Криумчарењето на антиквитети го загрозува културното наследство на Северна Македонија.

Географската положба на Северна Македонија, која се наоѓа на крстосницата на историски цивилизации, ја претвора земјата во атрактивна дестинација за луѓето кои се обидуваат да украдат и тргуваат со артефакти од археолошки локалитети. Се верува дека организираните групи што дејствуваат во Северна Македонија се добро поврзани со странските трговци кои ги продаваат предметите на европските црни пазари и во странство.1 Исто така, во Азија наводно има растечки пазар за артефакти украдени од Северна Македонија.2 Според независните истражувања, преку 100.000 предмети биле земени од историски локации во Северна Македонија и пренесувани ширум светот.3

Изминатава деценија, одредени инциденти укажуваат на заканата што виси над богатото културно наследство на оваа балканска земја од нелегалното криумчарење на културните добра. Неодамна, во декември 2022 година, 12 луѓе беа уапсени во Северна Македонија затоа што биле дел од организирана криминална група инволвирана во кражба на антиквитети. Министерството за внатрешни работи го обелодени овој случај на 13 декември 2022 година и откри дека криминалната група, наводно, долго време работела во следниве градови: Прилеп, Струмица, Пробиштип, Неготино, Куманово, Свети Николе, Кавадарци и Кочани. Полициската операција резултирала со заплена на одредени археолошки артефакти, вклучувајќи монети, метални предмети, фигурини, како и метал-детектори, оружје и муниција.4

Апсењата во декември следеа по инцидент во октомври 2022 година, кога четири Украинци беа уапсени поради сомнеж за вршење нелегален ископ на артефакти на еден од најбогатите археолошки локалитети во Северна Македонија – Исар, во близина на селото Марвинци на југ.5 Според официјалната изјава на полицијата, осомничените биле уапсени откако службениците ги фатиле како вршат ископ на заштитениот локалитет, каде што има остатоци од храм и стадион изграден во антички римски стил. Кај осомничените биле пронајдени два метал-детектори, лопати и неколку ископани предмети.

Во 2021 година, јавното обвинителство обвини осум лица за нелегален ископ на предмети од културното наследство. На обвинетите, кои биле фатени додека копале и вршеле неовластено истражување и ископување на регистрирани и нерегистрирани археолошки локалитети во близина на Скопје, Македонски Брод, Кичево и Велес, им се закануваат од три до пет години казна затвор. Истражувачите нашле скриени артефакти во домовите на обвинетите и откриле мрежа на соработници од Грција, Турција, Албанија, Хрватска, Србија и САД, кои ги продавале артефактите на заинтересираните купувачи.6

Тргувањето со културни добра одамна претставува проблем за органите за спроведување на законот во Северна Македонија. Во 2010 година, властите уапсија 48 лица, вклучувајќи локални политичари и археолози, во операција против нелегалната трговија со антиквитети спроведена на национално рамниште.7 Оттогаш, па сè до 2014 година, полицијата спроведе неколку големи операции за да ги разоткрие криумчарите на артефакти. Операциите „Фаланга“ и „Аполон“ прекинаа мрежа од шеми на организиран криминал којашто, покрај нелегално присвојување на археолошки и историски предмети, нудела на продажба и икони што биле украдени од црквите. Истражувањата покажале и дека осомничените располагале со високософистицирана опрема за да ги лоцираат металните предмети закопани во гробовите. Според официјалните извештаи, полицијата нашла две многу вредни икони, девет археолошки фигури, три фибули, шест парчиња накит, 17 монети и два керамички сада, како и разни парчиња опрема, составена од скенери и од метал-детектори, мапи и скици на археолошки локалитети, оружје и муниција.8

Предмети од културно наследство запленети во полициски рации во Северна Македонија.

Предмети од културно наследство запленети во полициски рации во Северна Македонија.

Фотографија: Министерство за внатрешни работи на Република Северна Македонија

Според сознанијата добиени од операциите „Фаланга“ и „Аполон“, религиозната уметност во црквите на Северна Македонија истовремено е мета на криумчарење. Околу 20.000 икони од македонските цркви и манастири се криумчарени надвор од земјата во приватни колекции ширум светот. На пример, во 2009 година, шест икони на Св. Јован Богослав Канео од непроценлива вредност беа украдени од Охрид и вратени од страна на ИНТЕРПОЛ, но повторно беа украдени и до ден денешен не се пронајдени.9 Иконите што беа украдени од манастирот Св. Наум, на југ од Охрид, сè уште недостасуваат.10

Во 2014 година, српскиот дневен весник Блиц објави дека повеќе од 10 вредни верски предмети биле украдени од цркви во Северна Македонија во изминатата деценија. Написот го цитира охридскиот кустос Милчо Георгиевски, кој посочува дека украдените артефакти од македонските цркви и археолошките локалитети се продаваат на тајни аукции во Западна Европа и завршуваат во приватни колекции. Процесот на реституција или враќање е речиси невозможен.

