Малолетници без придружба минуваат низ голгота по мигрантската рута на Западен Балкан кон ЕУ.

Во февруари 2023 година, словенечката полиција – во соработка со органите за спроведување на законот од Австрија, Хрватска, Унгарија, Италија и Романија – уапси 13 осомничени криумчари на луѓе. Со потекло од Словенија, Србија и Босна и Херцеговина, уапсените беа осомничени дека се одговорни за криумчарење на преку 200 мигранти во ЕУ. Освен оружја и илјадници куршуми, полицијата нашла нелегални дроги и готовина.1

Криминалците ги рекламирале нивните нелегални активности – вклучувајќи видеа од успешните пренесувања – на разни платформи за социјални мрежи за да намамат мигранти кои би сакале да бидат криумчарени преку граница. Тие ги пренесувале мигрантите по две главни рути, или од Хрватска преку Словенија до Италија, или од Србија и Унгарија до Австрија. Мигрантите кои ги користеле услугите за криумчарење плаќале вртоглави цени за да влезат во ЕУ: едно нелегално пренесување од Србија во Австрија чинело околу 5.000 евра по лице, а целото патување од земјата на потекло до ЕУ обично чинело помеѓу 15.000 и 20.000 евра.2

Запленето оружје во операција на Европол што кулминира со апсењето на 13 осомничени криумчари на луѓе, февруари 2023 година.

Запленето оружје во операција на Европол што кулминира со апсењето на 13 осомничени криумчари на луѓе, февруари 2023 година.

Извор: Европол

Миграцијата на балканската рута е во подем од 2019 година,3 а бројот на нелегалните преминувања се зголеми за време на пандемијата КОВИД-19.4 Во 2022 година беа забележани повеќе од 330.000 нерегуларни влезови на надворешните граници на ЕУ, што претставува највисока бројка од 2016 година. Исто така, нелегалните влезови преку балканската рута го достигнаа врвот, односно беше евидентиран најголемиот број од 2015 година наваму.5

Според еден граничен полицаец во Босна и Херцеговина, во неговата земја криумчарите можат да заработат „чиста пара“.6 Мигрантите од Африка и Азија сè повеќе нелегално влегуваат во Босна и Херцеговина од Црна Гора и Србија. Оттаму, се обидуваат да ја преминат границата со Хрватска.7 Според Фронтекс, Сиријците и Турците биле едни од најчесто забележаните државјани, а државјаните на земји како Тунис, Бурунди и Индија, кои претходно ретко се јавувале, биле евидентирани на балканската рута во 2022 година.

Профилот на лицата кои се во движење исто така се менува. Сè поголем број деца, особено млади момчиња од Авганистан, се обидуваат да влезат во ЕУ откако Талибанците дојдоа на власт во август 2021 година. Авганистанците сега претставуваат 49 % од лицата што се сместени во бегалските кампови во Босна и Херцеговина.8

Освен тоа што има повеќе луѓе во движење, постои зголемен ризик од експлоатација од страна на мрежите за криумчарење. Еден вработен во меѓународна организација што им дава помош на мигрантите вели дека „луѓето кои се во движење честопати се незаштитени“. Иако организациите можат да ја пријават експлоатацијата на мигрантите, таквите пријави често не водат никаде: „Ниту меѓународните организации, ниту пак локалните власти немаат волја темелно да ги истражат тие пријави,“ објасни вработениот.9

Децата мигранти и нивните семејства честопати се жртви на насилство, дискриминација и повреди на човековите права. Децата без придружба10 се уште повеќе изложени на експлоатација и насилство. Тие обично патуваат во придружба на подалечни роднини, но има и случаи кога ним им се придружуваат и непознати лица долж нивната рута за да избегнат подолготрајни престои во бегалски кампови. Иако, со ваквиот пристап нивната сигурност е поголема, на тој начин тие се изложуваат на нови ризици.

Деца мигранти изложени на ризик

Во повеќето случаи, децата без придружба стануваат жртви на сексуална експлоатација на почетокот од нивното патување – таквата шема продолжува долж мигрантската рута и обично трае подолго од година дена.

