. Потребни се итни чекори за подготовка.

Забелешки

  1. New front lines: Organized criminal economies in Ukraine in 2022, GI-TOC, февруари 2023 г., https://globalinitiative.net/wp-content/uploads/2023/02/New-frontlines-organized-criminal-economies-in-Ukraine-in-2022-GI-TOC-February-2023.pdf 

  2. Frontex: Western Balkans main point of entry for arms smuggled into EU, EURACTIV, 1 март 2022 г., https://www.euractiv.com/section/politics/short_news/frontex-western-balkans-main-point-of-entry-for-arms-smuggled-into-eu/

  3. New front lines: Organized criminal economies in Ukraine in 2022, GI-TOC, февруари 2023 г., https://globalinitiative.net/analysis/organized-criminal-economies-ukraine-2022/

  4. Europol, Drugs and firearms traffickers targeted along the Balkan route, 4 ноември 2022 г., https://www.europol.europa.eu/media-press/newsroom/news/382-arrests-during-joint-actions-against-traffickers-using-balkan-route

  5. Europol, 22 firearms traffickers arrested across Europe, 3 април 2023 г., https://www.europol.europa.eu/media-press/newsroom/news/22-firearms-traffickers-arrested-across-europe

  6. Paul Jacques, Illegal conversion of blank-firing pistols into lethal guns a ‘growing concern’, says GMP, Police Professional, 2 декември 2021 г., https://www.policeprofessional.com/news/illegal-conversion-of-blank-firing-pistols-into-lethal-guns-a-growing-concern-says-gmp/

  7. UAE/KSA Opportunism, captive states & the arms trade in South-Eastern Europe, Tactics Institute for Security and Counter Terrorism, 19 јуни 2020 г., https://tacticsinstitute.com/reports/tactics-publishes-major-report-on-arms-trade/

  8. N R Jenzen-Jones, Bulgarian AR-M9 & AR-M9F rifles supplied by UAE to allied forces, The Hoplite, 31 јануари 2016 г., http://armamentresearch.com/bulgarian-ar-m9-ar-m9f-rifles-supplied-by-uae-to-allied-forces

  9. Mariya Petkova, War gains: Bulgarian arms add fuel to Middle East conflicts, BalkanInsight, 21 декември 2015 г., https://balkaninsight.com/2015/12/21/war-gains-bulgarian-arms-add-fuel-to-middle-east-conflicts-12-16-2015/

  10. C J Chivers и Eric Schmitt, Saudis step up help for rebels in Syria with Croatian arms, The New York Times, 25 февруари 2013 г., https://www.nytimes.com/2013/02/26/world/middleeast/in-shift-saudis-are-said-to-arm-rebels-in-syria.html?smid=pl-share&_r=0

  11. Dilyana Gaytandzhieva, Leaked arms dealers’ passports reveal who supplies terrorists in Yemen: Serbia files (Part 3), Arms Watch, 15 септември 2019 г., http://armswatch.com/leaked-arms-dealers-passports-reveal-who-supplies-terrorists-in-yemen-serbia-files-part-3/

  12. Ivan Angelovski, Miranda Patrucic и Lawrence Marzouk, Revealed: the £1bn of weapons flowing from Europe to Middle East, The Guardian, 27 јули 2016 г., https://www.theguardian.com/world/2016/jul/27/weapons-flowing-eastern-europe-middle-east-revealed-arms-trade-syria?fbclid=IwAR2MvtkxmqXedbsES6gCPHJzb95XRLAuDVyFoG11TPlsYthhEbgXERnQOO0