И покрај тоа, полицијата продолжува со напорите да ги гони криумчарите и да ги врати артефактите. Во 2021 година, македонската полиција во базата на ИНТЕРПОЛ пријавила 160 украдени археолошки предмети и икони. Дел од иконите и предметите коишто се пријавени за украдени се објавени и на веб-страницата на Министерството за внатрешни работи.11 Исто така, во 2021 година, полицијата уапси група од осум мажи во Северна Македонија што беа обвинети за учество во повеќе нелегални ископувања ширум земјата со цел продажба на антиквитети во странство.12 Според официјалниот извештај, полицијата извршила рација во домовите и другиот имот на осомничените на 10 локации во јужниот град Битола и северозападниот град Тетово. Заплениле голем број на артефакти, вклучувајќи антички фигурини и накит, како и огнено оружје и метал-детектори.

Полицијата на Северна Македонија ги враќа историските артефакти пронајдени во рација во рамките на операција спроведена поради сомнеж од криумчарење на антиквитети во декември 2022 година.

Полицијата на Северна Македонија ги враќа историските артефакти пронајдени во рација во рамките на операција спроведена поради сомнеж од криумчарење на антиквитети во декември 2022 година.

Фотографија: Министерство за внатрешни работи на Република Северна Македонија

Овој сериозен проблем со нелегалната трговија со артефакти и културно наследство во Северна Македонија станува дел од глобален тренд. Според помошникот-генерален директор за култура на Организацијата за образование, наука и култура на ООН (УНЕСКО), нелегалната трговија наводно претставува пет проценти од проценетата пазарна вредност на антиквитетите во износ од 45 милијарди евра.13 Значајната вредност на пазарот со уметнички дела и антиквитети, којшто е во пораст од 1990-тите, може делумно да се припише на технолошкиот развој, со оглед на тоа што продавачите и купувачите сега се поврзуваат преку интернет, како и поради тоа што има зголемена глобализација којашто овозможува подобра комуникација и го олеснува патувањето. 14 Растечката меѓусебна поврзаност исто така им овозможи на криминалците да ја истражат темната страна на пронаоѓањето и собирањето артефакти и културно наследство. Според УНЕСКО, овој тренд се јавува не само во локации што веќе се воспоставени како локалитети со културно наследство, туку исто така и на локации „каде што не сме знаеле дека има антиквитети“.15

Во исто време, проблемот со украдените културни добра добива сè поголемо меѓународно внимание. На пример, на крајот од 2022 година, Единаесеттата конференција на страните на Конвенцијата на Обединетите нации против транснационалниот организиран криминал усвои резолуција за трговија со културни добра, којашто конвенцијата и нејзините протоколи конкретно не ја опфаќаат.16 Резолуцијата се осврнува на зајакнување на спречувањето на криминалот и одговорите на правосудството во врска со заштитата на културните добра и ги повикува земјите членки да ја категоризираат трговијата со културни добра како сериозно кривично дело (како што е дефинирано со Конвенцијата) за да се олесни меѓународната соработка. Резолуцијата, исто така, бара земјите да преземат мерки за подигање на јавната свест, да организираат медиумски кампањи и да изградат институционални капацитети.17

Овие две работи – јавната свест и меѓународната соработка – се клучни за спречувањето на нелегалната трговија со артефакти во Северна Македонија. Токму недостатокот на јавна свест и занемарувањето на културното наследство, во комбинација со немоќните институции, им овозможува на криминалците да искористат можности што честопати поминуваат незабележано или се олеснети од страна на органите за спроведување на законот и функционерите поради корупција или лошо владеење. Поради тоа, за сузбивањето на трговијата со културни добра потребен е повеќесекторски пристап којшто ги вклучува граѓанското општество, правосудниот систем, приватниот сектор (особено оние што се дел од логистика, ИТ платформите и аукциските куќи), како и историчарите, археолозите и владините агенции што се одговорни за заштита на културното наследство.

Со оглед на тоа што нелегалната трговија со културни артефакти не настанува во вакуум, туку се служи со постојни рути за организиран криминал, одговорот треба да биде холистички и „глобален “. За таквиот одговор потребни се напори да се разберат конкретните локални услови и да се зајакне локалната отпорност при анализирањето на екосистемот во којшто настанува ова кривично дело, вклучувајќи ги транснационалните овозможувачи, двигатели и мрежи.