Според еден истражувач кој ја истражувал сексуалната експлоатација во Западен Балкан, повеќе од 99 % од децата без придружба кои ги напуштиле родните земји се жртви на трговија со луѓе.11

Според еден извештај од невладината организација Save the Children („Спасете ги децата“) од 2022 година, децата мигранти кои транзитираат преку Западен Балкан во ЕУ исто така биле изложени на голем ризик од насилство.12 Децата кои биле интервјуирани за целите на извештајот главно зборувале за тоа дека момчињата без придружба биле жртви на сексуално злоставување што се случувало додека патувале. Ниедно од децата што биле интервјуирани не кажало дека е жртва на сексуално злоставување, но речиси две третини пријавиле еден или повеќе инциденти во коишто тие забележале знаци или пак посведочиле такво злоставување.13

За сексуалната експлоатација на децата обично не се зборува, дури ни на блиски роднини. Децата можеби се колебаат да зборуваат за тоа поради страв или срам. За да ги заштитат својата приватност и психолошката благосостојба, лицата кои ги вршеа интервјуата не инсистираа на одговори и не препрашуваа. Децата кои беа интервјуирани на балканската рута честопати го негираа овој проблем или, пак, напати го нормализираа како очекувана злоупотреба на моќ. Во ваквиот контекст, овој тип на насилство е прилично тежок за идентификување.14

Друга тешкотија што се јавува при истражувањето на таквите криминални активности е тоа што децата ретко се свесни за нивните права и зависат од постарите лица во групата, кои обично се сторителите.15 Друг проблем што се јавува е тоа што овие деца не се регистрирани и не престојуваат ниту на исто место, ниту пак во иста земја подолго време. Некои од нив се плашат дека ако ги пријават инцидентите во полиција, ќе бидат вратени во нивната земја на потекло. Затоа, претставува особена потешкотија да се добијат точни информации и податоци, дури и кога се контактираат меѓународни или домашни организации што работат во камповите.

Според член 3 од Конвенцијата за правата на детето на ОН, „Во сите активности кои се однесуваат на децата… од примарно значење се интересите на детето“.16 Оваа одредба не се применува долж балканската рута. Меѓутоа, постојат ретки случаи кога била утврдена сексуална експлоатација на деца без придружба, а органите за спроведување на законот и обвинителите презеле дејства да ги заштитат жртвите.

Во февруари 2022, беа разоткриени случаи на сексуална експлоатација во Орашје, Босна и Херцеговина, каде некои од жртвите биле малолетници.17 И осомничените престапници и жртвите припаѓале на мигрантското население што престојуваше во прифатните центри во земјата и потекнувале од Авганистан и Пакистан. Обвинителството на Босна и Херцеговина и партнерските институции моментално работат на обезбедување на доказите што се потребни за кривично гонење на сторителите, нега и заштита на жртвите.

Не се очекува таков одговор. Во поголемиот дел од времето, децата се невидливи жртви: дури и кога се иденфитикуваат случаи на сексуална експлоатација, не се прави многу. Според еден преставник од граѓанското општество кој работи со мигранти во Тузла, Босна и Херцеговина, еден криумчар кој бил сместен во прифатните центри за мигранти ги спроведувал нелегалните активности пред носот на другите. Кога криумчарел луѓе по балканската рута, секогаш бил опкружен од млади момчиња кои го ословувале со „тате“ или „чичко“. Тоа што се идентификувал како член од нивното семејство му овозможило полесен пристап до момчињата и така не дозволил тие да бидат одвоени во камповите, па на тој начин можел сексуално да ги експлоатира.18 Во други случаи, при криумчарењето луѓе преку реката Дрина од Србија до Босна и Херцеговина, момчињата биле задолжени за управување со бродовите. Малолетниците, главно деца без придружба, управуваат со бродовите, бидејќи ако ги фатат, нема кривично да одговараат. Наместо тоа, ќе бидат ослободени или сместени во центар за бегалци.19

Според претставниците од граѓанското општество кои работат со мигрантите, проблемот со истражувањето на сексуалната експлоатација на деца без придружба трпи поради недостаток на интерес од страна на органите за спроведување на законот, како и недостаток на теренски истражувања: „Иако одредени организации и поединци имаа податоци за постоењето на сексуалната експлоатација кај децата без придружба, тоа не беше доволно да ги убеди властите да започнат со истражувања,“ вели еден активист. 20

Еден од начините за намалување на ризикот од сексуална експлоатација на деца кои патуваат кон ЕУ преку Западен Балкан е можноста да се стекне доверба кај децата во лицата кои им даваат помош на мигрантите во камповите. Тоа подразбира подобрување на комуникацијата и соработката помеѓу институциите, организациите и поединците кои се дел од мрежата за заштита и зголемување на комуникацијата со бегалците и мигрантите во рамките на системот за заштита. Тоа вклучува подигнување на свеста за ризиците и опасностите од сексуалната експлоатација на децата. За интересите на децата во движење да бидат од примарно значење, полицијата, системот на социјална заштита, меѓународните организации и граѓанското општество треба заедно да работат за да ги заштитат и да ги задоволат потребите на малолетниците без придружба.

Забелешки

  1. EUROPOL, 13 criminals arrested for smuggling at least 212 people, 16 февруари 2023 година, https://www.europol.europa.eu/media-press/newsroom/news/13-criminals-arrested-for-smuggling-least-212-people

  2. Ibid. 

  3. Frontex, Migratory routes, Western Balkan route, https://frontex.europa.eu/what-we-do/migratory-routes/western-balkan-route/

  4. MARRI, Analysing the influence of COVID-19 on migration in the MARRI participants, 25 јануари 2021 година, http://marri-rc.org.mk/wp-content/uploads/2021/02/FINAL-REPORT_Analysing-the-influence-of-COVID-19-on-migration-in-the-MARRI-Praticipants-1.pdf?fbclid=IwAR0KLKkK275b50Q71vMq0XxZ9e781PfndV5sYoPf5iePilGoqWFuMEPpjLU

  5. Frontex, EU’s external borders in 2022: Number of irregular border crossings highest since 2016, 13 јануари 2023 година, https://frontex.europa.eu/media-centre/news/news-release/eu-s-external-borders-in-2022-number-of-irregular-border-crossings-highest-since-2016-YsAZ29

  6. Интервју со граничен полицаец во Босна и Херцеговина, Сараево, 30 ноември 2022 година. 

  7. Ibid. 

  8. Povećan broj migranata u BiH izvan privremenih prihvatnih centara, Fokus, 3 ноември 2022 година, https://www.fokus.ba/vijesti/bih/povecan-broj-migranata-u-bih-izvan-privremenih-prihvatnih-centara/2430706/

  9. Интервју со активист од граѓанското општество и вработен во меѓународна организација во Унско-санскиот кантон, Босна и Херцеговина, 21 јануари, 2023 година. 

  10. Високиот Комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) го дефинира детето без придружба како „лице кое е помало од осумнаесет години, освен ако според законите што важат за детето, не стане полнолетно порано и лице кое е „одвоено од двата родители и за него не се грижи возрасно лице кое според закон или обичај има обврска тоа да го направи““. Видете ги UNHCR, Guidelines on policies and procedures in dealing with unaccompanied children seeking asylum, февруари 1997 година, https://www.unhcr.org/media/guidelines-policies-and-procedures-dealing-unaccompanied-children-seeking-asylum

  11. Настан по повод презентација на извештајот, Wherever we go, someone does us harm: Violence against refugee and migrant children arriving in Europe through the Balkans, Save the Children, Sarajevo, 29 ноември 2022 година. 

  12. Save the Children, Wherever we go, someone does us harm: Violence against refugee and migrant children arriving in Europe through the Balkans, август 2022 година, https://resourcecentre.savethechildren.net/document/wherever-we-go-someone-does-us-harm-violence-against-refugee-and-migrant-children-arriving-in-europe-through-the-balkans

  13. Ibid. 

  14. Интервју со психолог во Босна и Херцеговина, 21 декември, 2022 година. 

  15. Интервју со активист од граѓанско општество кој работи со луѓе во движење, Сараево, 10 декември, 2022 година. 

  16. United Nations, Convention on the Rights of the Child, 20 ноември 1989 година, https://www.ohchr.org/en/instruments-mechanisms/instruments/convention-rights-child

  17. A Deković, BIH: Pronađeni dokazi o zlostavljanju i seksualnoj eksploataciji migranata, Anadolu Agency, 24 февруари 2022 година, https://www.aa.com.tr/ba/balkan/bih-pronađeni-dokazi-o-zlostavljanju-i-seksualnoj-eksploataciji-migranata/2512450

  18. Интервју со претставник од граѓанското општество кој работи во Тузла, 15 јануари, 2023 година. 

  19. Интервју со полициски инспектор во Сараево, 1 февруари, 2023 година. 

  20. Интервју со активист од граѓанско општество кој работи со луѓе во движење, Сараево, 10 декември, 2022 година.