За крај, ова прашање треба да се разгледа и обработи во рамките на поширокиот контекст за разбивање на нелегалните економии. Организацијата за безбедност и соработка во Европа – со којашто моментално претседава Северна Македонија – при соработката со ИНТЕРПОЛ, воочи дека нелегалната трговија со културни добра понекогаш се поврзува со нелегалната трговија со оружје, трговија со луѓе и криумчарење мигранти.18 Исто така, УНЕСКО стои на ставот дека нелегалната трговија со културни добра значајно придонесува кон финансирањето на тероризмот, организираниот криминал и перењето пари. Во 2017 година, Советот за безбедност на ОН формално призна дека заканите за културното наследство претставуваат клучно безбедносно прашање за чија заштита меѓународната заедница има директна одговорност.19 Со оглед на сигурносната динамика во Западен Балкан во врска со организираниот криминал, меѓународниот тероризам и тековното геополитичко натпреварување, регионот треба да го приоритизира решавањето на проблемот со нелегална трговија на артефакти.

Забелешки

  1. Интервју со археологот Андријана Петковска, Скопје, 15 јануари, 2023 година. 

  2. Интервју со истражувачкиот новинар Дејан Мишевски, Скопје, 19 јануари, 2023 година. 

  3. Macedonian artefacts and icons on illegal markets in Asia, Sloboden Pečat, 14 јануари 2021 година, https://www.slobodenpecat.mk/en/makedonski-artefakti-i-ikoni-na-nelegalnite-pazari-vo-azija

  4. Сузбиена 12-члена организирана криминална група – диви копачи на културното наследство, Sloboden Pečat, 13 декември 2022 година, https://www.slobodenpecat.mk/videofoto-suzbiena-12-chlena-organizirana-kriminalna-grupa-divi-kopachi-na-kulturnoto-nasledstvo

  5. North Macedonia: 4 Ukrainians arrested at archeological site, Associated Press, 22 октомври 2022 година, https://apnews.com/article/science-arrests-09109e6ccfc8a493a8062143dafb7d2e

  6. Јавно обвинителство на Република Северна Македонија, Обвинение за осуммината диви копачи и трговци со македонско културно наследство, 25 март 2022 година, https://jorm.gov.mk/obvinenie-za-osumminata-divi-kopachi-i-trgovczi-so-makedonsko-kulturno-nasledstvo

  7. Macedonia cracks down on illicit antiquities trade, Auction Central News, 25 јуни 2010 година, https://www.liveauctioneers.com/news/top-news/crime-and-litigation/macedonia-cracks-down-on-illicit-antiquities-trade

  8. Пресуда Фаланга 2: Сите обвинети се прогласени за виновни, Паско Кузман доби три години затвор, Академик, 24 јули 2014 година, https://akademik.mk/presuda-za-falanga-site-obvineti-se-proglaseni-za-vinovni-pasko-kuzman-dobi-tri-godini-zatvor-4

  9. Крадците од Канео однеле ситни пари, Вечер, 4 октомври 2009 година, https://vecer.mk/uncategorized/крадците-од-канео-однеле-ситни-пари

  10. Macedonian artefacts and icons on illegal markets in Asia, Sloboden Pečat, https://www.slobodenpecat.mk/en/makedonski-artefakti-i-ikoni-na-nelegalnite-pazari-vo-azija

  11. Република Северна Македонија, Министерство За Внатрешни Работи, ИНТЕРПОЛ, https://mvr.gov.mk/page/interpol

  12. North Macedonia holds 8 for antiquities smuggling, illegal digs, Kathimerini, 30 септември 2021 година, https://www.ekathimerini.com/news/1168888/north-macedonia-holds-8-for-antiquities-smuggling-illegal-digs

  13. Guy Shone и Cyril Fourneris, Art and crime – the dark side of the antiquities trade, Euronews, 13 април 2022 година, https://www.euronews.com/next/2022/04/13/art-and-crime-the-dark-side-of-the-antiquities-trade

  14. Organization for Security and Co-operation in Europe, How illicit trade in art and artefacts is robbing us blind, 5 октомври 2016 година, https://www.osce.org/magazine/271951

  15. Zeynep Boz, Fighting the illicit trafficking of cultural property, UNESCO, 2018 година, https://unesdoc.unesco.org/ark:/48223/pf0000266098?posInSet=1&queryId=69eeca8c-383e-4b4f-b795-0e3dad58dab5

  16. Ian Tennant, Resolutions on environmental crime and trafficking in cultural property, Global Initiative Against Transnational Organized Crime, 6 декември 2022 година, https://globalinitiative.net/analysis/untoc-resolution-environmental-cultural-property-crimes

  17. Ibid. 

  18. Organization for Security and Co-operation in Europe, How illicit trade in art and artefacts is robbing us blind, 5 октомври 2016 година, https://www.osce.org/magazine/271951

  19. Zeynep Boz, Fighting the illicit trafficking of cultural property, UNESCO, 2018 година, https://unesdoc.unesco.org/ark:/48223/pf0000266098?posInSet=1&queryId=69eeca8c-383e-4b4f-b795-0e3dad58dab5